Достапни линкови

Вести

Израелски напад во центарот на Бејрут, загинале тројца палестински лидери

Полицајци на местото на израелскиот напад, во Кола, централен Бејрут, Либан, 30 септември 2024
Полицајци на местото на израелскиот напад, во Кола, централен Бејрут, Либан, 30 септември 2024

Народниот фронт за ослободување на Палестина (PFLP) во Либан објави дека тројца негови членови биле убиени во воздушен напад рано наутро во Бејрут во близина на мостот Кола, на главната раскрсница во градот.

Ова е првпат локација во границите на либанската престолнина да биде погодена во актуелната војна. Тоа е и прв напад врз центарот на Бејрут по војната во 2006 година.

Вооружената група соопшти дека се убиени Мохамед Абед Ал-Ал, член на нејзиното политичко биро и шеф на одделот за воена безбедност, Имад Одех, член на воениот оддел и воената команда во Либан и Абдул Рахман Абед Ал-Ал.

ПФЛП вети дека „ќе го продолжи патот на борбата и отпорот додека окупацијата не биде збришана, без оглед на тоа колку време е потребно и колку се големи жртвите“.

Во неделата, Израел започна воздушни напади против Хутите во Јемен и десетици цели на Хезболах низ Либан, откако претходно уби лидер на Хезболах.

Министерството за здравство со кое раководат Хутите соопшти дека најмалку четири лица загинале, а 29 се ранети во воздушните напади врз јеменското пристаниште Ходеида, за кои Израел рече дека биле одговор на ракетните напади на Хутите.

Властите во Либан соопштија дека најмалку 105 луѓе биле убиени во израелските воздушни напади во неделата.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека повеќе од 1000 Либанци биле убиени и 6000 ранети во последните две недели, без да прецизира колку од нив се цивили. Владата рече дека милион луѓе или една петтина од населението ги напуштиле своите домови.

Голем број највисоки функционери на Хезболах, вклучително и неговиот лидер Саид Хасан Насрала, беа убиени во израелските бомбардирања во текот на две недели.

Израел вети дека ќе ја продолжи офанзивата и вели дека сака повторно да ги обезбеди северните области за жителите кои биле принудени да избегаат од ракетните напади на Хезболах.

Соединетите Држави повикаа на дипломатско решение на конфликтот во Либан, но исто така ја овластија својата војска да зајакне во регионот. Американскиот претседател Џо Бајден, запрашан дали може да се избегне сеопфатна војна на Блискиот Исток, рече: „Мора да биде“. Додаде дека ќе разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

види ги сите денешни вести

Вонреден состанок на шефовите на дипломаттите на ЕУ посветен на Либан

илустрација
илустрација

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел за попладнево закажа вонреден онлајн состанок на шефовите за дипломатии на членките на Унијата со единствена точка на дневниот ред-актуелната состојба во Либан.

Како што информира портпаролот за надворешни работи и безбедносна политика на Европската комисија, Петер Стано на оваа неформално заседание, шефовите на дипломатии ќе расправаат за развојот на настаните во Либан по влошувањето на состојбата на теренот.

„Нашата порака е многу јасна, изразуваме жалење за цивилните жртви и бараме итен прекин на огнот“, истакна Стано, додавајќи дека ЕУ својот став за случувањата во Либан го искажа во минатонеделната изјава на Борел.

Стано додаде дека ова е неформално заседание на Советот за надворешни работи, па од таму на него нема да се носат никакви одлуки, туку министрите само ќе разменат мислења и ќе ги изнесат ставовите на своите земји за случувањата на теренот, со што ќе може да разговараат за реакцијата на ЕУ и следните чекори во однос на Либан, Израел и настаните во регионот.

Во минатонеделната реакција последните случувања на Блискиот Исток, Борел порача дека секоја натамошна ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах би имала драматични последици за регионот, но и пошироко.

Тој повика на преземање итни мерки за деескалација на состојбата, прогласување ефикасен прекин на огнот, ставање крај на прекуграничните закани и на целосна имплементација на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН. Борел нагласи и дека ЕУ ја повикува меѓународната заедница да се мобилизира за поддршка на тековните дипломатски напори за постигнување мир.

Тошковски: МВР жестоко ќе одговори на секој обид за дестабилизација

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи
Панче Тошковски, министер за внатрешни работи

Обидите за подгревање на меѓуетничките тензии се реалност за која надлежните служби проследуваат соодветни информации, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на отворањето на регионален центар за обука во полицискиот центар во Ѓорче Петров.

Тој уверува дека Министерството за внатрешни работи е подготвено да одговори на предизвици кои ќе бидат насочени кон дестабилизација на земјата.

„Доколку има такви предизвици во иднина, жестоко ќе одговориме. МВР е подготвено соодветно да одговори на секое она дејствие кои ќе биде насочено кон дестабилизација на државата. Многупати досега во јавноста беше истакнато дека службите во рамки на институционалните форми кои што ги имаме во државата, а се занимаваат со овој тип на надлежност, проследуваа и проследуваат соодветни информации до надлежните раководни органи, а истите беа споделувани соодветно и со премиерот и со претседателката. Сето она кое сме го говореле во минатото од аспект на обиди, видовме дел од нив во овие месец дена, од аспект на обиди за подгревање меѓуетнички тензии, дека се реалност. Соодветно одговоривме, соодветно ќе одговориме и во иднина“, порача министерот Тошковски.

Првиот човек на полицијата истакна дека МВР ги има соодветните капацитети за да одговори на начин на кој што ќе биде потребно, со цел сите граѓани да се чувствуваат безбедно и мирно и во рамки на тој безбеден и мирен систем да ги остваруваат своите права.

Тој меѓудругото, дополни дека во изминатиот период МВР отворило голем број истраги и вети резултати таму каде што ќе бидат обезбедени соодветни докази за евентуални прекршувања на законот.

Груевски се спаси од затвор за набавката на „мерцедесот“

Никола Груевски
Никола Груевски

Поранешниот премиер Никола Груевски нема да ја одлежи двегодишната затворска казна во предметот „Тенк“, бидејќи на 4 октомври поминуваат шест години од правосилната пресуда за Груевски во предметот за набавката на владиниот мерцедес.

За истиот предмет поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска ја одлежа законската казна од 4 години, а поранешниот заменик министер Ѓоко Поповски одлежа 4, 6 години во затвор.

Контроверзните измени на Кривичниот законик направени во септември лани ги намалија казните за кривичните дела како што се злоупотребата на службената положба и овластувања и злосторничко здружување. Тоа доведе до застарување и ослободување на повеќе поранешни функционери и нивни блиски соработници кои беа обвинети во постапки од Јавното обвинителство.

Во текот на годините и по измените на Кривичниот законик на Груевски му застареа предметите ТНТ- за уривањето на комплексот „Космос“ и „Траекторија“ - за провизиите за изградба на автопатиштата. Поранешниот премиер останува обвинет уште во предметите за незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ -„Талир 1“ и „Талир 2“ и во случајот „Титаник“, каде е обвинет дека злоупотребил средства за финансирање на изборната кампања и го повредил избирачкото право.

На поранешниот премиер му преостанува да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство пред Општина Центар“, која му застарува за три години, односно во 2027 година. Најдоцна му застаруваат деветте години затвор за случајот „Плацеви на Водно“ во 2043 година.

Груевски побегна во Унгарија пред шест години и таму доби политички азил.

Повеќе од 100 000 лица од Либан преминале во Сирија

илустрација
илустрација

Повеќе од 100 000 луѓе под Либан преминале во Сирија по ескалацијата на конфликтот меѓу израелските сили и либанската група Хезболах овој месец, изјави денеска високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.

„Меѓу бегалците има и либански и сириски државјани“, напиша тој на социјалната мрежа X.

Инаку УНХЦР обезбедува помош за бегалците кои пристигнуваат на четири гранични премини.

Во меѓувреме, во последниот израелски напад врз центарот на Бејрут биле убиени тројца членови на палестинската милитантна група Народен фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП) и лидерот на Хамас во Либан, Фатех Шериф Абу ел Амин. Милитантното движење Хамас е прогасено за терористичка организација од ЕУ и САД.

Во израелскиот напад загинаа член на политичкото биро и шеф на воено-безбедносниот оддел Мохамед Абед Ал-Ал, член на воениот оддел и воената команда во Либан Имад Одех и Абдул Рахман Абед Ал-Ал.

Тоа е прв напад врз центарот на Бејрут од војната во 2006 година.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека повеќе од 1000 Либанци биле убиени и 6000 ранети во последните две недели, без да прецизира колку од нив се цивили. Владата рече дека милион луѓе или една петтина од населението ги напуштиле своите домови.

Голем број највисоки функционери на Хезболах, вклучително и неговиот лидер Саид Хасан Насрала, беа убиени во израелските бомбардирања во текот на две недели.

Почнува судењето на Ле Пен и соработниците за проневера на пари од ЕУ

Марин Ле-Пен
Марин Ле-Пен

Марин Ле Пен и други десничарски француски националисти денеска (30 септември) треба да се појават на воведниот судски процес против нив поради обвинение дека примале средства од Европскиот парламент за непостоечки функционери, јави ДПА.

Покрај долгогодишната лидерка на партијата Национален митинг, Ле Пен, обвинет е и нејзиниот татко и основач на партијата Жан-Мари Ле Пен. Обвиненија за малверзации со јавни средства се поднесени против вкупно 28 лица.

Марин Ле Пен постојано ги отфрла обвинувањата, кои се однесуваат на периодот од 2004 до 2016 година. Обвинувањата се насочени и кон партијата „Народно собрание“ и кон одделни нејзини вработени и соработници.

Станува збор за фиктивно ангажирање на соработници на неколку француски европратеници, објаснува ДПА. Главното обвинување е дека партијата на Ле Пен добила пари од Европскиот парламент за персонал за луѓе кои всушност веќе работат за партијата.

Целната сума изнесува речиси седум милиони евра, забележува ДПА, додавајќи дека Марин Ле Пен пред една година вратила 330 000 евра на законодавниот дом на ЕУ. Сепак, од нејзината партија соопштија дека исплатата на овие пари не е доказ за прекршок.

Доколку бидат прогласени за виновни, обвинетите може да добијат затвор до десет години, соопшти ДПА. Тие, исто така, би можеле да добијат забрана за учество во политиката на пет години, што ќе ја спречи Ле Пен да се кандидира на претседателските избори во Франција во 2027 година.

Киев под масовен напад на руски беспилотни летала

Експлозија на дрон во Киев, Украина, на 26 септември 2024 година
Експлозија на дрон во Киев, Украина, на 26 септември 2024 година

Русија рано во понеделник (30 септември) лансираше неколку бранови беспилотни летала насочени кон Киев, а единиците за противвоздушна одбрана успешно го одбранија градот, соопшти украинската војска.

Очевидци за Ројтерс изјавија дека слушнале бројни експлозии во главниот град на Украина и виделе погодени згради.

„Сите беспилотни летала лансирани од Русите во Киев или биле уништени со одбранбени системи или неутрализирани со електронско војување, изјави Сергеј Попко, шефот на воената администрација на Киев“, на апликацијата за пораки Телеграм.

Проценките за целосниот обем на нападот ќе бидат објавени подоцна во понеделник, но според прелиминарните информации нема жртви и не е забележана штета, додаде тој.

Според украинските воздухопловни сили, Киев, неговата околина и целиот источен дел на Украина биле под предупредување за воздушен напад повеќе од пет часа претходно во понеделникот.

Русија изврши повеќе воздушни напади врз Киев и Украина во текот на септември, насочени кон енергетската, воената и транспортната инфраструктура на Украина во нападите во кои загинаа десетици цивили.

Русија негира дека цели на цивили во целосна инвазија што ја нарече „специјална операција“ кога беше започната во февруари 2022 година.

Опозициската ДПС освои најмногу гласови во Подгорица, неизвесно е кој ќе формира влада

Симпатизерите на ДПС во Подгорица по објавувањето на прелиминарните резултати од изборите, 29 септември 2024
Симпатизерите на ДПС во Подгорица по објавувањето на прелиминарните резултати од изборите, 29 септември 2024

Според прелиминарните неофицијални резултати на Центарот за демократска транзиција, најголем број гласови на локалните избори во Подгорица освоила опозициската Демократска партија на социјалистите (ДПС), за која гласале околу 30 отсто од гласачите, со што добиле 19 мандати.

Собранието на Подгорица има 59 пратенички места.

Движењето Европа сега на премиерот Милојко Спајиќ и Демократите освоиле 14 мандати, а листата на претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ и Движењето УРА освоиле 6 мандати.

Партиите на поранешниот проруски Демократски фронт ќе имаат 13 советници.

Тројца советници освоила Европската алијанса составена од две социјалдемократски и либерални партии, а по двајца Партијата за европски напредок на Душко Марковиќ и Движењето „Револуција“ на активистот Срѓан Периќ.

Шест изборни листи не добија мандати.

За формирање влада во главниот град потребно е коалициско мнозинство од најмалку 30 советници.

Во Котор, ДПС освои десет мандати, колку што има и коалицијата на Движењето Европа сега предводена од премиерот Милојко Спајиќ и демократите.

Партиите на поранешниот Демократски фронт, Демократска алтернатива и „Грбаљска листа“ освоија по три мандати, Европскиот сојуз два, а Хрватската граѓанска иницијатива еден.

Во Подгорица гласале 56,3 отсто од запишаните гласачи, а во Котор 54,6 отсто. Изборите беа мирни, со помали процедурални прекршувања и претежно технички нерегуларности, соопшти невладината организација Центар за демократска транзиција (ЦДТ), која ги следеше изборите со 227 набљудувачи.

Најмалку 150 луѓе загинаа поради поплавите во Непал

Илустрација
Илустрација

Училиштата во Непал беа затворени три дена по поплавите и лизгањето на земјиштето предизвикани од дожд низ целата земја, при што загинаа 151 лице, а 56 се водат како исчезнати.

Поради поплавите, сообраќајот и секојдневните активности беа запрени во областа Катманду, каде беа регистрирани 37 смртни случаи. Во тој регион живеат околу четири милиони луѓе.

„Ги повикавме релевантните власти да ги затворат училиштата во погодените области на три дена“, изјави за Ројтерс портпаролката на Министерството за образование Лакшми Батараи.

Обилните врнежи се намалуваат, но метеоролозите предвидуваат дека изолираните врнежи ќе продолжат.

Сезоната на монсуните носи дожд и поплави во Непал секоја година, но научниците велат дека врнежите стануваат поинтензивни поради климатските промени.

„Никогаш досега не сум видел поплави од оваа големина во Катманду“, рече Арун Бакта Шреста, службеник за еколошки ризик во Меѓународниот центар за интегриран планински развој.

Околу 10.000 полицајци, доброволци и војници се мобилизирани да помогнат во спасувањето и потрагата по исчезнатите во поплавите, јавуваа државните непалски медиуми.

Владата на Непал ги повика луѓето да избегнуваат непотребни патувања, ноќното возење е забрането во областа Катманду, а многу домашни летови се откажани.

Украинските дронови навлегуваат подлабоко во Русија

Илустрација, последици од руската инвазија врз Украина
Илустрација, последици од руската инвазија врз Украина

Украинската војска извести дека тешките борби продолжиле на 29 септември по ноќните воздушни напади кои вклучиле подлабока пенетрација во Русија. Во меѓувреме американскиот претседател Џо Бајден на социјалните мрежи напиша дека „Украина ќе победи во оваа војна“.

„Руските напаѓачи продолжуваат да ги напаѓаат позициите на украинските бранители [со] окупаторите кои активно напаѓаат во [стратешки важните] правци Покровск и Курахов“, соопшти украинскиот Генералштаб на својот редовен вечерен брифинг.

Во соопштението е посочено дека „околу 20 населени места во регионите Чернихив, Суми и Харков биле погодени од [руска] артилерија и минофрлачки гранатирања“.

Овие информации дојдоа откако Украина претпрела штета од нападите со руски беспилотни летала во текот на ноќта во неколку региони.

Од друга страна пак, руските одбранбени претставници тврдат дека собориле 125 украински беспилотни летала во најновиот одраз на зголемените напори на Киев да ја префрли две ипол годишната војна на руска територија.

Руското Министерство за одбрана сугерираше дека украинските прекугранични напади се повеќе се фокусирани на нејзиниот регион Волгоград, источно од регионот Курск, каде што украинските сили започнаа ненадеен упад во јули, за кој се смета дека зазеле околу 1.300 квадратни километри руска територија.

На дипломатскиот фронт, Бајден на социјалните мрежи објави видеа од неодамнешната посета на неговиот колега Володимир Зеленски на Белата куќа и изјави дека „Украина ќе победи во оваа војна“.

„И САД ќе продолжат да стојат покрај нив на секој чекор“, додаде Бајден.

Украинската војска во меѓувреме соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила 15 од 22 руски нападни беспилотни летала откриени во најмалку четири региони на земјата во текот на ноќта, и рече дека уште пет од тие беспилотни летала биле спречени со други „контрамерки“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG