Вести
Најмалку 72 лица загинаа во поплавите во Шпанија
Бројот на загинати во поплавите во шпанската автономна провинција Валенсија се искачи на најмалку 72 лица, пренесува Агенцијата Франс Прес.
Телото кое ги координира спасувачките служби во источниот регион на Валенсија објави во соопштение нов привремен број на загинати од 70. Водачот на соседниот регион Кастиља-Ла Манча веќе пријави два смртни случаи.
Невремето од дожд во вторникот предизвика поплави во поголемиот дел од јужна и источна Шпанија, од Малага до Валенсија.
Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека десетици градови се поплавени и предупреди дека опасноста не поминала.
„За оние кои ги бараат своите сакани, цела Шпанија ја чувствува вашата болка“, рече Санчез во телевизиско обраќање. „Наш приоритет е да ви помогнеме. Ги вложуваме сите потребни ресурси за да се опоравиме од оваа трагедија“, рече Санчез.
Невремето предизвика излевање на реките, поплавување на улици, домови и полиња, а автомобилите и дрвјата беа однесени од надојдените води.
Локалните медиуми објавија дека предупредувањата за тешки временски услови сега се во сила за 10 од 17 автономни заедници во земјата, а особено погодени се регионите Андалузија, Мурсија и Валенсија кои се популарни кај туристите.
види ги сите денешни вести
Нема нови животни за зоолошката градина во Скопје
Не помина иницијативата за мораториум за внесување нови животни во Зоолошка, поднесена од „Зелен хуман град“ во Советот на Град Скопје. Со четири гласа „за“, 10 „против“ и осум воздржани беше отфрлена точката за нови животни.
Драгана Велковска од „Зелен хуман град“ рече дека со ова нема да се оптовари буџетот на Градот и повика да се спречи понатамошно внесување нови животни во Зоолошката.
„Ако зборуваме дека одиме во 21. век, се стремиме кон еволуција, прво на лично ниво, а потоа и колективно секако, можеме да кажеме дека доволно се грижиме за тоа што нѐ опкружува и дека не би дозволиле, кога веќе ја имаме моќта во наши раце, да дозволуваме да страдаат живи суштества, кои и тоа како чувствуваат болка, страдање, тага, страв, како што чувствува секој од вас, секој од нас, овде, порача Велковска.
Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков истакна дека животните во Зоолошката градина не биле виновни за тоа што им се случува заради „неспособноста на кадрите на градоначалничката Арсовска“.
„Кој било да дојде потоа јас сум уверен дека веднаш ќе настане една револуција во скопската Зоолошка градина, затоа што кој било градоначалник после оваа градоначалничка ќе си го сака многу повеќе Скопје од неа, нагласи Кирков.
Љубица Јанчева од редовите на СДСМ рече дека нема потреба да ја усвојуваат, зашто со тоа што сме го изгубивме кандидатскиот статус за ЕАЗА, имало мораториум.
Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“ зборуваше за неговото искуство со Зоолошката, посочувајќи дека бил вџашен од ситуацијата во која се чуваат животните таму.
Инаку зоолошката градина во моментов е затворена и тоа ќе трае 21 ден, откако на 19 октомври 2024 година беше потврдено дека е добиен позитивен резултат за присуство на птичји грип по лабораториско тестирање на угината гуска.
МВР: Граѓаните да не ги отвораат пораките со лажно претставување на МВР и БЈБ
Зголемен бројот на измами што годинава биле забележани, а кои опфаќаат фишинг-напади и случаи на лажно претставување во име на министерот за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност информираат од Министерството за внатрешни.
Од Секторот за компјутерски криминал при МВР известуваат дека главната цел на фишинг-измамите е да се приберат личните податоци на примателот или да се натера да посети лажна веб-страница.
„Обидите најчесто доаѓаат преку електронска пошта, но и преку социјалните мрежи, СМС пораки или телефонски повици. Во некои случаи, жртвите добивале порака дека се предмет на наводни правни постапки за измислени кривични дела и се повикувале да стапат во контакт со испраќачот преку вибер или телеграм линк. Дополнително, постојат случаи во кои граѓаните добивале пораки наводно испратени од директорот на Бирото за јавна безбедност или министерот за внатрешни работи, со кои им се соопштува дека се под истрага за извршени кривични дела и дека е потребно да се регистрираат преку е-пошта и да ги достават нивните лични податоци. Овие електронски пораки се класичен обид за измама со цел прибирање на лични податоци за нивна понатамошна злоупотреба, се вели во соопштението.
Апелираат до сите граѓани да бидат внимателни, да не ги отвораат овие пораки и никако да не контактираат со испраќачот преку доставениот линк или да споделуваат лични податоци доколку тоа се бара.
„За да се избегне ризикот од зараза со малициозен софтвер, Секторот за компјутерски криминал препорачува граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и датотеки прикачени во е-маил пораки од непознати испраќачи. Дополнително, сакаме да ја информираме јавноста дека ваквите измами честопати имаат меѓународна димензија, бидејќи слични пораки се забележани и во други држави од регионот, се посочува во соопштението на МВР.
Финскиот обвинител го обвини рускиот ултранационалистички водач за воени злосторства
Финското државно обвинителство го обвини Воислав Торден, познат и како Јан Петровски, руски ултранационалист и поранешен командант на диверзантската група Русич, за воени злосторства извршени во Украина во 2014 година.
Според финскиот радиодифузер „Yle“, Торден се соочува со пет обвиненија кои произлегуваат од неговата вмешаност со Русич, кој се борел против украинските сили во источните украински региони Доњецк и Луганск.
Заменик-јавниот обвинител Јука Рапе рече дека Торден и неговата група се поврзани со смртта на 22 украински војници и со повредите на четворица други. Тој е обвинет за кршење на законите на војната и за сторени дела на суровост и врз повредените и врз загинатите непријателски борци, се вели во обвинението како што се наведува од „Yle“.
Роден Јан Петровски во 1987 година во Санкт Петербург, Торден се преселил во Осло во 2004 година со неговата мајка. Потоа редовно ја посетувал Русија, каде се сретнал со поранешниот падобранец и националист Александар Милчаков. Во 2014 година, тие отпатуваа во украинскиот регион Донбас за да ги поддржат сепаратистите поддржани од Русија во нивната борба против украинските сили.
Во септември 2014 година, Русич нападна од заседа колона на украинскиот баталјон Аидар кај Шчастја, при што Милчаков подоцна се пофали дека се фотографирал со телата на убиените украински војници, додека членовите на Русич, наводно, осакатувале некои останки.
Во 2016 година, Торден беше депортиран од Норвешка во Русија, каде што го промени своето име од Јан Петровски во Воислав Торден. Тој влегол во Финска во 2023 година како член на семејството на неговата сопруга, која добила дозвола за студирање. Торден беше приведен на 20 јули 2023 година на аеродромот во Хелсинки додека се обидувал да се качи на лет за Ница, Франција.
По неговото апсење, украинските власти побараа негова екстрадиција, но Врховниот суд на Финска го одби барањето, наведувајќи ја загриженоста за условите во украинските затвори и потенцијалот Торден да се соочи со понижување во притвор. Украина го обвини за воени злосторства од конфликтот 2014-2015 година, а тој беше санкциониран од САД во 2022 година за екстремна суровост за време на борбите во регионот Харков.
Спецификите на неговите активности во Украина во тоа време остануваат нејасни.
Анкета на стопанската комора: На приватни компании им биле барани до 10 илјади евра мито
Од 1000 до 10 000 евра, им биле барани на приватните компании за одредени дозволи, инспекциски надзори, царински, а кај јавните набавки 6 до 10 проценти од вредноста на тендерот. Дури 78 отсто од коруптивните барања доаѓале од централната власт. Ова го покажа анкетата на Стопанската комора на Северна Македонија, спроведена лани, а со која биле опфатени 138 приватни компании, од кои 53 проценти се изјасниле дека биле соочени со коруптивни барања.
Резултатите од анкетата беа соопштени на денешната обука „Бизнис интегритет“, која се одржа во Прилеп со компаниите од градот и регионот, организирана од Стопанската комора на Северна Македонија.
„ Резултатите од анкетата се такви какви што се. Првото е што 83 проценти од анкетираните компании сметаат дека корупцијата е еден од трите најважни проблеми во државава кој треба да ги решиме и второ, анкетата покажа дека дури 96 проценти од компаниите кои одговорија, сметаат дека може да се има успех во борбата против корупцијата, што е охрабрувачки елемент, при што тие делумно се вртат и кон самите себе и велат дека имаат потреба да внесат, да вградат, или да ги засилат своите механизми за спречување на корупцијата, изјави Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора.
Претседателот на Регионалната стопанска комора од Прилеп, Никола Мариноски, смета дека се потребни казни и независен, стабилен судски систем.
Доколку се воспостави добар судски, мериторен систем каде ќе може да се казнуваат таквите коруптивни дела, сметам дека ќе може да исчекориме напред. Сметам дека доколку државата воведе систем, најпрво на казни, односно судскиот систем да почне да казнува, тогаш сметам дека ќе се намали оваа, како што кажа и американската амбасада, ендемска корупција во нашава држава, рече Марионски.
Инаку во извештајот кој Европската Комисија го објави вчера, за напредокот на Северна Македонија во процесот за влез во ЕУ, се вели дека државата нема постигнато напредок во превенцијата и борбата против корупцијата и корупција останува распространета во многу области и е прашање на сериозна загриженост.
За да се подобрат перформансите на ДКСК, Јавното обвинителство, истражните центри и единиците за спроведување на законот, ЕК оценува дека треба да добијат дополнителни човечки ресурси и финансиска поддршка.
Измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, ЕК оценува дека ја ослабнаа правната рамка негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, порачувајќи дека земјава во следната година треба да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.
Бројот на загинати во поплавите во Шпанија се искачи на најмалку 158
Бројот на загинати во поплавите во Шпанија се искачи на најмалку 158, соопштија властите во четвртокот.
Тимовите за итни случаи со помош на беспилотни летала продолжуваат да трагаат по исчезнатите, додека повеќе од илјада припадници на армијата во Валенсија - најтешко погодената област - помагаат во акциите, пренесува новинската агенција АФП.
„Наш приоритет е да ги најдеме жртвите и исчезнатите за да можеме да помогнеме да се стави крај на страдањата на нивните семејства“, рече шпанскиот премиер Педро Санчез во четвртокот по состанокот со регионалните служби и официјални лица во Валенсија.
Прогласена е тридневна жалост.
Локалните власти објавија дека судската палата во регионалната престолнина е претворена во привремена мртовечница.
Градоначалничката на Паипорта, Марибел Албалат, изјави дека десетици луѓе се убиени во градот со 25.000 жители во близина на Валенсија.
„Најдовме многу постари луѓе во центарот на градот. Имаше и многу луѓе кои почнаа да вадат автомобили од своите гаражи... тоа беше вистинска замка“, изјави таа за државната телевизија РТВЕ.
Силното невреме ги изненади регионалните власти, а Националниот институт за хидрометеорологија објави дека во градот Чива во регионот на Валенсија за осум часа паднал повеќе дожд отколку во последните 20 месеци заедно.
На видеата објавени од спасувачките служби се гледаат цели улици под вода, луѓе заробени на покриви и автомобили превртени и натрупани од поплавата.
Се проценува дека околу 1.200 луѓе сè уште се заробени на различни делови од автопатот во Валенсија, додека околу 5.000 возила се блокирани поради надојдената вода, објави ЕФЕ.
Регионалната влада на Валенсија беше критикувана што претходно во вторникот не испрати предупредувања до мобилните телефони на граѓаните, кога веќе започнаа поплави во некои области и долго откако Националниот метеоролошки институт издаде црвен метеоролошки аларм.
Андреу Салом, градоначалник на Валенсијанското село Л'Алкудија, изјави за РТВЕ дека неговиот град изгубил најмалку двајца жители, ќерка и нејзината постара мајка кои живееле заедно, и дека полицијата сè уште трага по исчезнат возач на камион. Тој се пожали и дека тој и неговите сограѓани немаат предупредување за катастрофата што се случи кога реката Магро излеа од коритата во вторникот вечерта.
Зеленски го разреши главниот обвинител поради скандалот со избегнање на воена служба
Украинскиот претседател Володимир Зеленски официјално го разреши главниот обвинител Андриј Костин по истрагата која откри дека бројни владини функционери наводно ја избегнале воената служба со лажно тврдење за бенефиции за попреченост.
Зеленски го потпиша указот на 31 октомври, откако Врховната Рада гласаше со големо мнозинство за разрешувањето на Костин два дена претходно.
Костин претходно изјави дека ќе се повлече за да преземе политичка одговорност поради тековните истраги за корупција и системските дупки искористени за да се добијат нацрт-одложувања.
Неодамнешните истраги покажаа дека неколку јавни обвинители во западниот украински регион Хмелницки неправилно добиле дозволи за попреченост, што им овозможува да добиваат посебни бенефиции додека избегнуваат воена служба.
Скандалот предизвика јавен негодување и поттикна поширока истрага низ целата земја додека Украина се бори да ги одбие руските сили кои почнаа да се прелеваат преку границата во февруари 2022 година во целосна инвазија.
По оставката на Костин, премиерот Денис Шмихал објави отпуштање на неколку други високи функционери поврзани со скандалот, вклучително и оние кои ја надгледуваат централната комисија одговорна за проценка на способноста за услугата и претставници на Министерството за здравство вклучени во координацијата на локалните комисии.
Бидејќи Украина продолжува да се соочува со предизвикувачка воена ситуација, со значително намален број на војници поради борбите, прашањето за мобилизација стана исклучително чувствителна тема.
Воените регрутери се почесто се појавуваат на јавни настани за да обезбедат усогласеност со контроверзните закони за мобилизација усвоени претходно оваа година.
Зеленски постојано ги признаваше „многу, многу тешките“ околности со кои се соочува војската, додека се обидуваше да го одржи националното единство во услови на војна што несразмерно влијаеше на различни региони во земјата.
Германски адвокати бараат од судот да го блокира бродот кој наводно носел експлозиви за израелска компанија
Адвокатите за човекови права поднесоа жалба до судот во Берлин, барајќи да ја блокираат пратката од 150 тони воен експлозив на германскиот товарен брод „МВ Катрин“ наменет за, како што велат, најголемата израелска компанија за оружје.
Европскиот центар за правна поддршка (ЕЛСЦ) во средата (30 октомври) објави дека е поднесена тужба во име на тројца Палестинци од Газа, во која се тврди дека пратка со првенствено експлозиви може да се користи за израелската војна во Газа, што потенцијално придонесува за наводна војна злосторства и злосторства против човештвото.
Од 21 јули до 4 октомври пловењето на бродот Катрин беше проследено со контроверзии и реакции од официјални лица на Намибија, Португалија, Словенија и Црна Гора, како и меѓународни организации и активисти поради товарот што го превезуваше и неговата можна крајна дестинација. - Израел.
Бродот Катрин, на германската компанија Лубека Марин, на почетокот на октомври се наоѓал во Јадранското Море и требало да се закотви во пристаништето Бар во Црна Гора, а потоа и во пристаништето Копар во Словенија.
Меѓутоа, во тие денови, бродот остана без португалското знаме, под кое дотогаш пловеше, и затоа повеќе не можеше да се закотви на Јадранот или на кое било друго пристаниште.
Властите на Португалија започнаа истрага за случајот со транспортот на експлозив, по што бродот Катрин побара отстранување на знамето на земјата, што е неповратна одлука, објави португалскиот јавен сервис на почетокот на октомври, повикувајќи се на официјални извори од Владата.
По Јадранот, Катрин поминала неколку дена во близина на брегот на Малта. Во меѓувреме го закачи и знамето на Германија.
Германската компанија Лубека Марин, која е сопственик на МВ Катрин, рече дека бродот „никогаш не требало да влезе во пристаниште во Израел“ и неодамна го истоварил својот товар, без да открие каде се случило истоварот, објави Ројтерс на 31 октомври.
Компанијата одби да открие детали за товарот поради договорни причини, но рече дека е целосно усогласена со сите меѓународни и регулативи на Европската унија, осигурувајќи дека се добиени потребните дозволи пред какви било операции.
Израел ги отфрла обвинувањата дека извршил воени злосторства во Појасот Газа, велејќи дека неговите сили го почитуваат меѓународното хуманитарно право додека се борат против палестинските милитанти кои дејствуваат во густо населените цивилни области.
Војната започна кога членовите на Хамас, прогласени за терористичка организација од Соединетите Американски Држави и Европската Унија, преминаа во Израел на 7 октомври минатата година, убивајќи околу 1.200 луѓе и зедоа 251 заложници.
Во одмаздата на Израел против Газа загинаа повеќе од 43.000 луѓе, според Министерството за здравство на Хамас.
Санкции за фирма со седиште во Бар поради воена соработка со Русија
На 30 октомври Меѓународната бизнис корпорација со седиште во Бар, во сопственост на рускиот државјанин Сергеј Кокорев, беше ставена на листата за санкции на Министерството за финансии на САД (САД) поради, како што наведоа, воена поддршка на Русија.
Според документот на Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), Кокорев ја користел компанијата за претовар на машински центри и топчести лежишта од европско потекло за клиентите во Русија, вклучително и компанијата „АМС Техника“, која учествува во големопродажба на индустриски машини и опрема.
Ова е прва компанија од Црна Гора која е санкционирана поради извоз на стоки со двојна намена во Русија.
Во 2022 година, по неколку одложувања, Владата на Црна Гора се приклучи на санкциите на Европската унија против Русија поради инвазијата на Украина. Санкциите вклучуваат замрзнување на имотот на руските граѓани и компании.
Радио Слободна Европа ја праша Владата како се контролира примената на санкциите во Црна Гора.
САД воведоа санкции на истиот ден кога беше објавен Извештајот на Европската комисија за Црна Гора, во кој се наведува дека Подгорица целосно ги почитува санкциите кон Русија.
Инаку фирмата е регистрирана во 2011 година и во неколку наврати менувала сопственици и директори, а регистрирани се за неспецијализирана трговија на големо со седиште во Бар, на околу 50 километри од Подгорица.
Оваа компанија во 2021 година забележала приходи од продажба во износ од околу 24 илјади евра. Во 2022 година приходите им се зголемени на 298 илјади, додека минатата година ја завршиле со приход од 934 илјади евра.
Според податоците од комерцијалната база на податоци Синомикс со детали за меѓународната трговија, анализирани од РСЕ, Меѓународната бизнис корпорација извезла стока во вредност од 42.000 евра во четири пратки во АМС Техника од Русија.
Се извезуваат резервни делови за центрите за обработка на серијата C, вклучувајќи хидропневматски акумулатори, топчести лежишта и филтри за воздух.
Меѓу извезените стоки има и една со тарифен број што е на „висок приоритет“ на листата на високоризични производи кои се опфатени со санкциите на САД и ЕУ против Русија.
Санкционираната стока вредна околу 19.000 евра е реекспортирана преку Кина.
Според веб-страницата на ОФАК на Министерството за финансии на САД, Сергеј Кокорев е од руска националност.
На 30 октомври беа воведени санкции за околу 400 физички лица и фирми од различни земји, а на листата се најде и компанија од Србија.
Во последните две години, Министерството за финансии и САД ставија над 4.000 субјекти и физички лица на листата на санкции поради врските со Русија.
Декларацијата на министерката за енергетика Сања Божиновска за бугарска самосвест поделена во Собранието
Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник од СДСМ, Оливер Спасовски денеска во Собранието на РСМ подели декларацијата до пратениците, којашто актуелната министерка за енергетика, Сања Божиновска ја има потпишано на 21.10.2004 година, а со која изјавува дека има бугарска самосвест. Претходно бугарската новинска агенција БГНЕС ја објави декларацијата на којашто се гледа потписот на министерката.
Спасовски на премиерот Мицкоски му го постави прашањето за Божиновска, која своерачно потпишала дека има бугарска самосвест и бугарско потекло во 2004 година.
Тој го праша Мицкоски дали ќе се побара одговорност заради таквиот пристап кон јавноста од страна на министерката Божиновска.
„Доколку бевте информирани и доколку она што сега во јавноста кружи сакам да ве прашам дали ќе се побара одговорност заради таквиот пристап кон јавноста од министерката Сања Божиновска“, рече Спасовски.
Мицкоски обраќајќи се кон пратеникот Оливер Спасовски, рече дека Сања Божиновска е поголема Македонка и притоа го обвини дека тоа што тој како министер го направил во Министерството за внатрешни работи е „најлошиот дебакл што се случил во државата“.
„Ние наместо да сме горди, среќни што имаме професионалец, човек кој што има исклучително квалитетни позиции во минатото, луѓе конекции кои што можат да бидат додадена вредност, ние сега измислуваме приказни кои што апсолутно немаат никаква врска ниту со енергетиката, ниту со рударството ниту со минералните суровини. Тоа е исто како сега јас да ве напаѓам вас за нешто кое што нема никаква врска со тоа што дававте пасоши на белосветски криминалци. Јас ви гарантирам дека Сања Божиновска е многу поголема Македонка од вас сите заедно. Нема поголема Македонка. Јас ова ви го кажувам и потврдувам, рече Мицкоски.
Иако станува збор за стандардна формулација која им се дели на сите баратели на бугарски документи, БГНЕС забележува дека потписот на Божиновска е ставен во 2004 година, односно три години пред Бугарија да стане полноправна членка на ЕУ.
„Изјавувам дека имам бугарска национална свест и сум со бугарско потекло исто како татко ми Перо Божиновски, родум од Куманово и мајка ми Виолета Божиновска, родум од Скопје, држава Македонија кои се Бугари. За невистинитите изјави свесна сум за одговорноста по член 313 став 3 од Кривичниот законик и последиците од член 22 од Законот за бугарско државјанство, се вели во декларацијата.
Божиновска претходно за тоа дали има се уште бугарска „самосвест“ изјави дека мора да се консултира со адвокатите кои ја воделе процедурата, која била многу одамна.
По тоа порача и дека „ниту еден граѓанин на Македонија, кој се стекнал со бугарско државјанство, не се чувствува како Бугарин“, туку тоа се го направил од економски причини.
Денеска во соопштението испратено од Министерството за енергетика се наведува дека Божиновска на 14 септември минатата година побарала отпуст од бугарското државјанство.
„За жал, одредени актери од Бугарија, на кои не им е во интерес градењето на добрососедски односи помеѓу Македонија и Бугарија со цел надминување на пречките за нашето членство во Европската Унија, наместо култура на дијалог, ја злоупотребуваат ситуацијата. Државјанството кое го поседувала во минатото е земено од економски причини како што тоа го направиле многу македонски граѓани, а не како што некои актери сега сакаат да ја извртат вистината дека станува збор за национални причини, се наведува во соопштението испратено до МИА.
Премиерот во одбрана на директорот на АНБ, достави лажни сертификати од директори на СДСМ
Прашањето дали директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски има валиден сертификатот по англиски јазик од тема во медиумите се префрли во Собранието.
На денешните пратенички прашања пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче го спореше сертификатот по англиски што го приложил Христовски.
„Документот што го приложил е од училиште во Пловдив а во таму воопшто нема TOEFL центар за тестирање. Значи за да стане директор свесно употребил фалсификуван документ и со тоа направил кривично дело. Нели, господине Мицкоски, ветувавте поразличен начин на работа? Нели мерит систем некој најавувате?, рече Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски пак убедува АНБ не би требало да биде тема на јавна расправа туку институциите да проверат.
Одговарајќи во делот за сертификатот по англиски јазик, Премиерот извади папка во која рече дека се наоѓаат „слични сертификати по англиски јазик од директорите назначени од СДСМ“ . Се закани дека ќе му ги даде на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Ќе ви дадам сличен сертификат од личноста која седи до вас. Знаете колку има такви сертификати?, рече Мицкоски што наиде на извикување и восхит од некои од пратениците во салата. Немојте на тоа да правите политика, има институции во државава кои треба да водат сметка, овие сертификати ќе ги дадам на министерот за внатрешни работи“, рече Мицкоски.
Според Премиерот темата за директорот на АНБ, е станата толку актуелна затоа што вработени во безбедносно-разузнавачката заедница се вознемирени. Вознемиреноста доаѓала бидејќи додека Мицксоки бил само лидер на опозициска партија бил следен со дронови, па сега не им одговара новиот директор.
„Се кренаа дронови над мојата куќа, кога сум одел и на терен во Прилеп. Го разузнавале претседателот на опозицијата со дронови, односно со оперативни и оперативни технички средства. Нормално е тоа? И затоа се исплашени и од свиркачи добиваат информации, за тоа што треба да има одговорност“, рече премиерот.
Филипче му порача на Мицкоски дека новото назначување на директор во АНБ не е смешно и се потврдува намерата да се узурпираат клучните безбедносни институции.
„Вие господине Мицкоски изгледа заборавате дека заради овие ВМРО-МВРО диктаторски политики 100 илјади луѓе маршираа по улиците“, рече Филипче.
Инаку Бугарски медиум откри дека не функционира јазични центар „Јулија“ во Пловдив каде што според самиот Христовски, тој добил ТОЕФЛ сертификат за англиски јазик. Училиштето „Јулија“ по тоа ги изгасна профилите на социјалните мрежи.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете