Достапни линкови

Вести

Украинско-руски државјанин осуден за велепредавство во Русија

архивска фотографија, капетан од втор ранг Станислав Ржицки, убиен во Краснодар на 10 јули 2023 година. Фото: прес-служба на управата на Краснодар
архивска фотографија, капетан од втор ранг Станислав Ржицки, убиен во Краснодар на 10 јули 2023 година. Фото: прес-служба на управата на Краснодар

Руски регионален суд го осуди Серхи Денисенко, украинско-руски државјанин, на 25 години затвор за убиство на поранешниот командант на руска подморница вмешан во гранатирањето на украинските територии во 2022 година.

Пресудата е донесена на 29 октомври откако го прогласи Денисенко, кој доби руско државјанство во март 2023 година, за виновен за убиство, нелегално поседување оружје и велепредавство.


Денисенко беше уапсен на 11 јули 2023 година, еден ден откако Ржицки (42) беше убиен во градот Краснодар додека џогирал. Руските обвинители тврдат дека зад нападот стои Службата за безбедност на Украина.

Шефот на военото разузнавање на Украина, Кирило Буданов, го отфрли тврдењето, велејќи дека антивоените чувства меѓу руската војска можеби го предизвикале атентатот. Ржицки порано командувал со подморницата Краснодар во руската морнарица.

види ги сите денешни вести

Продолжува блокадата на факултетите во Србија

Србија - Протест на студенти во Белград
Србија - Протест на студенти во Белград

Сите пленуми на блокираните факултети на Универзитетот во Белград и белградскиот Универзитет за уметности соопштија дека овие високообразовни институции остануваат блокирани до исполнување на барањата на студентите.

„Ги негираме сите тврдења дека нашите барања се исполнети“, објави белградскиот универзитет на 12 декември.

Меѓу барањата на студентите се да се објави целата документација за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад,каде при пад на настрешница на 1 ноември загинаа 15 лица, кривична одговорност за несреќата и повеќе средства за материјалните трошоци на факултетите.

Студентите бараат и ослободување на граѓаните кои беа приведени во серијата протести поради несреќата на железничката станица во Нови Сад.

„Потсетуваме дека секојдневно сме сведоци на физичка и вербална репресија врз студенти и граѓани кои бараат кривична одговорност. Посебно нагласуваме дека сторителите на насилство врз мирните студенти се уште не се кривично гонети“, се додава во соопштението.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 11 декември изјави дека со тоа што ѝ препорачал на Владата да објави документи за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, каде при пад на настрешница загинаа 15 лица, а тројца тешко беа повредени, ги исполнил барањата на студентите. Тој најави дека како претседател на државата ќе ги помилува сите учесници на овие протести, ако евентуално бидат осудени.

Нападот врз студентите и професорите пред Факултетот за драмски уметности во Белград беше поттик за почеток на студентските блокади. Оваа институција прва ја прекина работата на 25 ноември.

На блокадите се приклучија повеќе од 40 факултети и виши школи во Белград, Нови Сад, Крагуевац, Ниш и Суботица.

Властите ги осудуваат блокадите и протестите.

Руски дизајнер на проектили наводно застрелан близу Москва

Илустрација
Илустрација

Висок раководител во руска компанија која развива крстосувачки ракети што ги користи Москва во војната со Украина, наводно, бил застрелан и убиен непосредно пред главниот град, објавија украинските медиуми на 12 декември.

Според нив, Михаил Шацки, заменик-главен дизајнер во бирото „Марс дизајн“, кое развива и произведува системи за руската воена и воздушна индустрија, бил застрелан два дена претходно во близина на градот Котелники во московскиот регион.

Полицијата не ја коментираше веста, но извештаите на социјалните мрежи и локалните вести, кои не се независно потврдени, го идентификуваа Шацки како жртва.

Медиуми во Украина објавија дека Шацки бил вклучен во модернизацијата на ракетите Кх-59 и Кх-69, а помагал и во развој на беспилотни летала.Тоа оружје Русија го употреби за да напаѓа цели во Украина.

Пред три дена автомобил-бомба го уби Сергеј Евсјуков, кој го водеше затворот во Оленивка, село во регионот Доњецк окупирано од Русија, во период кога повеќе од 50 украински заробеници беа убиени во контроверзна експлозија во јули 2022 година.

Иако никој не презеде одговорност за двата инциденти, рускиот воен персонал и руски функционери неколку пати беа мета на териториите окупирани од Русија на Украина. Во многу случаи, нападите биле смртоносни.

Украинските власти обично велат дека зад таквите напади стојат „герилски сили“. Русија ги обвинува тајните служби на Украина за организирање и спроведување на нападите.

Познатиот руски новинар и тврд критичар на Кремљ, Александар Невзоров, прв објави за смртта на Шацки на Телеграм, при што проследи фотографии од, како што напиша, телото на Шацки.

Независниот истражувачки медиум ИСторис ги лоцираше сликите на локација во близина на домот на Шацки, но тие тврдења остануваат непотврдени.

Најмалку 28 загинати, меѓу кои седум деца, во израелски напади во Газа

Газа - Израелски воздушен напад врз градот Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, 12 декември 2024 година.
Газа - Израелски воздушен напад врз градот Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, 12 декември 2024 година.

Во израелските воздушни напади загинаа 28 лица во Газа, меѓу кои седум деца, соопштија палестински медицински претставници, неколку часа откако Генералното собрание на Обединетите Нации(ОН) со големо мнозинство одобри две резолуции со кои се бара итен прекин на огнот во Газа, јави агенцијата АП.

Еден од нападите срамни со земја објект во бегалскиот камп Нусејрат, според болницата за Ал-Акса, каде беа пренесени жртвите.

Во два други напади загинаа 15 мажи кои беа дел од локалните комитети формирани да обезбедуваат хуманитарни конвои. Комитетите беа формирани од раселените Палестинци во координација со Министерството за внатрешни работи на Хамас, јави АП.

Гласањето во Генералното собрание на ОН на 11 декември следуваше по дводневна дебата, за време на која претставниците на земјите-членки на ОН главно повикаа на прекин на 14-месечната војна меѓу Израел и Хамас, прогласен за терористичка организација од страна на САД и ЕУ, и бараа пристап до целата територија на Појасот Газа со цел за да се спречи хуманитарна катастрофа.

Војната во Газа почна на 7 октомври 2023 година, кога милитантите предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел при што беа убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили, а околу 250 луѓе беа киднапирани.

Околу 100 заложници се уште се во Газа, од кои за најмалку една третина се верува дека се мртви.

Во израелската офанзива загинаа над 44.800 Палестинци во Газа. Повеќе од половина од нив се жени и деца, според Министерството за здравство на Газа, кое не наведува колку биле борци. Израелската војска соопшти дека убила над 17.000 милитанти, без да обезбеди докази.

Претреси во Судски совет, се бараат записници од мандатот на Дамева

Судски совет, илустрација
Судски совет, илустрација

Полициски службеници по наредба на Основното јавно обвинителство - Скопје ЈО Скопје постапуваат во Судски совет, потврдија Министерството за внатрешни работи (МВР) и Јавното обвинителство.

Од Обвинителството појаснија дека претресот се прави за да се обезбедат два записници за проверка на евентуални елементи на кривично дело во врска со мандатот на поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева.

„Полициски службеници по наредба на ОЈО Скопје постапуваат во Судски совет, односно се обезбедуваат два записници за да се проверат евентуални елементи на кривично дело“, велат од Обвинителството.

Премиерот Христијан Мицкоски на 28 ноември од собраниската говорница одговарајќи на пратенички прашања, рече дека континуирано добива информации за тоа што се случува во Судскиот совет.

„Таму има еден клан од двајца, еден од тројца, една е сама, добивам документи од свиркачи за фалсификувани записници со различни дати, различни печати, без потписи. И ако тоа не е основа за јавниот обвинител да влезе и да провери, не знам кој глас треба да допре до Обвинителството за да постапи“, рече Мицкоски.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева на 2 декември поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Советот.

Дамева како причина за оставката го наведе „немањето слух кај извршната и законодавната власт да се обезбеди брза и ефикасна правда, како и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери од власта“.

По оставката на Дамева, од Владата соопштија дека тоа е единствената можна и исправна одлука.

„Разбираме дека од ваквата одлука ќе има многу засегнати и загрижени поради нивното сомнително работење, огромните сомнежи за криминал, како и фалсификување на записници, но правдата мора да профункционира“, соопштија од Владата.

Судскиот совет е без претседател откако изборот за нов претседател беше одложен додека Советот не се комплетира со двајца нови членови.

Блинкен од Јордан повика на „инклузивна“ транзиција во Сирија

Јордан - Американскиот државен секретар Антони Блинкен по неговото пристигнување во градот Акаба на Црвеното Море, 12.12.2024 година.
Јордан - Американскиот државен секретар Антони Блинкен по неговото пристигнување во градот Акаба на Црвеното Море, 12.12.2024 година.

Аамериканскиот државен секретар Антони Блинкен се сретна со кралот Абдула од Јордан во градот Акаба на Црвеното Море. Блинкен пристигна во регионот на разговори за Сирија по соборувањето на сирискиот претседател Башар ал - Асад.

Блинкен, кој ќе замине за Турција подоцна на 12 декември, ја изрази надежта на Вашингтон за политичка транзиција во Сирија, велејќи дека ќе биде признаена идна сириска влада која е кредибилна и инклузивна.

„Блинкен, кој ја напушта функцијата за нешто повеќе од еден месец, вети поддршка од Соединетите Американски Држави (САД) за стабилноста на сириските соседи, вклучително и на Јордан, за време на овој преоден период“, рече портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Блинкен повика на „инклузивна транзиција што може да доведе до одговорна и репрезентативна сириска влада избрана од сирискиот народ“, рече Милер.

Кралот Абдула, додека разговарал за Сирија, му рекол на Блинкен дека „првиот чекор за постигнување сеопфатно регионално смирување е ставање крај на израелската војна против Газа“, се вели во соопштението од кралската палата.

Бунтовничката група Хајат Тахрир ал Шам (ХТС), прогласена за терористичка организација од страна на САД, има клучна улога во Дамаск откако доведе до соборување на Асад, ставајќи крај на 50-годишното владеење на неговата семејна династија и со брзо преземање на власта по 13 години граѓанска војна.

Блинкен, првиот дипломат во администрацијата во заминување на американскиот претседател Џо Бајден, во четврток ќе се сретне и со јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади.

Тие ќе разговараат за израелските конфликти во Газа и Либан, соопшти Стејт департментот.

Русија се приближува кон Покровск додека траат дипломатските мировни напори

Украина - Градот Покровск, декември 2024 година.
Украина - Градот Покровск, декември 2024 година.

Руските сили заземаат терен во близина на стратешкиот град Покровск во источна Украина, додека продолжуваат дипломатските напори за да се стави крај на најголемата европска војна во последните децении.

Според онлајн платформата за мапирање на војната Deep State, на 12 декември руските војници биле на само три километри од јужниот дел на Покровск, клучен логистички центар за Украина.

„Мора да се донесат неконвенционални одлуки за да се зголеми отпорноста на нашата одбрана и да се обезбеди поефикасно уништување на окупаторите“, напиша енералот Олександр Сирски, врховен командант на украинската војска, на социјалната мрежа Фејсбук.

„Битките се исклучително жестоки. Русите ги испратија сите расположиви сили напред, обидувајќи се да ја пробијат нашата одбрана“, додаде тој.

Двете страни се обидуваат да ги зајакнат своите позиции на бојното поле додека се појавуваат сигнали за потенцијални мировни преговори во наредните месеци.

Министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Полска на состанок во Берлин на 12 декември разговараат за ситуацијата во Украина, додека полскиот премиер Доналд Туск, чија земја беше силен поддржувач на соседна Украина, беше домаќин на францускиот претседател Емануел Макрон на разговори во Варшава.

Два дена претходно, Туск изјави дека мировните преговори би можеле да започнат „во текот на зимата“ додека Варшава се подготвува да го преземе ротирачкото претседателство со Европската унија на 1 јануари 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара конкретните западни безбедносни гаранции да бидат дел од каков било мировен договор, тврдејќи дека Русија би можела повторно да изврши инвазија откако ќе ги обнови своите сили.

Артан Груби се повлекува од јавниот живот откако беше ставен на американската „црна листа“

Северна Македонија - Артан Груби, поранешен вицепремиер во Владата на Република Северна Македонија и член на Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Северна Македонија - Артан Груби, поранешен вицепремиер во Владата на Република Северна Македонија и член на Демократската унија за интеграција (ДУИ).

За да не бидам ничиj политички товар решив да се повлечам од јавниот живот, објави Артан Груби, поранешен вицепремиер во македонската влада и член на опозициската Демократската унија за интеграција (ДУИ), три дена откако се најде на црната листа на американскиот Стејт департмент поради вмешаност во значителна корупција.

„Јас пред Бога, семејството и пријателите сум чист како солза, но со намера да придонесам за вистината, која многумина од вас гледам дека веќе ја знаете, а за да не бидам ничив политички товар, решив да се повлечам од јавниот живот и за ова го информирав претседателот Ахмети уште од првиот ден. Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети“, напиша Груби.

Покрај Груби, на црната листа објавена на 9 декември е и апелацискиот судија Енвер Беџети. Стејт департментот ги назначи Груби и Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање(УБК).

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски рече дека оформил предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.

Во 2024, покрај Груби и Беџети, на црната листа беа ставени и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.

Во 2023 година година, на оваа листа се и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, поранешниот вицепремиер Коча Анѓушев и бизнисменот Орце Камчев, за нивната вмешаност во „корупција од висок профил“.

Македонската влада не планира да ја ограничи употребата на ТикТок

Илустрација
Илустрација

Владата не планира да ја ограничи употребата на ТикТок, но внимателно ја следиме ситуацијата, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Дваесетина деца беа повредени деца во предизвикот „Супермен“, игра која е тренд во училиштата откако децата ја нашле на ТикТок.

„На таа мрежа нивото на безбедност и заштита е пониско од останатите мрежи и затоа може да се споделуваат видеа што повикуваат на насилство, омраза, булинг... Внимателно следиме и ќе се однесуваме онака како што ќе се однесуваат државите од ЕУ. Гледам дека има некои тенденции во Шведска. Ги следиме внимателно за да не направиме нешто што е чекор во насока спротивна од демократијата, но секако во насока на заштита на младите“, изјави Андоновски.

Тој најави дека ќе се формира Центар за побезбеден интернет за деца, кој ќе биде развиен со поддршка од невладиниот сектор и универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“.

Предизвикот „Супермен“, ги предизвикува децата да скокнат имитирајќи го истоимениот херој. Врсниците го чекаат со раце и го исфрлаат назад додека тој што скока треба да застане на нозе.

Властите во Северна Македонија, по масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Србија кога ученик уби девет врсници и еден чувар, во јавноста ја отворија темата за ограничувања во користењето на ТикТок и други социјални мрежи.

Поранешниот министер за образование и наука Јетон Шаќири тогаш најавуваше и одржуваше состаноци со институции, како министерствата за информатичко општество и за внатрешни работи, Агенцијата за електронски комуникации итн. Меѓутоа, во јавноста не се излезе со официјални предлог-мерки за некакви ограничувања.

Американскиот претседател Бајден помилува речиси 1500 осуденици

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден

Претседателот Џо Бајден им ги ублажи казните на приближно 1500 затвореници кои беа ослободени од затвор и ставени во домашен притвор за време на пандемијата на коронавирус и помилува 39 други кои беа осудени за ненасилни злосторства, објави АП.

Тоа е најголемиот број помилувања во еден ден во современата американска историја. Втор најголем број помилувања одобри Барак Обама, со 330 помилувања непосредно пред да ја напушти функцијата во 2017 година.

Бајден рече дека ќе преземе дополнителни чекори во наредните недели и ќе продолжи да ги разгледува барањата за помилување. Тој додаде дека „Америка е изградена врз ветувањето за можности и втори шанси“.

„Како претседател, ја имам големата привилегија да покажам милост кон луѓето кои покажаа каење и рехабилитација, враќајќи им ја можноста на Американците да учествуваат во секојдневниот живот и да придонесат за нивните заедници“, рече Бајден.

Помилувањето следеше по општата амнестија за неговиот син Хантер, кој беше гонет за оружје и даночни прекршоци.

Бајден е под притисок од групите за застапување да помилува голем број луѓе, вклучително и оние кои се осудени на смрт, пред администрацијата на Трамп да ја преземе функцијата во јануари.

Исто така, Бајден размислува дали да одобри „превентивно помилување“ на оние кои го истражуваа обидот на Трамп да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година и да се соочи со можна одмазда кога ќе ја преземе функцијата.

„Оние кои беа помилувани во четвртокот беа осудени за ненасилни злосторства, како што се прекршоци за дрога и тие го променија својот живот“, изјавија адвокатите на Белата куќа.

Тие вклучуваат жена која водела тимови за одговор при итни случаи за време на природни катастрофи, црковен ѓакон кој работел како советник за зависности и за млади, докторант по молекуларни бионауки и одликуван воен ветеран.

Бајден претходно ја намали казната на 122 осуденици и помилува 21.

Тој, исто така, ги помилува осудените за користење и поседување марихуана на федералните земји и во округот Колумбија, а помилува и поранешни припадници на американската војска осудени за кршење на сега веќе укинатата забрана за хомосексуален секс во војската.

Српската Влада почна да објавува документација поврзана со падот на настрешницата во Нови Сад

Зграда на Владата на Србија, Белград
Зграда на Владата на Србија, Белград

На веб-страницата на Владата на Србија на 12 декември започна објавувањето на документите за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.

Владата претходно соопшти дека на седницата одржана на 12 декември донела одлука Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура во следните 24 часа „јавно да ги стави на располагање информациите во врска со можното извршување на кривично дело поради пропаѓање на настрешница на зградата на станицата во Нови Сад на 1 ноември 2024 година“.

Во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад загинаа 15 лица, додека двајца тешко ранети, по повеќе од еден месец, сè уште се борат за живот. Станицата беше официјално отворена во јули по тригодишна реконструкција.

Во соопштението се додава дека на истата седница Владата донела одлука за зголемување на износот на средствата за материјалните трошоци на високообразовните установи утврдени со Законот за Буџетот на Србија за 2025 година за 20 отсто во однос на износот на средствата утврдени со Законот за Буџетот на Република Србија за 2024 година.

Одлуката на Владата доаѓа неполни 24 часа откако претседателот на Србија ги најави овие потези на 11 декември во обраќање пред медиумите во зградата на Претседателството во Белград.

Додека Вучиќ зборуваше за медиумите, голем број студенти протестираа пред зградата на Претседателството, блокирајќи ги факултетите, инсистирајќи на исполнување на нивните барања, меѓу кои и објавување на целата документација за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад и повеќе средства за материјалните трошоци на високообразовните институции.

Блокадите на високообразовните институции траат од крајот на ноември по нападот врз студентите за време на протестот поради несреќата на железничката станица во Нови Сад. На блокадите се приклучија повеќе од 40 факултети и виши школи во Белград, Нови Сад, Крагуевац, Ниш и Суботица.

Властите ги осудуваат блокадите и протестите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG