Достапни линкови

Вести

Ослободени 49 Украинци во последната размена на затвореници со Русија

Размена на воени заробеници. Украина, 13 септември 2024 година
Размена на воени заробеници. Украина, 13 септември 2024 година

Во рамките на новата размена на затвореници со Русија, 49 лица се вратени во Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„49 Украинци и Украинки се дома. Станува збор за војници на вооружените сили на Украина, Националната гарда, Националната полиција, Државната гранична служба, како и наши цивили. Поточно, Леније Умјерова е девојка која Русите ја зеле како заложник кога дошла да се грижи за својот болен татко. Беше можно да се ослободи и уште еден дел од дефанзивците на Азовстал. Дома е и херојот на Украина, воениот лекар Виктор Ивчук“, информира шефот на државата.

Зеленски му се заблагодари на „нашиот тим, кој обезбедува ослободување на затворениците и заложниците од руското заробеништво“. „И би сакал да ја издвојам секоја од нашите украински единици кои го надополнуваат фондот за размена на нашата држава“, додаде претседателот.

Меѓу разменетите се 23 жени.

„Ова е најголемиот број жени кои се разменети во последно време“, велат од добротворната организација „Женски марш“, која официјално соработува со Координативниот штаб за третман на воени затвореници.

Последен пат Русија и Украина разменија затвореници на крајот на август 2024 година според формулата „115 за 115“. Министерството за одбрана на Русија извести дека војниците кои биле заробени во областа Курск се ослободени. Регрутите се вратија во Украина, од кои некои беа заробени во првите месеци од инвазијата.

види ги сите денешни вести

Мицкоски: Договорот меѓу „Хеј ДООЕЛ“ и Државна лотарија е основа за покренување кривична постапка

Христија Мицкоски, премиер на РСМ
Христија Мицкоски, премиер на РСМ

Владата не само што го раскина договорот за закуп за деловен простор склучен меѓу „Хеј“ ДООЕЛ и Државна лотарија, туку тој е и основа за покренување на кривична постапка и кривична одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна, туку дури и до три пати поголема од пазарната, изјави денеска (18 септември) премиерот Христијан Мицкоски.

„Што се однесува до договорот кој што вчера беше предмет на владина одлука, да тој е раскинат со владина одлука. Не само што е раскинат, туку договорот е и основа за покренување на кривична постапка и кривична одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна туку дури и до три пати поголема од пазарната и не само тоа, предвидени се трошоци за реновирање. Она што е предвидено, односно 2,28 милиони евра за киријата, тоа е само еден дел од договорот. Има и околу 1,7 или 1,8 милиони евра кои што се предвидени за реконструкција на самиот објект, бидејќи претходно тој објект бил користен за семејни веселби, прослави и друг тип на забава, а сега требаше да претставува седиште на Државна лотарија и затоа беше раскинат“, рече Мицкоски.

Тој меѓу другото напомена дека спротивно на законот биле издавани лиценци за приредување игри на среќа преку интернет, а предмет биле и друг тип на платформи, сето она кое што, како што посочи, претставува груба злоупотреба, кршење на законот и основа за кривична пријава.

Тој посочи дека до крајот на оваа недела или на следната владина седница во вторник ќе биде раскинат договорот, потенцирајќи дека секое основано сомнение кое постоело за сторен криминал и корупција од епски размери ќе бидат минато.

„Во текот на вчерашната седница беше разговарано, денеска поради некои делови кои што треба да се доработат ќе биде на дневен ред на генерален колегиум и очекувам до крајот на оваа недела или веќе на следната владина во вторник и тоа да биде раскинато“, рече Мицкоски.

Владата вчера соопшти дека разгледала и усвоила информација за преземените активности за раскинување на Договорот за закуп на административно – деловен простор склучен помеѓу ХЕЈ ДООЕЛ Скопје и Акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија.

Станува збор за поранешен ресторан за свадби во скопско Визбегово, за кој во серијата истражувања за Лотарија, Радио Слободна Европа (РСЕ) откри дека договорот кој беше склучен е за сума од 2,6 милиони евра за период од 10 години. Тој беше склучен на 5 јули 2023 година.

РСЕ веќе пишуваше дека за овој договор на Државна лотарија со „Хеј ДООЕЛ“ се интересира и Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Прв сопственик на оваа фирма беше Армин Машовиќ, поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски, кој пак беше ортак со зетот за ќерка на лидерот на ДУИ, Куштрим Смајлај. Како прв управител на „Хеј ДООЕЛ“, беше заведена Натура Груби Бела, братучетка на тогашниот вицепремиер Артан Груби, а братот на нејзиниот сопруг беше дел од обезбедувањето на поранешниот министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Подоцна, со промените во управувачката структура, Машовиќ стана управител на „Хеј ДООЕЛ“, а сопственоста на компанијата ја презеде Асмир Јахоски, газдата на „Пуцко Петрол“ и син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и актуелен пратеник од редовите на ДУИ.

До август 2024 година, за 13 месеци, Државната лотарија му исплатила на Пуцко Петрол над 300 000 евра за закуп на деловниот простор.

Таравари: Новата компресорска станица ќе биде готова за четири месеци

Арбен Таравари, министер за здравство
Арбен Таравари, министер за здравство

По објавата дека е избрана фирма која ќе ја прави новата компресорска станица, министерот за здравство Арбен Таравари, на новинарско прашање одговори дека очекува целиот зафат да биде готов за четири месеци.

„Фирмата е сериозна компанија и професионална за оваа работа. Според нив за околу четири месеци, целиот зафат ќе биде завршен“, рече министерот Таравари.

Околу постапката за потпишување на договорот и периодот на жалба тој посочи дека договорот е потпишан и се процесот се спроведувал по брза постапка.

Министерството за здравство соопшти дека е избрана фирма за компресорската станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Станува збор за фирмата „Винора ДООЕЛ“ Скопје. Оваа фирма беше и единствената што достави понуда на огласот, иако првично три фирми пројавиле интерес. Јавното отворање на понудата се случи 12 септември, по што следуваше нејзина евалуација.

Дел од хируршките сали во Клиничкиот центар беа затворени на 18 мај, а некои од причините поради кои не работат салите се непријатниот мирис којшто се ширел низ вентилацискиот систем, како и проблемот со доводот на кислород.

Оттогаш, дел од салите работат со надворешни компресори и се оперираат само итни пациенти. Дел се препраќаат во двете други болници во Скопје, ГОБ „8 септември“ и „Св.Наум Охридски“.

Пред овој тендер, беше распишан уште еден за нова компресорска станица, но тој пропадна бидејќи не пристигна ниту една понуда.

Судар на возови во Прага, повредени 25 лица

илустрација
илустрација

Дваесетина лица се повредени во судар на два патнички воза во Прага.

Сударот се случил во близина на станицата Праг-Либен, на пругата меѓу станиците Височани и Главната железничка станица.

Меѓу повредените се 25 лица, кои имаат полесни повреди како модрици и гребаници.

Истражителите, заедно со железничката инспекција, ќе го истражат инцидентот поради сомневање за кривично дело од невнимание.

Кара-Мурза се залага за ослободување на затворениците кои останаа во Русија

Владимир Кара-Мурза
Владимир Кара-Мурза

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и пратениците ветија дека ќе продолжат да се борат за слободата на руските и белоруските политички затвореници за време на пречекот на Владимир Кара-Мурза назад во главниот град на Соединетите Држави.

Кара-Мурза, чија работа со Конгресот беше клучна за усвојувањето на американскиот закон Магнитски, кој предвидува санкции за прекршителите на човековите права во Русија, беше меѓу 16-те политички затвореници кои Кремљ ги ослободи минатиот месец во замена за осум Руси кои беа држени на Запад за злосторства, вклучувајќи убиства, сајбер кражби и шпионажа.

Четириесет и тригодишниот Кара-Мурза, кој минатата година беше осуден на четврт век затвор поради критиките кон рускиот претседател Владимир Путин и инвазијата на Украина, во преполната просторија во зградата на Сенатот во Вашингтон на 17 септември изјави дека таму биле многу повеќе политички затвореници од 1300-те наведени во јавните податоци и ветија дека ќе соработуваат со американските законодавци за да ја обезбедат нивната слобода.

„Има толку многу луѓе во руските затвори денес кои се таму од единствената причина што се спротивставија, јавно се спротивставија на убиствената војна на Путин против агресијата. Тоа е најбрзо растечкиот сегмент на руски затвореници. Сега кога се спасив, мислам на сите оние што останаа“, рече тој.

Кара-Мурза го истакна случајот на Јуриј Коховец, кој еден ден претходно беше осуден од московскиот суд на пет години затвор за антивоени коментари што ги дал за рускиот сервис на Радио Слободна Европа во јули 2022 година.

Американските функционери и пратеници кои работеа на ослободување на Кара-Мурза беа присутни на приемот и рекоа дека ќе продолжат да користат административни алатки за да се борат за оние што останаа во руските затвори.

Руски гувернери известуваат за напади на украински дронови во Тверската област

илустрација
илустрација

Руски гувернери известуваат дека седум украински дронови биле уништени во Смоленската област, а 14 дронови во Брјанската област.

Остатоци од украински дрон предизвикале пожар во Тверската област.

Во меѓувреме, украинската противвоздушна одбрана дејствувала во предградијата на Киев за да одбие напад од руски дронови, се наведува во соопштението на украинската воена администрација на каналот Телеграм.

Запорожје исто така бил под масивен напад, според Иван Федоров, шеф на регионалната воена администрација. Во нападот загинале две лица.

Украинските сили известија и за воздушни тревоги во неколку региони, откако Русија лансирала дронови „Шахед“.

Уставниот суд ќе расправа за „балансерот“

Седница на Уставен суд (илустрација)
Седница на Уставен суд (илустрација)

Уставниот суд на денешната седница ќе расправа по предметот за „балансерот” - алатката за вработување според национална припадност во државните институции, кој е оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

„Оспорени се член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор, во делот „припадност на заедница“, информираат од Уставниот суд.

Според подносителот на иницијативата (ДКСК) со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.

Со оспорениот дел „припадност на заедница“ подносителот смета дека се наметнува обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница, со што се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување на националната припадност.

Според подносителот, со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место.

Антикорупциската комисија на седницата одржана на 11 јануари годинава одлучи да поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во неодамнешното интервју за МИА рече дека за овој предмет очекува расправа базирана исклучиво на правни аргументи, и одлука на Судот како израз и резултат на уставно правна-анализа, без премиси на емоции, политичко, национално или било какво друго расудување.

Преговарачите на Србија и Косово без заедничка средба во Брисел

Бислими, Лајчак и Петковиќ.
Бислими, Лајчак и Петковиќ.

Главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ, на 17 септември во Брисел одржаа одвоени средби со специјалниот пратеник на Европската унија (ЕУ) за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

Косовскиот преговарач Бислими потврди дека ќе нема заедничка средба.

Ден претходно, портпаролот на ЕУ, Петер Стано, најави дека ќе се разговара за имплементација на Охридскиот договор, како и за други прашања кои влијаат на нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија.

Но, уште во петокот, на 13 септември, беше јасно дека тешко ќе дојде до заедничка средба поради несогласувањата околу агендата на состанокот.

Главниот преговарач на Косово, Бислими, кој е и вицепремиер, тогаш изјави дека прифатил учество на трилатерална средба, но оти Србија одбила.

Тој на социјалната мрежа Икс напиша дека Косово ја прифатило средбата според агендата што ја поставил посредникот во дијалогот, но Србија се обидела да наметне агендата „главно за внатрешна политичка употреба“.

Од друга страна, српскиот преговарач и директор на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека денеска во Брисел немало трилатерална средба со Приштина, бидејќи Бислими е тој што одбил.

По средбата со Мирослав Лајчак, Петковиќ изјави дека Белград „никогаш немал проблем да разговара и да има директни средби со приштинската страна“.

Како што пишува во соопштението на Владата на Србија, Петковиќ истакнал оти на трипартитна средба, Приштина можела да предложи какви теми сака.

„Бислими одби затоа што нашата делегација инсистираше на теми како Заедницата на српските општини и целосно спроведување на сите претходно постигнати договори“, рече Петковиќ.

Како што наведе, на средбата со Лајчак се разговарало за мостот Ибар, поштенските услуги, енергетиката, телекомуникациите, исчезнатите лица и интегрираното управување со граничните премини.

Тој рече дека зборувале и за „сеопфатните мерки“ што ги претставил претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Вучиќ во петокот презентираше неколку мерки и барања, меѓу кои и припадниците на српската заедница да се вратат во институциите што ги напуштија во ноември 2022 година. Тој побара и распишување нови избори во општините на северот на Косово, каде што моментално на власт се градоначалници Албанци бидејќи Србите ги бојкотираа последните избори.

Според европски извори, пак, двете страни се обиделе да ја диктираат агендата на трилатералната средба и не се согласиле со она што го барала другата страна. Во исто време, велат овие извори, Белград и Приштина го игнорирале првичниот предлог даден од европскиот посредник.

Последната средба на главните преговарачи се одржа во јули, неколку дена по патувањето на лидерите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, во Брисел кога немаше заедничка средба помеѓу нив двајцата бидејќи косовскиот премиер одби.

Дијалогот меѓу Косово и Србија е во застој повеќе од една година. Во февруари 2023 година, лидерите постигнаа договор за нормализација на односите. Во март истата година беше договорен анекс за имплементација на договорот. Но, договорите не беа потпишани поради одбивањето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

На секоја лидерска средба досега доминираа тензии. Последен пат двајцата се сретнаа на 14 септември 2023 година. Десет дена подоцна во Бањска се случи напад, кој дополнително ги зовре тензиите.

Главните преговарачи на двете страни во последната година во неколку наврати одеа во Брисел, но средбите суштински не ја променија ситуацијата. Често се случуваше да нема заедничка средба и рундите да завршат само со одвоени разговори со европскиот посредник Лајчак.

Најмалку девет загинати и илјадници повредени во експлозии на пејџери во Либан

Брза помош во болница во Бејрут на 17 септември по експлозиите на пејџери во Либан.
Брза помош во болница во Бејрут на 17 септември по експлозиите на пејџери во Либан.

Најмалку девет лица загинаа, а 2750 се ранети кога истовремено експлодирале пејџери во Либан, соопшти министерот за здравство, Фирас Абијад, на 17 септември.

Претходно, милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, објави дека двајца нејзини членови и една девојка се меѓу загинатите во „мистериозните“ експлозии.

Министерот за здравство изјави дека 200 од повредите се во критична состојба.

Хезболах соопшти дека голем број пејџери што ги користеле неговите членови биле активирани да експлодираат „истовремено“.

Иранските медиуми објавија дека меѓу повредените е и иранскиот амбасадор во Бејрут, Мојтаба Амани.

Новинската агенција Фарс, повикувајќи се на анонимен извор, пишува дека Амани претрпел „површна повреда“ како резултат на експлозија на пејџер.

Пејџерите кои експлодираа се најновите модели на уредите што Хезболах ги увезе во земјата во последниот месец, објави Ројтерс, повикувајќи се на три извори.

Извештаите од Либан покажуваат дека „стотици“ членови на либанската група Хезболах, вклучително и борци и хуманитарни работници, се повредени во овие експлозии низ јужен Либан и неговите предградија.

Еден член на групата, кој сакал да остане анонимен, за Ројтерс изјави дека експлозиите се „најголемата безбедносна инфилтрација“ со која се соочил Хезболах во својот конфликт со Израел во текот на изминатата година.

Други новински агенции, исто така, објавија дека голем број членови на групата биле повредени при експлозиите на уредите.

Министерството за здравство на Либан во соопштението наведе дека стотици повредени лица пристигнале во болниците како резултат на експлозиите и ги повика граѓаните кои имаа вакви уреди, да ги фрлат.

Експлозиите доаѓаат во период кога Израел објави дека ги проширува своите воени цели и фокусот на својата речиси едногодишна борба во Газа против екстремистичката група Хамас, која е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

Додека фокусот на војната изминатиот период беше во Газа, во размената на оган меѓу израелските сили и Хезболах, кој е сојузник на Хамас во Либан, беа убиени стотици луѓе, главно милитанти во Либан и десетици цивили и војници во Израел. Тоа предизвика и десетици илјади луѓе од двете страни на границите да ги напуштат своите домови.

Избрана е фирма за компресорската станица на Клинички

Клинички центар „Мајка Тереза“, Скопје (фотоархива).
Клинички центар „Мајка Тереза“, Скопје (фотоархива).

По завршување на рокот за пријавување на тендерот, Министерството за здравство соопшти дека е избрана фирма за компресорската станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Станува збор за фирмата „Винора ДООЕЛ“ Скопје.

„Договорот ќе биде потпишан во наредниот период, согласно законските рокови. Инсталацијата и монтажата на опремата треба да се изврши во рок од четири месеци, сметано од денот на склучување на договорот, согласно објавените услови во тендерската документација и објавениот Оглас“, соопштија од Министерството.

„Винора“ беше и единствената фирма што достави понуда на огласот, иако првично три фирми пројавиле интерес. Јавното отворање на понудата се случи 12 септември, по што следуваше нејзина евалуација.

Дел од хируршките сали во Клиничкиот центар беа затворени на 18 мај, а некои од причините поради кои не работат салите се непријатниот мирис којшто се ширел низ вентилацискиот систем, како и проблемот со доводот на кислород. Оттогаш, дел од салите работат со надворешни компресори и се оперираат само итни пациенти. Дел се препраќаат во двете други болници во Скопје, ГОБ „8 септември“ и „Св.Наум Охридски“.

Пред овој тендер, беше распишан уште еден за нова компресорска станица, но тој пропадна бидејќи не пристигна ниту една понуда.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вчера изјави дека за функционирање на хируршките сали би било најдобро покрај нова копресорска станица, да се сервисира и зачува и старата како „бекап“.

Русин доби пет години затвор поради изјава за РСЕ

Јуриј Коховец.
Јуриј Коховец.

Жител на Москва, Јуриј Коховец, е осуден на пет години затвор бидејќи ја осуди руската инвазија на Украина за време на интервју со новинар од Радио Слободна Европа (РСЕ), снимено на улица во јули 2022 година.

Московскиот градски суд ја донесе одлуката на 17 септември, поништувајќи ја пресудата што во април ја донесе понискиот суд, а со која Коховец беше осуден на пет години „присилна работа“.

По изрекувањето на затворската казна, Коховец веднаш беше приведен.

Казната дефинирана како принудна работа во Русија значи дека осудените не лежат во затвор туку може да изберат да останат дома и да бидат испратени на работа во индустриски објект кој ќе им го одреди Федералната служба за казнено-поправни казни.

Дел од платите што ги добиваат им ги одзема државата.

Сепак, Градскиот суд во Москва соопшти дека ја променил казната откако го прогласил Коховец за виновен за „дистрибуирање лажни информации за руската војска врз основа на политичка омраза“.

Во јули 2022 година, новинар на РСЕ му пристапи на Коховец и го праша дали мисли дека е потребно намалување на опасноста од војна меѓу Русија и земјите од НАТО.

„Се разбира дека ни треба (деескалација), но сè зависи од нашата влада. Нашата влада е таа што го започна сето ова… Русија е таа која ги создаде сите овие проблеми. Не гледам никакви проблеми со НАТО, не планира да нападне никого“, рече Коховец за РСЕ.

Тој додаде дека руските сили убиле цивили во киевското предградие Буча „без никаква причина“. Москва ги негира обвинувањата дека извршила воени злосторства во Украина.

Коховец се изјасни за делумно виновен, негирајќи дека неговите изјави за време на интервјуто за РСЕ се засновани на омраза. Тој на судењето изјави и дека го остварил своето уставно право слободно да го каже своето мислење за време на разговорот со РСЕ.

На рочиштето на 17 септември, Коховец исто така рече дека не знаел оти разговорот со РСЕ претставува кршење на Кривичниот законик и дека не знаел оти интервјуто ќе биде објавено на Интернет.

Неговата адвокта на судењето кажа дека нејзиниот клиент немал омраза кон никого кога разговарал со РСЕ.

Според Јелена Шереметјева, „доказот“ за вината на нејзиниот клиент се заснова единствено на форензичко лингвистичко вештачење на неговиот говор, кое според неа било направено со груби прекршувања односно двете лица кои ги проучувале неговите изјави не биле државни лиценцирани лингвисти.

Лингвистичката форензика беше спроведена од наставничка по математика Наталија Крјукова, и преведувач, Александар Тарасов. Двајцата исто така правеа слични вештачења во случаите на затворањето на Меморијалниот центар за човекови права во 2021 година и затворањето на копретседателот на центарот, Олег Орлов, во февруари оваа година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG