Достапни линкови

Украинското жито ги разгневи земјоделците од ЕУ


Земјоделци со трактори во бугарскиот град Русе ја блокираат границата со Романија, 29 март 2023 година.
Земјоделци со трактори во бугарскиот град Русе ја блокираат границата со Романија, 29 март 2023 година.

Земјоделците од Источна Европа се вознемирени од евтините украински житарки и други производи кои го преплавија пазарот, откако ЕУ се откажа од царинските давачки и увозните квоти за украински производи. Тие сега прават притисок да се реши проблемот.

Земјоделци во бугарскиот град Русе минатата недела со трактори ги блокираа главните гранични премини со Романија, за да спречат камиони да го преминат главниот мост што се протега на Дунав.

Тие носеа транспаренти на кои пишува „Стоп за геноцидот врз земјоделството“ и „Сакаме да бидеме конкурентни“.

Бугарските земјоделци велат дека околу 40 отсто од нивниот род од минатата година, главно жито и семки од сончоглед, останува непродаден, а вишокот нема каде да го складираат пред годинешната реколта.

Причината за протестот се евтините украински житарки и други производи кои го преплавија пазарот, откако Европската унија се откажа од царинските давачки и увозните квоти за украински производи.

Брисел се обидува да му помогне на својот источен партнер погоден од војна да го одржи во функција земјоделскиот сектор и да дојде до пазари, најчесто во земјите во развој, надвор од ЕУ.

Со неодамнешните протести во Полска и Романија, бугарските земјоделци не се единствените кои се вознемирени. Сега има зголемен притисок врз националните и врз лидерите на ЕУ да го решат проблемот, при што некои земјоделци одат до таму што сугерираат дека треба да се стопира увозот на земјоделски производи од Украина.

Но, не е дека европските земјоделци нужно немаат симпатии за нивните украински колеги.

„Солидарни сме со Европа и со нејзината поддршка за Украина“, изјави Даниела Димитрова, регионален лидер на бугарската унија на производители на жито, за новинската агенција АП. Таа додава дека „ Европската комисија треба да ја погледне секоја поединечна земја-членка и да ги направи земјоделците конкурентни“.

Земјоделци во северозападна Полска на 3 април 2023 година протестираа против напливот од украинско жито.
Земјоделци во северозападна Полска на 3 април 2023 година протестираа против напливот од украинско жито.


Земјоделците во Бугарија кои одгледуваат семки од сончоглед, еден од главните извозни производи во земјата, велат дека не можат да се натпреваруваат со огромниот наплив на украински стоки што го преплавуваат пазарот.

Заменик-министерот за земјоделство Тодор Џиков неодамна за Бугарското национално радио изјави дека во 2021 во Бугарија од Украина биле увезени 20.000 тони сончоглед. А во 2022 година беа увезени речиси 900.000 тони, што доведе до пад на цената на домашниот пазар за речиси 50 отсто.

Кога Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, нејзината војска ги блокираше или ги окупираше украинските пристаништа на Црното Море, со што се оневозможи извозот на жито и други производи по морски пат.

Според податоците на Организацијата за храна и земјоделство на ОН, пред руската инвазија, Украина, испорачувала 42 отсто од сончогледовото масло што се тргува на глобалниот пазар, 16 отсто од пченката и 9 отсто од пченицата.

Многу земји, особено на Блискиот Исток и Африка, беа зависни од украинскиот увоз на тие производи. Со блокирани пристаништа и отсечени алтернативни бродски рути, околу 20 милиони метрички тони жито беа заглавени во Украина во летото 2022 година, пред да почне новата жетва.

Растечка криза

За да се справи со растечката криза, Европската комисија, највисокото извршно тело на ЕУ, на 27 април 2022 година, предложи суспендирање на сите царини и квоти за извоз на украински стоки за една година, вклучувајќи ги и земјоделските производи. Потоа, во мај 2022 година, Европската комисија го започна својот акционен план за солидарни патеки, со кои беа воспоставени алтернативни патишта за украинското жито, од кои повеќето се очекуваше да транзитираат низ ЕУ до подалечните пазари. Соседните држави на Украина - Полска, Романија, Словачка, Молдавија, Унгарија и Бугарија, преку железницата, патиштата и внатрешните водни патишта, односно реката Дунав, станаа спас за украинската економија и нејзините земјоделци.

Во јули 2022 година, беше постигнат договор со посредство на ОН и Турција за отворање на безбеден хуманитарен коридор во Црното Море, за извоз на украински производи. Оттогаш, повеќе од 900 бродови полни со жито и други прехранбени производи ги напуштија трите украински пристаништа на Црното Море, Чорноморск, Одеса и Јужне.

Заклучно со март, кога беше проширена иницијативата за жито во Црното Море, повеќе од 23 милиони метрички тони жито и други прехранбени производи се извезени преку Црното Море, покажуваат податоците на Заедничкиот управен комитет на иницијативата за црноморско жито. Од тој вкупен износ, 49 проценти е пченка, која седеше во складиштата кои требаше да се исчистат за да се ослободи простор за пченицата од жетвата во 2022 година.


Светската програма за храна на ОН (СПХ), исто така, повторно почна да испорачува пченица од пристаништата на Црното Море.

„Украина игра клучна улога во обезбедувањето на пченица, пченка, растително масло и друга храна на глобалните пазари“, вели портпаролот на Светската програма за храна за РСЕ.

„Продолжувањето на извоз од Украина е апсолутно витално за глобалните пазари на храна, бидејќи помага да се намали одреден притисок од домашните цени на храната ширум светот, што е од клучно значење за сиромашните луѓе кои живеат во земјите кои се најпогодени од актуелната криза со храна“, велат од Светската програма за храна.

Но за земјоделците од земјите членки на ЕУ тоа е премногу. Тие тврдат дека украинското жито ги преплавува нивните домашни пазари, поткопувајќи ги напорите на локалните производители, а ниската цена се покажува премногу примамлива за локалните купувачи и трговци. Но не е само житото, туку и други украински прехранбени производи имаат корист од ублажените царини и увозните квоти, меѓу нив се и јајцата, живинта, шеќерот и јаболката.

„Во рамките на солидарноста, пазарот на ЕУ се отвори за украински производи што резултира со нивен невиден проток во Источна Европа. Овој ненадеен и значителен прилив создаде тензија на локално ниво“, објасни Фарм Европа, тинк-тенк фокусиран за руралните економии во ЕУ.

Товарен брод Деспина, кој носи украинско жито, во близина на Истанбул, Турција на 2 ноември 2022 година.
Товарен брод Деспина, кој носи украинско жито, во близина на Истанбул, Турција на 2 ноември 2022 година.


Зденек Кубиска, претседател на одборот на Чешката асоцијација за стоки и добиточна храна, рече дека украинското жито почнало да ги преплавува пазарите на ЕУ по започнувањето на Црноморската иницијатива. Кубиска за иДНЕС, вели некои украински култури не стигнуваат до земјите во развој како што е планирано, туку завршуваат во ЕУ, имено Шпанија и Италија. Кубиска ги обвини посредниците во Турција, каде што прво се испраќа украинското жито, за испраќање во ЕУ, а не во земјите во светот во развој.

Претседателот на Земјоделската комора на Чешка Јан Долежал ги повтори тврдењата дека профитерите во Турција се виновни. Тој за иДНЕС изјави дека тие ја користат ситуацијата.

„Со оглед на тоа што земјоделските производи во ЕУ не се увезуваат од земјоделците, туку од трговците, тоа всушност не им помага на украинските земјоделци, кои добиваат само дел од реалната цена“, изјави тој.

Во Светската програма за храна (СПХ) пак велат дека обемот на проблемот не е толку голем.

„Навистина некои [бродови овластени од СПХ] ја носат пченицата во Турција, каде што се меле во брашно. Сепак, целата храна потоа се испраќа до нашите операции во земји како Авганистан, Етиопија Кенија, Сомалија или Јемен“, изјави портпаролот на СПХ за Радио Слободна Европа.

Без разлика кој е одговорен, гневот на земјоделците од ЕУ расте. Брисел се обидува да ја ублажи кризата и на 20 март им понуди 56,3 милиони евра компензација на погодените земјоделци, од кои Бугарија ќе добие 16,7 милиони евра, а Полска скоро 30 милиони евра. Од овие суми не се задоволни ни земјоделците, но ниту претставниците на овие влади, кои оценија дека ова не е доволно. Романските земјоделци добија уште помалку – 10 милиони евра.

Во обид да го ублажи гневот на земјоделците во Полска и по неколкучасовни наводно жестоки разговори, министерот за земјоделство Хенрик Ковалчик на 29 март најави дека земјоделците и трговците ќе добијат околу 1,2 милијарди злоти (околу 256 милиони евра) како компензација за загубите, иако не е јасно колкав дел од тие пари доаѓаат од ЕУ, а колку од полскиот буџет.

И покрај тоа што за Полсат изјави дека увозот на жито од Украина во Полска се намалува во изминатите две недели, Ковалчик, кој беше мета на критики, поднесе оставка на 5 април, поради плановите на Европската комисија „да го продолжи бесцаринскиот увоз на украинско жито до јуни 2024 година“.

МН: Почнаа обвинувањата

Почнаа обвинувања и за романскиот колега на Ковалчик. Дачијан Чолош, поранешен еврокомесар за земјоделство, а сега пратеник во парламентот, побара оставка од министерот за земјоделство Петре Даеа поради „катастрофалниот“ договор за помош на земјоделците што беше испреговаран со Брисел.

Тој обвини дека на романските земјоделци им се прави неправда поради неспособноста на власта „да ги поддржи интересите на романскиот земјоделски сектор со аргументи и релевантни податоци“.

Даеа одговори дека ги обезбедиле сите побарани податоци, но немале прво на глас за финалната сума од 10 милиони евра која ЕУ се согласи да им ја додели на романските земјоделци.

Поради притисокот од дома, политичките лидери во погодените членки на ЕУ го притискаат Брисел да направи повеќе.

Во писмото од 31 март, во кое РСЕ имаше увид, испратено до Европската комисија и нејзината шефица Урсула фон дер Лајен, премиерите на Полска, Словачка, Унгарија, Романија и Бугарија велат дека каналите преку кои украинското жито требаше да стигне на светските пазари не работат како што беше планирано.

Тие бараат од Комисијата да размисли за итно купување на вишокот жито од страна на Унијата и да обезбеди финансиска поддршка, вклучително и пари за изградба на складишта за вишокот жито.

Портпаролот на ЕК изјави дека Брисел е свесен за обемот на проблемот.

„Комисијата сфаќа дека дополнителниот увоз создава притисок врз синџирите на снабдување со земјоделско-прехранбени производи во овие земји, што доведува до преголема понуда, намалена побарувачка, зголемени трошоци за складирање, и на крајот намалени локални цени“, рече портпаролот, додавајќи дека пакетот помош од 56,3 милиони евра веројатно не е последен и оти Комисијата работи на друга мерка со слична големина за овие земји.

За многу од земјоделците во ЕУ, ова сепак би можело да биде премалку и предоцна, а повиците да се затвори вратата за увоз на земјоделски производи од Украина се засилуваат.

Романските земјоделци планираат, како што велат, национален штрајк на 7 април со ова барање, а бугарските медиуми јавуваат дека нивните бугарски колеги планираат да им дадат поддршка.

Техничкиот министер за земјоделство на Бугарија Јавор Гечев на 29 март рече дека Софија ќе побара измени во сегашниот бесцарински увоз на земјоделски производи од Украина во ЕУ. Според него, во последната година увозот на сончоглед од Украина се зголемил за 20 пати.

„Ниту еден пазар не може да апсорбира такви додатни количини“, рече тој.

Дополнително известување од Рикард Јозвиак, и од бугарскиот и романскиот сервис на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG