Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поднесе иницијатива до Основното јавно обвинителство за кривично гонење против поранешната директорка на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска.
Од ДКСК потврдија дека иницијативата е за кривично дело „Несовесно работење во службата“.
„Постапувајќи по предмет оформен по пријава со наводи за прекршување на законските одредби во изборен процес во Управата за јавни приходи, со донесување на решенија за распоредување на вработени и склучени нови договори за вработување за 978 вработени во Управата за јавни приходи“, наведуваат во пријавата од ДКСК.
За незаконски вработувања во УЈП, на 2 август информираше и актуелната директорка на УЈП Елена Петрова велејќи дека ги потпишала поранешната директорка. Лукаревска денеска во изјава за медиумите, отфрли било какви незаконитости за вработувањата и рече дека одлуката била согласно законот за УЈП.
Според Петрова, поранешната директорка Лукаревска постапила незаконски со тоа што донела одлука со која на 129 вработени во февруари годинава за време на изборен процес им биле раскинати старите договори, а потоа склучиле нови за повисоки плати.
Но, сега Државниот инспекторат за труд констатирал „незаконитости на колективната одлука за прекинување на старите договори“, со што се создал „хаос“ во УЈП, a на вработените им е наредено да ги вратат парите од покачувањето на платите.
Станува збор за сума од 18 милиони денари бруто, односно околу 300 илјади евра. Тие работеле како административни службеници, а со новите договори биле распоредени како државни службеници.
„Имено, Државниот инспекторат за труд на записник констатира незаконитости на колективната одлука за прекинување на старите договори за вработување со кои претходната директорка ги откажала договорите за вработување на сите вработени во УЈП, а воедно им наредила да продолжат со работат до склучувањето на нови договори според новите интерни правилници, поради што ДИТ донесе Решение со кое наложи на УЈП да ја поништи незаконитата Одлука“, рече Петрова на 2 септември.
Лукаревска - Одлуката е според законот за УЈП
Поранешната директорка Сања Лукаревска реагираше дека вработените во УЈП морале да добијат нови договори според измените на Законот за УЈП и дека целиот процес се водел со посебна работна група.
Таа додава дека со тоа што вработените ги префрлиле во даночни службеници решиле „голем проблем“ во УЈП и доколку не го направеле тоа во законски рок, вработените можеле да тужат, а таа кривично да одговара ако не постапила според Законот за УЈП.
„Одлуката согласно Законот за УЈП, се донесе на 12 февруари кога ја потпиша тогашниот министер за информатичко општество и јавна администрација. Ние сме многу обемна институција и во самата одлука беше наведено дека во рок од еден месец ќе ги поделиме новите договори за вработување на сите службеници“, вели Лукаревска.
Според Петрова, тогашната согласност од Министерството за информатичко општество и администрација била издадена врз основа на „своевидна манипулација и вметнување на работни места во правилниците“ за кои немало намера да бидат пополнети.
„Согласноста е издадена истиот ден на 9 февруари кога министерот кој ја потпишал бил разрешен, што е морален и политички хазард“, рече Петрова.
Инаку пред да ја поднесе во Обвинителство, ДКСК иницијативата ја покрена пред околу еден месец за поранешен директор на УЈП, за кривично дело „Несовесно работење во службата“, поради носење на одлуки за распоредување на вработени во изборен процес.
„Односно за раскинување на склучени договори за вработување и склучување на нови договори, во време на изборен период“, како што рекоа од ДКСК.
Неоправдано е вработените да враќаат пари
Во оваа насока експертите велат дека нема логика вработените во УЈП да враќаат пари ако добиле нови договори од нивните раководни лица.
Борче Давитковски, професор по административното право и јавната администрација на Правниот факултет во Скопје, вели дека не може вработените од свои средства да ги враќаат парите, затоа што смета дека на легален начин тие добиле зголемување на плата.
„Тоа е неоправдано. Тие биле административни службеници, направена е трансформација во даночни службеници согласно Законот за УЈП и претпоставка е дека тие како даночни службеници имаат поголем обем на работа и затоа имаат повисок коефициент на плата. Не може тоа некој да го укине и да ги тера да ги вратат парите“, вели Давитковски.
И од Синдикатот на УПОЗ велат дека сите синдикати, вклучително и синдикатот на УПОЗ при УЈП, заедно со раководството се вклучени во изнаоѓање на решение на овој проблем, со што нема да бидат оштетени вработените.
Како што рече актуелната директорка на УЈП Петрова, вработените во УЈП ќе треба да ги вратат нето сумите од разликите во платите, а дополнително ќе се отвори и постапка за да бидат вратени парите за делот од што одел во фондовите, здравствениот и пензискиот. Таа додаде дека мора да ја изврши наредбата на трудовиот инспекторат со која ѝ се наложува поништување на одлуката на претходната директорка на УЈП Лукаревска.
„Поништувањето на оваа одлука сега значи поништување на сите нејзини правни последици, тоа значи дека ќе се поништат договорите со вработените склучени по распишувањето на изборите, што има свое влијание и врз платите на одредени вработени кои добиле повисока плата со промена нивниот статус. Најмногу засегнатите вработените во УЈП сега се изложени на трпење последици од одлуката на претходната директорка на УЈП, но вработените во УЈП се најмалку одговорни за настанатата криза“, рече Петрова.
Од друга страна, Лукаревска вели дека со новите договори вработените го добиле тоа што им следувало со Закон, а смета дека со тоа не е прекршен ниту Изборниот законик.
„Преку целиот процес се боревме ниту едно работничко право да не биде скратено. Откажување на договор не е нешто ново во УЈП. Кога јас работев во УЈП, во 2017 година добив откажување на договор и потоа нов договор. Но, Државниот инспекторат за труд тоа не сакаше да го земе предвид, затоа што има уедначено постапување. Ние сме постапувале врз основа на тоа претходно искуство, кое се сметало за законски издржано“, вели Лукаревска.
Инаку, во периодот на изборниот процес ДКСК има оформено вкупно 65 предмети, од кои 61 по пријави за сомневање за сторени повреди на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата, 3 предмети оформени по сопствена иницијатива на ДКСК, како и еден приговор поднесен од организатор на изборна кампања.