Достапни линкови

Вести

Повеќе од 100 000 лица од Либан преминале во Сирија

илустрација
илустрација

Повеќе од 100 000 луѓе под Либан преминале во Сирија по ескалацијата на конфликтот меѓу израелските сили и либанската група Хезболах овој месец, изјави денеска високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.

„Меѓу бегалците има и либански и сириски државјани“, напиша тој на социјалната мрежа X.

Инаку УНХЦР обезбедува помош за бегалците кои пристигнуваат на четири гранични премини.

Во меѓувреме, во последниот израелски напад врз центарот на Бејрут биле убиени тројца членови на палестинската милитантна група Народен фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП) и лидерот на Хамас во Либан, Фатех Шериф Абу ел Амин. Милитантното движење Хамас е прогасено за терористичка организација од ЕУ и САД.

Во израелскиот напад загинаа член на политичкото биро и шеф на воено-безбедносниот оддел Мохамед Абед Ал-Ал, член на воениот оддел и воената команда во Либан Имад Одех и Абдул Рахман Абед Ал-Ал.

Тоа е прв напад врз центарот на Бејрут од војната во 2006 година.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека повеќе од 1000 Либанци биле убиени и 6000 ранети во последните две недели, без да прецизира колку од нив се цивили. Владата рече дека милион луѓе или една петтина од населението ги напуштиле своите домови.

Голем број највисоки функционери на Хезболах, вклучително и неговиот лидер Саид Хасан Насрала, беа убиени во израелските бомбардирања во текот на две недели.

види ги сите денешни вести

Американски државјанин наводно се изјаснил за виновен дека се борел за Украина

Судот во Москва (фотоархива)
Судот во Москва (фотоархива)

Стивен Хабард, 72-годишен државјанин на САД, пред судот во Москва се изјаснил за виновен по обвиненијата за платенички активности, објавија државните медиуми во Русија.

Како што пренесува РИА Новости, тој за време на сослушувањето во судот признал дека добил пари за да се бори за Украина со цел да помогне во одвраќањето на инвазијата од руските вооружени сили.

„Да, се согласувам со обвинението“, е цитат кој медиумите го пренесуваат од Хабард за време на рочиштето во судот во Москва на 30 септември.

Обвинителите тврдат дека Хабард потпишал договор со украинската единица за територијална одбрана во градот Изум кога Русија ја започнала својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Според обвинителството, Хабард се согласил да се бори за Украина за 1.000 долари месечно и наводно добивал обука, оружје и муниција.

Тој беше уапсен од руски војници на 2 април 2022 година.

Амбасадата на САД во Москва не ја коментираше ситуацијата поради, како што рече, ограничувањата на приватноста.

Минатата недела, московскиот суд му одреди на Хабард притвор најмалку до 26 март 2025 година.

Хабард е роден во Мичиген, а државните медиуми во Русија претходно објавија дека тој се преселил во Харкив во источна Украина во 2014 година.

Што се случувало со Хавард односно дали и какви мерки имало за него претходно останува непознато бидејќи немаше известувања или официјални изјави за неговото апсење и за тоа како завршил во Москва.

На крајот на мај 2022 година, три месеци откако Русија ја започна својата агресија против Украина, канали на Телеграм и медиумите блиски до руската влада објавија видео од човек кој тврди дека е Стивен Џејмс Хабард, кој вели дека се преселил во градот Изум во регионот Харкив.

Тој, наводно, бил сведок како украински вооружени сили „го гранатираат Изум за пропагандни цели и создавање паника меѓу локалното население“.

Не е јасно под кои околности или каде е снимено видеото, но на Фејсбук профил со името Триша Хабард Фокс во објава на 27 мај таа пишува дека нејзиниот брат Стивен Џејмс Хабард бил „киднапиран во Украина пред речиси три години“ и дека постојат две видеа од него на кои се гледа како го врзуваат и тепаат „руски чеченски бунтовнички војници“.

Неколку американски државјани останаа зад решетки во Русија по размената на затвореници што се случи на 1 август во која Москва се согласи да ослободи 16 лица во замена за осум Руси осудени за злосторства и отслужуваа затворски казни во САД и Европа.

Американските граѓани, како новинарката на РСЕ Алсу Курмашева, новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович и поранешниот американски маринец Пол Вилан, беа меѓу ослободените од Русија.

ИЈЗ: Минатата недела 45 нови случаи со ковид, починале две лица

Илустрација.
Илустрација.

Во текот на изминатата недела (23-29 септември) регистрирани се 45 позитивни случаи на ковид-19 од вкупно 341 тестиран граѓани, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Бројот на нови позитивни случаи во споредба со една недела претходно, кога имало 64 новозаразени, е намален за речиси 30 отсто.

Во извештајот на ИЈЗ се наведува дека во текот на минатата недела „пријавени се две починати лица асоцирани со ковид-19“.

Лицата се од Демир Хисар и Охрид и се во возрасната група над 65 години.

„Лицата се вакцинирани со две и три дози против ковид-19 (поминати се три години од последната доза на вакцина), со регистрирани коморбидитети. Едното позитивно лице е починато во болнички, а другото во домашни услови“, велат од ИЈЗ.

Во текот на 2024 година, заклучно со 29 септември, во Северна Македонија официјално се регистрирани 1.889 заболени лица со ковид, како и 23 смртни случаи асоцирани со коронавирусот.

Првиот случај на ковид-19 во земјава се појави на 26 февруари 2020 година. Од тогаш, па се до вчера, пријавени се вкупно 351.985 заболени лица. Вкупниот број на починати, пак, изнесува 10.002.

Се намалува возраста на лица со срцеви заболувања

Илустрација
Илустрација

Се намалува возраста на лица со срцеви заболувања и затоа неопходно е да се дејствува превентивно и врз работи на кои може да се влијае.

Ваква порака испратија од Македонското здружение по кардиологија на денешното одбележување на Денот на срцето.

„Тоа е фактички придонес од севкупниот начин на живот, темпото на живот. Покрај многуте други фактори, можеби еден од најголемите, исто така е и факторот стрес. Тоа е причината што многу млади луѓе се јавуваат со проблематики, симптоми. Во многу порана возраст од тоа што беше случај во претходните години. Секако дека тука е семејната оптовареност исто така, секој пациент е индивидуа сам за себе“, рече докторот Јогро Костов како претставник на здружението.

За разлика од пред дваесетина години, кога не било случај, како што рече докторот, денес веќе има пациенти со акутна симптоматологија кои се на возраст од 35 и 40 години, а некогаш и на 30 години.

„Тоа не беше така пред дваесетина години. Од стресот не може да се избега, па ќе мора да се најде некој баланс во работите што може да се променат. Може да се променат исхраната, физичката активност, честотата на превентивни кардиолошки прегледи, да се прекине со пушењето, тоа е она што може да се направи“, рече Костов.

Слични совети упати и директорот на Клиниката за кардиологија, Беким Поцеста. Како што рече, потребни 150 минути умерена физичка активност неделно, водење грижа за исхраната, регулирање на шеќерот и мастите во крвта, прекинување на употребата на никотин и ограничување на алкохолот.

Кога е во прашање свесноста на пациентите за заболувањата, докторот Костов посочи дека во последните години таа е на повисоко ниво односно пациентите порано доаѓаат на преглед. Иако се задоволни од ваквиот тренд како лекари, тој порача дека има простор и за уште поголемо подигање на свесноста.

Денот на срцето – 29 септември, Македонското здружение по кардиологија го одбележа денеска.

Во последниот извештај за кардиоваскуларни заболувања на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објавен на 27 септември, се нагласува дека овој тим на болести се водечка причина за смрт на глобално ниво и „тие предизвикуваат повеќе смртни случаи отколку сите други причини заедно и ги зафаќаат најмногу земјите со низок и среден приход“.

Во Република Северна Македонија, како што се нотира, во 2023 година од болести на циркулаторниот систем починале 8.836 лица што значи дека стапката на смртност била 483 лица на 100.000 жители. Како што забележува ИЈЗ, болестите на циркулаторниот систем учествуваат со 43,8 отсто во вкупниот морталитет и се на прво место во структурата на причини за смрт.

Најмалку 90 лица загинаа во ураганот Хелен во САД

Последици од угаранот Хелен во Флорида, 28 септември 2024 г.
Последици од угаранот Хелен во Флорида, 28 септември 2024 г.

Најмалку 90 лица загинале во ураганот Хелена, кој на крајот на минатата недела ги погоди југоисточните држави на САД, објави Ројтерс врз основа на податоци од локалните власти во Јужна и Северна Каролина, Флорида, Џорџија, Вирџинија и Тенеси.

Ураганот предизвика катастрофални поплави од Флорида до Вирџинија и нанесе и голема материјална штета.

Милиони луѓе останаа без струја и со уништени домови, патишта и мостови.

Според последните податоци, најмногу од жртвите – 36, загинале во Северна Каролина.

Јужна Каролина пријавила 25 смртни случаи, Џорџија 17, а Флорида 11. Вирџинија пријавила два смртни случаи, исто како и Тенеси.

Се стравува дека бројот на загинати може да биде поголем.

Осигурителните компании проценуваат дека штетата би можела да биде меѓу 15 и повеќе од 100 милијарди долари.

Европејците најмногу стравуваат од климатските промени, покажува истражување на Евробарометар

Илустрација
Илустрација

Граѓаните на Европската Унија (ЕУ) сметаат дека најмногу се изложени на ризици поврзани со влијанието на климатските промени, но и од безбедносните и социјалните предизвици, па затоа мнозинството од нив сметаат дека им се потребни повеќе информации за да бидат подготви за реакција во случај на елементарни непогоди и вонредни ситуации. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на Евробарометар објавени на 30 септември.

Како што соопшти Европската комисија, во истражувањето спроведено во сите 27 земји членки на ЕУ, граѓаните биле прашани за мислење за нивната изложеност на ризици од непогоди, нивното ниво на знаење за реакција на нив, како и за изворите што ги користат за да дознаат за ризиците од непогоди.

Во дури 17 членки на ЕУ, граѓаните изјавиле дека најмногу стравуваат од ризици предизвикани од екстремните временски услови, како што се невремиња, суши или топлотни бранови.

За разлика од нив, најголем процент од жителите на Португалија, Кипар и Бугарија стравуваат од шумски пожари, а Швеѓаните, Данците и Чесите од кибер закани. Германците најмногу стравуваат од политички или геополитички тензии, Естонците од нанесување штети на критичната инфраструктура, а Финците од вонредни здравствени состојби.

Речиси две третини од испитаниците во анкетата изјавиле дека им се потребни повеќе информации за да бидат подготвени за реагирање при елементарни непогоди и вонредни ситуации, а над една третина дека имаат потешкотии во пронаоѓањето релевантни информации за овие прашања, објавени од властите и соодветните служби.

Речиси 40 отсто од испитаниците оцениле дека немаат доволно време или финансиски средства за да се подготват за евентуални непогоди или вонредни ситуации, но истовремено сметаат дека подобрата подготовка за реакција во вакви случаи ќе ја зголеми нивната индивидуална отпорност.

Мнозинството граѓани на ЕУ рекле дека веруваат оти службите за вонредни состојби се подготвени за адекватно справување со непогоди, како и за обезбедување информации и издавање предупредувања.

Но, од друга страна, анкетираните изјавиле дека при вонредни состојби повеќе се потпираат на членовите на семејството и пријателите, отколку на службите за итни случаи, невладините организации или локалните власти или државни агенции.

Речиси две третини од граѓаните на ЕУ рекле дека никогаш не учествувале во доброволна акција за поддршка на организациите за реакции при итни случаи или во иницијативи за зголемување на отпорноста при непогоди, додека само седум отсто од нив моментно се ангажирани во вакви активности.

Според еврокомесарот за справување со кризи Јанез Ленарчич, клучна компонента на отпорноста при катастрофи е населението да биде свесно за ризиците и подготвено за реакција.

„Треба да ги имаме предвид различните опасности, да бидеме соодветно подготвени и да изградиме отпорност во нашето општество. Ова ќе им помогне на луѓето да бидат подобро подготвени за ризиците со кои може да се соочат. Тоа ќе придонесе и за зајакнување на личната подготвеност, а луѓето ќе можат да продолжат да сметаат и на службите за итни случаи“, додаде Ленарчич.

Тој нагласи дека ова истражување на Евробарометар дава вредни информации за нивото на свесност на Европејците за ризикот од непогоди и ќе придонесе за подобра подготвеност на европските општества за реакции во вонредни случаи.

ЕУ има на располагање неколку алатки за справување со вонредни состојби. На прво место е Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, во кој покрај 27-те членките на Унијата се вклучени и пет земји од Западниот Балкан (Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора), како и Исланд, Молдавија, Норвешка, Турција и Украина.

Целта на овој Механизам е подобрување на превенцијата, подготвеноста и способноста за одговор на вонредни состојби.

Кога некој вонреден настан ќе ги надмине можностите за одговор на една земја, таа може да побара помош преку овој Механизам. Од неговото основање во 2001 година, Механизмот за цивилна заштита на ЕУ досега е активиран за над 600 итни случаи.

Обвинет за двојното убиство на Вања и Панче е во тешка состојба на нефрологија

Илустрација
Илустрација

Во тешка состојба, со речиси откажан бубрег е префрлен на клиниката за нефрологија обвинетиот велешанец Боре Видески во случајот за двојното убиство на 14 годишаната Вања Ѓорчевска од Скопје и пензионерот од Велес, 74 годишниот Панче Жежовски. Ова за Радио Слободна Европа го потврди и неговиот адвокат Бојан Манев, кој вели дека во неконтактибилна состојба неговиот клиент вчера утрото бил транспортиран од притвор на клиниката. Тој во минатото има трансплантиран бубрег, и веќе подолго време се жалел на болки.

„Првично бил однесен во Градската болница „8 Септември“, по што го транспортирале на скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“. Веднаш му е извршена дијализа, но според моите информации се уште е во лоша здравствена состојба. Претпоставките се дека ќе треба подолго време да заздрави, што би можело да трае и повеќе од еден месец. Не знам што да ви кажам, бубрегот како да му е пред распаѓање, сепак дијагнозата треба да ја постават лекарите“, вели адвокатот Манев за РСЕ.

Видевски е еден од петтемина обвинети за грабнување и убиство во судскиот процес кој започна пред десет денови. Сите се изјаснија дека не се виновни. Видевски се наоѓа во притвор од почетокот на декември лани кога беше уапсен како осомничен за делата. И претходно во неколку наврати е носен на интервенција на клиника.

„Точно, можам да потврдам дека тој во моментов е хоспитализиран на нашата клиника, заради влошување на бубрежната функција. Претходно пациентот е со трансплантиран бубрег“, вели Никола Ѓорѓиевски, директор на Универзитетската клиника за нефрологија.

Според обвинението на 22 ноември 2023 година, петтемина обвинети заеднички извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, Љупчо Палески Палчо му пукал во глава, по што го заплениле возилото „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања беше грабната на 27 ноември, од влезот на нејзината зграда кога утрото се упатила кон училиште. Сторителите според обвинителството ја ставиле во вреќа за спиење па во багажот на „Цитроенот“ и во близина на Скопје исто така Палчо и пукал во главата додека на пиштолот ставил перниче за да не предизвика внимание. Улогата на Видевски според обвинителстовто била да помага во онеспособувањето и транспортот на жртвите. Двајцата беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Од Кривичниот суд во Скопје велат дека се известени за здравствената состојба на обвинетиот и чекаат дополнителни информации за текот на лекувањето. За сега следното рочиште не е отповикано.

Судењето треба да продолжи на 7-ми октомври, а мајката, бабата и детото на Вања треба да се појават како сведоци.

МНР: Нема македонски државјани кои се обратиле за помош или евакуација од Либан

Министерство за надворешни работи и трговија (архивска фотографија)
Министерство за надворешни работи и трговија (архивска фотографија)

До овој момент, нема македонски државјани кои се обратиле за помош или евакуација од Либан, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

„Поради влошенета безбедносна ситуација во Либан, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија во неколку наврати ги повика сите наши државјани кои се наоѓаат во оваа држава, да ја напуштат во прва можна прилика и апелираше да се одложат сите патувања кон оваа држава, кои не се неопходни“, посочуваат од Министерството.

Оттаму додаваат дека Министерството ги ставило сите свои капацитети за асистенција на нашите државјани преку 24 часовниот СОС дежурен телефон на Министерството за надворешни работи +389 75 268 736 (мејл адреса: globalsos@mfa.gov.mk).

„До овој момент нема наши државјани кои се обратиле до Министерството за помош или евакуација, ниту е пристигнато известување дека има наши државјани кои се наоѓаат во земјата“, наведуваат од Министерството.

Во меѓувреме, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел за попладнево закажа вонреден онлајн состанок на шефовите за дипломатии на членките на Унијата со единствена точка на дневниот ред – актуелната состојба во Либан.

„Нашата порака е многу јасна, изразуваме жалење за цивилните жртви и бараме итен прекин на огнот, истакна портпаролот за надворешни работи и безбедносна политика на ЕК, Петер Стано“, додавајќи дека ЕУ својот став за случувањата во Либан го искажа во минатонеделната изјава на Борел.

Повеќе од 100.000 луѓе од Либан преминале во Сирија по ескалацијата на конфликтот меѓу израелските сили и либанската група Хезболах овој месец, изјави денеска високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.

Либанската новинска агенција (ННА) јави дека израелската армија изутрината извршила нов воздушен напад во областа Чија, во јужните предградија на Бејрут. Претходно, израелската армија (ИДФ) соопшти дека во текот на ноќта извршила воздушни напади во регионот Бека, источен Либан. Според ИДФ, нападите биле насочени кон десетици ракетни фрлачи и магацин за оружје на Хезболах. При нападите врз јужниот дел на Либан елиминиран е лидерот на Хамас, Фатех Шериф Абу ел Амин. Во нападот врз палестинскиот бегалски камп во Тир загинаа и сопругата, жерката и синот на Амин.

Според либанското Министерство за здравство во последните израелски напади загинале повеќе од 100 луѓе, додека бројот на жртвите во изминатите две недели се искачи на над 1.000, а околу 600 се повредени.

Касим: Хезболах ќе избере нов лидер што поскоро

Наим Касем, заменик шеф на Хезболах
Наим Касем, заменик шеф на Хезболах

Хезболах „во првата можност“ ќе избере наследник на убиениот генерален секретар Сајед Хасан Насрала и ќе ја продолжи борбата против Израел, изјави на 30 септември заменик-шефот на групата поддржана од Иран, Наим Касем.

Како што јавува Ројтерс, тој ова го изјавил во телевизиски настап, што е прво појавување на функционер на Хезболах, чие воено крило САД го смета за терористичка организација, откако беше убиен Насрала.

Хезболах, милитантната група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан, рече дека Насрала бил убиен во израелските воздушни напади врз главниот град Бејрут на 27 септември.

Смртта на Насрала е „голема загуба и срам“ за Иран, рече Али Фатолах-Неџад, директор на Центарот за Блискиот Исток и глобален поредок со седиште во Берлин.

Тоа е „најтешкиот удар за регионалната позиција на Техеран“ од убиството на иранскиот врховен командант Касем Сулејмани во американски воздушен напад во Ирак во 2020 година, изјави Фатолах-Неџад претходно за Радио Фарда, иранскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Насрала беше избран за шеф на Хезболах кога имаше 32 години. Со значителна финансиска и политичка помош од Техеран, тој го претвори Хезболах во моќен политички и воен ентитет во Либан и главен играч во регионот.

Вонреден состанок на шефовите на дипломаттите на ЕУ посветен на Либан

илустрација
илустрација

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел за попладнево закажа вонреден онлајн состанок на шефовите за дипломатии на членките на Унијата со единствена точка на дневниот ред-актуелната состојба во Либан.

Како што информира портпаролот за надворешни работи и безбедносна политика на Европската комисија, Петер Стано на оваа неформално заседание, шефовите на дипломатии ќе расправаат за развојот на настаните во Либан по влошувањето на состојбата на теренот.

„Нашата порака е многу јасна, изразуваме жалење за цивилните жртви и бараме итен прекин на огнот“, истакна Стано, додавајќи дека ЕУ својот став за случувањата во Либан го искажа во минатонеделната изјава на Борел.

Стано додаде дека ова е неформално заседание на Советот за надворешни работи, па од таму на него нема да се носат никакви одлуки, туку министрите само ќе разменат мислења и ќе ги изнесат ставовите на своите земји за случувањата на теренот, со што ќе може да разговараат за реакцијата на ЕУ и следните чекори во однос на Либан, Израел и настаните во регионот.

Во минатонеделната реакција последните случувања на Блискиот Исток, Борел порача дека секоја натамошна ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах би имала драматични последици за регионот, но и пошироко.

Тој повика на преземање итни мерки за деескалација на состојбата, прогласување ефикасен прекин на огнот, ставање крај на прекуграничните закани и на целосна имплементација на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН. Борел нагласи и дека ЕУ ја повикува меѓународната заедница да се мобилизира за поддршка на тековните дипломатски напори за постигнување мир.

Тошковски: МВР жестоко ќе одговори на секој обид за дестабилизација

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи
Панче Тошковски, министер за внатрешни работи

Обидите за подгревање на меѓуетничките тензии се реалност за која надлежните служби проследуваат соодветни информации, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на отворањето на регионален центар за обука во полицискиот центар во Ѓорче Петров.

Тој уверува дека Министерството за внатрешни работи е подготвено да одговори на предизвици кои ќе бидат насочени кон дестабилизација на земјата.

„Доколку има такви предизвици во иднина, жестоко ќе одговориме. МВР е подготвено соодветно да одговори на секое она дејствие кои ќе биде насочено кон дестабилизација на државата. Многупати досега во јавноста беше истакнато дека службите во рамки на институционалните форми кои што ги имаме во државата, а се занимаваат со овој тип на надлежност, проследуваа и проследуваат соодветни информации до надлежните раководни органи, а истите беа споделувани соодветно и со премиерот и со претседателката. Сето она кое сме го говореле во минатото од аспект на обиди, видовме дел од нив во овие месец дена, од аспект на обиди за подгревање меѓуетнички тензии, дека се реалност. Соодветно одговоривме, соодветно ќе одговориме и во иднина“, порача министерот Тошковски.

Првиот човек на полицијата истакна дека МВР ги има соодветните капацитети за да одговори на начин на кој што ќе биде потребно, со цел сите граѓани да се чувствуваат безбедно и мирно и во рамки на тој безбеден и мирен систем да ги остваруваат своите права.

Тој меѓудругото, дополни дека во изминатиот период МВР отворило голем број истраги и вети резултати таму каде што ќе бидат обезбедени соодветни докази за евентуални прекршувања на законот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG