Достапни линкови

Вести

Николовски: Сегашниот проект за Коридор 8 нема да се работи, за нов ќе видиме

Александар Николовски, министер за транспорт и врски
Александар Николовски, министер за транспорт и врски

Иако е постигната начелна согласност за продолжување за завршување на проектот и изградба на пругата на Коридор 8, министерот за транспорт и врски и вицепремиер, Александар Николовски, изјави дека проектот ќе мора да се смени, бидејќи за постоечкиот проект и цена нема согласност од македонска страна.

„Почна дијалог вчера во Брисел. Следно за две недели на 31 пак средба. Да видиме. Ние инсистираме на нашите позиции да има заеднички проект и да е изводлив проектот нормално да се разгледа цената, по оваа цена секако дека не можеме. Да видиме што ќе направиме. Јас се уште сум против овој проект. Овој проект сигурно нема да се работи, a дали ќе работиме нов, ќе видиме“, рече Николовски во зијава за телевизија Телма.

Министерството за транспорт потврди дека земјата е посветена на изградба на железничка пруга кон Бугарија, но нагласи дека не може да се прифати проект што завршува во тунел за кој не постои проект од бугарска страна.

На состанок на високо ниво во Брисел, на кој учествувале и претставници на Комисијата на ЕУ, претставници од земјава и од соседна Бугарија постигната е начелна согласност заеднички да продолжат со изградбата на железничката пруга на Коридорот 8, соопшти вчера Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на ЕУ.

Единствен прифатлив услов на Македонија за реализација на пругата кон Бугарија е ако источниот сосед започне со проектирање на тунелска цевка, а двете земји заеднички извршат пробивање на тунелот, потенцирале претставниците на македонската делегација на вчерашната средба во Брисел.

Претставниците на бугарската влада, пак, истакнале дека во овој момент нема проект на кој би работеле на доизградба на железницата до границата со Македонија и изградба на тунел, но е изразена подготвеност да започнат со изработка на проект кој би бил готов во 2026 година.

види ги сите денешни вести

Али Ахмети со писма до меѓународни лидери бара заштита на Охридскиот договор

Али АХмети, Претседател на ДУИ
Али АХмети, Претседател на ДУИ

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, испратил писма до претседателот и премиерот на Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, претседателката и премиерот на Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, канцеларот на Германија Олаф Шолц, претседателот на Франција Емануел Макрон и државниот секретар на САД Ентони Блинкен.

Во овие писма, како што соопшти ДУИ, Ахмети ја изразува својата длабока загриженост за најновите политички и уставни случувања во Северна Македонија, кои, како што се посочува, ги загрозуваат достигнувањата на Охридскиот договор и принципите на еднаквост и стабилност во мултиетничката држава.

„Ахмети истакнува дека трите последни одлуки – плановите за укинување на Законот за употреба на јазиците, забраната за идентификација на етничката припадност во државните институции и формирањето на владејачко мнозинство без праведна застапеност на етничките заедници – претставуваат сериозни закани за мирот и стабилноста на земјата и регионот во целина. Тој повикува на заедничка акција на меѓународните лидери за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и правата на Албанците во Северна Македонија, стои во соопштението.

За илустрирање на содржината на овие писма, кон соопштението е придружено писмото испратено до премиерот на Албанија, Еди Рама. Во него стои дека вознемирувачките планови, најавени од самата Влада, дека Уставниот суд ќе ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, кои го утврдија албанскиот јазик како еднаков службен јазик според Амандманот 5 на Уставот, претставуваат сериозен удар врз Охридскиот договор, еднаквоста, меѓуетничката хармонија и стабилноста во земјата.

Се посочува на одлуката на Уставниот суд за забрана на идентификацијата на етничката припадност на граѓаните во државните институции, која се наведува, го крши принципот на колективни права на етничките заедници и, со тоа, ги поништува основните механизми на балансер и принципот на Бадинтер, кои се во сржта на Охридскиот договор. Уставниот суд, се посочува понатаму, со укинувањето на изјавувањето на етничката припадност, го крши самиот Устав, чии основни вредности вклучуваат праведна и соодветна застапеност, и нè враќа во состојбата пред Охридскиот мировен договор.

Во писмото Ахмети укажува и на, според него, прекршувањето на принципите на Охридскиот договор во однос на формирањето на политичкото мнозинство без праведна застапеност на етничките заедници по последните избори.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година. Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

Власта смета дека е погрешно Струмица да излезе од ЗЕЛС

Илустрација
Илустрација

Oдлуката на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов да го напушти ЗЕЛС е погрешна и тоа е негова одлука, а не на општината.

„Не верувам дека Струмица најави најави напушување на ЗЕЛС, најави градоначалникот на Струмица. По мене, тоа ќе биде погрешна одлука, но тоа е негова одлука, иако мислам дека таа е донесена во една поспецифична состојба и мислам дека е потребно најпрво да се консултира со Советот, а ако и Советот така неодговорно се однесува кон струмичани, тогаш нека им е со среќа, рече Мицкоски по денешната прес-конференција во Владата.

Очекува на следните локални избори, Струмица да добие градоначалник, кој, како што рече, ќе мисли на струмичани, а не на своите лични партиски фрустрации.

И претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски во синоќешното гостување на МТВ оцени дека се прави вештачко креирање на проблеми и дека има политика во најавите на градоначалниците на Струмица и Карпош за излегување од ЗЕЛС.


Ѓорѓиевски посочи дека струмичкиот градоначалник одбива комуникација и подадена рака од другите колеги, ставајќи ги во заложништво своите граѓани заради свои политички цели.

Според претседателот на ЗЕЛС, има средства за сите општини коишто ги исполниле критериумите за добивање на средства за инфраструктурни проекти, а дополнителниот рок е за комплетирање на документацијата.

Од Општина Струмица во четвртокот официјално соопштија дека се откажуваат од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а градоначалникот Костадин Костадинов дека ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС, како што информираа, е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици - водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит.

Грција будно ја следи состојбата на балканската рута за бегалци

Мигранти
Мигранти

Ситуацијата со бегалците и мигрантите на балканската рута е стабилна и за разлика од пристигнувањата по морски пат, не се забележуваат зголемувања, брифираат високи извори од Министерството за миграција и азил на Грција, но посочуваат дека состојбата се следи и од безбедносни причини поради опасноста меѓу бегалците од јужен Либан да има борци од Хамас или Хезболах, јави дописничката на МИА од Атина.

Вниманието на Грција е насочено кон морските граници и пристигнувањата на бегалци и мигранти по морски пат до островите, кое во изминатиот период е зголемено, за разлика од балканската рута која е постабилна, но сепак изворот вели дека не можеме да бидеме сигурни дека нема да се промени ако се зголемат притисоците на Блискиот исток.

„Соработуваме со Фронтекс, побаравме поголема инволвираност на Еуропол за да ја контролираме балканската рута, како и сите други рути, доколку постојат бранови од Либан, но ова е и од безбедносни причини, посочуваат изворите од Министерството за миграција и азил на Грција.

Објаснуваат дека ако во јужен Либан се влоши ситуацијата и ако се создадат мигрантски бранови од таму, можеби нема да бидат само семејства кои сакаат да си заминат од воената зона, туку може да се обидат и борци од Хезболах и Хамас да стигнат до Европа, што од безбедносни причини треба да се следи.

Затоа, нагласуваат дека мора да бидат во состојба на внимателност и будност.

Чамците со бегалци и мигранти кои пристигнуваат во Грција веќе се секојдневие, а високите извори од Министерството за миграција и азил проценуваат дека до крајот на годинава околу 50.000 ќе биде бројот на пристигнувања во земјата.

Според официјалните податоци, од почетокот на 2024 година, заклучно со септември пристигнале нешто повеќе од 37.000 лица, што е за 25 отсто повеќе споредбено со првите девет месеци од 2023 година.

Главниот проблем, според истите извори се криумчарите на мигранти кои „ги ставаат во опасност животите на луѓето“, злоупотребувајќи ја нивната ситуацијата „ги ставаат во небезбедни пловни средства за опасни морски патувања“.

Еден таков пример е и неодамнешната несреќата во близина на островот Кос кога две жени и две деца загинаа поради опасните маневри на криумчарот, кој управувал со чамецот.

„Не се занимаваме доволно со криумчарите. Тоа е тема што им ја поставуваме и на нашите европски партнери и на нашите турски соседи, нагласуваат високите извори од Министерството за миграција и азил на Грција и посочуваат дека намерата е да се интензивира соработката со Турција и да се фокусираат на борбата против мрежите на криумчарите во Егејското море.

Враќањата на мигрантите и бегалците и во земјата на потекло и во трети земји е темата која е актуелна во изминатиот период, а за која изворите од Грција велат дека ќе добие особена динамика во ЕУ.

За враќањето на бегалците кои имаат признат статус и одобрен азил од една во друга земја, тешкотијата е нивното пронаоѓање и лоцирање.

Како пример, изворите споменуваат дека Грција прифатила од Германија да се вратат околу 570 признати бегалци, а се вратиле само 15 бидејќи е тешко останатите да се лоцираат, нешто што е проблем и кога станува збор за нелегалните мигранти и оние кои не добиле позитивен одговор на барањето за азил или за добивање дозвола за престој.

Општините потпишаа договори за парите од унгарскиот кредит, четири извисија

Илустрација
Илустрација

Општините кои поминаа на огласот за доделување на државна помош за капитални инвестиции од парите од унгарскиот кредит денеска ги потпишаа договорите. Вкупно се потпишани 274 проекти за вкупно 4,1 милијарда денари. Договорите се однесуваат за реализација на проекти во делот на образованието, транспортот, социјалната политика, културата и туризмот, животната средина и во спортот.

„Согласно првиот повик што го објави Министерството за локална самоуправа, денеска вклучуваме договори за 274 проекти во вкупна вредност од околу 4.1 милијарди денари. Денеска се потпишуваат договорите што се темелат на шест владини одлуки, поделени на шест клучни ресори каде што овие пари ќе бидат инвестирани во изградба на проекти, појасни премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата одржана веднаш по потпишувањето на договорите.

Речиси 133 милиони денари се одвојуваат за реконструкции, изградба и модернизирање на училишта и спортски сали, а се опфатени општините Гази Баба, Битола, Липково, Боговиње, Кичево и други.

За реализација на инфраструлктурни проекти од областа на транспортот се одвојуваат околу две милијарди и 800 милиони денари. Проектите се однесуваат на инвестиции во локалната патна мрежа, коловози, патеки, пристапни улици.

Во делот на социјалната политика ќе бидат инвестирани околу 59 милиони денари што ќе бидат употребени за изградба на нови детски градинки во Петровец и Гази Баба.

Во областа на спортот беа потпишани договори во висина од 220 милиони денари за изградба на центри за спорт, рекреативни паркови и спортски сали.

За реализација на проекти од културата и туризмот предвидени се близу 200 милиони денари кои се наменети за општините Гевгелија, Пехчево, Радовиш, Гази Баба.

Договори беа потпишани и за проекти од областа на животната средина и просторното планирање за што ќе бидат инвестирани близу 630 милиони денари.
Според премиерот Мицкоски, ова е нивното клучно ветување до граѓаните и доказ за нивната работа за инфраструктурни инвестиции и директна поддршка на илјадници граѓани.

„За само три месеци, овој проект станува реалност и сега почнува процесот на она што ќе придонесе за промена на тешката реалност и отсуството на поддршка на општините. Ова е историска најголема инвестиција на централната власт за локалните самоуправи и ќе продолжат јавните повици сѐ до целосно искористување на предвидените 250 милиони евра, подвлече премиерот.

Тој апелираше општините да изработуваат квалитетни проекти и тие, како што нагласи, ќе бидат реализирани.

Четири општини што немаат воопшто добиено никаков проект бидејќи задоцниле со документите. За нив рокот за достава на документацијата е продолжен до 15 ноември.

„Ќе имаат простор до 15 ноември да достават тоа што им недостасува. Но, дел од овие општини што ги споменав, исто така, имаат проекти што се одобрени, но, недостасуваат некои од документите и тие, исто така, ќе треба да ги дополнат документите до 15 ноември и оваа бројка од 270 да дојде до околу 350, така што, сите ќе бидат опфатени што имаат капитални инвестиции, подвлече Мицкоски, додавајќи дека очекувањата се дека бројката на средства што ќе бидат наменети за општините во оваа фаза ќе достигне до шест милијарди денари.

За следната година, како што најави, ќе бидат финансирани проекти од 15 милијарди денари со што ќе се стигне до бројка од 21 милијарда денари.

ЕУЛЕКС бара итна истрага за обвинувањата за тепање жители на Северна Митровица

Илустрација
Илустрација

Мисијата на Европската унија за владеење на правото (ЕУЛЕКС) побара надлежните органи итно и ефективно да ги истражат сите наводи за малтретирање на Милош Суботиќ од Северна Митровица од страна на поединечни полицајци.

Оваа мисија во својот одговор за Радио Слободна Европа ја поздрави одлуката на косовската полиција случајот да го пријави во Полицискиот инспекторат кој ќе ги собере сите информации и ќе го истражи.

„Во тој контекст и во согласност со мандатот на ЕУЛЕКС, нашата улога е да ги следиме истрагите што ги спроведува Полицискиот инспекторат на Косово и кога тоа ќе го оцени обвинителството“, се вели во одговорот.

Граѓанинот на Северна Митровица од српската заедница, Милош Суботиќ, на 26 октомври нешто по полноќ е уапсен поради „вандализам“.

Но, во меѓувреме, Суботиќ тврдеше дека полицијата го тепала во полициска станица и дека има фотографии и медицинска документација за докажување. Тој за РСЕ изјави дека бил одведен во просторија без камери каде што наводно полицајците го врзале и го претепале.

Косовската полиција ги демантираше овие наводи на Суботиќ и изјави дека тој бил во алкохолизирана состојба и се обидувал да оштети приватен имот.

Полицискиот инспекторат на Косово најави дека ќе започне прелиминарна истрага со цел да се проверат наводите поврзани со овој случај.
Во меѓувреме, неколку српски невладини организации од северот на Косово ја прекинаа соработката со ЕУЛЕКС, додека не се изјаснат за овој случај.

Во соопштението потпишано од невладините Актив, Новата социјална иницијатива, Центарот за афирмативни социјални акции, Центарот за застапеност на демократската култура и Институтот за територијален економски развој, се наведува дека косовската полиција е „непрофесионална“ и „исплашен“.

Во својот одговор до РСЕ, ЕУЛЕКС подвлекува дека малтретирањето, нехуманото или понижувачкото постапување е апсолутно забрането.

„Ве потсетуваме дека преку нашата мониторинг и советодавна улога, ЕУЛЕКС останува посветена на поддршката на институциите за владеење на правото на Косово, така што тие се одржливи, одговорни и способни ефективно да ги гарантираат правата на сите без дискриминација“, се наведува во мисијата.

Тие исто така додаваат дека доколку се забележат сериозни недостатоци преку активностите на мониторингот, ЕУЛЕКС ги решава преку релевантните и одговорни органи.

Мицкоски задоволен од оставката на комисијата за помилување, СДСМ бара поширока одговорност

Илустрација
Илустрација

Жив човек кој работи, знае и да погреши. Кога ќе се констатира грешката, ако се превземе одговорност, тогаш тоа е доблесно, е коментарот на премиерот Христијан Мицкоски за колективната оставка што вчера ја поднесоа членовите на Комисијата за помилување по реакциите во јавноста за последното помилување по повод празникот 23 Октомври.

„Констатирана е очигледно грешката и единственото нешто што тие го имаа како морален чин е да се повлечат и тие тоа и го направија, така што очекувам тука да се затвори таа тема во јавноста, изјави денеска Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата по потпишувањето на првата транша од 250-те милиони евра наменети за капитални инвестиции во општините.

Комисијата за помилување синоќа си поднесе колективна оставка, која беше експресно прифатена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

За колективната оставка на Комисијата информираше професорот Гордан Калајџиев на Фејсбук, наведувајќи дека оставката ја поднесуваат од лични и професионални принципи.
Од Кабинетот на Сиљановска-Давкова информираа дека претседателката ја прифатила оставката и дека во следниот период ќе изврши консултации за новиот состав на Комисијата, како и за институционалните и законски слабости што постојат во системот за помилување на осудени лица.

„Членовите на Комисијата за помилување денеска ја информираа претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека поднесуваат колективна оставка од позициите во Комисијата. Одлуката за поднесување на колективна оставка од Комисијата за помилување членовите ја донеле во согласност со нивните лични и професионални принципи, стои во соопштението од Кабинетот на претседателката.

Од опозициската СДСМ сметаат дека очигледно власта мисли дека комисијата треба да е жртвено јагне за да се спаси Сиљановска и нарачетелите на овие скандалозни помилувања.

Од партијата велат дека претседателката Сиљановска ги дава и одлучува за помилувањата, а не комисијата и дека целосната одговорноста е кај неа.
Претседателката Сиљановска Давкова по повод празникот 23 Октомври, по препорака на Комисијата за помилување, помилува десет осуденици.

Одлуката беше објавена во Службен весник на 22 октомври, а неколку имиња кои се најдоа на листата на помилуваните предизвикаа жестока реакција во јавноста - поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, Марјан Ефремов, првообвинет во аферата „Шпион“, Шенол Маслани од скопско Арачиново, брат на Шенаси Маслани, познат како Шенки Версаче и Акиф Равманоски кој се поврзува со криминалната група „Барон“ од Арачиново. Равманоски при пуштањето од затворот Идризово веднаш беше уапсен под сомневање за извршен обид за убиство.

Израел подготвува нови напади на југот на Либан, повик за евакуација во 14 села

Израелски воздушен напад врз Дахије, јужно предградие на Бејрут, Либан, рано во недела, 27 октомври 2024 година.
Израелски воздушен напад врз Дахије, јужно предградие на Бејрут, Либан, рано во недела, 27 октомври 2024 година.

Израелската армија им нареди на жителите на 14 села во јужен Либан „веднаш“ да се евакуираат поради „своја безбедност“.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) издадоа неколку наредби за евакуација за време на воздушната и копнената офанзива чија цел беше уништување на инфраструктурата на Хезболах, милитантната група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан.

Во последното предупредување, портпаролот на ИД Авичај Адраи, кој објавува израелски соопштенија на арапски, рече дека жителите на 14 села треба да побегнат северно од реката Авали.
„Секој кој е во близина на објекти или оружје на Хезболах, го става својот живот во опасност“, напиша на X во објавата на интернет.

„Забрането е да се оди на југ. Секое движење кон југ може да биде опасно по вашиот живот. Ќе ве известиме навреме да се вратите во вашите домови штом ќе се создадат условите“, напиша тој.

Хезболах издаде слично предупредување вечерта на 26 октомври, велејќи им на жителите да ги напуштат своите домови во 25 градови низ северен Израел, за кои рече дека станале „легитимни воени цели“.

Хезболах, кој беше основан пред 40 години со помош на Иран, е прогласен за терористичка организација од страна на САД. Европската унија го стави на црната листа само вооруженото крило на организацијата, но не и политичката партија која има претставници во либанскиот парламент.

Во меѓувреме, откако израелската војска изврши три бранови „прецизни напади врз воени цели во Иран“ рано наутро во саботата, на 26 октомври, Техеран побара од Швајцарија, која претседава со Советот за безбедност на ОН, да свика итна седница за да го осуди Израел.

Амир Саид Иравани, претставник на Иран во ОН, во писмо до Советот за безбедност рече дека „незаконските и агресивни дејствија“ на Израел се кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Иран и „флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН“.

Иранските власти изјавија дека иранската одбрана пресретнала најголем дел од проектилите, но дека четворица ирански офицери биле убиени во нападите.

Нападите од двете страни на либанско-израелската граница се интензивираа по нападот врз Израел од страна на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година. .Оттогаш, Израел спроведува воени операции во Газа против оваа група која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација.

Хезболах, како сојузник на Хамас, изјави дека нападите врз Израел ќе продолжат се додека не дојде до прекин на огнот во Појасот Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веќе ги предупреди ОН дека акциите против Хезболах нема да престанат.

Камион удри во автобуска станица во Израел, десетици повредени

Полицијата и службите за итни случаи во близина на камион кој удри во автобуска станица во Рамат Хашарон, северно од Тел Авив
Полицијата и службите за итни случаи во близина на камион кој удри во автобуска станица во Рамат Хашарон, северно од Тел Авив

Десетици луѓе се повредени кога камион удри во автобуска станица во централен Израел, соопштија израелските спасувачи.

Портпаролот на израелските полициски сили изјави дека прелиминарната истрага покажала дека камионот удрил во автобуска станица каде што чекале патници и се судрил со автобус во близина.

Возачот бил застрелан и „неутрализиран“, соопшти полицијата. Околностите на несреќата се уште се истражуваат, но според информации од полицијата се работи за намерен напад.

Израелската служба за итни случаи Маген Дејвид Адом соопшти дека на местото на инцидентот им била укажана помош на десетици луѓе, од кои најмалку четворица се тешко повредени.

Станицата се наоѓа на излезот од воената база во Рамат Ашарон, во централен Израел.

Според снимките од израелската телевизија, на местото на настанот имало бројни возила на брза помош, како и полиција и најмалку еден хеликоптер кој снимил од воздух.

Бројот на судии се намалува, но е близу до европскиот просек

Илустрација
Илустрација

Нешто повеќе од 1 500 денари или 24,6 евра државата троши по глава на жител за правосудството, што е далеку под европскиот просек од 74,9 евра. Но, гледано како процент од БДП, судскиот буџет е значително над европскиот просек.

Ова го покажува најновиот Извештајот за ефикасност и квалитет на правдата во Европа на Европската комисија за ефикасност на правдата на Советот на Европа (CEPEJ) којшто содржи податоци за 2022.

Во извештајот се наведува дека државата одвојува 0,39 проценти од БДП за судството, додека европскиот просек е 0,28. Најголем дел од средствата 78,1 процент оди за судството, 20,9 проценти за обвинителствата и само 1 процент за правна помош.

Иако бројот на судии во земјава е во постојан пад и во последните десет години е намален за околу една третина, со 22,3 судии на 100 илјади жители земјава е нешто малку над европскиот просек од 21,9 судии на 100 илјади жители. Иако 62 проценти од судиите се жени, сепак, бројот на жени претседатели на судови е помал - 41 процент, наспроти мажи кои се претседатели на судови - 59 отсто.

Судиите и обвинителите имаат најниски плати во регионот. Ако на почетокот на кариерата, бруто платата на судиите е двојно помала од европскиот просек, на крајот на кариерата разликата само се зголемува и е речиси четири пати поголема.

Буџетот за ИКТ во судството во земјава бележи раст и гледано како процент од вкупниот буџет на правосудството, бележи раст од 1 процент во периодот 2014-18, на 2,6 проценти во периодот 2018-22 година. Иако буџетската правна помош по жител во земјава е зголемена од 0,16 евра во 2020 на 0,3 евра во 2022, останува еден од најниските во Европа.

Меѓудругото, извештајот ги идентификува главните трендови во судските системи на 44 европски земји и две земји набљудувачи- Израел и Мароко.

Од регионот, за судство најмногу одвојува Црна Гора, а најмалку Албанија по глава на жител. Во групата А – земји со БДП по глава на жител од 10 илјади евра, каде се наоѓа и Северна Македонија, најмногу по глава на жител одвојува Црна Гора – 60,5 евра или 0,76 проценти од БДП. Потоа следи Србија со 48,1 евро по глава на жител или 0,54 проценти од БДП. Босна и Херцеговина одвојува 43,6 евра по глава на жител или 0,64 проценти од БДП. Помалку од нас одвојува Албанија – 15,8 евра по глава на жител или 0,29 проценти од БДП.

Мишел Обама ја поддржа Камала Харис, Трамп побара поддршка од муслиманите

Камала Харис и Мишел Обама на митинг во Мичиген на 26 октомври 2024 год
Камала Харис и Мишел Обама на митинг во Мичиген на 26 октомври 2024 год

Републиканецот Доналд Трамп побара поддршка од муслиманските гласачи во Мичиген, додека Мишел Обама изрази поддршка за Камала Харис на митинг на демократите во оваа држава, еден од оние што ќе одлучуваат за претседателските избори во САД на 5 ноември.

Харис и Трамп се борат во Мичиген за гласачи кои вклучуваат арапско-американско и муслиманско население загрижени за израелското бомбардирање на Газа, објави Ројтерс.

Трамп на митингот во Детроит рече дека штотуку се сретнал со група локални имами и дека ја заслужува поддршката од муслиманските гласачи бидејќи ќе стави крај на конфликтот и ќе донесе мир на Блискиот Исток.

„Тоа е сè што сакаат“, рече Трамп во предградието на Детроит.

Трамп целосно го поддржува Израел, но не кажа како ќе стави крај на конфликтот на Блискиот Исток.

Во градот Каламазу во јужниот дел на Мичиген, Харис укажа на контрастот меѓу неа и Трамп за прашања како што се правата за абортус, даноците и здравствената заштита.

Мишел Обама, популарната сопруга на поранешниот претседател Барак Обама, ја разбранува толпата со навлегување на разлики меѓу двајцата кандидати во однос на личниот карактер и квалификациите, велејќи дека има двоен стандард во односот кон Трамп и Харис.

„Се надевам дека ќе ми простите што бев малку фрустрирана што некои од нас избираат да ја игнорираат грубата неспособност на Трамп, барајќи од Камала да нè заслепува на секој чекор“, рече поранешната прва дама, повикувајќи ги сите неопределени гласачи „да излезат од маглата“.


Во еден момент говорот на Харисова беше прекинат од демонстрант кој постојано извикуваше „Доста е од војната во Газа“.

„Во врска со темата Газа, мораме да ставиме крај на таа војна“, одговори Харис, а потоа продолжи таму каде што застана, барајќи од гласачите „да ја свртат страницата на стравот и поделеноста.


Националните анкети покажуваат дека оваа претседателска трка е меѓу најтесните во последните децении.

За претседателските избори во САД не одлучува народното гласање, туку гласањето на Изборниот колеџ, кој ги претвора изборите во 50 натпреварувања од држава до држава, при што 48 од 50 држави ги доделуваат сите свои електорски гласови на победникот. од нивните држави, или Харис или Трамп, додека Небраска и Мејн ги распределуваат своите гласови врз основа на пребројувањето на гласовите на државните и конгресните области.

Бројот на изборните гласови во секоја држава се заснова на населението, така што најголемите држави имаат најголемо влијание во одредувањето на вкупниот национален исход, а на победникот му се потребни 270 од 538 електорски гласови за да добие уште еден четиригодишен мандат во Белата куќа. почнувајќи од јануари.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG