Достапни линкови

Вести

Украинскиот премиер му порача на словачкиот дека договорот за руски транзит на гас нема да биде продолжен

Словачкиот премиер Роберт Фицо (лево) и неговиот украински колега Денис Шмихал на 7 октомври
Словачкиот премиер Роберт Фицо (лево) и неговиот украински колега Денис Шмихал на 7 октомври

Украинскиот премиер Денис Шмихал на 7 октомври му рече на словачкиот колега Роберт Фицо дека Киев нема да го продолжи договорот за транзит на гас со Русија кога ќе истече на крајот на годината, потег што веројатно ќе ги зголеми тензиите меѓу ЕУ и членката на НАТО и Украина, која има аспирации да се приклучат на двете организации.

„Украина уште еднаш вели дека нема да го продолжи транзитниот договор со Русија откако ќе истече“, рече Шмихал на заедничката прес-конференција со Фицо во пограничниот град Ужхород во западна Украина на 7 октомври.

„Стратешката цел на Украина е да го лиши Кремљ од профитот од продажбата на јаглеводороди кои агресорот ги користи за финансирање на војната“, рече тој.

Шмихал рече дека Киев ја разбира „акутната зависност“ на некои држави, вклучително и Словачка од снабдувањето со руски гас, но рече дека евентуалната диверзификација на испораката ќе ги надмине таквите прашања.

Шмихал, исто така, рече дека Украина и Словачка, кои делат граница од околу 100 километри се согласиле да основаат енергетски центар во Источна Европа користејќи ги ресурсите на значителните украински складишта за гас.

Фицо ја пофали континуираната посветеност на Киев за користење на неговите транзитни системи по истекот на договорот со Русија.

“Ја поздравувам нашата дискусија која потврди дека вие, како и ние, имате интерес транзитниот систем што го имате на украинска територија да продолжи да се користи, кога станува збор и на нафтата и на гасот“, рече Фицо.

Словачка, под рускиот пријателски лидер Фицо, и Украина се во расправија околу транзитот на руската нафта и гас, чиј извоз е главен извор на финансирање за Русија, која е под западни санкции од нејзината целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Во времето кога Москва ја започна својата инвазија, ЕУ беше во голема мера зависна од Русија за гас, но оттогаш таа бараше алтернативни набавки. Повеќето земји од ЕУ го бојкотираа увозот на руска нафта и гас, со исклучок на неколку, вклучувајќи ги Унгарија и Словачка.

Наводно е постигнат договор за продолжување на транзитот на руска нафта преку Украина, но испораките на гас ќе бидат сериозно ограничени доколку Киев го исполни ветувањето дека ќе ги прекине транзитните услуги на почетокот на 2025 година.

Испораките на рускиот гас во Европа преку гасоводот во моментов се ограничени на две рути: првата преку европскиот крак на Турски тек, заеднички проект на Газпром и Турција кој испорачува гас од Русија до Турција под Црното Море, а потоа понатаму до Централна и Југоисточна Европа; вториот преку Украина преку влезната точка Суџа на границата со Русија.

Актуелниот договор на Русија со Украина истекува на крајот на 2024 година.

Надвор од спорот за горивото, Фицо застана на своето силно противење на можниот влез на Украина во НАТО, истовремено велејќи дека ја одобрува кандидатурата на Киев за пристапување во Европската унија.

Фицо, заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбан се спротивставија на западната воена помош за Украина и извршија притисок за мировни договори кои се неприфатливи за Киев.

види ги сите денешни вести

Јужнокорејската писателка Хан Канг ја доби Нобеловата награда за литература

Јужнокорејската писателка Хан Канг
Јужнокорејската писателка Хан Канг

Јужнокорејската писателка Хан Канг ја доби Нобеловата награда за литература, соопшти Шведската кралска академија.

Во објаснувањето од академијата се наведува дека Канг е наградена за поетска во која се опишуваат историските трауми а воедно ја разоткрива кревкоста на човечкиот живот.

Канг е првата јужнокорејска добитничка на наградата која комисијата за доделување на Нобеловата награда ја нарекува личност „посветена на музиката и уметноста“. Во соопштението, исто така, се додава дека нејзината работа ги поместува границите со истражување на широк спектар на жанрови.


Хан Канг (53) е најпознатата јужнокорејска современа писателка и добитничка на Букеровата награда за нејзиниот роман „Вегетаријанец“ во 2016 година.

Меѓу имињата кои кружеа во книжевните кругови беа руската авторка и отворена критичарка на Путин, Људмила Улицка, кинескиот авангарден писател Кан Кју, како и британскиот писател Салман Ружди.

Шведската академија често става акцент на малку познати автори, иако минатата година наградата и припадна на француската феминистичка икона Ани Ерно.

Хан Канг е само осумнаесеттата жена што ја добила наградата откако таа се доделува од 1901 година.

Во последниве години, наградата ја добија три жени: гореспоменатата Ани Ерно, американската поетеса Луиз Глук и полската Олга Токарчук и тројца мажи: норвешкиот писател Јон Фосе, австрискиот писател Петер Хандке и танзанскиот писател Абдулразак Гурна.

Името на добитникот на Нобеловата награда за мир ќе биде објавено на 11 октомври, а за економијата на 14 октомври.

Конституиран новиот состав на економско-социјалниот совет

Северна Македонија - Бесар Дурмиши, министер за економија и труд
Северна Македонија - Бесар Дурмиши, министер за економија и труд

Економско - социјалниот совет (ЕСС) на денешната конституивна седница ќе ги разгледа барањата на социјалните партнери по што се очекува да се донесат заеднички одлуки и мерки, изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, кој е именуван за нов претседател на ЕСС.

„Ќе ги слушнеме барањата и на синдикатите и на работодавачите, односно на сите засегнати страни и на крај ќе донесеме заеднички одлуки и мерки бидејќи сите страни имаме една цел, а тоа е подобрување на стандардот на нашите граѓани. Ќе се разгледуваат сите барања кои ќе бидат поставени на денешната седница“, изјави Дурмиши.

Од Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ) и од Организацијата на работодавачи на 1 октомври, кога се одбележаа 100 дена од работата на Владата, изразија очекување дека наскоро ќе биде свикана седница на Економско - социјалниот совет за да се разговара за зголемување на минималната плата на 450 евра од сегашните околу 365 евра.

Од ССМ изјавија дека ништо не може да ги убеди дека нема услови за таа висина на минималецот, со образложение дека најголемиот дел од стопанствениците се подготвени да ја плаќаат оваа сума како минимална плата, но дека потребно е да се направи бизнис клима од страна на власта.

Минчев за укинувањето на „балансерот“: Министерството не коментира, туку спроведува одлуки

Горан Минчев, министер за јавна администрација
Горан Минчев, министер за јавна администрација

Министерот за јавна администрација Горан Минчев одговорајќи на новинарско прашање во врска со укинувањето на „балансерот“ од страна на Уставниот суд, порача дека Министерството не навлегува во содржината на одлуките, туку истите ги спроведува и применува. Тој потенцира дека владината коалиција има политички капацитет да почне со дијалог за да се најде соодветно решение кое би било солгасно уставот, но е на ставот дека не треба да се брза, туку да се отвори широка и јавна дебата.

„Министерството за јавна администрација не ја коментира одлуката на Уставниот суд, исто како и во првиот случај кога беше донесена времена мерка за стопирање на примената на одредени одредби од два закони кои се однесуваат на јавниот сектор и на административните службеници. Така и сега, Министерството не навлегува во содржината на одлуките, туку истите ги спроведува и применува. Првиот пат дадовме конкретни инструкции и насоки или пак упатство до сите државни институции, сега сепак би почекал да излезе комплетната содржина за оваа одлука од страна на Уставниот суд во службен весник и притоа би пристапиле кон реализација на истата“, рече Минчев на денешната прес-конференција.

Според него, правичната застапеност на ентичките заедници е многу важна уставна категорија. Но, останува на ставот дека не треба да се брза со содржината на евентуално ново решение.

„Мислам дека е подобро да се отвори широка и јавна дебата, во која што би се вклучиле сите заинтересирани страни, тука мислам на делот од владината коалиција, но исто така добра можност е да се повика и експертската и академската заедница со цел да се најде соодветно решение кое што ќе биде долгорочно, ќе биде солидно, ќе биде содржајно, и нема повторно да не доведе во ситуација на евентуална ваква одлука од страна на Уставниот суд“, додаде Минчев.

Коментирајќи ја синоќешната прес-конференција на ДУИ, посочи дека оваа политичка партија треба да се занимава со реформи, но реформите да не ги насочува кон јавната администрација, туку кон себе.

„Би ја поздравил идејата на ДУИ да се занимаваат со реформи, но би им препорачал тие реформи да не ги насочат кон реформите во јавната администрација, туку кон себе. Да ја реформираат својата партија, затоа што единствените реформи кои што ги направија во минатиот мандат, се реформите на зголемување на контото на своите приватни сметки и реформите кои што се зголемување на стапката на криминалот. Треба да сфатат дека се опозиција“, рече Минчев.

Прашан за коментар на изјавата на Халид Снопче од „Вреди“ дека веќе имаат подготвено драфт верзија на новиот Закон за етничка припадност која ќе ја поднесат во Собранието, Минчев рече дека не сака да коментира содржина која не ја видел. Но, повтори дека не сака избрзани решенија.

Уставниот суд вчера на седница донесе одлука за укинување на „балансерот“ - алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски образложи дека одлуката на судот е донесена со мнозинство гласови и нема да важи ретроактивно. Манипулација, ги нарече, тврдењата дека Уставниот суд укинал права на заедниците.

Ердоган во посета на Албанија

TURKEY-ALBANIA/
TURKEY-ALBANIA/

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган е во посета на Албанија. Ердоган денеска (10 октомври) беше примен од претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.

Подоцна, Ердоган ќе се сретне со премиерот Еди Рама за време на неговата посета на Тирана. Потоа ќе се одржи состанок на високиот албанско-турски совет за соработка, а на крајот се очекува да бидат потпишани неколку договори поврзани со образованието, земјоделството и медиумите.

Договорот за формирање на овој Совет беше потпишан во јануари 2021 година, додека првиот состанок се одржа во февруари годинава. Шест договори и меморандуми за разбирање беа потпишани во Анкара за време на посетата на премиерот Еди Рама на 20 февруари во областа на животната средина, земјоделството, медиумите и војската.

Министерот за одбрана Нико Пелеши во март годинава за време на говорот во Парламентот рече дека Турција е земја „со која имаме интензивна соработка на полето на безбедноста, одбраната и цивилните вонредни состојби“.

Тој најави дека во моментов се реализира поддршката на грант од 100 милиони турски лири за модернизација на вооружените сили, а со овој договор се обезбедени и три беспилотни летала „Бајрактар“.

Од доаѓањето на власт на Социјалистичката партија, премиерот Рама ја опиша Турција како стратешки партнер и изјави дека соработката меѓу двете земји ќе достигне досега непознати нивоа.

Турција е меѓу најголемите инвеститори во Албанија со околу 3,7 милијарди евра, додека повеќе од 15 000 Албанци се вработени во 830 турски компании кои работат во Албанија.

Свеченото отворање на Намазѓа џамијата ќе се одржи попладне, пред 17:00 часот. Изградбата на џамијата започна во 2015 година, а темелите ги постави турскиот претседател Ердоган.

На оваа важна церемонија за муслиманските верници нема да учествува поглаварот на албанската муслиманска заедница Бујар Спахиу, а нема да учествуваат ниту други лидери. Заедницата ќе ја претставува муфтијата на Тирана Газменд Теќја, кој ќе биде и поглавар на џамијата Намазѓа.

Намазѓа џамијата има површина од 10 000 метри квадратни и капацитет за 5000 верници. Нејзината изградба траеше 9 години.

Димитриеска-Кочовска: Не се согласувам со мерката за замрзнување на цените

Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финасии
Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финасии

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочовска уверува дека е против замрзнување на трговските маржи и според неа таквата мерка не носи никакви резултати.

„Никогаш не можам да се согласам со мерката на замрзнување на цени, маржи, тоа се сложени методологии за пресметка, и во државните институции нема доволно капацитет кој може точно да ги пресмета тие маржи и да потврди дека тоа е така. Во периодот кој следи очекувам да има промени во тој дел, и да не се продолжува на истиот овој начин, затоа што јас сметам дека ефектите нема да бидат толку големи колку што се очекува особено во услови кога имаме ниска инфлација“, појасни Димитриеска-Кочовска на денешната прес-конференција по повод отчетот 100 дена Влада.

Со Одлуката на Владата за посебни услови за трговијата на одделни стоки се врши ограничување на профитните маржи до 10 отсто на 73 основни прехранбени производи, поради што се очекуваше нивните цени да се намалат за 10 отсто. Оваа одлука Владата ја донесе на вонредна седница на 20 септември.

Спротивно на ова, како што рече, го подржува Законот за нефер трговски практики.

„Сметам дека тој повеќе ќе го регулира пазарот отколку овие математики кои ги правиме. Законот за нефер трговски практики многу поедноставно може да се проверува и следи во однос на она што значи замрзнување на цени. Јас сум човек што има став и не го менувам така едноставно, затоа што ниедна одлука досега не сум ја донела избрзано, ниту сум ја донела поради некаков инает, туку само врз база на тоа што значи анализа на бројки и воочување на реалноста“, одговори Димитриевска-Кочовска на прашањето дали била осамена во моментот на носењето на одлуката за маржите на Влада.

Независно од тоа дали била осамена или не, таа вели дека одлуката на Владата е конечна.

Законот за нефер трговски практики предвидува повеќе од 2500 земјоделски и прехранбени производи да имаат ограничени маржи до 10 отсто. Тој почна да ссе применува од 28 септември 2024 година.

Фон дер Лајен во посета на Молдавија, пред референдумот за членство во ЕУ

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и молдавската претседателка Маја Санду, 10 октомври 2024 година
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и молдавската претседателка Маја Санду, 10 октомври 2024 година

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска (10 октомври) ќе ја посети Молдавија за да разговара со претседателката Маја Санду и да покаже поддршка пред претседателските избори во земјата на 20 октомври и референдумот за членство во Европската Унија.

Санду ќе се бори за втор претседателски мандат на изборите, на кои ќе гласаат Молдавците и на референдум членството во ЕУ ќе биде запишано во Уставот како „стратешка цел“.

Молдавската полиција тврди сериозно руско мешање во изборите, што Москва го негира.

„Оваа посета ги нагласува сè поблиските односи меѓу Кишињев и Брисел“, се вели во соопштението на молдавскиот претседателски кабинет.

Санду, кој остро ја осуди руската инвазија на соседна Украина, ја предводи кандидатурата на Молдавија за пристапување во ЕУ и се надева дека ќе ја има нејзината земја во унијата до 2030 година. Поранешната советска република, лоцирана меѓу Украина и членката на ЕУ, Романија, ги започна официјалните преговори за пристап во ЕУ во јуни.

Односите меѓу Молдавија и Русија се влошија во последните години. Прозападната влада во Кишињев ја обвинува Москва дека се обидува да ја собори и се меша во внатрешните работи на земјата. Москва пак, ја обвинува Санду и нејзиниот тим за поттикнување русофобија.

Секоја осма жена во светот била жртва на сексуално насилство пред полнолетството

илустрација
илустрација

Повеќе од 370 милиони девојчиња и жени или една од осум во светот, биле жртви на силување или сексуална злоупотреба пред да наполнат 18 години, објави во четврток (10 октомври) Агенцијата на Обединетите Нации за децата (УНИЦЕФ).

Таа бројка се искачува на 650 милиони, или еден од пет, кога ќе се земат предвид „без-контактните“ форми на сексуално насилство, како што е онлајн или вербалната злоупотреба, соопшти УНИЦЕФ во, како што го нарече првото глобално истражување за овој проблем.

Ова се првите податоци на Агенцијата во врска со сексуалното насилство врз децата, на глобално ниво, а беа објавени еден ден пред Меѓународниот ден на девојчињата.

Доколку податоците вклучуваат и други форми на сексуално насилство, како што е она извршено на интернет или вербално насилство, тогаш бројката би била над 650 милиони, што значи дека секоја петта девојка се соочила со некаков облик на насилство, истакнува УНИЦЕФ.

Ситуацијата е посложена во најранливите региони, како што се оние со послаби институции, со присуство на мировните сили на Обединетите Нации или присуството на голем број бегалци кои бегаат од насилство и несигурност.

Извршниот директор на УНИЦЕФ Кетрин Расел го нарече сексуалното насилство врз децата „дамка на нашата морална совест“.

Момчињата и младите мажи се исто така погодени од сексуално насилство, објави агенцијата.

Се проценува дека меѓу 240 и 310 милиони момчиња, или приближно едно од 11, доживеале сексуално насилство или напад во детството.

Според податоците, најчестите случаи на сексуално насилство се случуваат во адолесценцијата, особено на возраст од 14 до 17 години, а оние кои го трпат се соочуваат со поголем ризик од сексуално преносливи болести, злоупотреба на супстанции и проблеми со менталното здравје.

„Влијанието дополнително се влошува кога децата го одложуваат откривањето на своите искуства или целосно ја кријат злоупотребата“, велат од УНИЦЕФ.

Регионите со најголем број случаи на сексуално насилство врз децата се субсахарска Африка, по што следат Источна и Југоисточна Азија, Централна и Јужна Азија и Европа и Северна Америка. Извештајот е составен по спроведено истражување во повеќе од 120 земји и територии во периодот од 2010 до 2022 година, соопшти УНИЦЕФ.

Зеленски на европска турнеја за да обезбеди воена и финансиска помош за Украина

Володомир Зеленски и Кир Стармер
Володомир Зеленски и Кир Стармер

Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен да започне турнеја низ неколку европски сојузници на Киев во обид да обезбеди дополнителна воена и финансиска помош за Украина додека таа се соочува со немилосрдни секојдневни воздушни напади и жестока руска офанзива на исток, којашто постепено напредува.

Патувањето на Зеленски, кое треба да започне на 10 октомври со средби во Лондон со британскиот премиер Кир Стармер и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, доаѓа откако на кратко беше откажан самитот на групата Рамштајн на главните поддржувачи на Украина.

Прес-службата на Зеленски соопшти дека тој ќе започне преговори „со клучните партнери од кои зависи воената компонента на нашето зајакнување“.

Портпаролот на Стармер им изјави на новинарите дека британскиот премиер „ќе ја повтори поддршката на Обединетото Кралство за Украина наспроти тековната руска агресија“.

Украинскиот лидер исто така треба да разговара со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, а потоа да отпатува во Рим на средби со италијанскиот премиер Џорџа Мелони на 10 октомври и папата Франциск во Ватикан на 11 октомври.

Состанокот на Макрон со Зеленски „ќе му даде можност на претседателот да ја потврди решеноста на Франција да продолжи да ја поддржува, на долг рок и со сите свои сојузници, Украина и украинскиот народ“, се вели во соопштението од Кабинетот на францускиот претседател.

Зеленски потоа треба да замине во Германија на консултации со канцеларот Олаф Шолц на 11 октомври.

Самитот на групата Рамштајн планиран за 12 октомври, како и таканаречената четворна средба на САД, Велика Британија, Франција и Германија за разговори за Украина, беа одложени откако американскиот претседател Џо Бајден го откажа своето патување во Европа поради опасноста од ураганот Милтон.

Зеленски се обидува да обезбеди што е можно повеќе воена и финансиска помош пред претседателските избори во САД следниот месец.

Соединетите Држави беа главниот поддржувач на Украина и убедливо главниот придонесувач во однос на финансиската и воената помош, но победата на Доналд Трамп на изборите може да фрли сомнеж за континуираната поддршка на Вашингтон за Киев.

Инаку Зеленски на 9-ти октомври присуствуваше на самитот со балканските лидери во Хрватска, каде што ја истакна важноста на европското единство за траен мир.

Учесниците на самитот донесоа декларација со која се осудува руската агресија врз Украина се поддржуваат мировните напори на Зеленски, членството на Украина во НАТО и нејзината реконструкција по војната.

Во меѓувреме, регионалните власти објавија дека руските сили ги гранатирале украинските региони Дњепропетровск и Запорожје, при што биле ранети неколку луѓе.

Израел соопшти дека елиминирал член на Хезболах во Голанската висорамнина

илустрација
илустрација

Израелската војска соопшти дека елиминирала член на Хезболах во Сирија, кој пренесувал разузнавачки информации против Израел во Голанската висорамнина окупирана од Израел. Во меѓувреме сириските медиуми во четвртокот објавија дека израелските воздушни напади погодиле цели во Сирија, пишува Ројтерс.

Израел, кој со години извршуваше напади врз цели поврзани со Иран во Сирија, ги засили нападите по нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври 2023 година. Хамас е прогласена за терористичка рганизација од САД и ЕУ.

Одмаздата на Израел за нападот на Хамас, ескалираше со испраќање војници во Либан и воздушни напади во Иран, Јемен и Сирија за да ги ловат милитантите поддржани од Иран, зголемувајќи ги стравувањата од поширок конфликт на Блискиот Исток во кој би можеле да бидат вклучени Иран и САД.

Копнените судири меѓу израелските сили и Хезболах, кој исто така е поддржан од Иран, се разгореа по должината на планинската граница на јужен Либан во средата, додека Блискиот Исток беше во состојба на готовност во очекување на одговорот на Израел на минатонеделниот ирански ракетен напад.

Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговараа за потенцијалната израелска одмазда против Иран во средата, во разговор што двете страни го оценија како позитивен. Двајцата разговараа за плановите на Израел во 30-минутен разговор, при што Бајден го повика Нетанјаху да ја минимизира штетата на цивилите во Либан, соопшти Белата куќа.

Израел вети дека ќе го натера главниот непријател Иран да плати за својот ракетен напад, кој предизвика мала штета, додека Техеран рече дека секоја одмазда ќе биде дочекана со широко распространето уништување, предизвикувајќи загриженост за пошироки борби во регионот што произведува нафта.

Бајден даде коментари минатата недела со кои го обесхрабрува Израел да ги нападне нафтените полиња во Иран и рече дека нема да го поддржи Израел да ги нападне иранските нуклеарни постројки.

Израелската војска во четврток (10 октомври) соопшти дека елиминирала двајца команданти на Хезболах во јужен Либан и дека нејзините воени авиони нападнале складишта за муниција во областа Бејрут и складишта за муниција и друга воена инфраструктура во јужен Либан во средата.

Израелските одбранбени сили во средата објавија дека го елиминирале Адам Јахут, член на „терористичката мрежа Голан“ на Хезболах во областа Кунеитра во Сирија.

ИД соопшти дека улогата на Јахут била да пренесува информации од извори на сирискиот режим до Хезболах и да пренесува разузнавачки информации собрани на сирискиот фронт за да ги олесни операциите против Израел на Голанската висорамнина.

Израел ја освои Голанската Висорамнина во војната на Блискиот Исток во 1967 година и ја анектираше областа, која повеќето земји не ја признаа.

Руските сили собориле 92 украински дрона

илустрација
илустрација

Руската војска во четврток (10 октомври) објави дека соборила 92 украински беспилотни летала, од кои повеќето над југозападот на земјата, пишува АФП.

Русија известува дека речиси секојдневно соборува украински беспилотни летала над нејзина територија. Киев вели дека цел на нападите се енергетски локации, како одговор на руското бомбардирање на неговата територија.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека 47 беспилотни летала биле соборени над регионот Краснодар, кој се наоѓа на југозападниот дел на земјата покрај Црното Море.

„Петнаесет беспилотни летала беа соборени над Азовското Море, 12 над пограничниот регион Курск, а останатите над други региони кои се граничат или се блиску до Украина“, се вели во соопштението на Министерството.

Киев ги засили нападите врз рускиот енергетски сектор во последниве месеци, со цел да ги прекине приходите што Москва ги користи за финансирање на она што Кремљ ја нарекува својата специјална воена операција во Украина, која навлезе во третата година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG