Достапни линкови

 
По Минхенската конференција, Зеленски и сојузниците влегуваат во непознати води

По Минхенската конференција, Зеленски и сојузниците влегуваат во непознати води


Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и украинскиот претседател Володомир Зеленски на Минхенската безбедносна конференција, 14 февруари 2025 година
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и украинскиот претседател Володомир Зеленски на Минхенската безбедносна конференција, 14 февруари 2025 година

Минхенската безбедносна конференција е нешто најблиску до Суперболот (американски спортски настан) што го има меѓународната дипломатска заедница: богат со анализи пред и по настанот, неуморно следен во живо и со завршница насочена кон спектакл.

Но, вистинските настани оваа година се случуваат надвор од самата конференција. Украина, нејзините европски сојузници и Кремљ се позиционираат за преговори со администрацијата на амерканскиот претседател Доналд Трамп, која јасно стави до знаење дека традиционалните геополитички правила повеќе не важат, пишува редакцијата на англиски јазик на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во објава на мрежата Х, Кристи Раик, директор на Меѓународниот центар за одбрана и безбедност во Талин, ја сумираше мрачната атмосфера меѓу европските набљудувачи на конференцијата.

„Го напуштив Минхен со чувство на вознемиреност. Украинскиот претседател Володимир Зеленски јасно стави до знаење дека Украина не очекува САД да работат за праведен мир. Тоа е задача за Европа. Не сум сигурен дека Европа е дорасната за тоа“, вели Раик.

Ситуацијата е следна: европските лидери оваа недела одржуваат итен самит за војната во Украина, администрацијата на Трамп испраќа преговарачки тим во Саудиска Арабија за да започне разговори со руските претставници за завршување на војната, а Украина, барем засега, нема место на преговарачката маса.

Сите овие настани следеа по борбениот говор на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во Минхен, кој ги критикуваше европските сојузници за, како што рече, нивното повлекување од слободата на говорот и „неконтролираната“ имиграција на континентот.

„Заканата што најмногу ме загрижува кога станува збор за Европа не е Русија. Тоа не е Кина, ниту некој друг надворешен актер. Она што ме загрижува е внатрешната закана. Повлекувањето на Европа од нејзините најфундаментални вредности“, рече Венс.

Нападите на Русија врз остатоците од нејзината демократска опозиција или нејзиното кршење на меѓународните норми не беа ни споменати. Венс, исто така, даде малку конкретни информации за тоа како администрацијата на Трамп планира да постигне, како што го нарекува, „разумен договор“ за ставање крај на непријателствата во Украина.

За поддржувачите на Украина, тоа беше вознемирувачки развој. Нападот на Венс врз европската публика дојде само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп на 12 февруари рече дека имал „долг и многу продуктивен“ разговор со Путин. Исто така, се чини и дека Трамп е поканет да ја посети Москва.

Тој разговор меѓу Трамп и Путин го даде тонот на овогодинешната конференција во Минхен, предизвикувајќи загриженост во Киев и европските престолнини дека Трамп би можел да преземе многу потрансакциски пристап кон преговорите за ставање крај на војната во Украина.

Точниот формат на ваквите можни преговори останува нејасен. За време на панелот на конференцијата во Минхен, Кит Келог, претставник на Трамп за Украина и Русија, навести дека Европа можеби нема место „на маса“ кога ќе дојде време да преговара за крај на војната.

Во секој случај, конференцијата беше клучен момент за Украина и нејзините сојузници. Во своето обраќање, украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна дека Европа мора колективно да ја зголеми поддршката за Украина бидејќи приоритетите на Вашингтон се менуваат.

„Украина никогаш нема да прифати договори направени зад наш грб, без наше учество. Истото правило треба да важи за цела Европа. Нема одлуки за Украина без Украина – нема одлуки за Европа без Европа“, рече во своето обраќање, Зеленски.

Главното прашање што се појави од овогодинешната Минхенска конференција е дали ќе се преговара за мир без Украинците. Но, ако искуството од последните три години нè научи нешто, тоа е дека Украина може да дејствува, дека има подготвеност да се бори и моќен меѓународен комуникатор во лицето на Володимир Зеленски.

Во зависност од перспективата, овогодинешната конференција може да се смета како повторување на 1938 година - неуспешната политика на британскиот премиер Невил Чембрлен кон Адолф Хитлер или повторување на огнениот говор на Владимир Путин во Минхен во 2007 година, кога тој ја осуди појавата на „униполарен свет“ предводен од Вашингтон.

Но, да го парафразираме поранешниот американски секретар за одбрана Доналд Рамсфелд: Го пишувате насловот со историската аналогија што ја имате, а не онаа што можеби ја сакате или посакувате во некој подоцнежен момент. Историјата нуди само несовршени паралели, а Украина и Европа сега навлегуваат во целосно непозната територија по Минхен.

Европските лидери во Париз, се разговара за заедничка позиција за Украина

Во меѓувреме, европските лидери ќе се сретнат денеска( 17 февруари) на итен самит за да разговараат за тригодишната војна на Русија против Украина.

Набрзина договорената средба во Париз е одговор на зголемените стравувања дека САД и Русија сами ќе преговараат за крај на војната, оставајќи ги Украина и нејзините европски сојузници на страна.

Се очекува европските лидери да презентираат обединет фронт и да разговараат за новите предлози за поддршка на Украина и зајакнување на европската безбедност.

„Се чини дека има група земји од ЕУ на кои им е јасно дека нема да бидат дел од лошо дизајниран и избрзан договор со Трамп и кои се фокусирани на продолжување на нивната поддршка за Украина“, рече Мајда Руге, виш политички соработник во Европскиот совет за надворешни односи со седиште во Берлин.

Потезите на Вашингтон предизвикаа тревога и ги оставија европските лидери на континентот да се обидуваат да одговорат на, како што велат, унилатералниот пристап на Вашингтон за ставање крај на војната во Украина.

Но, не е јасно дали континентот може да ги надмине своите длабоки поделби и да излезе со конкретна стратегија за ставање крај на војната во Украина и справување со Русија.

„Европа потроши повеќе време дискутирајќи, давајќи изјави и повикувајќи, отколку да даде конкретна поддршка за Украина или да спроведе каква било друга политика по сопствен избор“, рече Иан Гарнер, руски експерт од Институтот Пилецки со седиште во Варшава.

Европските власти предупредија дека набрзина договорениот мировен договор или договор за прекин на огнот ќе ја поткопа Украина и пошироката европска безбедност.

Европа е најголемиот финансиски поддржувач на Украина, надминувајќи ги и Соединетите Држави. Но, заостанува во воената поддршка, и покрај ветувањата дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана и производството на оружје во последниве години.

Со исклучок на Унгарија и Словачка, постои широка поддршка за Украина во Европа. Но, постои и несогласување.

„Сите се технички на иста страна. Проблемот е кога всушност ги гледате пофините детали за плановите, сите не се согласуваат“, рече Гарнер.

Создавањето на европска армија е одличен пример. Некои европски лидери повикаа на распоредување европски воени сили во Украина за да се обезбеди безбедност доколку се постигне мировен договор.

Но, оваа идеја беше отфрлена од други официјални претставници, вклучително и шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.

XS
SM
MD
LG