Соединетите Држави и Русија се состануваат во Саудиска Арабија на преговорите од клучно значење за ставање крај на војната во Украина и тензиите меѓу Вашингтон и Москва кои би можеле да ја обликуваат безбедносната ситуација во Европа во годините што доаѓаат.
Состанокот на 18 февруари во Ријад се случува кога Вашингтон ги интензивираше своите напори да стави крај на речиси тригодишната војна во Украина и започна дипломатска офанзива која ги остави Киев и европските влади да се прашуваат каква форма може да има договорот за запирање на војната.
„Ова е замислено како прв чекор во подолг процес на преговори, но настаните исто така се движат брзо. Сега има некаква динамика што ќе продолжи да се развива во овој момент на висока неизвесност“, изјави за РСЕ Најџел Гулд-Дејвис, поранешен британски дипломат кој во моментот е виш соработник во Меѓународниот институт за стратешки студии.
Кој ќе биде на разговорите во Ријад?
Овие се први директни разговори на високо ниво во последните неколку години и треба да го отворат патот за самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
На разговорите ќе учествуваат рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и Јуриј Ушаков, советник за надворешна политика на Путин.
Вашингтон, исто така, потврди дека ќе присуствуваат американскиот државен секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
Делегацијата на САД не го вклучува пензионираниот генерал Кит Келог, специјалниот пратеник назначен од Белата куќа да преговара за решавање на војната.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски не е поканет на разговорите и рече дека Киев нема да признае никакви договори за Украина кога таа не е присутна на преговарачката маса.
Зеленски, кој моментално е на блискоисточна турнеја која вклучува посети на Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Турција, исто така потврди дека Келог ќе пристигне во Киев на 20 февруари за „широки разговори за безбедносните гаранции“.
Што е на агендата во Саудиска Арабија?
Рубио во интервју за Си-Би-Ес изјави дека средбата во Ријад има за цел да отвори поширок разговор кој „ќе ја вклучи Украина и ќе биде насочена на ставање крај на војната“.
Но, дискусиите меѓу Рубио и Лавров, исто така, се очекува да опфатат поширока дискусија отколку како да се постигне мир во Украина, како на пример пошироките аспекти на односите меѓу Москва и Вашингтон, вклучувајќи ги санкциите, енергијата и безбедносните прашања.
Рубио, исто така, рече дека Киев и европските влади ќе бидат вклучени во преговорите доколку напредуваат по средбата со Лавров и руската делегација во Ријад.
„Ако се работи за вистински преговори, а ние сè уште не сме таму, но ако тоа се случи, Украина ќе мора да биде вклучена, бидејќи тие се оние кои беа нападнати, а Европејците ќе мора да бидат вклучени затоа што тие воведоа санкции кон Путин и Русија и го поддржуваа Киев“, рече Рубио.
Пред да замине за Саудиска Арабија, Лавров на 17 февруари повтори дека Русија не размислува да ја отстапи територијата што ја одзеде од Украина.
Додека европските лидери се состанаа во Париз на итен самит за Украина и одбраната, Лавров исто така рече дека не гледа причина Европејците да учествуваат во дискусиите.
„Ништо големо всушност нема да се реши се додека не ги имате Трамп и Путин во иста просторија. Тоа значи дека има уште време и многу можности за Европејците и Украинците да ги обликуваат ставовите на администрацијата на Трамп“, изјави за РСЕ Ендрју Д’Аниери, соработник на Атлантскиот совет.
Кој е најновиот став на САД за завршување на војната?
Трамп водеше кампања за брзо завршување на војната во Украина, а неговата администрација сега вели дека има за цел да постигне договор во првите 100 дена на функцијата.
Разговорите во Саудиска Арабија доаѓаат по серија неодамнешни изјави од него и американските официјални лица за ставање крај на војната во Украина.
За време на неговото прво европско патување по преземањето на функцијата, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет на 12 февруари во седиштето на НАТО изјави дека Вашингтон не го поддржува пристапот на Украина во НАТО како дел од мировното решение и дека е „нереално“ Киев да ги врати своите територијални граници од 2014 година, односно пред Русија да ги анектира Крим и да окупира делови од источна Украина.
Хегсет, исто така, рече дека европските трупи треба да бидат главната сила што ќе ја обезбедува повоената Украина и дека американските трупи не треба да бидат вклучени.
Истиот ден, Путин и Трамп имаа телефонски разговор по што американскиот претседател се чинеше дека сигнализира крај на дипломатската изолација на Русија, додека двајцата лидери разговараа за „билатералната економска соработка“, а Трамп повика на враќање на Москва во групата земји Г8, откако Русија беше исфрлена поради анексијата на Крим во 2014 година.
Каква е позицијата на Русија во разговорите?
Путин првично сакаше да го заземе Киев и да воспостави проруска влада. Откако не го стори тоа, Кремљ цврсто се задржа на своите барања да ги задржи деловите од окупираната украинска територија и да ја ограничи големината на украинската војска.
За време на нивниот телефонски разговор, Путин му рекол на Трамп дека сака да ги „реши причините за конфликтот“, укажувајќи дека Русија не се откажала од својата цел да ги запре амбициите на Украина да се интегрира со Западот и да го врати безбедносниот поредок по Студената војна.
„Ако јас сум Путин, сега ќе се обидам да ја искористам подготвеноста на Соединетите Држави брзо да склучат договор за да добијам што е можно поблиску до максималистичките позиции што ги имав од почетокот на војната“, изјави за РСЕ Џон Харди, експерт за Русија во Фондацијата за одбрана на демократиите, тинк-тенк со седиште во Вашингтон.
Гулд-Дејвис, поранешен британски дипломат, вели дека Кремљ би можел да ги повтори истите барања од крајот на 2021 година пред да ја започне својата целосна инвазија, вклучувајќи ја и забраната за пристапување на Украина во НАТО и повлекувањето на силите на НАТО на позициите од 1997 година, пред проширувањето на алијансата.
„Путин беше јасен дека не е заинтересиран за прекин на огнот, тој сака само конечен крај на војната. Тоа подразбира некакво решение за низа фундаментални прашања и создавање на нов регионален поредок кој веројатно би бил многу поповолен за Русија“, заклучува Гулд-Дејвис.