Од септември ќе има усогласување на платите на вработените во јавниот сектор според општиот колективен договор, но тоа не значи покачување на платите, велат синдикатите кои реагираат дека сумата од усогласувањето е толку мала, што според нив е срамно да се нарече зголемување.
Ова усогласување е предвидено да биде 0,75 проценти од моменталната просечна плата во Македонија која изнесува 41.939 денари. Тоа значи дека работниците од следниот месец треба да добијат повисоки плати за 200 до 300 денари.
„Ова покачување е минорно и ќе биде срамно да се дава“, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски. Иако премиерот Христијан Мицкоски вели дека за платите е „подготвен да седне да разговара со синдикалните претставници“, Деаноски вели дека засега нема социјален дијалог меѓу власта и синдикатите.
Зголемување на платите периодов бараат и просветните работници. Од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) велат дека имале две средби со Министерката за образование и наука Весна Јаневска каде било побарано усогласување на платите во основно и средно образование за 12,15 отсто, но дека министерката одговорила дека оваа година за тоа „нема материјални можности.“ Кога ќе има можности, не се знае, иако се најавува за следната година, односно со буџетот за наредната година. Кому и колку, допрва ќе се разговара.
Од септември, единствено се офајдија пензионерите со по 2500 денари линеарно.
Во Управата за јавни приходи, 129 вработени ќе треба да враќаат дел од платите
Претходната директорка на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска незаконски им ги откажала договорите на 129 вработени кои потоа потпишале нови, но за повисоки плати, а тоа било направено по распишувањето на изборите, изјави актуелната директорка на УЈП Елена Петрова на 2 септември.
Петрова вели дека „кризната ситуација“ во УЈП настанала откако Државниот инспекторат за труд извршил инспекциски надзор и ја утврдил незаконитоста, со што сега вработените ќе траба да ја вратат разликата од повисоките плати кои ги примале од февруари наваму. Станува збор за сума 18 милиони денари бруто, што е околу 300 илјади евра.
Вработените ќе треба да ги вратат нето сумите од разликите, а ќе се отвори и постапка да бидат враќани и делот од парите кои оделе во фондовите.
Борче Давитковски, професор по административното право и јавната администрација на Правниот факултет во Скопје, вели дека не може вработените од свои средства да ги враќаат парите, затоа што смета дека на легален начин тие добиле зголемување на плата.
За случајот, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поднела иницијатива до Основното јавно обвинителство за кривично гонење против поранешната директорка на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска.
Од ДКСК потврдија дека иницијативата е за кривично дело „Несовесно работење во службата“.
Поранешната директорка Сања Лукаревска реагираше дека вработените во УЈП морале да добијат нови договори според измените на Законот за УЈП и дека целиот процес се водел со посебна работна група.
Таа додава дека со тоа што вработените ги префрлиле во даночни службеници решиле „голем проблем“ во УЈП и доколку не го направеле тоа во законски рок, вработените можеле да тужат, а таа кривично да одговара ако не постапила според Законот за УЈП.
Инаку, во периодот на изборниот процес ДКСК има оформено вкупно 65 предмети, од кои 61 по пријави за сомневање за сторени повреди на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата, 3 предмети оформени по сопствена иницијатива на ДКСК, како и еден приговор поднесен од организатор на изборна кампања.
Нема пари, нема работа, па снемува и деца во училиштата
Почна новата школска година, па на виделина излегуваат и некои поразителни бројки. За една деценија бројот на ученици во основните и средните училишта во државата се намалил за 27 илјади.
Ново Село е општината во која во последните десет години има најголемо намалување на бројот на основци – за 57 проценти, покажува анализа на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) врз основа на податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС).
Кај средношколците, пак, рекордер е Пехчево каде нивниот број се намалил за речиси 83 отсто.
„Во две третини од општините има намалување на бројот на ученици, додека зголемување има во некои скопски општини и во 9 други општини, надвор од Скопскиот Регион“, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Може да се заклучи дека од внатрешноста, луѓето или си заминале во странство или се доселиле во Скопје.
Ако се погледнат бројките што ги сподели Министерството за образование и наука (МОН), оваа школската година почна за околу 245 илјади основци и средношколци што е за околу четири илјади помалку од лани.
Во Скопје, има се повеќе жители, па и ученици, но јавниот превоз колабира
„ЈСП Скопје – Ваш верен сопатник“ - ова е слоганот со кој јавниот превоз во главниот град на Северна Македонија се претставува на својата официјална веб-страница. Постои виртуелно, но не и во реалноста. Неточен возен ред и чекање автобус и по еден час, доцнење на работа, возење на 40 степени без клима, фрлање пари за такси …
За дел од скопјани и посетителите ова е секојдневие со месеци. А од 2 септември, со стартот на новата учебна година ситуацијата е уште покомплицирана.
Панорамски двокатен автобус, отворен на вториот кат каде сенка прави жолтата церада, кој некогаш се користеше само за туристички тури низ Скопје, утрото на 2 септември беше превозното средство до работа за дел од граѓани, како и до училиште за дел од учениците на нивниот прв училиштен ден.
Во ЈСП за нецели три години се сменија четворица директори. Актуелниот Драги Кушовски, градоначалничката Данела Арсовска го назначи на крајот на јуни. Во интервју за МИА кон средината на август Кушовски кажа дека ЈСП располага со 190 функционални автобуси што не беа доволни ниту за летниот возен ред за кој, според неговите зборови, се потребни 235.
Пред десетина дена, претседателот на Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, изјави дека владата предводена од оваа партија била подготвена да префрли пари кои останале неискористени за капитални проекти, за да се поправат 30-тина автобуси.
До каде е најавената поправка и колку автобуси во моментов недостигаат за да се пополни зимскиот возен ред ниту од ЈСП ниту од Град Скопје не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Ветената набавка на нови екоавтобуси во предизборието, пак, е далеку од реализација.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и Министерството за одбрана на земјата на 3 септември објавија дека во напад со руски балистички проектил врз Институтот за комуникации во Полтава, во централна Украина,загинале најмалку 51 лице, а повеќе од 200 биле повредени.
Зеленски и Министерството изјавија дека двата ракетни напади следеле набргу по предупредувањето за воздушен напад, така што луѓето во Институтот немале време да го избегнат.
Овој смртоносен напад отвори и дебата за капацитетот и пропустите на украинската одбрана. Се поставува и прашањето зошто на местото на нападот биле собрани голем број луѓе, што ги прави изложени на ризик од еден напад?
Вештачка интелигенција – злоупотреби и ризици
Вештачката интелигенција, користа од неа, иднината, стравот што го предизвикува е темата на ова издание на поткастот Зошто. Гостин ни е магистерот по информатички науки, експертот за Вeштачка Интелигенција Стојанчо Туџарски.
*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org