Достапни линкови

Вести

Либан соопшти дека речиси 500 луѓе загинале во израелските воздушни напади

илустрација
илустрација

Либанското Министерство за здравство соопшти дека бројот на загинати во израелските воздушни напади се искачи на 492 лица, а уште 1645 се ранети.

Како што пренесува ДПА, Министерството соопшти дека 35 деца и 58 жени биле убиени откако Израел го започна својот најсмртоносниот бран воздушни напади врз милицијата Хезболах, поврзана со Иран, од 2006 година.

Нападите, фокусирани на јужен и источен Либан, почнаа вчера наутро и во нив беа погодени 1300 цели на Хезболах, изјави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го опиша како превентивен напад чија цел е да се елиминира оружјето на Хезболах.

Израел ги повика либанските граѓани да се евакуираат од областите каде што тврди дека шиитската група складира оружје.

Либанскиот министер за здравство, д-р Фирас Абијад, изјави дека десетици илјади луѓе ги напуштаат своите домови на југот на земјата, додавајќи дека „главната цел на овие напади била да се поттикне егзодусот на цивилите од целните области“.

Последните напади доаѓаат во време на некои од најтешките прекугранични размени на оган во речиси една година конфликт, додека Израел го префрла фокусот на својата северна граница, каде Хезболах истрелува ракети за поддршка на својот сојузник Хамас (која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација), кој се бори со израелските сили во Газа.

види ги сите денешни вести

Орбан: ЕУ треба да ги преиспита санкциите против Русија, за да ги намали цените на енергијата

Виктор Орган, премиер на Унгарија
Виктор Орган, премиер на Унгарија

Европската Унија треба да ги преиспита санкциите против Русија бидејќи тие ги одржуваат високи цените на енергијата, попречувајќи ја економската конкурентност на ЕУ, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Водачите на ЕУ потпишаа декларација за конкурентност минатата недела на неформален самит.

„Цените на енергијата треба да се намалат со сите средства. Тоа значи дека санкциите треба да се преиспитаат бидејќи според сегашната политика на санкции, цените на енергијата нема да паднат“, изјави Орбан во интервју за унгарското јавно радио, а пренесе Ројтерс.

Орбан рече дека американските компании плаќаат четвртина од она што нивните европски колеги го трошат за гас и електрична енергија, недостиг што не може да се надмине со други средства.

Откако Русија ја нападна Украина на почетокот на 2022 година, Орбан се појави како гласен критичар на санкциите на ЕУ против Москва.

Додека западноевропските земји вложија сериозни напори да се оддалечат од руската енергија, Унгарија која излегува на море добива 80-85 отсто од својот гас од Русија, а 80 отсто од суровата нафта исто така доаѓа од поранешниот комунистички сојузник.

Епл ги отстранува објавите на независните руски медиуми

илустрација
илустрација

Американскиот технолошки гигант Епл (Apple) наводно отстранил или сокрил неколку подкасти на руски јазик продуцирани од независни медиуми.

Новинската куќа „Медиазона“ на 14 ноември објави дека новите епизоди од онлајн радио станицата „Ехо Москва“ и истражувачкиот медиум „Инсајдер“ повеќе не се достапни во Русија. Најверојатно е отстранет и рускиот сервис на БиБиСи.

Достапни се постари епизоди кои датираат од пред повеќе од една недела, објави Медиазона, а корисниците надвор од Русија сè уште можеа да пристапат до сите епизоди.

Засега нема коментар од Епл, кој исто така го отстрани или блокираше пристапот до некои VPN адреси и некои апликации во Русија. И апликацијата Current Time на РСЕ беше меѓу отстранетите, а Епл тоа го направи на барање на рускиот медиумски регулатор, Роскомнадзор.

Во последниве години, руските власти ги забрзаа напорите за построго регулирање и контрола на содржината на интернетот на руски јазик, неформално познат како RuNet.

Веб-страниците како X или Facebook беа „задушувани“ во минатото во, како што велат експертите, тестови од регулаторите за филтрирање на содржината или пренасочување на руските корисници.

Платформата за видео стриминг YouTube во сопственост на Google, која беше во голема мера недопрена од регулаторите, имаше големо забавување почнувајќи од ова лето.

Некои официјални лица ја обвинија застарената опрема во Русија, опремата што Google не можеше да ја одржува поради санкциите од Западот. Но, според други „деградацијата“ е намерна, со цел да ја забави платформата и да ги фрустрира гледачите, во обид да ги поттикне кон домашните руски алтернативи кои се построго контролирани.

На 14 ноември, интернет-мониторите известија дека платформата YouTube во Русија е вратена во нормална брзина и дека е целосно достапна низ земјата.

Други напори на регулаторите да го контролираат RuNet вклучуваат инсталирање софистициран хардвер за следење, вршење притисок врз големите интернет компании додека не се продадат на попустливи сопственици како и нарачување на глобалните технолошки гиганти за да се осигураат дека нивните сервери се достапни за регулаторите.

Вучевиќ: Подготвен сум за мојата одговорност, ќе има уште оставки за несреќата во Нови Сад

Милош Вучевиќ
Милош Вучевиќ

За мојата одговорност ќе се разговара во Парламентот и подготвен сум за тоа, изјави денеска српскиот премиер Милош Вучевиќ, наведувајќи дека опозицијата има право да бара импичмент на власта по несреќата во Нови Сад, но дека „мора да бидат свесни дека состојбата на настрешницата на железничката станица не е политичко прашање, тоа е прашање на експерти од струката“.

Вучевиќ за белградски медиуми утрово изјави дека е сигурен дека повеќе министри ќе поднесат оставки, но дека е важно да се направи разлика помеѓу политичка и кривична одговорност.

Тој смета дека мора да се донесе рационална одлука за оставки и дека таквите одлуки не се носат под притисок на јавноста и социјалните мрежи.

„Тоа е сосема природен процес по сè што ни се случи на 1 ноември, ќе има уште оставки. Но, политичката одговорност нема врска со кривичната одговорност. Утврдувањето на кривичната одговорност е на Обвинителството кое си ја врши работата“, додаде Вучевиќ.

Речиси две недели откако се урна бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад и загинаа 14 лица, а тешко се повредени три - сè уште нема уапсени. Во Нови Сад речиси секој ден има протести и акции - а се најавуваат нови, јавија српски медиуми.

Додека опозицијата најавува стопирање на Нови Сад в петок (15 ноември), младите најавуваат прекин на сообраќајот в недела на шест часа и бараат - одговорност.

Хрватскиот министер за здравство Берош, уапсен, па разрешен

Вили Берош, министер за здравство
Вили Берош, министер за здравство

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го разреши министерот за здравство Вили Берош, кој беше уапсен на 15 ноември во рамките на операцијата на Канцеларијата за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК) поради сомневање за корупција, соопштено е во Загреб.

Во владиното соопштение се наведува дека до изборот на нов министер со министерството ќе раководи државниот секретар Ирена Хрстиќ.

УСКОК соопшти дека во Загреб и Скрадин се преземаат апсења и итни доказни дејствија против повеќе лица, од кои едното е висок државен функционер, а се осомничени дека сториле коруптивни кривични дела.

Хрватските медиуми јавуваат дека рано на 15 ноември истражителите упаднале во куќата на министерот Берош од Хрватската демократска заедница (ХДЗ), како и кај неколку други високопозиционирани лекари.

Спорна е набавката на двојни микроскопи за неврохирургија, кои биле преплатени.

Некои медиуми објавија дека меѓу уапсените е и Крешимир Ротим, шеф на Клиниката за неврохирургија на КБ „Сестри на милосрдието“, јавуваат хрватските медиуми.

Берош е вториот министер во владата на Пленковиќ кој беше уапсен додека беше на функцијата. Пред него, во 2022 година, беше уапсен тогашниот министер Дарко Хорват под сомнение дека незаконски давал државни стимулации, а во таа истрага беше опфатен и тогашниот вицепремиер Борис Милошевиќ, како и некои други функционери.

Украина изврши голем напад со дронoви врз руски Краснодар

Украина користи беспилотни летала за да ги нападне руските воени објекти како што се складишта за гориво и аеродроми кои Москва ги користи за напади на украинска територија
Украина користи беспилотни летала за да ги нападне руските воени објекти како што се складишта за гориво и аеродроми кои Москва ги користи за напади на украинска територија

Рано на 15 ноември, Украина изврши голем напад со беспилотни летала врз јужниот руски регион Краснодар, објави регионалниот гувернер Вениамин Кондратиев, додека каналите на Телеграм објавија дека веројатната цел на нападот била руска воздушна база во близина на градот Крим.

Украина, чија цивилна и енергетска инфраструктура е под постојан оган од руски ракети и беспилотни летала од почетокот на инвазијата на Москва во февруари 2022 година, за возврат ги напаѓа руските воени објекти како што се складишта за гориво и аеродромите што Русија ги користи за напади на украинска територија.

Кондратиев рече дека украинскиот напад биле насочени кон две области, Кримск и Красноармејск, и предизвикале штета, но немало жртви.

Телеграмскиот канал Астра објави дека нападот бил насочен кон воздухопловната база Кримск, северно од градот Кримск, кој руските сили го користат за напади на југот на Украина.

Во моментов не е можно независно да се проверат информациите, а и Киев не ги коментираше овие наводи.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните системи за противвоздушна одбрана собориле 51 украински беспилотно летало рано на 15 ноември над руска територија и на украинскиот полуостров Крим илегално анектиран од Москва, додавајќи дека 36 беспилотни летала биле уништени над регионот Краснодар.

Инаку во август, Украина го изведе најголемиот напад со беспилотни летала со долг дострел, насочен кон четири руски аеродроми во регионите Воронеж, Курск и Нижни Новгород.

Извештаите за украинскиот напад на Крим на 15 ноември доаѓаат по големиот руски комбиниран напад врз Одеса, најголемиот пристанишен град во Украина на Црното Море и важен извозен центар за жито и други земјоделски производи.

Една жена загина, а најмалку десет луѓе се ранети во напад со дрон и ракетен напад врз Одеса.

„Илјадници луѓе останаа без парно греење“, изјави регионалниот гувернер Олех Кипер.

Кипер рече дека една станбена зграда во центарот на градот е целосно уништена, а биле оштетени и неколку високи станбени згради и десетици автомобили, додека цел на нападот бил и главниот цевковод кој снабдувал греење на околу 40 000 луѓе.

„Без греење останаа породилиштето, четири училишта и седум градинки“, рече Кипер.

Во меѓувреме, системите за противвоздушна одбрана соборија 25 од 29 беспилотни летала и една крстосувачка ракета лансирана од Русија во три украински региони: Миколаев, Кировохрад и Тернопил, објави украинското воздухопловство.

Почина јапонската принцеза Јурико

Јапонската принцеза Јурико
Јапонската принцеза Јурико

Јапонската принцеза Јурико почина на 101-годишна возраст, соопшти Управата на Јапонскиот царски двор.

Во соопштението се вели дека Јурико, сопругата на братот на поранешниот император Хирохито и најстариот член на царското семејство, починала во петок (15 ноември) во болница во Токио откако неодамна и се влошила здравствената состојба.

Управата не ја прецизираше причината за смртта, но јапонските медиуми објавија дека Јурико починал од пневмонија, пренесе агенцијата АП.

Јурико е родена во 1923 година.

На 18-годишна возраст, неколку месеци пред почетокот на Втората светска војна, се омажила за принцот Микаса, помладиот брат на поранешниот император Хирохито и вујко на сегашниот јапонски император Нарухито.

Илјадници луѓе останаа без греење по напад на Одеса

илустрација
илустрација

Русија изврши масовен напад врз украинскиот пристанишен град Одеса на Црното Море, при што една жена загина, а ранети се 10 други лица, меѓу кои и едно 9-годишно момче, изјави регионалниот гувернер Олех Кипер рано утрината на 15 ноември.

Тој додаде дека илјадници луѓе останале без централизирано греење.

Кипер рече дека една станбена зграда во центарот на градот е целосно уништена, неколку високи станбени згради и десетици автомобили се оштетени, како и главниот цевковод што го снабдува беше погодено греењето на околу 40.000 луѓе, поради што беше исклучено.

„Без греење останаа и породилиште, четири училишта и седум детски градинки, рече Кипер.

Градоначалникот на Одеса, Хенадиј Труханов, рече дека градот бил цел на „масовен комбиниран удар“.

Зеленски подготвува план од 10 точки за внатрешна безбедност

Украинскиот претседател Володомир Зеленски
Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски има намера следната недела да претстави план од 10 точки за обезбедување внатрешна безбедност, кој, меѓу другите прашања, се однесува на снабдувањето со енергија и производството на оружје, јави ДПА.

Ова го соопшти Зеленски во своето вечерно видео обраќање.

„Продолжуваме да работиме на нашиот внатрешен план за отпорност - се што е потребно за да се осигураме дека Украина е силна. Денес се осврнавме на неколку точки, вклучувајќи го и културниот суверенитет, кој го опфаќа културното наследство на Украина, модерната култура и културната дипломатија, производството на украински содржини и за оваа цел - промовирање на вистинско и ефективно единство во културната заедница на Украина“, рече Зеленски.

Според претседателот, ова е елемент за гарантирање на врските на Украина со глобалниот свет.

Претходно Зеленски го претстави таканаречениот План за победа, кој имаше пет точки. Едно од главните барања на Зеленски е повикување на партнерските земји да „ги укинат ограничувањата за употреба на оружје со долг дострел на целата територија на Украина окупирана од Русија и на руска територија и на непријателската воена инфраструктура“, како и помош во „опремувањето на украинските резервни бригади.

Србија и Унгарија потпишаа заедничка политичка декларација

Виктор Орбан и Александар Вучиќ, 14 ноември 2024
Виктор Орбан и Александар Вучиќ, 14 ноември 2024

Властите на Србија и Унгарија потпишаа заедничка политичка декларација и шест договори во Будимпешта на 14 ноември, по состанокот на Советот за стратешка соработка на двете земји.

По втората седница на Советот за стратешка соработка на Србија и Унгарија, заедничка политичка декларација потпишаа претседателот Александар Вучиќ и премиерот Виктор Орбан.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан по потпишувањето на договорот изјави дека Србија и Унгарија се обврзани со пријателски односи, како и дека двете земји гледаат шанса во „новата реалност“ во светот што се отвори откако Доналд Трамп победи на избори во САД.

„Она што е ново е ситуацијата во светот. Ние ја нарекуваме новата реалност предизвикана од исходот на американските избори. Сега новите сили кои досега беа потиснати ќе бидат успешни“, смета Орбан.

Претседателот на Србија, Вучиќ од Будимпешта изјави дека политичките, економските и меѓучовечките врски меѓу Србија и Унгарија се продлабочуваат и дека досега се потпишани 173 договори за соработка меѓу двете земји.

Тој посочи дека Србија и Унгарија ги решаваат проблемите, заеднички се справуваат со проблемите.

„Наскоро ќе ја завршиме студијата за нафтоводот, ќе почнеме со градба, ги прошируваме капацитетите на гас во магацините во Унгарија, моментално имаме 160 милиони кубни метри гас, но мора да ги наполниме тие магацини за да можеме да имаме не само доволно гас, туку и струја“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека Србија и Унгарија заеднички го градат далноводот Панонски коридор за да имаат помали загуби на мрежата.

„Србија секогаш ќе биде сигурен партнер на Унгарија, а кога ќе изградиме нафтовод, ќе го градиме со нив. Знаеме дека имаме пријатели и дека секогаш сигурно ќе се снабдуваме“, рече Вучиќ.

Ресорните министри на Србија и Унгарија претходно потпишаа шест договори во присуство на Вучиќ и Орбан, меѓу кои се Договорот за меѓународна правна помош во граѓански прашања меѓу владите на Србија и Унгарија и Програмата за соработка во областа на Култура за периодот 2024-2027 година, помеѓу Министерството за култура на Србија и Министерството за култура и иновации на Унгарија.

Ова е втора седница на Стратешкиот совет за соработка меѓу Србија и Унгарија.

Првиот се одржа во јуни 2023 година во Палиќ, кога беа потпишани повеќе договори за соработка, како и договор за изградба на нафтовод што ќе ја поврзе рафинеријата во Нови Сад со Унгарија. Како што е најавено, гасоводот треба да биде изграден до 2027 година.

Трет обид на бугарските пратеници да изберат претседател на Парламентот

Зградата на парламентот во Софија, Бугарија
Зградата на парламентот во Софија, Бугарија

Бугарските пратеници претпладнево ќе одржат нова седница, што ќе биде трет обид да изберат претседател на 51. Народно собрание.

Веќе беа направени два неуспешни обиди за избор на претседател на Народното собрание - на отворањето на новиот парламент на 11 ноември и еден ден подоцна.

На 13 ноември пратениците повторно не успеаја да се договорат кој да раководи со институцијата, па состанокот беше прекинат, јави БТА.

За функцијата беа предложени пет кандидати - Андреј Цеков од „Продолжуваме со промената - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), Петар Петров од „Преродба“, Наталија Киселова од „БСП - Обединета левица“, Николета Кузманова од „Има таков народ“ и Раја Назаријан од ГЕРБ-СДС.

Раја Назарјан и Андреј Цеков излегоа на втор круг во двете постапки за избор на претседател, но ниту еден од нив не го доби потребниот број гласови.

На неодамна одржаните парламентарни избори во Бугарија, партијата ГЕРБ на Бојко Борисов доби најмногу гласови, но недоволно за самостојно да формира влада.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG