Владата промовира проекти за енергетска транзиција кон обновливи извори на енергија, но од една страна гради фотонапонски централи на земјоделско земјиште, а од друга страна не се откажува од нови рудници за јаглен, што ја доведува во прашање посветеноста кон напуштањето на фосилните горива.
Фотонапонската централа ФЕ Битола 1 со капацитет од 20 мегавати е меѓу проектите на државната компанија АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) за која граѓанската организација „Еко-свест“ вели дека се гради на земјоделско земјиште, наместо на локациите каде што повеќе нема јаглен за ископување во близина на термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј. Ова се случува во услови на влошување и засилување на последиците од климатските промени.
„Затоа, сметаме дека единствената најсоодветна локација која треба да се разгледува за проектот ФЕ Битола 1 треба да биде локацијата на рудникот, како што е тоа предвидено и со Патоказот за праведна транзиција и со Националниот план за енергија и клима“, велат од Еко-свест.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини негирааат дека проектот се гради на земјоделско земјиште. Во одговор за Радио Слободна Европа тие тврдат дека проектот ФЕ Битола 1 е меѓу низата нови проекти за фотонапонски електрани кои „исклучиво се градат на земјиште кое е класифицирано G1-1 – рудници и градби за потребите на рудниците“.
Но, во извештајот на Европската банка за обнова и развој од каде е подигнат заем од 25 милиони евра, ЕСМ предложила фотоволтаична централа да биде изградена на земјоделско земјиште во нејзина сопственост, кое до тогаш го користела ЗК Пелагонија Битола за производство на житни култури.
Судир меѓу климатските цели и енергетската реалност
Планот на АД ЕСМ е преку проектите за три фотонапонски централи од вкупно 160 мегавати „поамбициозно да премине кон нискојаглеродна економија“. Но, во меѓувреме за РЕК Битола и РЕК Осломеј и натаму е потребен јаглен. За таа цел ЕСМ во исто време ќе почне со ископ на нови локации за рудниците во Живојно и Гуштерица.
За нив веќе се почнати процедури во мандатот на претходната влада, а сега од Министерството за енергетика велат дека Гуштерница „не е нов рудник“, туку дека е составен дел постојниот рудник Осломеј-Исток.
Во одговорот за РСЕ од Министерството велат дека енергетската транзиција е долгоророчен процес, посочувајќи дека додека државата го изоди целиот пат кон зеленото сценарио, не може да си дозволи да остане без јагленот како базна и примарна енергија.
„Притоа околу 60 отсто од потребите задоволуваме од термоелектраните Битола и Осломеј, цената на електричната енергија ќе мора драстично да се зголеми“, велат од Министерството.
Но од Еко свет велат дека цените на струјата ќе мора да се зголемат и ако продолжат да работат термоелектраните на јаглен.
„Со усвојувањето на законот за климатска акција каде се предвидува надомест за јаглерод и тоа од оваа година, цената на електричната енергија произведена од јаглен секако ќе мора да се зголеми. Се слагаме дека енергетската транзиција е долг процес, но отворање на нови рудници не движи наназад наместо напред“, велат од Еко-свест.
Според договореното со ЕУ за енергетска транзиција, земјава треба до 2027 година да го затвори РЕК Битола, а до 2050 година да влезе во таканаречената климатска неутралност.
Но, извесно е дека целта за затворање на РЕК Битола до 2027 година нема да биде исполнета. Од Министерството за енергетика велат дека до пролетва државата ќе поднесе нов Акциски план до Енергетската заедница со нови рокови за напуштање на јагленот и затворање на термоелектраната РЕК Битола.
Нови рокови за затворање на термоелектраните
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во одговор за Радио Слободна Европа велат дека затворањето на РЕК Битола останува дел од „пошироките климатски цели на државата, но конкретниот рок ќе зависи од резултатите од ревидирањето на новиот Акциски план кој ќе биде доставен до Енергетската заедница. Оттаму додаваат дека ажурирањето на новиот Акциски план е во тек и кој ,според министерството, ќе биде најсоодветен за македонските услови.
„До пролет, очекуваме ажурираниот акциски план да биде финализиран, а дотогаш ќе продолжат редовните консултации и координации со сите релевантни чинители. Рокот за затворање на РЕК Битола кој ќе биде доставен до Енергетската заедница ќе биде дефиниран врз основа на резултатите од анализите и препораките на експертите“, велат од Министерството.
Од Еко-свест велат дека дека документот треба да подлежи на широки консултации со сите засегнати страни уште во раните фази на изработка, како што било направено со нацрт документот кој се работеше во 5 работни групи каде покрај институции учествувале и граѓански организации, научната фела и бизнис секторот.
„Сега дознаваме дека НПЕКот е во изработка но до овој момент ние како организација која активно работи на подршка на енергетската транзиција немаме никаква информација за документот“, велат од Еко-свест.
Со отворањето на нови рудници на јаглен и работењето на електраните Северна Македонија ќе ги прекрши меѓународните ветувања, но и договори и декларации кои ги потпиша дека се залага за климатска неутралност до 2050 година.
Северна Македонија вети дека ќе биде јаглеродно неутрална до 2050 година како земја кандидатка на Европската Унија, но и со потпишувањето на Софиска декларација, Берлинскиот процес, Зелената Агенда…