Во следниот период можно е намалување на основните каматни стапки во Северна Македонија, откако Европската централна банка (ЕЦБ) ги намали каматите во еврозоната за прв пат во пет години.
Откако на 6 јуни основните каматните стапки во еврозоната беа намалени за 0,25 процентни поени, од Народната банка на Северна Македонија велат дека и во државава постои простор за промена на монетарната политика, особено во услови на поволни трендови кај инфлацијата и движењата на девизниот пазар.
„Намалување на каматните стапки на ЕЦБ и следствено и на еуриборот, од една страна ќе создаде можност за намалување на нашата основна каматна стапка, доколку и остварувањата кај клучните фактори останат поволни, што индиректно ќе влијае за порелаксирани финансиски услови“, велат од Народната банка на Северна Македонија за Радио Слободна Европа.
ЕЦБ ја намали основната каматна стапка на 3,75 процентни поени, што е пад од рекордните 4 отсто којшто достигнаа во септември 2023 година.
Зголемувањата на каматните стапки започнаа некаде од средината на 2022 година кога земјите од еврозоната беа под силен инфлациски удар првично од ковид пандемијата, а потоа и од енергетската криза по руската инвазија врз Украина.
Потребна е претпазливост
За да се заузда инфлацијата, каматите постепено растеа и во Северна Македонија, од 1,25 проценти поени во март 2022 година до 5,51 отсто колку што е сега просечната каматна стапка на вкупните кредити.
Во моментов просечната камата за новоодобрените кредити за фирмите е 5,57 отсто, додека за домаќинствата 5,33 проценти или во просек е 5,47 процентни пени, според податоците од април годинава којшто бележат зголемување за 0,03 процентни поени на годишно ниво.
Намалување на каматните стапки треба да има, но потребна е претпазливост бидејќи македонската економија се уште е во фаза на кршливост, смета политичкиот аналитичар Абил Бауш.
„Ќе почекаме еден период на политичка хармонизација и влегување во работа на новата влада и ресорните министри во финансискиот сектор. Треба да се направи анализа на целата ситуација и потоа да се оди кон намалување на каматните стапки. Ќе има намалување на каматните стапки од нашата централна банка, но нема тоа да се направи веднаш во период од месец или два. Треба да се почека и да се види до каде е нашата инфлација, бидејќи се уште се бориме со тој инфлациски удар во момент кога нема на сила владини мерки за цените“, вели Бауш.
Но, и покрај тоа што во изминатиов период парите позајмени од банка стануваа поскапи, од Народната банка велат дека кредитната поддршка за фирмите и домаќинствата не изостанала.
Парите поскапуваа, но задожувањето продолжило
Иако со побавно темпо, кредитите продолжиле да растат и во април 2024 година вкупните кредити забележале раст од 6,8 проценти, како резултат на зголемено кредитирање на фирмите и домаќинствата.
„Ваквите трендови се очекува да продолжат и во следниот период. Според пролетните проекции се очекува кредитниот раст умерено да забрза и на среден рок да изнесува околу 7 проценти“, велат од НБРСМ.
Граѓаните и бизнисот се задолжувале со кредити во услови кога инфлацијата се искачи на рекордни 20 отсто во ноември 2022 година.
Потоа во 2023 година пресечената инфлација, од јануари до ноември, изнесуваше над 9 проценти, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Иако последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат зголемена инфлација во мај за 0,9 отсто споредено со април годинава, очекувањата се во текот на 2024 инфлацијата да се намалува и да изнесува во просек 3,7 отсто, а во 2025 да се спушти на 2,8 проценти.
На намалувањето на инфлацијата влијаеле соодветната монетарна политика, стабилизирањето на цените на храната на светските берзи и мерките за временото замрзнување на цените на храната кај нас, како што наведе Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ во својот последен извештај за земјава.
Намалувањето не може да биде веднаш
Бауш вели дека е добра вест тоа што инфлацијата се стабилизира, но смета дека намалувањето на каматните стапки не може да биде драматично и веднаш, туку во третиот или четвртиот квартал од 2024 година.
„Потребна е анализа на ситуацијата и намалувањето на каматните стапки треба да биде одреден сигнал дека влегуваме во нормализација на сите економски текови“, вели Бауш.
Од друга страна, од Народната банка на Северна Македонија велат дека намалувањето на каматните стапки од Европската централна банка може директно да влијае и на намалување на каматните стапки на задолжување, со оглед дека околу 42 отсто од кредитите се во девизи или девизна клаузула кои се под влијание на еуриборот.
Еурибор (Euro Interbank Offered Rate) е референтната каматна стапка по која европските банки си позајмуваат една на друга.
Европската централна банка ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени во услови на раст на економиите во Германија, Италија и Шпанија и зголемена економска активност на приватниот сектор во еврозоната во последната година.
Намалувањето се случи и покрај дозата на неизвесност, бидејќи инфлацијата во еврозоната во мај беше 2,6 отсто на годишно ново, што е зголемување во однос на април (2,4 отсто), според податоците на Евростат, а проекциите беа да биде 2,5 проценти.