Достапни линкови

За што ќе се разговара на Минхенската безбедносна конференција?


Американскиот потпретседател Џ. Д. Венс (лево) и украинскиот претседател Володимир Зеленски (десно)
Американскиот потпретседател Џ. Д. Венс (лево) и украинскиот претседател Володимир Зеленски (десно)

Викендов сите очи ќе бидат вперени во Германија, каде што светските лидери се собираат во хотелот „Бајеришер Хоф“ на тридневната Минхенска безбедносна конференција.

И додека ќе има многу официјални изјави и важни дискусии, можеби најважните разговори, за иднината на Украина, ќе се одржат на маргините на конференцијата.

Голем дел од дискусијата што водеше до конференцијата беше за тоа дали пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Русија и Украина, Кит Келог, ќе го претстави својот долгоочекуван мировен план во главниот град на германската покраина Баварија.

Келог за АП изјави дека Белата куќа ги разработува деталите за какви било потенцијални разговори.

„Кога ќе се вратиме од Минхен, сакаме да му обезбедиме на претседателот опции, така што кога директно ќе се вклучи во мировниот процес, ќе знае како ќе изгледа“, рече Келог.

Разговорите добиваат форма

Она што е веројатно, изјави еден европски дипломат за Радио Слободна Европа, ќе бидат „некаква контура или широки потези на договорот што ќе се појави во Минхен“, бидејќи украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот шеф на кабинет, Андриј Јермак, се очекува да се сретнат со Келог и со американскиот потпретседател Џеј Д. Венс.

Можни се и разговори меѓу Украина и американскиот државен секретар Марко Рубио и секретарот за одбрана Пит Хегсет, кои исто така присуствуваат на конференцијата.

Неколку европски лидери се заинтересирани да разговараат за војната, а се верува дека викендот на Денот на вљубените ќе биде исполнет со дипломатски „брзи состаноци“.

Што точно ќе произлезе од овие разговори е неизвесно, но дипломатите шпекулираат дека може да дојде до замрзнување на конфликтот, при што Киев, барем привремено, ќе прифати некои територијални отстапки во корист на Русија во замена за безбедносни гаранции.

Додека претставниците на НАТО со кои разговараше Радио Слободна Европа ја отфрлаат можноста за итно членство на Украина во Алијансата, зголемувањето на западните испораки на оружје за Киев се смета за пореална опција.

Келог претходно зборуваше за можноста во одреден момент да се одржат избори во Украина, нешто што не е можно според украинскиот устав додека е на сила вонредната состојба.

Трамп, пак, неодамна ја спомна можноста САД да добијат пристап до украинските наоѓалишта на ретки минерали „како компензација за стотиците милијарди што ги потроши помагајќи му на Киев да се спротивстави на руската инвазија“.

Останува прашањето - колку е подготвен Кремљ да се договори со западните претставници?

Додека Русија е отворена за разговори со Соединетите Држави, Кремљ можеби не е премногу подготвен за компромис сега кога Москва има предност во борбите.

Краен рок за заложници во Газа

Покрај Украина, многу лидери во Минхен будно и нервозно ќе ја следат ситуацијата во Појасот Газа, бидејќи крајниот рок за враќање на израелските заложници од заробеништво на Хамас е напладне на 15 февруари - точно на средината на конференцијата.

Трамп претходно предупреди на можноста „да се откаже сè и нека почне пекол“ доколку заложниците не бидат ослободени.

Интересна позадина ќе дадат и парламентарните избори во Германија, кои се одржуваат само една недела по безбедносната конференција.

Актуелниот центристички канцелар, Олаф Шолц, и неговиот можен наследник, лидерот на десниот центар, Фридрих Мерц, ќе ги пречекаат странските претставници во Баварија.

И додека таму би можеле да разменуваат политички удари, најверојатниот постизборен исход е голема коалиција меѓу нивните партии.

На антиимигрантската и проруска Алтернатива за Германија (АфД), која се очекува да заврши на второто место на изборите, и беше забрането да учествува на состанокот, исто како и на популистичката левичарска Алијанса на Сахра Вагенкнехт, која има слични ставови и се очекува првпат да влезе во Бундестагот.

Се очекува овие партии заедно да освојат повеќе од четвртина од сите гласови, бидејќи и во Германија дуваат популистички ветришта.

XS
SM
MD
LG