Достапни линкови

 
Венс ја предупреди Европа за слободниот говор и „непроверената“ имиграција

Венс ја предупреди Европа за слободниот говор и „непроверената“ имиграција


Германија - Џеј Ди Венс, потпретседател на Соединетите Американски Држави (САД) на 61 Минхенска безбедносна конференција, Минхен, 14 февруари 2025 година.
Германија - Џеј Ди Венс, потпретседател на Соединетите Американски Држави (САД) на 61 Минхенска безбедносна конференција, Минхен, 14 февруари 2025 година.

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, на Минхенската безбедносна конференција се осврна на тоа што тој го претстави како „повлекување на Европа од некои од нејзините најфундаментални вредности“. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус и шефицата за надворешна политика на Европската унија, Каја Калас, ги отфрлија критиките од Венс.

Се чини дека слободата на говорот е „во повлекување“ низ Европа и дека „непроверената“ имиграција претставува страшна закана за континентот, рече Џеј Ди Венс, потпретседател на Соединетите Американски Држави (САД) во обраќањето на Минхенската безбедносна конференција што почна на 14 февруари и ќе трае во следните три дена.

Додека во центар на внимание во пресрет на конференцијата беше притисокот на американскиот претседател Доналд Трамп да бара мировен договор што ќе стави крај на сеопфатната руска војна против Украина, Венс се осврна на тоа што тој го претстави како отстапување на Европа од нејзините основни вредности.

„Заканата за која најмногу се грижам во однос на Европа не е Русија. Тоа не е Кина, не е кој било друг надворешен актер. Тоа за што се грижам е заканата одвнатре. Повлекувањето на Европа од некои од нејзините најфундаментални вредности“, рече Венс.

И Трамп и Венс беа критички настроени кон она што тие го сметаат за ограничување на слободата на говорот во Европа, особено во однос на регулацијата на социјалните медиуми од страна на Европската унија (ЕУ), со цел справување со говорот на омраза и дезинформациите.

„Во Вашингтон има нов шериф во градот. И под водство на Доналд Трамп, можеби не се согласуваме со вашите ставови, но ќе се бориме да го одбраниме вашето право да го понудите на јавниот плоштад“, рече Венс.

Нападот во Минхен

Обраќањето на Венс дојде еден ден откако авганистански барател на азил беше уапсен во Минхен поради напад со автомобил во кој беа повредени десетици луѓе на 13 февруари а за кој се чини дека имал исламски екстремистички мотив.

„Колку пати мораме да ги претрпиме овие ужасни неуспеси пред да го промениме курсот и да ја однесеме нашата заедничка цивилизација во нова насока? Зошто се случи ова, на прво место? Тоа е страшна приказна, но приказна што сме ја слушнале премногу пати во Европа и, за жал, премногу пати и во САД“, рече Венс, велејќи дека миграцијата во Европа е „надвор од контрола“.

Писториус и Калас ги отфрлија критиките

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус ги отфрли критиките на американскиот потпретседател Венс за состојбата на демократијата во Европа, велејќи дека девет дена пред изборите во неговата земја е „неприфатливо“ да се прави паралела меѓу регионот и авторитарните влади, пренесе агенцијата АП.

„Ако го разбрав правилно, тој ги споредува условите во делови од Европа со оние во авторитарни режими. Тоа е неприфатливо, и не е Европа, ниту демократијата во која живеам и моментално водам кампања“, рече Писториус.

Шефицата за надворешна политика на Европската унија, Каја Калас, изјави дека по говорот на американскиот потпретседател во Минхен се чувствува како САД да „се обидуваат да се борат“ со Европа, пренесе Ројтерс.

„Слушајќи го тој говор, тие се обидуваат да се борат со нас, а ние не сакаме да се бориме со нашите пријатели“, рече Калас на конференцијата во Минхен.

Калас додаде дека сојузниците треба да се фокусираат на поголеми закани како што е руската агресија врз Украина.

Овогодинешниот собир во Минхен собра светски лидери, креатори на политиката и експерти за да разговараат за итни безбедносни прашања, како што се тековната војна на Русија против Украина, кризата во Газа и променливата динамика на меѓународните сојузи.

На Минхенската безбедносна конференција се очекува да присуствуваат украинскиот потпретседател Володимир Зеленски, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, државниот секретар Рубио, секретарот за одбрана на САД Пит Хегсет и специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија Кит Келог, како и високи европски претставници.

Во соопштението објавено на веб-страницата се истакнува дека „во време на конфликт во повеќе региони и зголемена геополитичка несигурност“, овогодинешната конференција се очекува да послужи како клучна платформа за дијалог и соработка на високо ниво.

Покрај Блискиот исток и војната на Русија против Украина, во фокусот на главната програма на конференцијата се глобалните безбедносни предизвици, вклучително и глобалното владеење, демократската отпорност, климатската безбедност и многу други теми.

XS
SM
MD
LG