Достапни линкови

Што да очекуваме од првиот состанок на Пит Хегсет во НАТО?


Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет

Министрите за одбрана на НАТО се состануваат во Брисел на 13 февруари на нивниот прв состанок оваа година. Целото внимание на овој еднодневен собир ќе биде насочено кон новиот американски министер за одбрана Пит Хегсет. Тој неодамна помина на гласањето за потврда на неговата позиција од страна на американскиот Сенат. Сега сите 31 земја-членка на НАТО сакаат да ги слушнат ставовите на Хегсет за голем број работи - особено за војната во Украина, трошоците за одбрана и посветеноста на САД кон НАТО.

Посетата на Хегсет доаѓа во текот на една недела кога неколку функционери на американската влада доаѓаат во Европа за прв пат во нивниот мандат и во позадина на значителни трансатлантски тензии. Американскиот државен секретар Марко Рубио треба да биде во Париз на 12 февруари за да се сретне со своите британски, француски, германски, италијански, полски, шпански и украински колеги пред да замине на Минхенската безбедносна конференција, на која се собираат светските лидери, претставници на одбраната и надворешната политика.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и специјалниот пратеник на САД за Украина и Русија, Кит Келог, исто така, треба да се појават на конференцијата од 14 до 16 февруари, но Хегсет е единствениот што ќе се појави во формален, министерски амбиент.

Значи, што се очекува да каже Хегсет во Брисел?

Во соопштението на Министерството за одбрана по неговиот прв телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте на 28 јануари, беше наведено дека тие ја „поделија посветеноста за градење на посилна НАТО Алијанса. Двајцата лидери ја истакнаа важноста од зголемување на трошоците за одбрана на сојузниците и проширување на капацитетот на одбранбената индустриска база на двете страни на Атлантикот“.

Извор од НАТО запознаен со разговорот ми кажа дека повикот поминал „подобро од очекуваното“. Пред да ја преземе својата нова улога, Хегсет рече дека сојузниците на Вашингтон во НАТО се „застарени, со надминато вооружување, нападнати и немоќни“ и тврдеше дека воената организација не е „сојуз“, туку „одбранбен аранжман за Европа, платен и преземен од Соединетите Држави“.

Членките на НАТО во Европа ќе бидат заинтересирани да знаат дали Хегсет е посветен на клаузулата за меѓусебна одбрана на НАТО, односно членот 5, откако американскиот претседател Доналд Трамп претходно фрли сомнеж во подготвеноста на Соединетите Држави да ги бранат нациите кои не трошат доволно за одбраната.

Европските трошоци за одбрана дефинитивно ќе бидат тема на министерскиот состанок. Официјалните претставници на НАТО со кои разговарав, веруваат дека Хегсет, најверојатно, ќе пренесе силна порака. Трамп претходно спомена дека трошоците за одбрана можеби ќе треба да се зголемат до 5 отсто од бруто домашниот производ (БДП).

Само Полска е блиску до овие 5 проценти, иако Естонија и Литванија сигнализираа дека ќе ги зголемат трошоците и на ова ниво.

Сите со кои разговарав во НАТО се согласуваат дека сегашното ниво од 2 проценти е премалку и очекуваат дека новата цел, што треба да се договори на самитот на НАТО во јуни во Хаг, ќе заврши на околу 3 до 3,5 проценти.

Што е со присуството на американски војници во Европа?

Малкумина веруваат дека Хегсет ќе го допре ова прашње на неговиот прв министерски состанок, но сигурно ќе има разговори за тоа подоцна во пролетта. Околу 100 000 американски воен персонал се стационирани на континентот, главно во Германија, Италија и Обединетото Кралство.

Во седиштето на НАТО во Брисел, некое време се шпекулира дека американските трупи би можеле да бидат преместени кон исток, особено од Германија, или дека голем дел од нив целосно ќе бидат прераспределени подалеку од Европа.

Потоа, се разбира, тука е деликатното прашање за Гренланд, данска територија за која Трамп изрази интерес. Засега, нема индикации дека прашањето ќе се појави на министерскиот состанок, но можеби ќе има разговори на маргините од состанокот.

Досега ставот на НАТО беше дека целата алијанса треба да го зајакне своето присуство во Високиот Север, што е арктичкиот регион и најсеверните делови на Европа и Северна Америка, избегнувајќи го деликатното прашање еден сојузник на НАТО да изрази интерес за територијата на друга членка на Алијансата. И додека Данска разговараше за ова прашање и со Вашингтон и со нејзините европски сојузници, Копенхаген навидум не сака официјално да го стави на агендата на ЕУ и НАТО.

Во Брисел ќе биде присутен и украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, бидејќи една од двете сесии на министерскиот состанок ќе биде Совет НАТО-Украина. Умеров во суштина ќе даде ажурирање за состојбата на војната, но голем дел од разговорите на маргините најверојатно ќе се фокусираат на се погласните информации во медиумите и меѓу дипломатите дека некој вид мировни преговори со Москва би можеле да започнат наскоро.

Веќе некое време слушам од претставници на НАТО дека мировниот договор е сè уште далеку. Како што ми рече еден амбасадор на НАТО:

„Нема индикации од руската страна дека тие се подготвени да се договорат за какви било отстапки во моментот. Тие, секако, сакаат да бидат на маса со Американците, но сега нема да склучат договор кога чувствуваат дека победуваат“.

Дали Брисел конечно ќе ги погоди руските ѓубрива?

Европската комисија конечно одлучи да ги таргетира белоруските и руските ѓубрива. На 28 јануари, Комисијата изнесе предлог за воведување на постепено зголемување на царините на производите во период од три години, со цел да се исфрлат од пазарот на ЕУ.

Сепак, не е сигурно дали предлогот ќе биде усвоен и во каква форма. Ова не е нормален предлог за санкции, кој обично бара едногласност меѓу 27-те земји-членки на ЕУ. Овој пат тоа е трговска регулатива за која треба да биде одобрено и од Европскиот парламент со просто мнозинство и од земјите-членки со квалификувано мнозинство (55 отсто од земјите-членки што претставуваат 65 отсто од вкупното население на ЕУ).

Од друга страна така регулативата е полесна за поминување, бидејќи ниту една земја не може да го блокира. Од друга страна, тоа исто така може да ја искомплицира ситуацијата, бидејќи сега се вклучени две институции. А тоа ги зголемува можностите Москва и Минск да лобираат за да го намалат предлогот - особено преку моќното земјоделско лоби во блокот.

Што е позадината?

Главната причина зошто Брисел не сакаше да ги таргетира руските и белоруските ѓубрива се европските земјоделци. Тие формираат исклучително силно лоби во многу земји-членки на ЕУ, како и во Брисел, а последното нешто што тие го сакаат во моментов се зголемените трошоци, до што може да дојде ако се усвои овој предлог.

Дипломат на ЕУ, кој зборуваше бидејќи тие не беа овластени да зборуваат јавно, ми призна дека предлогот можел да дојде порано за да престане да се користи како политичка борба на изборите за Европскиот парламент во јуни 2024 година.

Руските и белоруските ѓубрива се конкурентни поради изобилството на евтин гас, кој се користи за производство на ѓубрива, во овие земји. Во 2023 година, увозот на ѓубрива во ЕУ изнесуваше 14 милиони тони, од кои речиси 4 милиони се од Русија - единствениот најголем извозник на ѓубрива во блокот во износ од 1,28 милијарди евра (1,32 милијарди долари). Тоа се пари кои барем делумно одат за финансирање на војната на Кремљ во Украина.

Трговијата со ѓубрива со Белорусија беше вредна околу 30 милиони евра, иако претставниците на ЕУ признаваат дека честопати не се сигурни каде се произведуваат ѓубривата поради блиските економски врски меѓу Минск и Москва.

ЕУ во пракса би можела да се оддалечи од Белорусија и Русија. Египет и Алжир би можеле да ја пополнат празнината, но најверојатно ќе бидат во искушение да ги зголемат цените со тврдење дека голем играч го напуштил пазарот, со што ќе се зголеми побарувачката.

Исто така, постои капацитет да се пополни празнината со производство во блокот, што во суштина е целта на предлогот за санкции на Европската комисија: зајакнување на домашната индустрија на блокот и обезбедување построга безбедност на храната. Франција, Холандија и Полска би можеле да излезат во пресрет, но тогаш цените на бензинот во блокот ќе треба да се намалат.

Сега се поставува прашањето дали овој предлог ќе помине, и ако е така, колку ќе биде изменет. Дипломатите од неколку земји-членки со кои разговарав, рекоа дека некои престолнини ќе бараат од Европската комисија да направи проценка на влијанието за да се види дали овие мерки не ѝ штетат на ЕУ повеќе од Белорусија и Русија. Тоа може да го одложи процесот и ќе биде знак дека земјите-членки на прво место не се особено заинтересирани за мерките.

Мерките, сепак, не се толку тешки за да се почне со нив. Руските и белоруските ѓубрива веќе се соочуваат со општа царина од 6,5 проценти. Предлогот на комисијата сугерира дополнителна царина од 40 евра за тон од 1 јули. Следната година, таа такса ќе се зголеми на 60 евра за тон, а потоа на 80 евра за тон во 2027 година, пред да се искачи до 315 евра во 2028 година, што во суштина би го направила увозот прескап.

Етапното применување значи дека Русија и Белорусија навистина нема да почувствуваат економска болка во скоро време. Со оглед на тоа што војната може да заврши или барем да биде паузирана оваа година, дури се поставуваат прашања дали овие мерки воопшто ќе бидат воведени.

Потоа, постои можност увозниците од ЕУ да прават многу нарачки сега кога цената е сè уште разумна и да се откажат кога цените се повисоки, поништувајќи некои од ефектите на ваквите санкции.

Постои и прашање на недостиг на храна во остатокот од светот. ЕУ е обвинувана од земјите во развој дека недостигот на храна на друго место е предизвикан од санкциите на блокот кон Русија по избувнувањето на војната во Украина во февруари 2022 година.

Брисел досега беше категоричен дека санкциите кон Москва и Минск не се причина за недостиг на храна. Предлогот на комисијата јасно покажува дека транзитот преку ЕУ сè уште ќе биде возможен и ако ЕУ купува помалку од Русија ќе значи дека ќе има повеќе ѓубрива на пазарот достапни за земјите во светот во развој.

Што понатаму?

Европскиот парламент оваа недела се состанува во Стразбур и ќе ја одбележи третата годишнина од целосната инвазија на Русија и, на 16 февруари, првата годишнина од смртта на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални. На последниот ден од пленарната седница, 14 февруари, се очекува парламентот да донесе и необврзувачка резолуција со која се доведува во прашање легитимноста на грузискиот претседател Михаил Кавелашвили, чие претседателство е оспорено од опозицијата во земјата.

XS
SM
MD
LG