Достапни линкови

Километар пруга до Бугарија може да чини 24 милиони евра


Мапа за планираната железничка пруга до Бугарија
Мапа за планираната железничка пруга до Бугарија

Обвинителството да истражи зошто планираната трета фаза од пругата кон Бугарија ќе чини 24 милиони евра за еден километар пруга, бара новиот министер за транспорт и врски Александар Николовски. Ревизорите откриле дека се платени 4,6 милиони евра провизија поради доцнење со проектите.

Планирана уште пред 150 години, пругата кон Бугарија, проект рекордер ветуван од сите политички партии во изминативе 30 години, треба да стане предмет на истрага на Обвинителството, смета новиот министер за транспорт и врски Александар Николовски.

Тој тврди дека Обвинителството треба да утврди зошто Јавното претпријатие државни патишта (ЈПДП) без објаснување и анализа ја зголемило проценетата вредност за над 200 милиони евра. Дополнително денеска истекува рокот за поднесување на понуди за тендерот „тежок“ 560 милиони евра за изградба на 23,4 километри железничка пруга, информираше новиот министер.

Тој обвинува дека претходната власт го темпирала огласот за јавната набавка за, како што вели, најскапата пруга во светот, да се реализира во период кога новата власт нема да може да направи некакви измени.

Станува збор за делницата од 23,4 километри од третата фаза од Коридорот 8 која треба да минува од Крива Паланка до Бугарија. Според пресметките на Николовски, ако се реализира овој тендер еден километар железничка пруга ќе чини 24 милиони евра, со што како што вели, ќе стане најскапата железничка пруга во светот што овозможува транзит на возови со брзина од 60 до 80 километри на час.

„ Се работи за железничка пруга која ќе минува среде град, буквално поминува среде Крива Паланка, ќе треба десетици или стотици куќи да се рушат, ќе треба да се иселува население, и најбитното, завршува во тунел кој што нема крај, затоа што според проектот и законите, предвидено е поврзувањето со Бугарија да оди преку тунел, кој што може да се изгради само до границата со Бугарија“, вели Николовски.

Прашање е дали е воопшто разгледувано какви се условите од другата страна за доградба на тунел од Бугарија во услови кога од другата страна нема направено ни проект за железничко поврзување со земјава на таков начин на кој што е направен македонскиот план.

Македонските железници возат во рикверц
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:36 0:00

За евентуално поништување на овој тендер, во оваа фаза од постапката не е можно, затоа што, како што вели Николовски, се уште нема депонирано потпис. Тој додава дека оваа пруга треба да се изгради, но прашање е дали по оваа цена и со тунел кој не води никаде.

Прашањето за пругата кон Бугарија влезе во фокусот на јавноста по ревизорскиот извештај за јавните инвестиции во кој е посочено дека проектите за изградба на железничката инфаструктура во првата и втората фаза кон исток се започнати уште во 1996 година и се уште не се завршени.

Ревизорите откриле дека вредноста на овие проекти е зголемена и платени се провизии за неповлечени пари во износ од 4,6 милиони евра поради неисполнети услови за ефективност на заемот во период од седум години. Тоа укажува на неефикасно управување со овие стратешки проекти, заклучуваат ревизорите.

„За проектот изградба на Коридор VIII од железничка инфраструктура кон исток, фаза 3, фазата на планирање и подготвување на проектот трае предолго и постои голем ризик од губење на ИПА грант средствата во износ од 60,7 милиони евра и идни фискални импликации поради потреба од обезбедување на дополнителни средства од Буџетот на државата“, се вели во ревизорскиот извештај.

Пругата кон Бугарија желба стара век и половина

Железничката линија Скопје – Ќустендил – Софија била проектирана уште во 1869 година од еврејскиот бизнисмен баронот Морис Хирш кој ја финасирал изградбата на железничката инфраструктура на Балканот.

Но, и по век и половина работите тапкаат во место и железничка пруга не минува по оваа траса. Иако пред неколку години двете земји со Договорот за добрососедство, македонскиот и бугарскиот министер за транспорт потпишаа и меморандум со точно наведени рокови, сериозно придвижување на работите нема.

Првиот проект за нејзина можна изградба е направен уште кон крајот на 80 тите години од минатиот век. Во предизборните ветувања почна да се промовира во 1994 година, во кампањата на поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски. Речиси во секој државен буџет беа предвидувани пари за пругата, но потоа беа пренаменувани за други потреби. Пари за неа ветуваше и министерот за финансии од Владата на Никола Груевски, Зоран Ставревски.

Речиси 90 километри пруга од Куманово до границата со Бугарија се гради скоро три децении. Нема висок функционер кој досега не се сликал со камен темелник на пругата и ветил дека само што не биднала.

Бугарската влада ја обвинува македонската дека не го почитува потпишаниот Договор во повеќе сегменти ,меѓу кои, и во делот за пробивањето на роковите за изградба на пругата. Според меморандумот потпишан на 1 август 2017 година од македонскиот тогашен министер за транспорт и врски Горан Сугаревски и неговиот бугарски колега Иваило Московски, трета фаза од Коридорот 8 според договореното од Крива Паланка до Деве Баир требаше да биде готова до 2025 година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG