Вести
Лукашенко со нов бран помилувања на политички затвореници
Белорускиот авторитарен лидер Алаксандр Лукашенко помилува 31 лице, сите осудени според законот за „екстремизам“ во Белорусија.
Како што соопшти прес-службата на претседателот, од помилуваните две се жени, а 29 мажи. Исто така, 17 од нив имаат хронични заболувања, тројца се инвалиди, а 27 имаат деца.
Иако тие ќе бидат ослободени, нивните криминални досиеја нема да бидат избришани и, како што беше наведено, Министерството за внатрешни работи „ќе обезбеди контрола над нивното однесување“.
Оваа година, Лукашенко помилува 115 политички затвореници. Денешниот е пети бран помилување во последните месеци.
И покрај тоа, Белорусија останува дом на значителен број политички затвореници. Приближно 1.287 политички затвореници остануваат зад решетки, според Центарот за „Вјасна“.
Политичката клима во Белорусија останува тензична, а борците на човековите права пријавија масовни притворања низ целата земја по најавата за следните претседателски избори што ќе се одржат на 26 јануари 2025 година.
Од задушувањето на протестите кои следуваа по спорните претседателски избори во 2020 година, активистите за човекови права регистрираа 3.600 лица како политички затвореници.
види ги сите денешни вести
Русија вели дека Украина користела ATACMS кон воен објект во Брајанск
Руското Министерство за одбрана во соопштение на 19 ноември соопшти дека Украина употребила шест ракети „ATACMS“ испорачани од САД во напад врз регионот Брјанск во текот на ноќта, тврдејќи дека руските сили успеале да соборат пет од проектилите и да оштетат еден.
Според министерството, фрагменти од оштетените „ATACMS“ паднале врз воен објект, предизвикувајќи пожар кој брзо бил изгаснат. Министерството соопшти и дека нема жртви.
Неколку часа претходно, руската новинска агенција РБК цитираше информиран извор од украинската војска, кој рече дека Киев за прв пат користел ракети „ATACMS“, гаѓајќи објект во градот Карачев во руската југозападна област Брјанск, успешно оштетувајќи го објектот.
Времето на оваа операција, што се совпаѓа со 1.000-тиот ден од руската инвазија, има симболична тежина.
Демонстрирајќи го својот капацитет да возврати со прецизност и дострел, набљудувачите веруваат дека Украина се обидува да ја смени стратешката пресметка на војната, покажувајќи дека руската територија не е имуна од директни напади.
Четири белоруски семејства се соочуваат со судења за протестите во 2020 година
Четири години по избувнувањето на масовните протести против авторитарното владеење на Александар Лукашенко во Белорусија, продолжуваат судските процеси против оние кои излегоа на улиците.
Во судовите во Минск во моментов се водат повеќе постапки против семејства обвинети за учество во протестите во 2020 година.
На 19 ноември, на Хана, Инна и Раман Усманау, заедно со Кирил Селјазњу, ќе им се суди во окружниот суд Завод. Тие се обвинети за „активно учество во дејствија со кои грубо се нарушува јавниот ред и мир“.
Истовремено, окружниот суд Фрунзе започна постапка против Катјарина и Ихар Грамович по истото обвинение.
Понатамошни судења во кои ќе бидат вклучени семејства се закажани во наредните денови.
На 21 ноември, во случајот на двојката: Марк Куницки и Ирина Пратазанова-Куницкаја ќе има сослушувања во Окружниот суд Кастричник.
На 22 ноември, на Ана, Татјана и Андреј Вашчишин ќе им се суди во Окружниот суд Фрунзе.
Случаите произлегуваат од протестите во 2020 година кои следеа по спорните претседателски избори кои го продолжија долгогодишното владеење на Лукашенко за уште еден мандат.
Изборите беа широко осудени како фалсификат од страна на Соединетите Држави, Европската Унија и другите меѓународни актери.
Протестите, на кои се бараше оставка на Лукашенко, беа дочекани со масовни апсења, наводни мачења и насилни репресии во кои загинаа неколку луѓе.
Многу опозициски лидери остануваат во затвор или во егзил, додека Лукашенко одбива дијалог со неговите критичари. Судењата ја одразуваат тековната репресија, додека белорускиот режим продолжува со напорите да го задуши несогласувањето и да ја консолидира моќта.
Амбасадорката на САД Агелер ја честиташе функцијата на Шекеринска во НАТО
Американската амбасадорка Анџела Агелер упати честитка за изборот на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО.
„Чеситки до Радмила Шекеринска идниот заменик-генерален секретар на НАТО, како и до премиерот Христијан Мицкоски и за Владата на Северна Македонија што ја поддржаа нејзината кандидатура. Моќен доказ за стручноста и искуството на Шекеринска и на улогата на Македонија како ценет сојузник на НАТО и партнер на САД“, напиша Агелер на мрежата Х.
Радмила Шекеринска е прв висок функционер од Западен Балкан во НАТО. Одигра клучна улога во зачленувањето на Северна Македонија во Алијансата, а како вицепремиерка за евроинтергации ја поднесе кандидатура за членство во ЕУ во 2005.
Поранешната македонска министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, ќе стане нов заменик - генерален секретар на НАТО, објави воената Алијанса на 19 ноември.
Со ова назначување таа стана највисокиот функционер во Алијансата досега што доаѓа регионот на Западен Балкан, но и од земја надвор од Европската унија.
Пополнувањето на заменичката позиција беше приоритет за генералниот секретар Марк Руте, кој ја презеде оваа функција на 1 октомври, по 14 години како холандски премиер.
Неколку функционери на НАТО, кои зборуваа под услов да останат анонимни, за РСЕ изјавија дека постои силна желба заменикот на генералниот секретар да доаѓа од Централна и Источна Европа и дека е подобро да биде жена.
Претходно Руте изјави дека приоритет на Алијансата ќе остане да се обезбеди одбрана на земјите-членки.
,,Една работа нема да се промени, а тоа е основната мисија на НАТО – да обезбедиме одбрана на нашите луѓе, на нашите земји и на нашата иднина,, потенцира Руте.
Шекеринска, која беше министерка за одбрана на Северна Македонија 2017-2022 година, одигра клучна улога во процесот на пристапување на земјава во НАТО во 2020 година.
Платите на вработените во здравството ќе се зголемат за 10 отсто
Зголемување од 10 отсто на платите во здравството е договорено со анекс на Колективниот договор за здравствена дејност на средбата меѓу Владата и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар - Скопје.
Порастот на платите ќе почне да се применува од ноември, за што работна група со претставници од Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурување ќе работи на усогласување на анексот.
На прес-конференцијата по средбата, на која присуствуваа претедателите на двата синдиката и претседателот на Владата Христијан Мицкоски, беше изразено задоволство од постигнатиот договор.
„Успеавме со овој анекс на Колективниот договор да ги корегираме коефициентите на вработените во здравството. Се работи конкретно за корекција на коефициентот 0.233 кој во превод значи повисока бруто плата за сите вработени од 3650 денари или 2450 денари во нето износ. Уште подобра придобивка во делот на овој анекс е корекција на платите од 0.364 за медицинските сестри со средно образование и останатиот средно медицинскиот кадар кој го превод значи 5700 денари во бруто или 3850 денари во нето. Ова значи и поголема мотивација за нашите вработени, а колективниот договор е двостран акт и израз на добра волја“, истакна Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Од Синдикатот на Клиничкиот центар - Скопје нагласија дека по долги преговори е постигнат договор кој што значително ќе го подобри финансискиот статус на сите вработени во здравствените установи и признавање на нивната посветеност, труд и професионализам.
„Сите овие покачувања се резултат на напорната работа на двата репрезентативни синдикати и заедно со Владата претставуваат одговор на барањата за подобри услови за работа и мотивација за уште поголема посветеност на нашиот секојдневен труд. Како синдикати остануваме посветени на продолжување на дијалогот и понатамошно подобрување на условите за работа во здравството, како и на продолжување на нашата борба за унапредување на здравствениот систем во целост“, истакна Предраг Серафимовски, претседател на Самостојниот синдикат на Клинички центар - Скопје.
Премиерот Мицкоски го оцени потпишувањето на анексот на Колективниот договор како важен историски момент, при што најави дека и во наредните години ќе продолжи трендот на покачување на платите на здравствените работници.
„Веќе следната година, во март месец, ќе имаме дополнителни 5 проценти зголемување на паричната маса која се издвојува за плати за здравствените работници. Следната 2026 година од 5 до 7 проценти, во зависност од тоа во каква состојба и кондиција ќе биде Буџетот, се надеваме дека ќе биде навистина во здрава кондиција и работиме на тоа, зошто да не одиме на горната граница. Истото тоа зголемување од 5 до 7 проценти ќе биде и во 2027 година, а од 7 до 10 проценти ќе биде во 2028 година. Кога ќе го земете целиот овој период во низа, добиваме зголемување на паричната маса потребна за да се исплатат платите на здравствените работници за целиот период, помеѓу 45 и 50 проценти, нешто кое што претставува историско“, истакна премиерот Мицкоски.
Мицкоски додаде дека од Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурување деновиве ќе излезат со нови позитивни пораки за здравствените работници, а најави дека ќе следат и реформи во здравствениот систем.
Зеленски во ЕП повика на фер и праведен крај на војната во Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика да се стави крај на војната во Украина на „фер и праведен“ начин и оцени дека рускиот претседател Владимир Путин нема да застане сам.
Во видео порака емитувана на специјалната пленарна седница на Европскиот парламент, по повод 1000 дена од почетокот на војната во Украина, Зеленски предупреди дека контингентот севернокорејски војници во Русија, на границите со Украина, може да достигне 100 000.
„Рускиот претседател Владимир Путин донесе 11 000 севернокорејски војници на границите на Украина. Овој контингент може да порасне до 100 000“, рече Зеленски, оценувајќи дека Путин е фокусиран на победа во војната.
Тој додаде дека без одредени клучни фактори, на Русија „ќе и недостасува вистинска мотивација да се вклучи во значајни преговори“.
Украинскиот претседател оцени и дека „секој удар и секоја закана од Русија мора да бидат одговорени со цврсти санкции“.
„Илјада дена беа потребни за радикално да се намали способноста на Русија да ја финансира војната со продажба на нафта. Нафтата е извор на моќта за режимот на Путин. А флотата на танкери во сенка е она што го одржува во живот. Се додека овие танкери работат, Путин продолжува да убива“, рече тој.
Зеленски истакна дека се неопходни силни санкции против Русија.
Во исто време, тој го обвини Путин дека ги цени само парите и моќта.
„Ако некој во Европа мисли дека може да ја продаде Украина на Москва или на која било друга земја како балтичките земји или Балканот, Грузија, Молдавија и да добие нешто за возврат, нека се сети на оваа едноставна вистина: никој не може да ужива во мирните води во среде бура. Мораме да направиме сè за да ја завршиме оваа војна чесно, праведно и заедно“, рече Зеленски.
Зеленски рече дека Украина, цела Европа и украинските партнери во САД и во светот успеале не само да го спречат Путин да ја окупира Украина, туку и да ја одбрани слободата на сите европски народи.
Радмила Шекеринска избрана за заменик генерален секретар на НАТО
НАТО објави дека поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска ќе стане нов заменик генерален секретар на воената алијанса.
„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар. Таа е вистински посветена на НАТО, ја знае работата што е потребна за приклучување во Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа кога ќе ја преземе оваа витална улога“, изјави шефот на Алијансата, Марк Руте.
Пополнувањето на заменичката позиција беше еден од приоритетите на генералниот секретар Марк Руте, кој ја зазеде функцијата на 1 октомври.
Неколку функционери на НАТО, кои зборуваа под услов да останат анонимни, за Радио Слободна Европа изјавија дека имало силна желба заменикот да биде од Централна и Источна Европа и да биде жена.
Меѓу другите кандидати беа поранешната бугарска министерка за надворешни работи Марија Габриел, поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ и Оливера Ињац, која беше министерка за одбрана на Црна Гора 2020-2022 година.
Шекеринска, која беше министерка за одбрана на Северна Македонија од 2017-2022 година, го надгледуваше пристапот на нејзината земја во НАТО во 2020 година. Таа ќе го замени вршителот на должноста заменик генерален секретар на НАТО Борис Руге, кој привремено ја презеде функцијата, откако тогашниот заменик генерален секретар Мирчеа Џоана објави дека ќе се кандидира за претседател на Романија.
Шекеринска ќе биде највисокиот функционер на НАТО од регионот на Западен Балкан, надвор од Европската Унија. Таа ќе ја преземе функцијата до крајот на годината.
Шекеринска е поранешна министерка за одбрана. Од 2002 до 2006 година беше и заменик претседател на Владата на РМ задолжена за европски интеграции. Во моментот е потпретседател на Партијата на европските социјалисти.
Примарната улога на заменикот на генералниот секретар е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.
Полицијата во Тбилиси ги растури шаторите на демонстрантите кои бараат нови избори
Полицијата во Тбилиси го растури шаторскиот камп што демонстрантите го поставија на главната улица во знак на протест поради резултатите од парламентарните избори минатиот месец и бараат ново гласање.
По изборите одржани на 26 октомври партијата Грузиски сон остана на власт, но противниците тврдат дека гласањето било наместено. Таа партија блиска до Русија на тој начин обезбеди четврти мандат на власт.
Многу Грузијци ги сметаа изборите како референдум за обидот на земјата да се приклучи на Европската унија. Оттогаш се одржаа неколку големи протести.
Кога поставија шаторски камп, демонстрантите ветија дека ќе останат деноноќно барајќи нови парламентарни избори.
Кога полицијата почна да ги растерува, настана тепачка и неколку демонстранти беа приведени. Некои од демонстрантите носеа знамиња на Европската Унија.
Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили ги отфрли официјалните резултати и смета дека Грузија е жртва на руски притисок за да не влезе во Европската Унија.
Руте: Најдобро е земјите кои и даваат оружје на Украина да не поставуваат ограничувања за користење
Најдобро е земјите кои обезбедуваат оружје за Украина да не поставуваат ограничувања за тоа како силите на Киев можат да го користат, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, при пристигнувањето на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел.
„Секој сојузник донесува одлуки за ова прашање независно“, рече Руте и додаде:
„Денеска ќе разговараме како Украина може да победи, а за тоа се потребни повеќе пари и помош“, истакна Руте.
Според него, тоа е уште попотребно по вклучувањето на севернокорејските војници во воените дејствија на руската страна и поддршката за Москва од Кина и Иран.
Според Руте, рускиот претседател Владимир Путин му се оддолжува на Пјонгјанг со обезбедување ракетна технологија, а тоа претставува смртна закана не само за Европа, туку и за Јужна Кореја, Јапонија и САД.
„Треба да го зголемиме военото производство, НАТО и ЕУ тесно соработуваат на ова, два проценти од БДП трошоците за одбрана и одвраќање не се доволни. Плановите на Путин не смеат да успеат, Украина мора да надвладее“, сумираше Руте по повод 1000 дена од почетокот на руската воена инвазија на украинска почва.
Путин потпиша декрет дека нуклеарното оружје е последната мерка за заштита на суверенитетот
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој нуклеарното оружје останува последната линија на одбраната.
Во новата уредба „Основи на геополитиката во областа на нуклеарното задржување“ се прецизирани параметрите под кои може да се користи ова оружје, пренесоа руските медиуми.
„Државната политика во областа на нуклеарното ограничување е од одбранбена природа, насочена кон одржување на потенцијалот на нуклеарните сили на ниво доволно за да се обезбеди нуклеарно ограничување и да се гарантира заштитата на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата“, се наведува во документот.
Исто така, во него се додава дека нуклеарниот одговор може да се активира во случај на напад на Белорусија, по што ќе следи масовен напад од воени авиони, крстосувачки ракети, беспилотни летала и други авиони кои летаат над руските граници.
Потегот на Путин доаѓа само два дена откако медиумите објавија дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и дозволила на Украина да користи ракети со долг дострел за напади длабоко на руска територија.
Според извештаите, Бајден ја донел одлуката откако дознал дека војници од Северна Кореја наводно пристигнале во регионот Курск.
Руските власти предупредија дека таквите потези може да доведат до избувнување на Трета светска војна.
Шест лица, меѓу кои и едно дете, загинаа во нов руски напад врз Суми
Шест лица, меѓу кои едно дете, беа убиени, а 12 други беа ранети во текот на ноќта во нов руски напад во градот Хлухив во регионот Суми во Украина, објави воената администрација на регионот рано на 19 ноември.
Оттаму додаваат дека нападот бил насочен кон студентски дом во градот.
Властите соопштија дека спасувачките операции се во тек и дека се уште има луѓе под урнатините.
На 18 ноември, ракетен напад опустоши станбена зграда во градот Суми, 40 километри од руската граница, при што според властите загинаа 11 лица, меѓу кои две деца, а 89 беа повредени.
Русија ја почна инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете