Достапни линкови

Вести

Нетанјаху го распушти воениот кабинет

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го распушти шестчлениот воен кабинет, како очекуван потег по заминувањето на генералот Бени Ганц, соопштија израелските власти на 17 јуни.

Како што пренесува АП, официјални лица кои сакале да останат анонимни, бидејќи не биле овластени да зборуваат за медиумите, рекле дека Нетанјаху во иднина ќе одржува помали форуми посветени на војната во Газа, со некои членови на неговата влада.

Израелскиот премиер се соочи со барања од неговите националистичко-верски коалициски партнери, како и од министерот за финансии Безалел Смотрич и министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, да бидат вклучени во воената влада.

Ова ја зголеми тензијата со меѓународните партнери, вклучително и САД.

Воениот кабинет беше формиран откако Ганц му се приклучи на Нетанјаху во владата на национално единство на почетокот на израелската војна против Хамас - група која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка.

Во него беа вклучени и партнерите на Ганц, Гади Ајзенкот и Арје Дери.

Ганц и Ајзенкот ја напуштија владата минатата недела поради, како што рекоа, неуспехот на Нетанјаху да излезе со стратегија за војната во Газа.

Инаку, израелскиот премиер во понеделникот ги критикуваше плановите кои ги објави израелската војска во неделата. Плановите беа да се одржуваат дневни тактички паузи во борбите покрај еден од главните патишта кон Газа за да се олесни испораката на помош за палестинската енклава.

Армијата најави 11-часовни дневни паузи во областа од преминот Керем Шалом до патот Салах ал-Дин и понатаму на северот.

Армијата појасни дека нормалните операции ќе продолжат во Рафа, што е главниот фокус на нејзината операција во јужниот дел на Газа.

Министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, кој е на чело на една од националистичките верски партии во владејачката коалиција на Нетанјаху, ја осуди идејата за тактичка пауза, велејќи дека тој што така одлучил е „будала“ и дека треба да ја изгуби својата позиција, пренесува Ројтерс.

Конфликтот меѓу Израел и Хамас започна на 7 октомври 2023 година, откако милитантите на Хамас нападнаа неколку израелски населби, убивајќи околу 1.200 луѓе.

Израел потоа започна офанзива во Газа, во која беа убиени повеќе од 37.000 Палестинци, според Министерството за здравство, кое го води Хамас.

види ги сите денешни вести

Продолжува судењето за двојното убиство на Вања и Панче

Кривичен суд, Скопје
Кривичен суд, Скопје

Со испитување на сведоци на Обвинителството денеска (18 октомври) во десет часот во Кривичниот суд продолжува судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

На минатото рочиште инспекторите во СВР Скопје и Велес посочија дека двајца од осомничените ги довеле до телата на Вања и Панче.

На првото одржано рочиште на 14 октомври, обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

На првото рочиште, меѓу сведоците беше и мајката на убиената Вања, Зорица Ѓорчевска, која тврдеше дека не ги познава обвинетите за убиството. Таа сведочеше и дека таткото, кој сега е обвинет, веднаш се сомневал дека ќерка им е киднапирана.

Истиот ден сведочеа и ќерката и зетот на 74-годишниот Жежовски од Велес. Тие раскажаа дека го пријавиле исчезнувањето на велешанецот откако во неговиот дом наишле на запалена греалка и сијалица, а пензионерот го немало. Го немало ниту возилото „Цитроен“ кое, инаку, не го давал никому и имало голем багажен простор.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

Русија извршила „масовен“ воздушен напад врз Украина

илустрација
илустрација

Русија го започна еден од најголемите бранови напади со беспилотни летала врз Украина рано на 18 октомври, објави шефот на воената администрација на Киев, Серхи Попко.

„Руските трупи извршија еден од најмасовните напади со дронови врз цивилното население и инфраструктурата на Украина. Непријателските беспилотни летала му се заканија и на Киев. Но, благодарение на координираната работа на одбранбените сили, сите беспилотни летала се движеа кон главниот град беа неутрализирани“, напиша Попко на Телеграм.

Нема информации за жртви за време на нападот на Киев, кој траеше повеќе од 4 и пол часа, додаде Попко.

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека нападите биле насочени кон регионите Киев, Черкаси, Житомир, Винца, Чернихив, Суми и Полтава, а предупредувањата за воздушни напади сè уште биле активни во некои региони.

Нетанјаху: Војната може да заврши уште утре, ако Хамас ги врати заложниците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во изјава на англиски јазик го нарече убиството на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, „почеток на крајот“ на војната во Газа.

„Имам едноставна порака до жителите на Газа - оваа војна може да заврши уште утре. Може да заврши доколку Хамас го положи оружјето и ги врати нашите заложници. Израел ќе ја гарантира безбедноста на сите оние кои ќе ги вратат нашите заложници. Ако некој им наштети на заробениците Израел ќе ги лови и ќе ги изведе пред лицето на правдата“, рече Нетанјаху.

Израелскиот премиер додаде дека оската на теророт изградена од Иран „се урива пред нашите очи“.

„Владеењето на теророт што го наметна иранскиот режим врз својот народ и народите на Ирак, Сирија, Либан и Јемен ќе заврши“, рече Нетанјаху.

Јаја Синвар беше убиен вчера (17 октомври). Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац објави дека Синвар бил убиен за време на воените операции во Појасот Газа.

Синвар е осомничен дека наводно го организирал смртоносниот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година. Нападот без преседан ја предизвика израелската војна во палестинската енклава.

Тој стана главен лидер на Хамас, по атентатот на Исмаил Ханије, шеф на политичкото биро на групата, кој беше убиен во Техеран на 31 јули во наводен израелски напад.

Кинески компании за беспилотни летала цел на новите санкции на САД

Деминирање на боева глава од руско беспилотно летало во Украина, јануари 2024.
Деминирање на боева глава од руско беспилотно летало во Украина, јануари 2024.

Соединетите американски држави (САД) денеска (17 октомври) воведоа санкции за две кинески компании и поврзана руска компанија, вклучени во производство и испорака на беспилотни летала што Русија ги користи во нејзината инвазија на Украина.

Двете кинески компании санкционирани од американското Министерство за финансии се Xiamen Limbach Aircraft Engine Company и Redlepus Vector Industry Shenzhen.

Компанијата Xiamen Limbach го произведува моторот што ги напојува руските беспилотни летала со долг дострел Гарпија, соопшти американското Министерство за финансии. Се наведува дека Redlepus Vector Industry Shenzhen е вклучена во испорака на беспилотни летала за напад.

Во санкциите беа именувани и руски државјанин и руска компанија поврзана со две кинески компании. Станува збор за Артем Јамшиков, извршен директор и сопственик на ТСК Вектор, кој служи како посредник меѓу претходно назначената руска компанија и добавувачот со седиште во Кина за рускиот проект Гарпија.

Јамшиков, исто така, го поседува и управува со Друштвото со ограничена одговорност Трговска куќа Вектор, руска подружница која исто така беше именувана во објавата за санкции.

Министерството за финансии објави дека ова се првите американски санкции за кинески субјекти кои произведуваат целосни системи за оружје во партнерство со руски фирми. Претходно воведените санкции врз кинеските субјекти беа насочени кон оние кои обезбедуваа компоненти клучни за руската воено-индустриска база.

„Русија сѐ повеќе се потпира на експертизата на странските експерти и увозот на софистицирани технологии за да ја одржи својата програма за оружје и да ја унапреди својата воена кампања против Украина. Ќе продолжиме да ги попречуваме мрежите кои ѝ дозволуваат на Русија да го набави и користи ова напредно оружје “, рече вршителот на должноста потсекретар за тероризам и финансиско разузнавање на Министерството за финансии, Бредли Т. Смит.

Русија го користи Гарпија во нејзината брутална војна против Украина, уништувајќи ја критичната инфраструктура и предизвикувајќи масовни жртви, соопшти Министерството за финансии.

Беспилотните летала се дизајнирани и развиени од експерти со седиште во Кина и се произведуваат во фабрики во Кина во соработка со руски одбранбени фирми пред да бидат пренесени во Русија за употреба против Украина, се вели во соопштението.

Санкциите ги замрзнуваат сите средства на поединци и компании кои се под јурисдикција на САД и ги спречуваат американските граѓани да имаат бизнис соработка со нив.

МАНУ: Не се занимаваме со партиски дискусии, има само една Академија

Македонска академија на науките и уметностите, архивска фотографија
Македонска академија на науките и уметностите, архивска фотографија

Академијата никогаш не се занимавала и нема да се занимава со дневнополитички расправи и партиски дискусии, кои ја оптоваруваат редовната дејност, односно со работи во доменот на Законодавниот дом и на државните институции, се наведува во соопштението од МАНУ во однос на најавите од некои политички партии за основање на академија на етничките Албанци во Македонија.

„Во Македонија, како и во земјите во регионот и во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии. Постојат примери во државите во регионот и пошироко за формирање на т.н. струкови академии во рамките на соодветни стручни здруженија (Академија за архитектура, Академија за медицински науки и др.), како и други научно-уметнички друштва во поголемите градови и во регионалните центри, но нема примери за формирање на паралелни национални академии“, се подвлекува во соопштението од Претседателството на МАНУ.

Реакцијата на МАНУ доаѓа откако градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир, кои се од коалицијата „Вреди“, на 15 октомври, во Тетово, најавија дека ќе го финансираат работењето на здружението - Албанска академија на науките и уметностите.

Академиците велат дека МАНУ секогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и од каква било друга припадност. И дека од нејзиното основање до денес, членови во Академијата биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници.

Против иницијативата на градоначалниците од Вреди се огласија владејачка ВМРО-ДПМНЕ и опозициските СДСМ и ДУИ.

Премиерот, Христијан Мицкоски кој е и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека советниците од оваа партија нема да гласаат за општински буџет од кој ќе се одвојат средства за оваа намена. Тој вчера (16 октомври) порача дека постои само една Академија на науките и уметностите.

Ривалски групи на православни верници се судрија во Черкеси, Украина

Фотографија на Службата за безбедност на Украина од ноември 2022 година, кога беше објавено дека при увид во просториите на Украинската православна црква на Московската патријаршија, пронајдена е проруска литература за настава во црковните училишта.
Фотографија на Службата за безбедност на Украина од ноември 2022 година, кога беше објавено дека при увид во просториите на Украинската православна црква на Московската патријаршија, пронајдена е проруска литература за настава во црковните училишта.

Верници од православните цркви во централниот украински град Черкаси се судрија откако соборната црква Свети Михаил, украинска православна црква на Московската патријаршија, беше предадена на Православната црква на Украина.

Во август оваа година, Парламентот на Украина усвои закон за забрана на Руската православна црква во Украина.

Околу 100 маскирани лица насилно упаднаа во црквата, која беше гарнизонска црква на украинските вооружени сили, за време на ноќната литургија на 17 октомври, јавува украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Инцидентот ескалирал во физички конфликт меѓу верници од ривалските цркви.

Тензиите околу црквата Свети Михаил се случуваат додека Украина се обидува да го ослабне влијанието на Украинската православна црква на Московската патријаршија, која историски била поврзана со Руската православна црква.

И покрај прогласувањето независност од Москва во 2022 година, украинските власти и понатаму се сомневаат во оваа црква поради нејзиниот наводен проруски став.

Во судирите се повредени неколку лица, изјави Зоја Вовк, портпарол на Националната полиција во регионот Черкаси. Вовк потврди дека е отворена истрага за „хулиганство“.

Претставници на Украинската православна црква на Московската патријаршија, наводно, ги пробиле влезните порти и фрлиле солзавец врз групата верници на Православната црква на Украина.

Сведоците рекоа дека свештениците и верниците на Украинската православна црква на Московската патријаршија се забарикадирале во црквата и ги спречиле другите да влезат.

Дописникот на РСЕ јави дека конфликтот завршил дури по пристигнувањето на полицијата и активистите.

На крајот се одржа богослужба на украински јазик.

Украина се обидува да се дистанцира од руската црква од 2014 година, а напорите се забрзани по руската инвазија од 2022 година.

Заврши сведочењето на малолетникот за масовното убиство во белградски „Рибникар“

Илустративна фотографија од зградата на Специјалниот суд во Белград
Илустративна фотографија од зградата на Специјалниот суд во Белград

Во Специјалниот суд во Белград, денеска (17 октомври) заврши сведочењето на малолетниот К.К. кој изврши масовно убиство на 3 мај 2023 година во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“. Тој беше повикан како сведок во постапката против неговите родители Миљана и Владимир Кецмановиќ.

Како и на претходното рочиште, на 8 октомври, сослушувањето на К.К. беше затворено за јавноста.

По судењето, Огњен Божовиќ, застапник на семејствата на оштетените во изјава за новинарите, како што јави Н1, рече дека неговиот впечаток е дека судењето било „прилично емотивно“.

„Мислам дека сме соочени со загатка која треба да се состави со помош на обвинителството, судот, но можеби и здравствените и социјалните институции, за да се решат главните прашања што го мачат српското општество во врска со 3 мај, односно зошто и како се случи ова, што сакаше да постигне и верувам дека ова што го слушнавме денеска ќе биде важен чекор кон тоа“, рече Божовиќ.

Тој додаде дека продолжението на судењето во кривичната постапка е закажано за 1 ноември.

На претходното рочиште каде даде исказ на 8 октомври, малолетниот К.К. одговараше на прашањата на Обвинителството, одбраната и адвокатите на семејствата на оштетените.

На 03 мај 2023 година, тринаесетгодишниот ученик во ОУ „Владислав Рибникар“ со пиштолот на својот татко уби девет негови врсници и чуварот на училиштето. Тој рани уште пет ученици и еден наставник.

Малолетниот К.К., откако го изврши масовното убиство, беше во психијатриска клиника, од каде беше донесен на распит во Специјалниот суд.

Во ноември 2023 година, Високиот суд во Белград го потврди обвинението против родителите на момчето што го изврши масакрот, а судењето почна во јануари 2024 година.

Таткото цело време е во притвор, а на мајката пред една година и е изречена забрана за приближување и комуникација со синот, што уште е во сила. Обвинети се и сопственик и инструктор на стрелачкиот клуб каде, според обвинението, малолетниот ученик научил да пука со својот татко.

Напаѓачот не одговара пред законот, бидејќи во моментот на нападот имал помалку од 14 години.

Приведени 14 лица за проституција и трговија со дрога во тетовско и во Охрид

Илустрација
Илустрација

Во акција на Обвинителството и полицијата, денеска (17 октомври), приведени се 13 лица, во тетовско и во Охрид, осомничени за посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога. Едно лице е во бегство.

„Групата одреден временски период се занимава со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела припадниците на групата ги прикривале со перење пари и други приноси од казниво дело“, соопшти Јавното обвинителство.

Се додава и дека организираната група ја создал 35-годишник од селото Боговиње. Тој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата и во угостителски објекти во Жеровјане и Горно Седларце. Во Охрид наведувал на проституција девојки-странски државјанки кои работеле како танчерки во стриптиз-клубови.

Претреси се извршени на 17 локации во тетовскиот регион и во Охрид.

Двајца осомничени, според Обвинителството, учествувале во наведувањето на проституција на девојките. Тие биле задолжени за обезбедување на девојки кои ќе работат во стриптиз клубовите, ги пронаѓале преку нивни контакти во странски држави, веб страници и на интернет, го организирале нивниот влез во земјава, организирале изработка на лажна документација за фиктивен престој на девојките по хотели во нашата земја со што ги заобиколувале процедурите за добивање легален престој од управните органи.

„Дел од криминалната група биле и две службени лица – затворски службеник од Затворот во Тетово и полицаец – виш инспектор од Тетово кои користејќи ја својата својата позиција и контактите, ја предупредувале групата за полициски акции, а вршеле влијание и за олеснување на прекршочните постапки кон групата и кон странските државјанки“, се посочува во соопштението.

Јавниот обвинител ќе побара притвор за сите осомничени.

Израел проверува извештаи за наводна ликвидација на лидерот на Хамас

Јахја Синвар во 2022 година
Јахја Синвар во 2022 година

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека денеска (17 октомври) ги проверуваат непотврдените извештаи дека Јахја Синвар, лидерот на Хамас поддржан од Иран, кој е означен како терористичка организација од страна на Соединетите Американски Држави и Европската Унија, бил убиен за време на воените „операции“. во појасот Газа.

„За време на операциите на ИДФ во Газа, беа елиминирани 3 терористи. ИДФ и ИСА (Израелската безбедносна агенција) ја проверуваат можноста дека еден од терористите е Јахја Синвар. Во оваа фаза, идентитетот на терористите не може да се потврди“, изјави ИДФ, се вели во објавата на платформата Х.

Во соопштението нема дополнителни детали за Синвар, но се додава дека „нема знаци за присуство на заложници во областа“ каде што се одвивале операциите.

Хамас официјално не ги коментираше извештаите.

Синвар го замени Исмаил Ханије, кој беше убиен во напад во предградие на Техеран на 31 јули, а за кој се сомничи Израел.

Синвар претходно беше шеф на вооруженото крило на Хамас и нашироко се сметаше за организатор на нападот на групата на 7 октомври во кој загинаа околу 1.200 Израелци. Околу 240 други беа земени како заложници. Се веруваше дека тој се крие во Газа.

Иако Израел не презеде одговорност за загинувањето на некои од високите функционери на Хамас, призна дека убил други, вклучително и Салех ал-Ароури Мохамед Деиф, воениот командант на движењето.

Нова средба на главните преговарачи на Србија и Косово на 24 октомври

Еден од претходните разговори за дијалогот меѓу Косово и Србија меѓу Петар Петковиќ, Мирослав Лајчак и Бесник Бислими
Еден од претходните разговори за дијалогот меѓу Косово и Србија меѓу Петар Петковиќ, Мирослав Лајчак и Бесник Бислими

Главните преговарачи на Србија и Косово следната седмица ќе имаат нова рунда средби во рамки на дијалогот за нормализација на односите, потврди за Радио Слободна Европа извор од Брисел.

Специјалниот пратеник за дијалог, Мирослав Лајчак, според овој извор, има намера да организира средба во четврток, на 24 октомври.

Планот на европската страна е да се разговара за понатамошни чекори во спроведувањето на договорот за патот кон нормализација на односите, што лидерите го постигнаа во февруари 2023 година во Брисел, како и за Анексот за имплементација, кој беше договорен во март истата година, во Охрид.

Овие договори не се потпишани од страните бидејќи претседателот на Србија, Александар Вучиќ, одби да го потпише договорот со Косово. Без разлика на тоа, Европската унија смета дека документите се правно обврзувачки за двете страни.

Без оглед на неформалната потврда дека главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ и шефот на преговарачкиот тим од Косово, Бесник Бислими, ќе дојдат во Брисел на закажаниот термин, се уште нема потврда дека ќе има заедничка, трилатерална средба на страните, иако тоа е намерата на организаторите.

Последен пат Лајчак свика рунда дијалози на ниво на главните преговарачи на 17 септември.

И Бислими и Петковиќ тогаш имаа одвоени средби со европскиот пратеник за дијалог, но заедничка средба немаше.

Дијалогот меѓу Косово и Србија е во застој повеќе од една година.

Во февруари 2023 година, лидерите постигнаа договор за патот кон нормализација на односите. Во март истата година беше договорен Анексот за имплементација.

На секоја средба на лидерите доминираа тензии. Последен пат се сретнаа на 14 септември 2023 година. Десет дена подоцна се случи напад во Бањска, кој дополнително ги затегна односите.

Во последната година во неколку наврати во Брисел доаѓаа главните преговарачи, но средбите суштински не ја променија ситуацијата.

Често се случува да нема заедничка средба и рундите да завршат само со одвоени разговори со европската страна.

Последен пат заедничка средба со посредство на ЕУ имаа на 2 јули.

Лидерите на Србија и на Косово последен пат се сретнаа во рамките на дијалогот, на 14 септември 2023 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG