Вести
Вулин во посета на Москва: Србија нема да воведе санкции кон Русија
Потпретседателот на српската влада Александар Вулин за време на официјалната посета на Москва на 12 август изјави дека Србија нема да воведува санкции кон Русија, соопшти српската влада.
Се известува дека Вулин во разговор со директорката на рускиот извозен центар, Вероника Никишина, нагласил дека руско-српската трговска соработка продолжува „покрај обидите за воведување ограничувања“.
Во соопштението Владата додава дека Вулин во понеделникот се сретнал и со Јуриј Ушаков, советник на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин за надворешни работи.
„Потпретседателот Вулин му се заблагодари на советникот на рускиот претседател Ушаков за принципиелниот став на Руската Федерација во однос на почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Србија“, соопшти Владата на Србија.
Вулин е во официјална посета на Русија, каде што присуствуваше на откривањето на споменикот на југословенските партизани во Патриот паркот во близина на Москва.
По тој повод, како што соопшти Владата на Србија, Вулин рекол дека „Србите и Русите ја освоиле својата слобода во Втората светска војна, а слободата ја донеле и на другите народи“.
„Србите и Русите никогаш не ја избрале погрешната страна на историјата“.
Владата на Србија соопшти дека Вулин во Москва ќе се сретне со највисоките претставници на Русија, како и дека ќе ја посети изложбата на воена опрема во рамки на Меѓународниот воено-технички форум „Армија 2024“.
Ова е негова втора официјална посета на Русија откако на 2 мај беше избран за вицепремиер на Владата на Србија.
Претходно, во средината на јуни, тој се сретна со врвот на руските безбедносни служби.
види ги сите денешни вести
КФОР ниту потврдува ниту демантира дека косовски полицајци ја преминале границата со Србија
Воената мисија на НАТО на Косово (КФОР) во петокот (22 ноември) ниту ги демантираше ниту ги потврди тврдењата на Министерството за одбрана на Србија дека група вооружени косовски полицајци оваа недела без овластување ја преминале граничната линија во селото Ќирковиќ на територијата на Општина Лепосавиќ.
Наместо тоа, КФОР во својот одговор до Радио Слободна Европа (РСЕ) наведува дека ситуацијата долж граничната линија меѓу Косово и Србија е мирна и дека продолжува да го следи развојот на настаните.
„Имаме видливо и флексибилно присуство и сме добро позиционирани да одговориме на секое безбедносно сценарио, во согласност со нашиот долгогодишен мандат од ОН заснован на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година“, одговорија од КФОР.
На крајот од својот одговор тие ја упатуваат редакцијата на РСЕ да побара одговор на конкретните прашања од српските власти.
На дополнителното прашање од РСЕ, да прецизира зошто само српските власти се надлежни да дадат одговори на конкретни прашања поврзани со овој случај, КФОР посочи дека го кажал својот став и нема што да додаде и повторно го упати РСЕ до Министерството за одбрана на Србија.
Косовската полиција во четвртокот ги отфрли како неточни тврдењата на српските власти дека косовски полицајци неовластено ја преминале граничната линија со Србија.
„Ваквите објави и соопштенија објавени на ваков начин претставуваат дезинформации со цел да се создаде несигурност кај граѓаните од тој крај и да се наруши угледот на работата на косовската полиција“, се наведува во реакцијата на косовската полиција.
Министерството за одбрана на Србија претходно соопшти дека „неовластеното преминување на административната линија“ меѓу Србија и Косово е „опасна провокација и закана за мирот“, и додаде дека српската армија ја следи ситуацијата на терен и е подготвена да реагира согласно со одредбите од кумановскиот Воено-технички договор.
Министерството за одбрана на Србија, исто така, побара од КФОР, „како единствена легална и легитимна воена сила“ на територијата на Косово, „да преземе мерки во согласност со својот мандат и да ги спречи привремените власти во Приштина да се обидат да предизвикаат ескалација на насилството“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во четвртокот изјави дека очекува реакција од САД бидејќи „тие знаат дека (косовскиот премиер Албин) Курти тоа намерно го наредил“. Тој побара од САД да ја известат Србија дали е во право „кога велиме дека Курти лично наредил провокација и упад на неговите вооружени сили на територијата на централна Србија во областа на селото Чирковиќе“.
„Тој очекуваше дека овие лица ќе бидат ликвидирани и дека тоа ќе биде неговата причина да го доведе НАТО во конфликт со Србија. Следниот пат ќе реагираме во согласност со целосните правила на службата“, изјави Вучиќ за РТС.
РСЕ побара од американската амбасада во Приштина и од Стејт департментот да ги коментираат изјавите на српскиот претседател, но одговор не доби.
Косово и Србија имаат гранична линија долга околу 350 километри, а над 60 отсто од неа опфаќа општини на северот на Косово, населени претежно со Срби.
Во последниве години, Косово често ја обвинуваше Србија дека ја приближува армијата до границата.
Во јуни 2023 година, Косово тврдеше дека тројца косовски полицајци биле уапсени во близина на границата со Србија, додека официјален Белград тврдеше дека тие ја преминале граничната линија. Неколку дена подоцна српските власти ги ослободија полицајците.
Границата меѓу Косово и Србија, Белград ја смета за административна линија.
Мисијата на НАТО на Косово, КФОР, е одговорна за безбедноста на границите на Косово со Србија, додека косовската полиција е одговорна за остатокот од граничната линија.
Според одлуката на командантот на КФОР од 2014 година, полицијата може да патролира на граничната линија меѓу Косово и Србија до најмногу еден километар во близина на границата.
Путин предупреди дека ќе има уште борбени тестови со новата балистичка ракета
Рускиот претседател Владимир Путин најави дека новата балистичка ракета со среден дострел, која може да носи нуклеарна боева глава, ќе продолжи да се тестира, вклучувајќи и во борбени услови како што беше случај претходно оваа недела при напад врз Украина.
„Ќе продолжиме со овие тестови, вклучително и во борбени услови, во зависност од ситуацијата и природата на безбедносните закани што се создаваат за Русија“, рече Путин на 22 ноември на состанокот со претставници на Министерството за одбрана и на воено-индустрискиот комплекс.
Русија ја употреби таканаречената хиперсонична ракета „Орешник“ против Украина на 21 ноември во напад насочен кон градот Днепар.
Путин тогаш рече дека тоа е дел од одговорот на Москва на украинските напади со ракетите ATACMS, испорачувани од САД, и ракетите „Storm Shadow“, кои ги испорачуваат Британците, кои следуваа по информациите дека овие две земји му дале дозвола на Киев да ги користи овие системи за да погоди цели на руска територија.
Украинските власти првично ја обвинија Русија за лансирање на интерконтинентална балистичка ракета, по што Путин објави дека тоа всушност е новата балистичка ракета со среден дострел.
Во изјавата денеска (22 декември), Путин додаде дека проектилот е нов и не е надградба на претходното вооружување од советската ера.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, исто така, денеска повтори дека тестот е порака до Западот дека Москва ќе одговори остро на сите „непромислени“ потези на западните земји за поддршка на Украина.
„Главната порака е дека непромислените одлуки и дејствија на западните земји кои произведуваат ракети, ги испорачуваат во Украина и потоа учествуваат во напади на руска територија, не можат да поминат без реакција од руската страна“, изјави Песков.
Украинската воена разузнавачка служба во соопшти дека Русија може да има до 10 единици од новата ракета што веќе ја лансираше.
Русија го прогласи Форумот за регионална автономија за терористичка организација
Рускиот Врховен суд во петокот (22 ноември) ја прогласи меѓународната организација Форум на слободни нации пост-Русија за терористичка организација, што се смета за уште еден потег со цел да се потисне секаков обид за искажување на поинакви мислења.
Организацијата, основана во Полска во 2022 година, е обвинета за промовирање сепаратизам со цел распаѓање на Руската Федерација и нејзина поделба на независни држави под странско влијание, јавува рускиот сервис на Радио Слободна Европа.
Русија е мултиетничка земја која се состои од повеќе од 80 региони, од кои многу имаат големо домородно население, како што се Чеченија и Татарстан. Откако дојде на власт во 1999 година, рускиот претседател Владимир Путин ја централизираше моќта, ограничувајќи ја автономијата што ја уживаа некои етнички региони.
Руската инвазија на Украина и нејзиниот обид да го избрише украинскиот идентитет фрлија светло и врз лошото постапување на Кремљ кон домородното население во Русија, но паралелно започна и движење за „деколонизација“ кое се обидува да им даде поголемо значење на етничките групи во проучувањето на историјата и културата во таа земја.
Тужбата против Форумот на слободни нации пост-Русија беше покрената на крајот на октомври од страна на Генералното обвинителство, кое ги наведе активностите на организацијата како закана за територијалниот интегритет и националната безбедност на Русија.
Во соопштението, Обвинителството наведува дека форумот функционира преку 172 регионални и национални ентитети, вклучувајќи ги и Балтичката републиканска партија, Движењето Ингри, Конгресот на народите на Северен Кавказ, Фондацијата Слободна Јакутија и Конфедерацијата на Далечниот Исток. Обвинителството тврди дека со овие групи управуваат прогонети водачи на сепаратистички движења.
„Овие лидери имаат за цел да ја поделат Руската Федерација на независни држави кои би потпаднале под влијание на непријателски странски држави“, објави Канцеларијата на јавниот обвинител на својата веб-страница.
Форумот на слободни нации пост-Русија е регистриран во Полска и се опишува себеси како граѓанско движење кое се залага за поголема регионална автономија во Русија, а некои членки ја поддржуваат и целосната регионална независност. На својата веб-страница и социјалните медиуми, организацијата користи и варијации на своето име, како што е Форумот на слободни држави пост-Русија.
Украинскиот бизнисмен Олех Махалечки се претставува како еден од основачите на групата и се верува дека е главен спонзор.
Активностите на групата вклучуваа дискусии за децентрализација и независност, на кои настапуваат значајни говорници како што се истакнатиот татарски активист Нафис Кашапов, башкирскиот активист Руслан Габасов, рускиот опозициски политичар Илја Пономарјев, американскиот политички аналитичар Јануш Бугајски и други.
Прогласувањето на организацијата за терористичка од страна на Врховниот суд значи дека се забранети сите активности на Форумот за слободни нации во Русија. Членството или здружувањето со оваа организација ќе биде предмет на кривично гонење, според руските антитерористички закони.
Критичарите на пресудата тврдат дека оваа одредба одразува широко задушување на различните мислења и на движењата за регионална автономија во Русија. Тие наведуваат дека Форумот првенствено работи во странство и на Интернет, што ја доведува во прашања ефективноста на пресудата надвор од границите на Русија.
Изрекувањето на казната на Трамп за тајните исплати се одложи на неопределено време
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, нема да биде осуден овој месец во случајот за тајните исплати кон порно актерката Сторми Даниелс, потврди денеска судијата од Њујорк.
Наместо тоа, судот им наредил на обвинителите и адвокатите да размислат и да дадат предлози што да се прави понатаму со случајот.
Трамп во мај беше осуден за 34 кривични дела, откако поротата утврди дека тој лажно манипулирал со деловните евиденции со цел да се прикрие наводна сексуална средба со Даниелс пред изборите во 2016 година.
Порно актерката тврдеше дека претходно имала ваква средба со Трамп, а во замена за нејзиното молчење и биле исплаќани пари пред тој да стане претседател во 2016-та. Трамп, пак, ги негираше тврдењата на Даниелс велејќи дека не направил ништо лошо.
По неговата изборна победа на почетокот на месецов, следуваше наплив на поднесоци за овој случај до судот со што стана јасно дека на закажаниот датум – 26 ноември, нема да биде изречена казната за Трамп.
Одложувањето денеска го официјализираше и судијата Хуан Меркан без притоа да одреди нов датум.
Судијата Меркан ги повика обвинителите и адвокатите да достават дополнителни поднесоци во следните две и пол недели за тоа како да се продолжи со случајот со оглед на враќањето на Трамп во Белата куќа.
Адвокатите на Трамп бараат случајот целосно и веднаш да се отфрли. Тие сметаат дека во спротивно тоа ќе ги попречи транзицијата на власта и извршувањето на неговите должности.
Обвинителите посочија дека се подготвени да го одложат случајот, можеби додека Трамп е на функцијата, но ои не сакаат тој целосно да биде укинат. Окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег, демократ, рече дека решението треба да ги балансира должностите на претседателството со „светоста на пресудата од поротата“.
Канцеларијата на Брег одби да ја коментира денешната одлука за одложување на датумот за изрекување на казната. Портпаролот на Трамп и нов директор за комуникации во Белата куќа, Стивен Чеунг, ја оцени одлуката како „решавачка победа“ за Трамп.
Снег во Србија, над 10.000 граѓани останале без струја
Повеќе од 10.000 корисници во областите Златибор, Рашин и Рашкa во Србија во моментов се без електрична енергија поради дефекти на мрежата предизвикани од снежните врнежи и бурните ветрови, објави Радио-телевизија Србија (РТС) на 22 ноември.
Станува збор за области во централниот и југозападниот дел на Србија.
Според јавниот сервис, 160 екипи на Електродистрибуција Србија биле ангажирани за санирање на дефекти на територијата на дистрибутивната област Краљево, која опфаќа 43 општини и 11 градови со околу 900.000 корисници.
Балканскиот сервис на РСЕ побара повеќе детали од Електропривреда Србија, но до објавувањето на веста, одговорот не стигна.
Во текот на вечерта во Србија се очекува формирање на снежна покривка од пет до 10 сантиметри во пониските делови, а повеќе од 20 сантиметри на планините.
Компанијата „Ер Србија“ соопшти дека неповолните временски услови во Белград и на одредени аеродроми во регионот, ќе се одразат на протокот на сообраќајот на српската национална авиокомпанија и ќе доведат до доцнења и можни откажувања на одредени летови.
Сиљановска-Давкова: Честитки за Шекеринска, новата функција е и државно признание
Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова денеска (22 ноември) во својот кабинет остварила средба со Радмила Шекеринска откако во вторникот поранешната министерка за одбрана беше избрана за заменик-генерална секретарка на НАТО.
Сиљановска-Давкова преку социјалните мрежи соопшти дека имале пријатна средба и плоден разговор, а назначувањето на Шекеринска, порача, е и државно признание.
„Искрени честитки за престижната функција, којашто е не само лично, туку и државно признание, доказ дека единството и консензусот меѓу носителите на највисоките функции се клучот за успехот и афирмацијата на државата“, напиша Сиљановска-Давкова на социјалните мрежи.
Во соопштение објавено од претседателскиот кабинет, пак, наведоа дека претседателката изразила уверување дека Шекеринска „ќе даде значаен придонес во остварувањето на клучните цели на Алијансата: унапредувањето на колективната безбедност, зајакнувањето на солидарноста меѓу сојузниците и справувањето со современите закани“.
„Со изборот на Радмила Шекеринска на високата функција во НАТО, Алијансата јасно и отворено ја манифестира свеста за важноста на регионот, како и посветеноста кон него“, соопштија од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Претходно, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека како Влада ја поддржале кандидатурата на Шекеринска која, инаку, долги години беше функционер до ривалскиот СДСМ.
Веста за изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО ја објавија од Алијансата на 19 ноември.
Дента, таа не доби честитки ниту од премиерот ниту од претседателката. Мицкоски ден потоа изјави дека имале телефонски разговор и и честитал.
Сиљановска-Давкова, исто така, на 20 ноември објави дека разговарале телефонски и ја поканила Шекеринска на средба.
Претседателката, како што може да се забележи на фотографии објавени од функционери на социјалните мрежи, присуствувала и на свечениот прием што го организирала Шекеринска денеска по повод назначувањето на функцијата.
Со нејзиното назначување, поранешната министерка за одбрана на Северна Македонија, стана највисокиот функционер во Алијансата досега што доаѓа од регионот на Западен Балкан, но и од земја надвор од Европската унија.
Пополнувањето на заменичката позиција беше приоритет за генералниот секретар Марк Руте, кој ја презеде оваа функција на 1 октомври, по 14 години како холандски премиер.
Ескалираат тензиите во северозападен Пакистан
Ескалираат верските тензии во северозападниот дел на Пакистан откако беше извршен смртоносниот напад врз шиитски муслимански конвој, кој се закани да предизвика ново разгорување на насилството во регионот Кибер-Пахтунхва.
Еден ден по нападот на конвојот од 200 возила што патуваше од Пешавар до Парачинар, главниот град на областа Курам, властите денеска (22 ноември) воведоа полициски час и ги прекинаа услугите на мобилната телефонија во оваа оддалечена планинска област.
Дописниците на РСЕ јавија дека вооружени мажи запалиле воен контролен пункт во Курам во текот на ноќта.
Група од десетици гневни луѓе кои носеа автоматско оружје се собраа во Парачинар, додека стигаат информации дека неколку пакистански воени и паравоени објекти на граничната полиција биле нападнати и уништени.
Дописниците на РСЕ јавуваат дека постојано се слушаат силни пукотници.
Џамшед Ширази, активист во Парачинар, за РСЕ изјави дека неколку владини згради биле оштетени од демонстранти.
„Луѓето го изразуваат својот гнев со напади на владини канцеларии“, рече Ширази.
Џалал Хусеин Бангаш, локален шиитски водач, изрази вознемиреност од насилството за време на петочната молитва и рече дека шиитите немаат никаква врска со тоа, јавуваат репортерите на РСЕ.
Хамид Хусеин, пратеник од Курам во националниот парламент, тврди дека насилството е дело на провокатори.
„Ние сме беспомошни. Ниту шиитите, ниту сунитите не се вклучени во ова. Тоа се некои други невидливи сили кои не сакаат да видат мир во областа“, изјави Хусеин за РСЕ.
Најмалку 48 лица, меѓу кои неколку жени и деца, загинаа, а повеќе од 40 беа ранети кога вооружени напаѓачи отворија оган врз конвој возила во областа Курам во провинцијата Хајбер-Пахтунхва, во близина на границата со Авганистан во четвртокот.
Локалните лидери за РСЕ изјавија дека повеќето од убиените се шиити, но оти меѓу загинатите има најмалку четворица сунити.
Никој не ја презеде одговорноста за нападот кој беше последен во серијата смртоносни судири во Курам, област која долго време е позната како жариште на шиитско-сунитскиот конфликт.
Локалниот племенски водач Малик Дилдар Хусеин за РСЕ изјави дека во конвојот имало околу 700 луѓе.
Тензиите во Курам почнаа да се зголемуваат во последниве месеци, бидејќи повторно се појавија судири меѓу сунитските и шиитските муслимански племиња.
Во напад на конвој на 12 октомври загинаа 17 лица, а оттогаш имаше уште неколку други смртоносни напади.
Сунитите и шиитите живеат заедно во Курам и со години имаат меѓусебни судири за земја, шуми и други имоти, како и за религијата, и покрај напорите на владата и безбедносните агенции да го вратат мирот во областа.
Малцинските шиити долго време трпат дискриминација и насилство во Пакистан кој е со мнозинството сунити.
Унгарија: Бугарија и Романија од јануари може да станат полноправни членки на Шенген
Бугарија и Романија би можеле да станат полноправни членки на Шенген зоната од почетокот на 2025 година, соопшти денеска (22 ноември) Унгарија – земјата претседавач со ЕУ, додавајќи дека конечната одлука ќе биде донесена на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во декември.
Двете источноевропски земји се приклучија на Европската унија во 2007 година, но не беа дел од безграничната Шенген зона до март годинава, кога делумно беа укинати граничните контроли односно само за морскиот и воздушниот сообраќај.
Контролата на копнената граница остана на сила поради противењето првенствено од Австрија, која долго време го блокираше влезот на двете земји во Шенген зоната поради загриженоста за илегалната миграција.
Откако министрите за внатрешни работи на Австрија, Бугарија, Унгарија и Романија денеска се сретнаа во Будимпешта, Австрија се повлече од своето противење, отворајќи го патот за конечна одлука на самитот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во декември.
Унгарскиот министер за внатрешни работи, Шандор Пинтер, изјави дека Романија и Бугарија, кои се граничат со земји надвор од ЕУ, сега се „чекор поблиску до полноправни членки на Шенген“.
Тој додаде дека постои „јасна можност“ да се заврши процесот до крајот на годината и дека земјите ќе мора заеднички да испратат најмалку 100 граничари на границата меѓу Бугарија и Турција.
Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, која исто така учествуваше на состанокот, во видеото објавено на мрежата Х порача: „Ова е голем ден за целосна слобода за сите граѓани на Бугарија и Романија во Шенген зоната и многу сум среќна“.
Романскиот премиер Марсел Чолаку претходно во понеделникот најави дека двете земји ќе се приклучат на Шенген зоната следната година, опишувајќи го состанокот во Будимпешта на четворицата министри за внатрешни работи како „клучен“.
Чолаку рече дека холандскиот парламент, кој исто така се спротивстави на пристапувањето на Бугарија во Шенген, исто така ќе мора да даде зелено светло.
Романија и Бугарија се на главните рути за илегална трговија со оружје и дрога, но и со луѓе. Сепак, Европската комисија по деталната анализа објави дека тие ги исполнуваат сите шенгенски услови.
Романија го опиша австриското вето како неоправдано, повикувајќи се на податоци на граничната агенција Фронтекс кои покажуваат дека илегалните мигранти најмногу влегле во ЕУ од Западен Балкан, а не од Романија.
Шенген зоната е основана во 1985 година. Пред делумниот прием на Бугарија и Романија, во неа беа 23 од 27-те земји-членки на ЕУ, заедно со Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, преку мрежата X порача дека двете земји „целосно припаѓаат на Шенген зоната“.
„Го поздравувам позитивниот исход од неформалните разговори во Будимпешта денеска. Шенген нека биде посилен во 2025 година“, напиша Фон дер Лајен.
Протест пред Град Скопје: „Сакаме јавен превоз, а не јавен хаос“
Граѓани од скопската општина Шуто Оризари, но и средношколци и студенти попладнето на 22 ноември излегоа на протест пред Град Скопје за да го искажат својот револт од нередовниот градски превоз во главниот град на Северна Македонија.
„Јавен превоз, а не јавен хаос“ е мотото под кое излегоа студентите и побараа политичките препукувања да не влијаат на благосостојбата на граѓаните.
„Ако сакаат младите да си заминат од државата и да не нудат решение, нека не нудат“, изјави за Радио Слободна Европа, Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ).
Протестот следуваше откако претходните два дена автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје останаа без нафта и во главниот град едвај сообраќаа 30-тина автобуси.
Владата на итна седница вчера одлучи да даде нафта за седум дена од државните резерви односно додека ЈСП не ја спроведе јавната набавка.
„Седум дена не се решение, нас ни треба долгорочни решенија и срамота е во 21 век немањето автобус да е проблем на студентите, средношколците и на сите граѓани. Овој револт го искажуваме затоа што сметаме дека не треба политичките и партиските препукувања помеѓу раководството на Градот да влијаат на благосостојбата на граѓаните“, рече Николовски.
На нивниот повик за протест се приклучи и Сојузот на средношколци, кој меѓу другото бара градските власти да ја почитуваат одлуката на Уставниот суд и бесплатен јавен превоз да имаат и средношколците од приватните училишта, а не само тие од државните.
Покрај тоа, со нередовен превоз, како што велат, се соочуваат од стартот на учебната година.
„Проблемот е повеќе од два дена, од стартот на септември учениците што се подалеку од училиштето не може да стигнат на првите часови. Некои професори имаат разбирање, некои немаат. Губат часови и тоа отсуство им прави проблеми и за оценки и за учење“, изјави за РСЕ претседателот на Сојузот на средношколци, Берим Мухамед.
Студентите и средношколците се собраа кај стариот објект на Пошта од каде се упатија кон канцелариите на Град Скопје. Таму веќе беа дел од жителите на Шуто Оризари, општина во рамки на Градот Скопје каде од ЈСП сообраќа само автобусот со број 19.
„Дојдовме да си го бараме правото како и секој граѓанин на Скопје. И ние имаме потреба од јавен превоз, последнава година немаме јавен превоз во Шуто Оризари. Се случува во текот на денот скоро ич да нема автобуси. Доцниме на работи, тие што идат на училиште имаат проблеми со професорите. Се организираме со тие што имаат коли, но не е тоа решение“, рече Рамиз Хамез за РСЕ, еден од граѓаните кои присуствуваа на протестот.
Има само една 19-ка државна и врти по цел ден, кога ќе дојде се полни уште на прва станица, додаде негов сограѓанин, Ѓувим Бајрами.
„Искрено не верувам дека ќе има решение зашто вака и пред една година се собравме, немаше ништо. Како што гледате во Советот на Град Скопје и градоначалничката се препукуваат меѓу себе. Хаос е, а граѓаните трпат. Да не зборуваме дека ни беше ветен бесплатен превоз“, вели Бајрами.
Жителите на Шуто Оризари за време на протестот револтирано се доближија и до портата на Град Скопје повикувајќи ја градоначалничката Данела Арсовска да излезе и да се соочи со нив.
Порачаа дека ќе излезат на протест повторно за да побараат редовен јавен превоз.
Од Град Скопје, пак, се огласија по денешниот протест, но во реакцијата ги споменаа само жителите на Шуто Оризари кои се од ромска националност, обвинувајќи ја владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за „злоупотреба на најзагрозеното малцинство во Македонија за остварување на теснопартиските политички цели“.
„Пред да го организираат протестот пред градот Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Шуто Оризари Ерџан Демир кој ги предводи и кој воедно беше и кандидат за пратеник од истата партија, би требало да ги информира своите сограѓани дека во Шуто Оризари нема јавен превоз бидејќи советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје одбива да им овозможи на приватните превозници да возат на нивните автобуски линии согласно барањата кои ги имаат доставено до Трајко Славевски пред неколку месеци“, реагираа од Град Скопје.
По градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој го поддржа протестот, пак, од кабинетот на Арсовска го обвинија дека сака да и се допадне на ВМРО-ДПМНЕ.
Едно од клучните ветувањата на градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, партија која ја поддржа на локалните избори во 2021, беше бесплатен јавен превоз за скопјани. Меѓутоа, патиштата им се разделија по помалку од една година од мандатот со меѓусебни обвинувања и јавно изнесени сомнежи за криминални активности. Оттогаш, голем број проекти во Градот Скопје се блокирани, меѓу кои и набавката на нови автобуси како и реализација на проектот за брз автобуски систем – Бас рапид транзит (БРТ). Покрај со јавниот превоз, жители на главниот град на Северна Македонија изминатиот период изразуваат незадоволство и од работата на останатите градски институции меѓу кои и комуналните претпријатија односно проблемите со отпадот и хигиената во градот.
Лукашенко се закани со исклучување на интернетот доколку има протести за претседателските избори
Авторитарниот лидер на Белорусија Александар Лукашенко се закани дека ќе го исклучи интернетот во земјата во случај на масовни протести за време или по претстојните претседателски избори.
Ваквата закана од Лукашенко следува откако по изборите пред четири години избувнаа немири, а опозицијата тврдеше дека гласањето било наместено.
Обраќајќи им се на студентите на Државниот лингвистички универзитет во Минск, Лукашенко ги бранеше ограничувањата кои тогаш ги воведе и предупреди дека ќе има и нови за да ги сузбие различните мислења.
„Ако ова се повтори, целосно ќе го изгаснеме. Мислите ли дека ќе седам со скрстени раце и ќе се молам да не испраќате пораки кога е во прашање судбината на земјата“, рече Лукашенко, според извештајот од државната новинска агенција БелТА.
Лукашенко призна дека прекинот на интернетот за време на протестите во 2020 година се случил со негово одобрение, наведувајќи ја потребата да се „заштити земјата“.
По изборите на 9 август 2020 година, за кои многу западни влади рекоа дека не биле слободни и фер, пристапот до Интернет низ Белорусија беше прекинат неколку дена и повремено блокиран.
Спорните избори, со кои Лукашенко го продолжи своето владеење од 1994 година, беа осудени од САД, Европската унија и другите меѓународни актери.
Како одговор на протестите со кои се бараше оставка од Лукашенко, следеа масовни апсења, наводни мачења на затвореници и насилни акции во кои загинаа неколку луѓе.
Многу опозициски лидери се во затвор или во егзил, а Лукашенко одбива да разговара со своите критичари.
Следните претседателски избори во Белорусија се закажани за 26 јануари.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете