Достапни линкови

 
Како би изгледале европските сили во Украина и колку е тоа реално?

Како би изгледале европските сили во Украина и колку е тоа реално?


Пилотот се приближува до својот хеликоптер во украинската воена воздухопловна база во близина на линијата на фронтот во регионот Херсон
Пилотот се приближува до својот хеликоптер во украинската воена воздухопловна база во близина на линијата на фронтот во регионот Херсон

Дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина се интензивираа во последните денови, што ги поттикна европските земји да размислуваат за испраќање мировни сили со ново чувство на итност, пишува редакцијата на англиски јазик на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Кога пред една година, францускиот претседател Емануел Макрон за првпат ја спомна идејата за европски сили кои ќе ја обезбедат повоената безбедност на Украина, таа не предизвика голема возбуда, ниту пак беше сериозно сфатена од експертите.

Францускиот претседател Макрон на средба со европските лидери во Париз, 17.02.2025
Францускиот претседател Макрон на средба со европските лидери во Париз, 17.02.2025

Тоа сега се смени.

Предлозите на американскиот специјален пратеник за Украина и Русија, Кит Келог, дека Европа нема да биде „на маса“ за време на преговорите за иднината на Украина, им дадоа дополнителен поттик на европските лидери да се позиционираат како релевантни актери.

Американско-руските разговори за Украина одржани на 18 февруари во Саудиска Арабија дополнително го зголемија притисокот.

Холандскиот премиер Дик Шуф јасно стави до знаење: Европејците мора да се договорат за тоа што можат да понудат, „и на тој начин на крајот ќе добиеме место на масата“.

Но, тоа не е единствената причина за оживување на оваа идеја.

„Ова ќе биде тешка задача за Европа, но не може да се избегне ако руската закана за НАТО треба да запре во Украина“, изјави Џејми Шеј, поранешен висок функционер на НАТО.

Шеј проценува дека ќе бидат потребни околу 50.000 европски војници, што би значело вкупна воена структура од 150.000 војници со „беспрекорни ротации“.

Состанокот во Париз на 17-ти февруари не донесе јасен пробив, но дискусијата сега е започната сериозно. Британскиот премиер Кир Стармер инвестираше политички капитал во овој проект пред неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп следната недела.

Сепак, Стармер, исто така, навести дека мисијата ќе бара американско учество, спомнувајќи ја американската „безбедносна поддршка“, како што е воздухопловството.

Шеј, кој беше портпарол на НАТО за време на балканските војни во 1990-тите, предупредува дека тоа може да биде проблем.

„Европејците ќе бидат свесни за фијаското во Босна и Херцеговина на почетокот на 1990-тите, кога европските сили беа на теренот, додека Американците, кои беа безбедни во воздух, постојано ги критикуваа“, рече Шеј.

Изјавите на Стармер за неговата подготвеност да испрати војници привлекоа внимание, но и сериозни предупредувања за ограничените воени способности на Обединетото Кралство.

Меѓу критичарите е и Ричард Данат, поранешниот шеф на британската армија, кој тврди дека армијата е „толку ослабена“ што не може да ја води мисијата.

Британската војска е главно фокусирана на антитерористичките и контрабунтовничките операции од 2001 година. Таа претрпе намалувања во текот на изминатите десет години, а според последниот парламентарен извештај од септември, Обединетотот Кралство е „недоволно подготвено“ да се справи со руската закана.

Во јули, самиот Стармер изјави дека британските вооружени сили се „ослабени одвнатре“.

Другата голема воена сила во Европа е Франција.

Француската армија има повеќе членови од британската, но таа со години е ангажирана во воени операции низ Африка, што ги исцрпи нејзините капацитети. Француските аналитичари изразуваат сомневање во способноста на војската да се справи со конфликти со висок интензитет како оној во Украина.

„Имаме само шест ракетни фрлачи со долг дострел, немаме реални способности да се бориме со беспилотни летала“, предупреди во ноември Лео Перијад Пеине од Францускиот институт за меѓународни односи.

Шведска и Холандија сигнализираа дека ќе бидат подготвени да испратат војници, но под одредени услови.

Полска, иако има голема војска, експлицитно ја отфрли оваа можност.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој претходно ги напушти преговорите во Париз, рече дека е „иритиран“ од оваа „прерана“ дискусија.

Анкетите во Германија покажуваат дека Шолц ќе ги загуби сојузните избори на 23 февруари, но ќе остане на власт уште неколку месеци за време на преговорите за формирање нова влада. По изборите, сепак, тој може да биде повеќе наклонет кон идејата за испраќање германски војници во Украина.

Јирген Хард, пратеник од главната опозициска Христијанско-демократска партија (ЦДУ), изјави за Радио Слободна Европа дека може да ги замисли германските трупи под знамето на Обединетите Нации. Се очекува ЦДУ да биде водечка партија во идната германска влада.

„Не исклучувам воена улога на Германија доколку постои мировно решение засновано на резолуција на Обединетите Нации, каде што меѓународните сили ќе бидат повикани да го надгледуваат или да придонесат за зачувување на тој мир“, рече Хард.

Ова го покренува клучното прашање за тоа колку е реална таква мисија?

Нику Попеску од Европскиот совет за надворешни односи гледа дополнителна пречка.

„Проблемот со традиционалните мировни мисии е што тие зависат од одлуките на ОН, што значи дека Русија може да стави вето или да ги прекине во секое време“, изјави за РСЕ минатиот месец Попеску, кој беше министер за надворешни работи на Молдавија од 2021 до 2024 година.

Русија е постојана членка на Советот за безбедност на ОН и има право на вето.

Попеску тогаш рече дека повеќето од дискусиите не биле за мировните сили, туку за одвраќање.

Џејми Шеј се согласува, истакнувајќи две други клучни прашања.

„Дали ги користиме силите на НАТО кои моментално ги бранат границите на НАТО во Централна и Источна Европа? Полска е против тоа. И дали треба повеќе да се фокусираме на зајакнување на украинската армија и да трошиме пари на тоа, наместо на европски безбедносни сили, како што се залага Данска“?, прашува Шеј.

Политичките фактори исто така играат важна улога. Анкетите во Западна Европа постојано покажуваат ниски нивоа на поддршка за испраќање војници во Украина.

Ризиците од испраќање на таков контингент, дури и во неборбена улога, би биле огромни. Правилата за ангажман треба јасно да дефинираат како да се одговори доколку руските сили отворат оган, а политичките последици од загубите би можеле да бидат огромни.

„Ќе биде тешко да се спроведе. Ако одите од запад кон исток, го имате она што претходно го нареков оската на стравот. Источноевропските земји го чувствуваат ова многу јасно“, заклучува Никлас Гранхолм од Шведската агенција за одбранбени истражувања.

XS
SM
MD
LG