Високите претставници на Соединетите Американски Држави (САД) и на Русија ги завршија првите разговори за ставање крај на војната во Украина, при што Москва изрази нови барања за одржување опсежни разговори за речиси тригодишниот конфликт да се приближи кон финиш.
Речиси петчасовниот состанок во Ријад е дел од големиот дипломатски притисок на Соединетите Држави да ја завршат војната. Американските официјални лица го оквалификуваа како „истражувачки дискусии“ кои би можеле да го отворат патот за потенцијална средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и други американски и руски претставници присуствуваа на состанокот со саудиска делегација во Ријад на 18 февруари.
По состанокот, Рубио рече дека разговорите се „првиот чекор од долгото и тешко патување“ за завршување на војната во Украина и дека САД и руската делегација се договорија за четири принципи за време на нивните дискусии.
Тие вклучуваат: целосно обновување на дипломатските претставништва во Вашингтон и во Москва по години санкции и протерувања, назначување тим на високо ниво за преговори за завршување на војната во Украина, истражување на понатамошна „геополитичка и економска соработка што би можела да произлезе од завршување на конфликтот во Украина“ и сигурност дека САД и руската делегација присутна во Ријад ќе останат ангажирани за дискусиите да се движат напред.
Лавров го нарече состанокот „многу корисен“ и рече дека Москва ќе има за цел да назначи специјален пратеник што е можно поскоро.
„Ги имам сите причини да верувам дека американската страна ја разбира нашата позиција“, рече Лавров.
Главниот советник за надворешна политика на Русија, Јуриј Ушаков, кој беше дел од руската делегација, рече дека средбата „поминала добро“.
Ушаков, исто така, рече дека двете страни се договориле преговарачите да разговараат за Украина и накратко разговарале за условите потребни за средбата Путин - Трамп.
Тој додаде дека одлуката за започнување подлабоки разговори со САД за Украина на крајот ќе треба да ја донесе самиот Путин.
„Ние сме подготвени за ова, но сè уште е тешко да се зборува за конкретен датум за средба на двајцата лидери“, рече Ушаков, пренесе агенцијата Асошиејтед прес.
Што произлезе од состанокот?
Се чини дека состанокот ја постави основата за идните разговори меѓу Москва и Вашингтон, при што Рубио и Лавров рекоа дека секоја страна ќе го обнови персоналот во нивните амбасади во Вашингтон и Москва за да создаде мисии за поддршка на мировните разговори во Украина, билатералните односи и пошироката соработка.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека делегациите на двете земји се согласиле „да ги отстранат пречките“ во нивните односи со цел да ги нормализираат дипломатските односи по долгогодишни тензи.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, изјави дека Москва и Вашингтон, исто така, се согласиле да назначат тимови на високо ниво за преговорите за Украина, „работејќи на тоа да заврши конфликтот во Украина што е можно поскоро на начин кој е траен, одржлив и прифатлив за сите страни“.
Таа додаде дека двете земји ќе ја истражуваат „идната соработка“, но предупреди дека точната временска рамка сè уште е нејасна, истакнувајќи дека „еден телефонски повик проследен со една средба не е доволен за воспоставување траен мир“, велејќи дека разговорите во Ријад се ран чекор во подолг процес.
Лавров рече дека двете страни „практично се согласиле“ дека треба да ги решат прашањата во врска со функционирањето на дипломатските мисии.
За Украина, тој рече дека постои „заемна желба“ да се најдат решенија и Русија ќе чека САД да назначат свои претставници.
„После тоа ќе почнат релевантни консултации и ќе бидат редовни“, рече Лавров.
Рускиот министер за надворешни работи додаде дека потенцијалот на какво било распоредување на трупи на НАТО во Украина - што беше објавено од некои западни влади - ќе биде „целосно неприфатлив“ предлог за Кремљ.
Одделно, руски официјални лица рекоа дека долгорочниот мировен договор во Украина нема да биде возможен без решавање на поширок опсег на безбедносни проблеми низ Европа.
„Сеопфатно долгорочно решение е невозможно без сеопфатно разгледување на безбедносните прашања на континентот“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 18 февруари.
Песков, исто така, рече дека Путин ќе биде отворен за разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски „ако е потребно“.
Путин претходно изјави дека не е подготвен да преговара со Зеленски бидејќи неговото владеење е „нелегитимно“, делумно затоа што Украина нема одржано избори откако Русија ја започна својата целосна инвазија пред речиси три години.
Говорејќи во Москва, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека Москва сака НАТО да го отфрли ветувањето од 2008 година дека еден ден ќе и даде на Украина членство во воената алијанса, а Киев да се согласи на неутралност.
Што е следно?
Двете страни се согласија да назначат претставници и да продолжат со разговорите напред. Рубио, исто така, навести и за идната улогата на ЕУ, велејќи дека „Европската унија ќе мора да биде на маса во одреден момент“.
Јана Пуглиерин, висок соработник во Европскиот совет за надворешни односи, рече дека и Киев и неговите европски сојузници нервозно гледаат од страна како САД и руските претставници се состанаа во Ријад. Во Украина, и европските престолнини се загрижени дека Трамп би можел да склучи избрзан договор со Москва што ги игнорира нивните безбедносни интереси.
Таа вели дека европските лидери во моментов се борат со повеќе „пресвртни точки“ што ги постави Русија која ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, како и неодамнешните коментари на американски официјални лица кои сугерираат дека Европа ќе треба да игра поголема улога во безбедносните прашања.
„Февруари 2022 година ја уништи нашата верба во колективниот безбедносен поредок со Русија и ни ја покажа темната страна на нашата основна зависност од Русија и Кина во критичните области“, рече Пуглиерин.
Европските лидери одржаа итни разговори во Париз на 17 февруари за да разговараат за војната во Украина и европските безбедносни прашања, но не беа во можност да постигнат никаков договор.
По средбата во Саудиска Арабија, американскиот советник за национална безбедност Мајкл Валц рече дека секоја повоена гаранција за мир ќе мора да биде „водена од Европа“, повторувајќи ги повиците на американските функционери до европските сојузници да ги зголемат трошоците за одбрана и пофалбите до Велика Британија и Франција кои „зборуваа за посилен придонес за безбедноста на Украина“.