Достапни линкови

Вести

Голем украински напад со дронови во московската област

Последици од нападот врз висококатница во Раменскоје, 10 септември 2024 година
Последици од нападот врз висококатница во Раменскоје, 10 септември 2024 година

Ноќта на 10 септември, беспилотни летала погодија катни згради во Раменскоје, Московскиот регион, по што избувнал пожар, а еден жител загинал. Властите ја обвинија Украина за нападот.

„Повредени се уште четири лица, а најмалку тројца се хоспитализирани“, изјави гувернерот на московската област Андреј Воробјов.

Пожарот е веќе изгаснат, јавуваат очевидци кои ги снимиле моментите од летот на дронот, неговиот удар и пожарот што настанал.

Соопштено е дека како резултат на нападот на дронот, оштетени се најмалку дваесет станови.
Уште еден дрон влетал во друга висококатница во Раменскоје - оштетен е стан, има и жртва.

Жителите евакуирани од своите домови се сместени во центри за привремено сместување. Засега има 43 луѓе.

Локалните жители и телеграмските канали известуваат за трета висококатница во Раменскоје, во која исто така избувнал пожар по нападот со дрон. Покрај тоа, уште еден дрон паднал во шумата во блиското село Прудки.

Ноќта беше нападнат и аеродромот Жуковски во близина на Москва - тој беше затворен за пристигнување и заминување на авиони. Летови не беа прифатени ниту од аеродромите Внуково и Домодедово од безбедносни причини. Сега работата на сите три аеродроми е обновена.

Покрај Раменскоје, според Воробјов, беспилотни летала биле соборени ноќе и во Подолск, Љуберци, Домодедово и Коломна. Биле пријавени и дронови од Кашира.

Според руското Министерство за одбрана, во текот на ноќта биле уништени вкупно 144 беспилотни летала над девет руски региони, од кои дваесет над Московската област. Други 72 беспилотни летала беа соборени над регионот Брјанск, останатите над регионите Белгород, Курск, Воронеж, Липецк, Орел, Калуга и Тула.

Од почетокот на руската целосна инвазија на Украина, руските региони редовно се гранатирани и напаѓани со беспилотни летала. Руското Министерство за одбрана известува за „задушување“ на украинските напади и за соборени ракети и беспилотни летала над територијата на Русија. Во повеќето случаи, Киев не ги коментира овие извештаи.

види ги сите денешни вести

Министерот за европски прашања Муртезани назначен за главен преговарач со ЕУ

Орхан Муртезани, министер за европски прашања на Северна Македонија (фотоархива).
Орхан Муртезани, министер за европски прашања на Северна Македонија (фотоархива).

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани е назначен за главен преговарач со Европската Унија за членство на Република Северна Македонија во овој блок.

Назначувањето се случило на владина седница одржана денеска (17 септември).

„Привилегија е да работам за европската иднина и стандард на живеење на моите сограѓани рамо до рамо со нашите стратешки партнери. Задачата ја земам со голема одговорност и чест. Патот може да ни е долг, но дестинацијата ни е конечна. Ние сме ЕУ“, порача Муртезани преку Фејсбук по назначувањето.

За заменик на главниот преговарач е назначена заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков.

Според соопштеното по владината седница, Министерството е задолжено и да подготви нова одлука за воспоставување на структура за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ.

Пред Муртезани, главен преговарач со ЕУ беше вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој раководеше со поранешниот Секретаријат за европски прашања.

По формирањето на новата влада во јуни, Секретаријатот прерасна во Министерство на чие чело беше избран Муртезани.

Собранието го донесе Законот за заем од Унгарија

илустрација
илустрација

Собранието денеска (17 септември) со 65 гласа „за“ го изгласа Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем од половина милијарда евра од унгарската Влада.

Против Законот што го предложи Владата гласаа 15 пратеници, а „воздржани“ немаше. Законот беше донесен по скратена постапка.

Во текот на општиот претрес за законот на продолжението на 14-тата седница опозицијата обвини дека договорот за заемот е направен зад затворени врати, со крајно сомнителни намери и носи огромни политички и економски последици со енормно зголемување на јавниот долг.

Наспроти нив, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека постапката е транспарентна и оти првпат има заем за кој однапред се знае за што ќе биде потрошен и оти ќе се помогне на општините и на стопанството.

Законот во собраниска процедура се најде минатата недела, а стана дел од дневниот ред на 14-тата седница на предлог на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Воедно беше изгласана и потребата тој да се носи по скратена постапка.

Ова беше повод за реакција од опозицискиот СДСМ, чија пратеничка група во четвртокот преку прес-конференција на која говореше партискиот лидер Венко Филипче ја повика власта да го повлече предлог-законот и да го поднесе во редовна постапка. Филипче изјави дека Законот за кредит од Унгарија е голем корупциски проект, за кој каматите ќе ги плаќаат идните генерации.

Поради ваквата позиција, пратеничката на СДСМ и претседателка на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска одби да закаже седница на ова собраниско тело, поради што интервенираше претседателот на Собранието, Африм Гаши. Седницата на Комисијата ја закажа тој, а со неа претседаваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.

Пратениците на СДСМ не присуствуваа на седницата и не учествуваа во комисиската расправа.

Инаку, според Законот, заемот од унгарската Експорт-ипорт банка ќе се повлече во една транша, а рокот за негова отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Во него се предвидува Северна Македонија да и плаќа на унгарската Експорт-импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво.

Заемот од унгарската Експорт-импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.

Заемот беше договорен кон средината на јули од страна на пртемиерот Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега Виктор Орбан за време на нивната средба на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон.

Руската армија се зголемува за 180 000 војници

Руски војници (илустрација)
Руски војници (илустрација)

Рускиот претседател Владимир Путин нареди руската армија да се зголеми за 180 000 војници, соопшти Кремљ.

Со ова проширување, руската армија ќе има 1,5 милиони активни војници, што ќе ја направи втора по големина армија во светот, веднаш по кинеската.

Зголемувањето на бројот на војници значи дека Русија ќе ја надмине армијата на САД и Индија, според податоците од воената организација „Меѓународен институт за стратешки студии“.

„Ова се должи на бројните закани кои постојат на нашите граници“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој додаде дека ситуацијата на западните и источните граници бара соодветни мерки.

Ова е третпат откако Путин го зголемува бројот на војници во руската армија од почетокот на инвазијата врз Украина во февруари 2022.

Германија ќе и додели дополнителни 100 милиони евра помош на Украина

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок

Германија ќе обезбеди дополнителни 100 милиони евра помош за Украина оваа зима, објави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок за време на нејзината посета на Молдавија.

„Русија повторно планира „зимска војна“, со цел да го направи животот на Украинците што е можно понеподнослив“, изјави Бербок пред состанокот на министрите во Кишињев.

Русија изврши серија напади врз украинската енергетска инфраструктура, што предизвика долги прекини во снабдувањето со електрична енергија во некои делови од земјата.

Во јуни, Киев ја истакна потребата од повеќе системи за противвоздушна одбрана за да се обезбеди обновување на енергетската инфраструктура и нејзино функционирање за време на зимата, кога побарувачката е најголема поради ниските температури.

Украинскиот премиер Денис Шмигал минатата недела ги претстави плановите за поправка и заштита на електроенергетскиот систем на земјата пред зимата, вклучително и зајакнување на капацитетите против напади со беспилотни летала и удари од фрагменти од проектили.

Шмигал рече дека сите болници и повеќе од 80 отсто од училиштата низ земјата се опремени со генератори, но сепак има „итна потреба од уште 1800 генератори со голем капацитет“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во јуни изјави дека руските напади врз енергетските капацитети на Украина уништиле половина од нејзиниот капацитет за производство на електрична енергија од минатата зима.

Во почетокот на септември, ЕУ најави 40 милиони евра хуманитарна помош за Украина за да помогне во поправките, електричната енергија, греењето и домувањето пред претстојната зима.

Фон дер Лајен ја избра Словенката Марта Кос за еврокомесарка за проширување

Урсула фон дер Лајен го претставува новиот состав на Европската комисија, 17 септември 2024
Урсула фон дер Лајен го претставува новиот состав на Европската комисија, 17 септември 2024

Во вторник, на 17 септември, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го претстави новиот состав на Европската комисија, кој ќе има петгодишен мандат.

Таа реши да ја додели функцијата комесар за проширување на Марта Кос, кандидатка од Словенија. Но, таа официјално ќе биде именувана само доколку ја добие поддршката од Парламентот на Словенија и од Европскиот парламент.

Кос не беше формално номинирана од нејзината земја.

„Секој член на мојот тим ќе ги донесе своите искуства и перспективи во Европа“, напиша Фон дер Лајен на платформата X.

Ресорот за проширување е од особено значење за регионот на Западен Балкан бидејќи сите шест земји, плус Украина, Молдавија, Грузија и Турција, се во процес на проширување. Со исклучок на Косово, сите земји се кандидати, а некои се во преговори за членство.

Фон дер Лајен ги повика другите 26 членки на ЕУ, од кои секоја номинира потенцијален комесар, да го зголемат родовиот баланс меѓу номинираните.

Словенечките власти во последен момент го сменија кандидатот, за да и помогнат на Фон дер Лајен да го зголеми бројот на жени во комисијата, бидејќи тој беше помалку од една третина. Сепак, некои го сметаа барањето на Фон дер Лајен како нарушување на суверенитетот на земја членка на ЕУ.

Кандидатурата на Кос предизвика полемики во Словенија, бидејќи опозицијата не сака да ја поддржи, па дури и да закаже расправа во надлежната собраниска комисија.

Претседателот на Комисијата за европски прашања на словенечкиот парламент, Франц Брезник, кој доаѓа од опозицијата, одби на дневен ред да ја стави потврдата за именувањето на Кос. Поради тоа, Фон дер Лајен не можеше да предложи нова Комисија на 10 септември кога беше планирано, туку ја одложи за 17 септември.

Таа сега даде предлог, со очекување во меѓувреме и Словенија да ја заврши својата процедура.

Опозицијата во Словенија ја обвини Кос дека е соработник на комунистичката тајна служба на поранешна Југославија. Кос беше амбасадорка на Словенија во Германија и во Швајцарија. Претходно работеше и во Владата на Словенија како директор за односи со медиумите.

Составот на комисијата за вториот мандат на Фон дер Лајен ќе го одрази акцентот на колективната безбедност преку воведување на „полноправен комесар за одбрана“ додека блокот се бори со последиците од тековната војна во Украина и другите согледани закани, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Еден ден пред планираното соопштение, францускиот комесар за внатрешниот пазар на ЕУ, Тиери Бретон, ненадејно поднесе оставка и побара од неговата земја да номинира некој друг во обид да ја натера Фон дер Лајен да и даде „наводно повлијателен ресор на Франција“.

Фон дер Лајен е задолжена за избор на ресорите на секој од 26-те кандидати.

Таа потенцираше дека при составот на ЕК и распределбата на ресорите водела сметка за постигнување баланс и во однос на половата и географската застапеност, па така во Комисијата ќе има 11 жени, што е околу 40 отсто.

Фон дер Лајен постави цели за Комисијата кои вклучуваат преглед на основите на безбедноста и дополнително зајакнување на одбраната на Украина во услови на две и пол години руска инвазија. Некои од другите итни предизвици со кои моментално се соочува блокот се заканите за трансатлантските односи, поделбите околу тековната војна на Израел со терористичката група Хамас назначена од САД и ЕУ во Појасот Газа и тензиите околу земјоделските, индустриските и еколошките цели на блокот, особено во светлина на Европскиот зелен договор усвоен во 2019 година.

Фон дер Лајен, исто така, постави приоритети како што се зајакнување на границите на ЕУ и пристап заснован на заслуги кон долго закоченото проширување на ЕУ.

Највисоката функција на Европската комисија е едно од трите клучни институционални претседателства, заедно со раководството на Европскиот совет, кои ги дефинираат општите политички насоки и приоритети на блокот и на Европскиот парламент.

Регистрирани нови 57 случаи на ковид, починале четири лица

Брзи тестови за проверка на вирусот SARS-CoV-2
Брзи тестови за проверка на вирусот SARS-CoV-2

Во периодот од 9 до 15 септември во земјава се регистрирани 57 нови случаи на SARS-CoV-2, пријавени се четири починати лица, две во Скопје и по еден во Битола и Тетово, сите над 70-годишна возраст и невакцинирани, се посочува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.

Од 9 до 15 септември тестирани се вкупно 285 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 36,5 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 57 нови позитивни случаи, со намалување од 48,6 отсто во однос на минатата недела.

Во тековната недела, регистрирани се заболени лица во општините од осум градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, a највисока инциденца е регистрирана во Делчево.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години.

Во текот на 2024 година, а заклучно со 15-ти месецов, во земјава се регистрирани вкупно 1560 заболени и 20 починати лица асоцирани со Ковид-19.

Од појавата на првиот случај на Ковид-19 на 26 февруари 2020 година пријавени се вкупно 351 876 заболени со Ковид-19 и 9999 починати лица асоцирани со овој вирус.

Продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел

Петар Петковиќ, главен преговарач на Белград во дијалогот Косово-Србија
Петар Петковиќ, главен преговарач на Белград во дијалогот Косово-Србија

Во Брисел денеска (17 септември) ќе се одржи нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на ниво на главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бислими.

„На средбата во Брисел ќе се разговара за напредокот во имплементацијата на Охридскиот договор и други прашања кои влијаат на нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, изјави портпаролот на Европската Унија“, Петер Стано.

Непознато е дали двајцата овластени претставници ќе се сретнат заедно или одделно со претставниците на ЕУ.

Според информациите од дипломатски извори, меѓу темите што Белград ги предложи да се најдат на дневен ред е прашањето за мостот на Ибар, како и формирањето на Заедницата на српските општини.

Српскиот претседател Александар Вучиќ минатата недела ја објави својата намера „значително и драматично да ја зголеми поддршката на Белград за Србите во Косово“.

Тој, исто така, ги повика Србите кои ги напуштија работните места во полицијата и другите косовски институции во знак на протест пред речиси две години, да се вратат на работните места и изнесе административни планови за да им помогне на Србите да земаат плати и други финансиски бенефиции на српската страна од заедничката граница.

Некои Срби изразија незадоволство и рекоа дека се чувствуваат предадени од Вучиќ, додека пак официјалните претставници на ЕУ го поздравија чекорот.

Косовскиот премиер Албин Курти првично избегна јавно да коментира и не е јасно дали тие институции ќе направат сè за да го олеснат масовното враќање на етничките Срби.

Приштина ги нарекува „нелегални“ таканаречените „паралелни“ институции поддржани од Белград.

Мета ги забрани руските државни медиуми на своите платформи

илустрација
илустрација

Американската групација Мета, која ги поседува платформите Фејсбук, Инстаграм и Ватс-Ап (WhatsApp), соопшти дека им забранува на руските државни медиуми пристап до тие платформи ширум светот, „за да се избегне странско мешање“.

„По внимателно разгледување, ја проширивме нашата акција против руските државни медиуми“, се наведува во соопштението од Мета.

Одлуката за забрана е донесена откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен минатата недела ги осуди дестабилизирачките активности на рускиот медиум „Раша тудеј“ (Russia Today).

Забраната означува остра ескалација на акциите на најголемата светска компанија за социјални медиуми против руските државни медиуми, откако таа со години преземаше поограничени чекори како што се блокирање на продажните места за објавување реклами и намалување на досегот на нивните објави.

Спроведувањето на забраната ќе започне во текот на следните денови.

Талибанците негираат дека ја прекинале кампањата за вакцинација против детска парализа во Авганистан

илустрација
илустрација

Авганистанското Министерство за здравство, управувано од Талибанците, ги отфрли извештаите на 17 септември дека тврдокорната група ја суспендирала или одложила големата акција за вакцинација против детска парализа.

Портпаролот на Министерството Шарафат Заман ги нарече ваквите извештаи лажни и рече дека нема официјална директива за одложување или запирање на плановите за борба против детска парализа, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.

Наместо тоа, рече тој, талибанските здравствени власти се обидуваат да спроведат кампања за вакцинација на легитимен и технички правилен начин за да имаат корист на општеството.

Еден ден претходно, АП цитираше висок функционер на Светската здравствена организација (СЗО) кој рече дека бил свесен за дискусиите за спроведување имунизација од место до место на локации како што се џамии, наместо да посетува домови.

Локалните и меѓународните набљудувачи постојано предупредуваат на хуманитарни предизвици откако Талибанците ја презедоа контролата врз земјата откако меѓународната коалиција предводена од САД се повлече во средината на 2021 година.

СЗО потврди 18 случаи на детска парализа во Авганистан оваа година, за разлика од шестте во 2023 година и најави голема акција во септември.

Кампањата за детска парализа од врата до врата низ целата земја во јуни беше прва во најмалку пет години, а претставниците на СЗО рекоа дека шемата дозволува вакцинацијата да стигне до повеќе деца.

Камал Шах, поранешен службеник за комуникации во УНИЦЕФ, агенција на Обединетите Нации одговорна за хуманитарна и друга помош за децата ширум светот, ги повика властите подобро да ги интегрираат Талибанците во напорите за вакцинација против детска парализа.

Авганистан и соседен Пакистан се единствените земји во светот каде детската парализа сè уште е ендемична. СЗО предупредува дека големиот прекуграничен сообраќај меѓу двете земји го зголемува ризикот од ширење на полио.

Пезешкијан: Моралната полиција не смее да ги малтретира жените

Масуд Пезешкијан, претседател на Иран
Масуд Пезешкијан, претседател на Иран

Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан изјави дека Иранската морална полиција повеќе нема да ги „малтретира“ жените поради задолжителното носење на хиџаб.

„Моралната полиција не треба да се судри со жените. Ќе се погрижам полицијата да не ги вознемирува жените“, истакна Пезешкијан на двегодишнината од смртта на 22-годишната Махсе Амини, која беше уапсена поради непрописно носење на хиџаб.

Обединети Нации минатата недела соопштија дека иранските власти по масовните протести поради смртта на Амини ги „засилила напорите“ за сузбивање на правата на жените и уништување на активизмот.

Пезешкијан ја презеде функцијата од ултраконзервативниот Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа. Новиот ирански претседател важи за потенцијален реформатор.

Тој и во предизборната кампања вети дека ќе ја спречи така наречената Иранска полиција за морал да ги вознемирува жените. Но, главен авторитет во Иран е врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој тврди дека „откривањето (на делови на женското тело) е забрането и верски и политички“.

Амини, Иранка со курдско потекло почина во болница на 16 септември 2022 година, три дена откако беше уапсена од припадници на моралната полиција поради непочитување на строгиот ирански кодекс на облекување и одведена во „центар за превоспитување“ каде беше претепана. Таа беше приведена бидејќи неправилно го носела хиџабот односно и се гледала косата.

Нејзината смрт предизвика повеќемесечни протести, кои се претворија во повици за бунт против ајатолахот Хамнеи и теократската Влада. Протестите се одржуваа под мотото „Жена, живот, слобода“. Во задушувањето на протестите загинаа над 500 луѓе, а повеќе од 22.000 беа приведени.

Независна меѓународна мисија за проверка на факти на ОН за Иран на 18 март годинава објави дека смртта на Амини е незаконска и предизвикана од насилство.

Изминатиот период сè поголем број Иранки им пркосат на властите и излегуваат на улица без хиџаб.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG