Вести
Бајден го помилува син му, за Русија чинот е „карикатура на демократијата“
Американскиот претседател Џозеф Бајден соопшти дека го помилувал својот син Хантер Бајден во судската постапка против него за даночни прекршувања и во врска со носење огнено оружје, а својата одлука ја оправда со тврдењето дека неговиот син бил подложен на неправедно гонење.
Бајден рече дека потпишал помилување за неговиот син Хантер вчера, иако откако ја презеде функцијата рече дека нема да се меша во одлуките донесени од судовите и Министерството за правда.
Тој изјави дека до сега останал на таа одлука, иако, како што навел, гледал како неговиот син „неправедно го гонат“.
Во меѓувреме портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја коментираше одлуката на Бајден да го помилува својот син Хантер во две судски постапки, како „карикатура на демократијата“.
„Тоа е карикатура на тема демократија“, изјави Захарова.
Во помилувањето се наведува дека Бајден му дал „целосно и безусловно“ помилување на Хантер Бајден за какви било прекршоци помеѓу 1 јануари 2014 година и 1 декември оваа година.
Бајден оцени дека Хантер бил кривично гонет само затоа што е негов син.
види ги сите денешни вести
Претреси во Судски совет, се бараат записници од мандатот на Дамева
Полициски службеници по наредба на Основното јавно обвинителство - Скопје ЈО Скопје постапуваат во Судски совет, потврдија Министерството за внатрешни работи (МВР) и Јавното обвинителство.
Од Обвинителството појаснија дека претресот се прави за да се обезбедат два записници за проверка на евентуални елементи на кривично дело во врска со мандатот на поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева.
„Полициски службеници по наредба на ОЈО Скопје постапуваат во Судски совет, односно се обезбедуваат два записници за да се проверат евентуални елементи на кривично дело“, велат од Обвинителството.
Премиерот Христијан Мицкоски на 28 ноември од собраниската говорница одговарајќи на пратенички прашања, рече дека континуирано добива информации за тоа што се случува во Судскиот совет.
„Таму има еден клан од двајца, еден од тројца, една е сама, добивам документи од свиркачи за фалсификувани записници со различни дати, различни печати, без потписи. И ако тоа не е основа за јавниот обвинител да влезе и да провери, не знам кој глас треба да допре до Обвинителството за да постапи“, рече Мицкоски.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева на 2 декември поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Советот.
Дамева како причина за оставката го наведе „немањето слух кај извршната и законодавната власт да се обезбеди брза и ефикасна правда, како и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери од власта“.
По оставката на Дамева, од Владата соопштија дека тоа е единствената можна и исправна одлука.
„Разбираме дека од ваквата одлука ќе има многу засегнати и загрижени поради нивното сомнително работење, огромните сомнежи за криминал, како и фалсификување на записници, но правдата мора да профункционира“, соопштија од Владата.
Судскиот совет е без претседател откако изборот за нов претседател беше одложен додека Советот не се комплетира со двајца нови членови.
Блинкен од Јордан повика на „инклузивна“ транзиција во Сирија
Аамериканскиот државен секретар Антони Блинкен се сретна со кралот Абдула од Јордан во градот Акаба на Црвеното Море. Блинкен пристигна во регионот на разговори за Сирија по соборувањето на сирискиот претседател Башар ал - Асад.
Блинкен, кој ќе замине за Турција подоцна на 12 декември, ја изрази надежта на Вашингтон за политичка транзиција во Сирија, велејќи дека ќе биде признаена идна сириска влада која е кредибилна и инклузивна.
„Блинкен, кој ја напушта функцијата за нешто повеќе од еден месец, вети поддршка од Соединетите Американски Држави (САД) за стабилноста на сириските соседи, вклучително и на Јордан, за време на овој преоден период“, рече портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
Блинкен повика на „инклузивна транзиција што може да доведе до одговорна и репрезентативна сириска влада избрана од сирискиот народ“, рече Милер.
Кралот Абдула, додека разговарал за Сирија, му рекол на Блинкен дека „првиот чекор за постигнување сеопфатно регионално смирување е ставање крај на израелската војна против Газа“, се вели во соопштението од кралската палата.
Бунтовничката група Хајат Тахрир ал Шам (ХТС), прогласена за терористичка организација од страна на САД, има клучна улога во Дамаск откако доведе до соборување на Асад, ставајќи крај на 50-годишното владеење на неговата семејна династија и со брзо преземање на власта по 13 години граѓанска војна.
Блинкен, првиот дипломат во администрацијата во заминување на американскиот претседател Џо Бајден, во четврток ќе се сретне и со јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади.
Тие ќе разговараат за израелските конфликти во Газа и Либан, соопшти Стејт департментот.
Русија се приближува кон Покровск додека траат дипломатските мировни напори
Руските сили заземаат терен во близина на стратешкиот град Покровск во источна Украина, додека продолжуваат дипломатските напори за да се стави крај на најголемата европска војна во последните децении.
Според онлајн платформата за мапирање на војната Deep State, на 12 декември руските војници биле на само три километри од јужниот дел на Покровск, клучен логистички центар за Украина.
„Мора да се донесат неконвенционални одлуки за да се зголеми отпорноста на нашата одбрана и да се обезбеди поефикасно уништување на окупаторите“, напиша енералот Олександр Сирски, врховен командант на украинската војска, на социјалната мрежа Фејсбук.
„Битките се исклучително жестоки. Русите ги испратија сите расположиви сили напред, обидувајќи се да ја пробијат нашата одбрана“, додаде тој.
Двете страни се обидуваат да ги зајакнат своите позиции на бојното поле додека се појавуваат сигнали за потенцијални мировни преговори во наредните месеци.
Министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Полска на состанок во Берлин на 12 декември разговараат за ситуацијата во Украина, додека полскиот премиер Доналд Туск, чија земја беше силен поддржувач на соседна Украина, беше домаќин на францускиот претседател Емануел Макрон на разговори во Варшава.
Два дена претходно, Туск изјави дека мировните преговори би можеле да започнат „во текот на зимата“ додека Варшава се подготвува да го преземе ротирачкото претседателство со Европската унија на 1 јануари 2025 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара конкретните западни безбедносни гаранции да бидат дел од каков било мировен договор, тврдејќи дека Русија би можела повторно да изврши инвазија откако ќе ги обнови своите сили.
Артан Груби се повлекува од јавниот живот откако беше ставен на американската „црна листа“
За да не бидам ничиj политички товар решив да се повлечам од јавниот живот, објави Артан Груби, поранешен вицепремиер во македонската влада и член на опозициската Демократската унија за интеграција (ДУИ), три дена откако се најде на црната листа на американскиот Стејт департмент поради вмешаност во значителна корупција.
„Јас пред Бога, семејството и пријателите сум чист како солза, но со намера да придонесам за вистината, која многумина од вас гледам дека веќе ја знаете, а за да не бидам ничив политички товар, решив да се повлечам од јавниот живот и за ова го информирав претседателот Ахмети уште од првиот ден. Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети“, напиша Груби.
Покрај Груби, на црната листа објавена на 9 декември е и апелацискиот судија Енвер Беџети. Стејт департментот ги назначи Груби и Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање(УБК).
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски рече дека оформил предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.
Во 2024, покрај Груби и Беџети, на црната листа беа ставени и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.
Во 2023 година година, на оваа листа се и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, поранешниот вицепремиер Коча Анѓушев и бизнисменот Орце Камчев, за нивната вмешаност во „корупција од висок профил“.
Македонската влада не планира да ја ограничи употребата на ТикТок
Владата не планира да ја ограничи употребата на ТикТок, но внимателно ја следиме ситуацијата, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Дваесетина деца беа повредени деца во предизвикот „Супермен“, игра која е тренд во училиштата откако децата ја нашле на ТикТок.
„На таа мрежа нивото на безбедност и заштита е пониско од останатите мрежи и затоа може да се споделуваат видеа што повикуваат на насилство, омраза, булинг... Внимателно следиме и ќе се однесуваме онака како што ќе се однесуваат државите од ЕУ. Гледам дека има некои тенденции во Шведска. Ги следиме внимателно за да не направиме нешто што е чекор во насока спротивна од демократијата, но секако во насока на заштита на младите“, изјави Андоновски.
Тој најави дека ќе се формира Центар за побезбеден интернет за деца, кој ќе биде развиен со поддршка од невладиниот сектор и универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“.
Предизвикот „Супермен“, ги предизвикува децата да скокнат имитирајќи го истоимениот херој. Врсниците го чекаат со раце и го исфрлаат назад додека тој што скока треба да застане на нозе.
Властите во Северна Македонија, по масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Србија кога ученик уби девет врсници и еден чувар, во јавноста ја отворија темата за ограничувања во користењето на ТикТок и други социјални мрежи.
Поранешниот министер за образование и наука Јетон Шаќири тогаш најавуваше и одржуваше состаноци со институции, како министерствата за информатичко општество и за внатрешни работи, Агенцијата за електронски комуникации итн. Меѓутоа, во јавноста не се излезе со официјални предлог-мерки за некакви ограничувања.
Американскиот претседател Бајден помилува речиси 1500 осуденици
Претседателот Џо Бајден им ги ублажи казните на приближно 1500 затвореници кои беа ослободени од затвор и ставени во домашен притвор за време на пандемијата на коронавирус и помилува 39 други кои беа осудени за ненасилни злосторства, објави АП.
Тоа е најголемиот број помилувања во еден ден во современата американска историја. Втор најголем број помилувања одобри Барак Обама, со 330 помилувања непосредно пред да ја напушти функцијата во 2017 година.
Бајден рече дека ќе преземе дополнителни чекори во наредните недели и ќе продолжи да ги разгледува барањата за помилување. Тој додаде дека „Америка е изградена врз ветувањето за можности и втори шанси“.
„Како претседател, ја имам големата привилегија да покажам милост кон луѓето кои покажаа каење и рехабилитација, враќајќи им ја можноста на Американците да учествуваат во секојдневниот живот и да придонесат за нивните заедници“, рече Бајден.
Помилувањето следеше по општата амнестија за неговиот син Хантер, кој беше гонет за оружје и даночни прекршоци.
Бајден е под притисок од групите за застапување да помилува голем број луѓе, вклучително и оние кои се осудени на смрт, пред администрацијата на Трамп да ја преземе функцијата во јануари.
Исто така, Бајден размислува дали да одобри „превентивно помилување“ на оние кои го истражуваа обидот на Трамп да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година и да се соочи со можна одмазда кога ќе ја преземе функцијата.
„Оние кои беа помилувани во четвртокот беа осудени за ненасилни злосторства, како што се прекршоци за дрога и тие го променија својот живот“, изјавија адвокатите на Белата куќа.
Тие вклучуваат жена која водела тимови за одговор при итни случаи за време на природни катастрофи, црковен ѓакон кој работел како советник за зависности и за млади, докторант по молекуларни бионауки и одликуван воен ветеран.
Бајден претходно ја намали казната на 122 осуденици и помилува 21.
Тој, исто така, ги помилува осудените за користење и поседување марихуана на федералните земји и во округот Колумбија, а помилува и поранешни припадници на американската војска осудени за кршење на сега веќе укинатата забрана за хомосексуален секс во војската.
Српската Влада почна да објавува документација поврзана со падот на настрешницата во Нови Сад
На веб-страницата на Владата на Србија на 12 декември започна објавувањето на документите за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.
Владата претходно соопшти дека на седницата одржана на 12 декември донела одлука Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура во следните 24 часа „јавно да ги стави на располагање информациите во врска со можното извршување на кривично дело поради пропаѓање на настрешница на зградата на станицата во Нови Сад на 1 ноември 2024 година“.
Во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад загинаа 15 лица, додека двајца тешко ранети, по повеќе од еден месец, сè уште се борат за живот. Станицата беше официјално отворена во јули по тригодишна реконструкција.
Во соопштението се додава дека на истата седница Владата донела одлука за зголемување на износот на средствата за материјалните трошоци на високообразовните установи утврдени со Законот за Буџетот на Србија за 2025 година за 20 отсто во однос на износот на средствата утврдени со Законот за Буџетот на Република Србија за 2024 година.
Одлуката на Владата доаѓа неполни 24 часа откако претседателот на Србија ги најави овие потези на 11 декември во обраќање пред медиумите во зградата на Претседателството во Белград.
Додека Вучиќ зборуваше за медиумите, голем број студенти протестираа пред зградата на Претседателството, блокирајќи ги факултетите, инсистирајќи на исполнување на нивните барања, меѓу кои и објавување на целата документација за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад и повеќе средства за материјалните трошоци на високообразовните институции.
Блокадите на високообразовните институции траат од крајот на ноември по нападот врз студентите за време на протестот поради несреќата на железничката станица во Нови Сад. На блокадите се приклучија повеќе од 40 факултети и виши школи во Белград, Нови Сад, Крагуевац, Ниш и Суботица.
Властите ги осудуваат блокадите и протестите.
Изгласан Законот за извршување на Буџетот за 2025
Собранието денеска со 61 глас „за“ го изгласа Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година, по скратена постапка, по усвојувањето на Буџетот на седницата на 10 декември.
Со Законот се определуваат начинот и условите за извршување на Буџетот за тековната фискална година.
И со овој закон се воведува обврска за реализација на 15 проценти од капиталните расходи во првиот квартал, од 40 проценти заклучно со вториот квартал, 65 проценти заклучно со третиот квартал и 70 проценти заклучно со третиот квартал, со исклучок на Програмата-Интеграција во ЕУ и потпрограмите Интеграција во НАТО и Инфраструктурни прокети во општините.
Со Буџетот за 2025 година вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиони денари, односно на 4 проценти од БДП, а планираниот раст на економијата е 3,7 проценти. Инфлацијата се очекува да се намали на 2,2 процента.
За капитални инвестиции се планирани 50,5 милијарди денари, како и 349,6 милијарди денари за тековни расходи, како исплата на плати, на пензии, социјални права, субвенции во земјоделството, поддршка на мали и средни претпријатија, на ранливи категории граѓани и за стопанството.
Расходите за плати се на ниво од 48,1 милијарда денари и бележат раст од 8 проценти, а за стоки и услуги 26,2 милијарди денари со намалување од 0,5 проценти во структурата на вкупните расходи.
За исплата на пензии се планирани 105,5 милијарди денари со кои се обезбедуваат средства за најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари од март следната година. За надоместоци за социјална заштита околу 14,5 милијарди денари, за паричен надомест во случај на невработеност 1,6 милијарди денари, а за спроведување активни политики и мерки за вработување 2,3 милијарди денари. Повеќе средства се обезбедени за здравствена заштита, односно 52,5 милијарди денари или за 10,7 проценти повеќе. Поддршката во земјоделството е планирана на ниво од 8 милијарди денари, додека трансферите до единиците за локална самоуправа на ниво од 33,2 милијарди денари или за 2,5 милијарди денари повеќе.
Предметот за „Беса Транс“ вратен на повторно судење
Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда за случајот „Беса Транс“ и предметот е вратен на повторно судење.
Од Апелација за МИА, потврдуваат дека има одлука по предметот и дека веќе е вратен во првостепен суд.
„Одлуката е укината, жалбите на обвинетиот како физичко и правно лице се уважени. По жалбите и по службена должност пресудата е укината и предметот е вратен на повторно судење“, информираат од Апелација.
За случајот, кој се однесуваше на продолжено кривично дело „фалсификување на исправа“, Кривичниот суд во март годинава изрече една година и осум месеци казна затвор за сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу, и парична казна од 800 000 денари, како и четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз на правното лице.
Автобусот на „Беса Транс“, на враќање од Истанбул се запали и изгоре на автопатот Струма во Бугарија на 23 ноември минатата година. Во несреќата загинаа 45 лица, а седуммина преживеаја.
Заклучокот од истрагата на бугарското обвинителство е дека единствена причина за несреќата е човечка грешка на возачот. Бугарскиот тим истражители, исто така, ја отфрли верзијата дека ознаката на патот можеби е причина за трагичната несреќа.
„Репортери без граници“: Годинава убиени 54 новинари, најмногу во Газа
Најмалку 54 новинари се убиени годинава ширум светот, од кои речиси една третина во Појасот Газа, јавува организацијата за човекови права „Репортери без граници“ во својот годишен извештај.
Засега бројот на убиени новинари останува на исто ниво како лани, покажуваат податоците од крајот на ноември собрани од организацијата.
Сепак, таа рече и дека секоја година дознава за повеќе смртни случаи кои се додаваат во статистиката, па веројатно е дека бројот на убиени новинари ќе се зголеми.
Во извештајот се вели дека покривањето на воените конфликти е особено ризично, при што 31 од 54 новинари биле убиени во конфликтните зони, најмногу во последните пет години. Најопасна област е Газа, каде Израел војува со Хамас и други палестински групи.
Гледајќи ги податоците од почетокот на војната, кога Хамас и други групи го нападнаа Израел, повеќе од 145 новинари загинаа во Појасот Газа до крајот на ноември, се вели во документот. Најмалку 35 од нив загинале на должност.
Во Израел од почетокот на војната се убиени двајца новинари, а во Либан петмина. Репортери без граници побараа од Меѓународниот кривичен суд да ги истражи убиствата на медиумските работници како можни воени злосторства.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете