Достапни линкови

Вести

САД санкционираат грузиски официјални лица поради законот за „странски агенти“

Портпарол на Стејт департментот Метју Милер, 18.7.2023
Портпарол на Стејт департментот Метју Милер, 18.7.2023

Соединетите Американски Држави воведоа визни ограничувања за десетици грузиски службеници поради усвојувањето на законот за „странски агенти“.

Законот предизвика неколкунеделни масовни протести и критики дека наликува на репресивни закони што ги користи Кремљ за да го задуши несогласувањето и да ја одврати Грузија од евроатлантскиот пат.

Потегот, објавен на 6 јуни од портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, доаѓа откако претседателот на парламентот Шалва Папуашвили го објави законот на 3 јуни, откако пратениците од владејачката партија Грузиски сон го надгласаа ветото на претседателот Саломе Зурабишвили на спорниот закон.

Стотици луѓе беа уапсени за време на протестите против законот. Некои од демонстрантите кои беа приведени за време на демонстрациите кои беа разбиени со солзавец, водени топови и, наводно, гумени куршуми кои ги повредија противниците и новинарите, може да се соочат со години затвор по поднесени кривични пријави.

„Оваа прва фаза од визните ограничувања вклучува членови на партијата Грузиски сон, членови на парламентот, полиција и други граѓани. Ова ги вклучува индивидуите кои се одговорни или кои учествуваат во поткопувањето на демократијата во Грузија, како што е поткопување на слободата на мирно собирање и здружување, насилно напаѓање мирни демонстранти, заплашување претставници на граѓанското општество и намерно ширење дезинформации“, изјави Милер за новинарите.

Вашингтон, кој беше еден од главните поддржувачи на интеграцијата на Грузија во западните институции, во изминатите неколку години на Тбилиси му даде помош од 390 милиони долари.

„Овие дејствија ризикуваат да ја попречат европската иднина на Грузија и се спротивни на грузискиот устав и желбите на нејзиниот народ“, рече Милер, без да ги идентификува санкционираните лица поради законите за визната доверливост.

Тој рече дека „неколку десетици“ луѓе биле казнети поради нивната улога во промовирањето на законот и задушувањето на протестите.

„Останува да се надеваме дека лидерите на Грузија ќе ги преиспитаат своите постапки и ќе преземат чекори за да продолжат со долгогодишните демократски и евроатлантски аспирации на нивната нација“, рече Милер за новинарите.

„Но, ако не го сторат тоа, САД се подготвени да преземат дополнителни активности“, рече тој.

Опозицискиот пратеник Леван Хабеишвили, лидер на водечката опозициска партија Обединето национално движење (УНМ), го поздрави потегот на САД и рече дека усвојувањето на законот ќе биде придружено и со економски последици.

„Пратениците кои гласаа за „рускиот закон“ и полицајците кои ги растераа мирните демонстранти се најдоа под санкции и ова е само почеток. Каков инвеститор ќе влезе или ќе остане во таква земја?! Под водство на основачот на партијата Грузиски сон, Биџин Иванишвили, Економскиот колапс е неизбежен Деструктивноста на тимот на Иванишвили удира по џебовите на грузиските граѓани“, истакна Милер.

Политичарот и претприемач Мамука Хазарадзе, лидер на центристичката политичка партија Лело за Грузија, рече дека со санкционирањето на „предавничките“ политичари на Грузиски сон, САД ги поддржуваат аспирациите на Грузијците кон Западот.

„Америка уште еднаш ја потврди својата непоколеблива поддршка за грузискиот народ“, напиша Хакарадзе на социјалните мрежи, повикувајќи ги своите сонародници да ги искористат своите гласови на претстојните парламентарни избори во октомври за да донесат промени.

„Соединетите Американски Држави презедоа акција. Се приближува првиот бран на санкции против предавничката влада. Сепак, мораме да запомниме дека колку повеќе владата се оддалечува од демократијата и се приближува до Русија, толку повеќе ќе ѝ наштет на земјата и на нашите меѓународни интереси. Ова е предавство на иднината! Сега е наш ред да вложиме уште повеќе напори за конечно да обезбедиме победа во октомври!“, додаде тој.

Во првата реакција на владата за санкциите, министерката за култура Теа Цулукиани, го нарече потегот на Вашингтон „грешка“ и повика истиот да се повлече.

„Можеме со сигурност да кажеме дека ова е една грешка која, на нивна и на наша несреќа, САД ја прават во односите со својот стратешки партнер. САД очајнички треба да го ресетира овој однос“, истакна Цулукиани.

Папуашвили на 3 јуни рече дека Министерството за правда ќе развие алатки за спроведување на законот во рок од 60 дена, по што сите невладини организации и медиумски групи кои добиваат финансиска поддршка од странство ќе треба да се регистрираат и да ги пријават своите финансии за 2023 година.

види ги сите денешни вести

Вучиќ тврди дека напаѓачот на израелската амбасада бил добро обучен, претреси на неколку локации

Србија - Израелската амбасада во Белград, 29 јуни 2024 година.
Србија - Израелската амбасада во Белград, 29 јуни 2024 година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека црвената безбедносна тревога најверојатно ќе важи до вторник, 2 јули, по инцидентот во кој напаѓач со самострел рани полицаец пред израелската амбасада во Белград во саботата, на 29 јуни.

„Мислам дека до вторник ќе решиме се и дотогаш се ќе биде во ред“, изјави Вучиќ во гостување на ТВ Прва.

Црвеното ниво на безбедносна закана од тероризам значи дека ќе има зголемено полициско присуство.

Вучиќ изјави и дека „напаѓачот бил исклучително добро обучен“ и дека стрелата ја испукал додека го држел самострелот во чантата, за „нападот да биде сосема неочекуван“. При нападот на Амбасадата, напаѓачот е убиен, а врз него пукал полицаец, кој е ранет и во моментов не е во животна опасност.

Убиениот напаѓач е идентификуван како Милош Жујовиќ, за кого Ивица Дачиќ, српскиот премиер и министер за внатрешни работи, рече дека е „преобратеник од Младеновац“, една од белградските општини.

Полициска акција во саботата беше спроведена и во Нови Пазар, на југозападот на Србија, на околу 270 километри од Белград и местото на нападот, каде што беа извршени претреси на локации за кои се верува дека се поврзани со нападот.

Според агенцијата АП, портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи изјавил дека нападот во саботата „беше обид за терористички напад во близина на израелската амбасада во Белград“.

„Утврдено е дека лицето што го изврши терористичкиот напад е Милош Жујовиќ (1999), верско име Салахудин, преобратеник од Младеновац, кој се преселил да живее во Нови Пазар“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.

Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија во посета на повредениот полицаец, 29.6.2024 година.
Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија во посета на повредениот полицаец, 29.6.2024 година.

Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ за Српската радио-телевизија (РТС) изјави дека две лица се во притвор и дека акцијата продолжува низ цела Србија. Биле претресени повеќе локации и интервјуирани се десетици лица.

„Обвинителството ќе утврди понатамошни дејствија“, посочи тој, додавајќи дека „синагогата во Белград била можна прва цел на напаѓачите“.

Ден претходно во едно од своите обраќања Дачиќ изјави дека меѓу уапсените е и Игор Деспотовиќ од Белград, кој е „осомничен за терористичко здружување“.

Според соопштението од српското МВР, околу 11 часот на 29 јуни, Жујовиќ со самострел застрелал припадник на Жандармеријата кој бил на безбедносна должност во израелската амбасада, удирајќи го во вратот.

Припадникот на Жандармеријата М.Ј.(1990) во самоодбрана употребил оружје и го победил напаѓачот, кој од здобиените повреди починал.

Членовите на СДСМ бираат нов претседател на партијата

Северна Македонија - Александар Бајдевски, Венко Филипче и Јован Деспотовски, кандодати за претседател на СДСМ. Славјанка Петровска (втора од лево) ја повлече кандидатурата
Северна Македонија - Александар Бајдевски, Венко Филипче и Јован Деспотовски, кандодати за претседател на СДСМ. Славјанка Петровска (втора од лево) ја повлече кандидатурата

СДСМ денеска, 30 јули, на вонредни внатрепартиски избори ќе избира нов претседател на партијата. Гласањето ќе се одвива на 77 избирачки места ширум земјава, а правото на глас ќе можат да го остварат околу 23.377 акредитирани партиски членови.

Во трката за нов лидер на СДСМ остануваат поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, како и поранешниот заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, откако поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, вчера, на еден ден пред изборите ја повлече кандидатурата.

Петровска ги повика останатите тројца кандидати да се откажат од внатрепартиското гласање за избор на претседател на партијата, бидејќи, како што рече, изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата.

Во предизборната кампања што ја водеа четворицата кандидати, најавија реформи во партијата и обединување на членството.

Изборот за нов лидер на СДСМ следува откако поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски се повлече од лидерската позиција на партијата по поразот на двојните избори што се одржаа на 8 мај, кога СДСМ освои најлош изборен резултат на парламентарните избори (154.447 гласа).

Бројот на членови кои се пријавиле за гласањето денеска е далеку помал од првите и вторите непосредни избори за лидер на СДСМ, кога се броеја и над 60.000 односно 40.000 гласа.

За некој од тројцата кандидати да биде избран за лидер ќе треба да освои 50 отсто плус еден глас од оние членови што ќе излезат да гласаат. Ако тоа не се случи, двајцата со најмногу гласови, ќе се соочат во втор круг на 7 јули.

Мандатот на новиот претседател, според актуелниот партиски статут, ќе биде до март 2025 кога би требало да има редовни избори за лидер кој би добил четиригодишен мандат.

Првпат непосредни избори за претседател на партијата, социјалдемократите спроведоа во март 2021, кога Зоран Заев како единствен кандидат освои речиси 60.000 гласа.

За помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Димитар Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври 2021 година. Тој освои 37.649 гласа, а имаше двајца противкандидати. Еден од нив е и сегашниот кандидат Деспотовски за кого тогаш гласаа 3.319 членови. Трета беше Фросина Ременски со 2.836 гласа.

Покрај Заев и Ковачевски, досегашни претседатели на СДСМ беа и Бранко Црвенковски, Радмила Шекеринска и Владо Бучковски.


Временска прогноза-сончево, температурата до 38 степени

Илустрација
Илустрација

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена локална облачност. Минималната температура ќе се движи од 11 до 19 целзиусови степени, а максималната ќе достигне од 31 до 38 целзиусови степени, информираше Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).

УВ индексот ќе биде 9.

Времето во Скопје ќе биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност.

Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 36 целзиусови степени.

Од УХМР информираат дека времето во понеделник кон крајот на денот, а особено во вторник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интезивен пороен дожд, силен ветер и град.

Потоа во следните два дена ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со повремен пороен дожд и грмежи и ќе дува умерен северен ветер.

Германија се пласираше во четвртфиналето на ЕП 2024

Германија - Натпревар Германија-Данска, Дортмунд, 29.6.2024 година.
Германија - Натпревар Германија-Данска, Дортмунд, 29.6.2024 година.

Германија стана втората селекција која се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство (ЕП) 2024.

Домаќините ја победија Данска со 2:0 во осминафиналето меѓу двете селекции по прилично бурната ноќ во Дортмунд.

Натпреварот беше голем спектакл, со многу шанси пред двата гола, неверојатни одбрани, поништени голови и важни интервенции на ВАР.

Сепак, „панцирите“ успеаја да ја наметнат својата волја и постигнаа успех со головите на Каи Хаверц од пенал во 53. минута и Џамал Мусиала во 68. минута.

На средината на првото полувреме, големо невреме го преврте стадионот, поради што натпреварот беше прекинат близу 25 минути.

Германија во четвртфиналето го чека победникот од двојката Шпанија-Грузија.

Обединети Нации: Луѓето во Газа живеат во неподносливи услови

Израелско-палестински конфликт
Израелско-палестински конфликт

Жителите на Газа се принудени да живеат во бомбардирани згради или кампови покрај огромни купишта ѓубре, изјави портпаролката на Обединетите нации(ОН), пренесе АФП.

Луиз Вотериџ од Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци, кажа дека условите во кои живеат луѓето во Појасот Газа се неподносливи.

„Денес е полошо од кога било. Не се сомневам дека утре ќе биде уште полошо“, рече таа зборувајќи од Газа.

Таа рече дека е „шокирана“ што се вратила во Кан Јунис во центарот на Газа.

„Сè е во урнатини. А сепак луѓето повторно живеат таму“, рече Вотериџ. Таа детално ја опишала состојбата во која се нашла:

„Нема вода, нема, нема храна. И сега луѓето повторно живеат во овие згради кои се празни школки, со чаршафи што ги покриваат празнините во пукнатините на ѕидовите.

Вотриџ рече дека борбата да се внесе гориво во Газа и безбедно да се дистрибуира има големо влијание врз испораката на хуманитарна помош.

„Без гориво, хуманитарниот одговор е блокиран“, рече таа.

Војната во Газа започна со нападот на Хамас, прогласен за терористичка организација од Соединетите Американски Држави и од Европската Унија на 7 октомври 2023 година врз јужен Израел.

Нападот резултираше со смрт на 1.195 луѓе, од кои повеќето цивили, според извештајот на АФП врз основа на официјалните израелски податоци.

Во одмаздата на Израел загинаа повеќе од 37.700 луѓе, исто така главно цивили, според Министерството за здравство во Газа под контрола на Хамас.

Славјанка Петровска ја повлекува кандидатурата за претседателка на СДСМ

СЕверна Македонија - Славјанка Петровска, кандидатка за претседателка на СДСМ
СЕверна Македонија - Славјанка Петровска, кандидатка за претседателка на СДСМ

Кандидатката за претседателка на СДСМ, Славјанка Петровска, ја повлекува кандидатурата на еден ден пред внатрепартиските избори најавени за утре, 29 јуни.

Преку официјално писмо до Централната изборна комисија за претседателските избори во СДСМ, Петровска бара нејзиното име да не стои на избирачкото ливче.

„Сакајќи да го заштитам СДСМ од нелегитимен избор на претседател и да избегнам да бидам соучесник во ова погазување на Статутот ве известувам дека ja повлекувам мојата кандидатура за претседател на СДСМ. Со оглед на тоа дека овој процес за мене е неприфатлив барам моето име да не стои на избирачкото ливче, со цел гласачите да не бидат доведени во заблуда“, напиша Петровска.

Во писмото наведува дека и покрај тоа што на состанок со претставници на ЦИК укажала на бројни неправилности, сепак таа не добила никаков одговор што ги побива нејзините тврдења.

„Вчера на состанокот одржан во просториите на СДСМ со преставници на ЦИК информирав за сериозни забелешки во поглед на точноста и легитимноста на Избирачкиот список, злоупотребата на лични податоци на илјадници членови на СДСМ кое продолжи и денес. Како социјалдемократ верувам во искреноста со која треба да се обраќаме кон нашите другари и другарки и затоа сите овие основани и потврдени сомнежи го нарушуваат легитимитетот на овие избори и резултатите“, наведува Петровска.

Петровска во изјава за медиумите вчера ги повика останатите тројца кандидати да се откаже внатрепартиското гласање за избор на претседател на партијата, бидејќи како што рече, изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата.

Таа, исто така, посочи дека до неа стигнале информации дека во определени општински организации се појавиле одреден број на гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани, односно, како што рече, некој користејќи ги алатките во нивно име ги регистрирал.


Во трката за нов лидер на СДСМ остануваат поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, како и поранешниот заменик министер во МИОА, Александар Бајдевски.

За гласање се пријавија речиси 23.000 членови, што е далеку помалку од првите и вторите непосредни избори кога се броеја и над 60.000 односно 40.000 гласа.

Првпат непосредни избори за претседател на партијата, социјалдемократите спроведоа во март 2021, кога Заев како единствен кандидат освои речиси 60.000 гласа.

За помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Димитар Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври 2021 година. Тој освои 37.649 гласа, а имаше двајца противкандидати. Еден од нив е и сегашниот кандидат Деспотовски за кого тогаш гласаа 3.319 членови. Трета беше Фросина Ременски со 2.836 гласа.

Покрај Заев и Ковачевски, досегашни претседатели на СДСМ беа и Бранко Црвенковски, Радмила Шекеринска и Владо Бучковски.

МНР: Пописот во Албанија не ја отсликува реалната бројка Македонци

Северна Македонија - зграда на Министерството за надворешни работи (МНР)
Северна Македонија - зграда на Министерството за надворешни работи (МНР)

Прелиминарни податоци од пописот во Албанија за жал не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата, соопштија од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија(МНР), откако и македонски друштва во Албанија реагираа за, како што велат, направен груб пописен фалсификат по објавената бројка од пописот за 7. 957 Бугари во Албанија.

Дополнително, Министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на термин „Северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница.

„Министерството ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес, разгледување на можностите за соодветна корекција на направените пропусти и изнаоѓање на најадекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи со Република Албанија“, пишува во соопштението од МНР.

Претходно реагираше „Друштво Преспа“, организација за заштита на правата на Македонците во Албанија. Според „Друштво Преспа“, во Албанија немало етнички Бугари ниту во еден попис од 1912 до 2023 година.

Според податоците што ги објави албанскиот Институт за статистика ИНСТАТ, во Албанија живеат живеат 2.281 Македонци, а како Бугари се изјасниле 7. 957 лица.

„Изразуваме загриженост на објавата на Институтот за статистика на Албанија дека во Албанија живеат 2. 281 „Северномакедонци‘, иако пописот во 2011 година биле регистрирани (ниту тогаш прифатливи) 5. 512 Македонци. Потсетуваме дека не станува збор за доселеници во Албанија од државата „Северна Македонија‘, која во спротивност со меѓународното право под тоа име постои од 11 јануари 2019 година според договорот меѓу Димитров-Коѕиас од јуни 2018 година, туку за домородно население кое со векови живее во свои домови и на своја автохтона територија“, се вели во реакцијата на „Друштво Преспа“.

„Друштво Преспа“ упатува протест до претседателот, Собранието и Владата на Албанија, зашто според нив, подлегнале на бугарски закани за пристапување на Албанија во Европската Унија.

„Бараме Европската Унија да преземе мерки против Република Бугарија која врши манипулација со Македонците во балканските држави, им дава бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради сиромаштијата во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се ‘Бугари по потекло‘, соопшти организацијата.

Од вкупно попишаните, 2.186 917 се изјасниле како Албанци, 23. 485 како Грци, а 12. 375 како Египќани. Регистрирани се 9. 813 Роми, 2.963 Бошњаци, 2. 459 Власи, 584 Срби, 511 Црногорци. Преостанатите се изјасниле дека припаѓаат на друга етничка група или одбиле да се изјаснат.

Македонците во Албанија претходно реагираа дека Бугарија преку својата амбасада во Тирана подолг период презема повеќе антимакедонски активности, се со цел македонското малцинство да го прикаже како бугарско. Според партијата на Македонците во Албанија и македонските здруженија, антимакедонските активности биле преку давање бугарски пасоши, стипендии и парични средства на етнички Македонци.

Албанија го почна пописот на населението на 18 септември 2023 година.

Албанија во октомври 2017 година официјално призна постоење бугарско национално малцинство во земјата.

Ова е 12 по ред попис откако Албанија беше прогласена за независна држава во 1912 година. Првиот попис бил спроведен во 1923 година, а претпоследниот бил во 2011 година. Планираниот попис за 2021 беше одложен поради пандемијата на Ковид-19, а следната година се одложи бидејќи не биле обезбедени неопходните алатки за собирање информации на терен.

Нападнат полицаец кој ја обезбедувал Амбасадата на Израел во Белград, за Вучиќ и за Дачиќ е „терористички акт“

Србија - напад врз припадник на српската Жандармерија, Белград, 29.6.2024 година
Србија - напад врз припадник на српската Жандармерија, Белград, 29.6.2024 година

Лице од Младеновац, со верско име Салахудин, кој се преселил да живее во Нови Пазар, е лицето кое со самострел денеска претпладне застрела припадник на српската Жандармерија на безбедносна должност во израелската амбасада, соопштија од српското Министерство за внатрешни работи (МВР).

Напаѓачот е убиен, а полицаецот е повреден во нападот што власта во Србија го смета за „терористички акт“.

Полицијата извести дека напаѓачот е Милош Жујовиќ роден во 1999 година.

Србија - напад пред Амбасадата на Израел во Белград
Србија - напад пред Амбасадата на Израел во Белград

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, го осуди нападот, наведувајќи и дека станува збор за терористички напад.

„Државата Србија ќе може решително да одговори на заканата од тероризам. Секој што мислеше дека може да нè дестабилизира со такви непостапувања, згрешил“, напиша Вучевиќ на платформата Икс(поранешен Твитер).

„Ова беше чин на лудило, кое не може да се припише на ниту една вера или нација. Тоа е кривично дело направено од поединец со име и презиме. Затоа ги повикувам граѓаните да останат смирени и да не подлегнуваат на пропагандата на тие што би сакале да не поделат меѓу себе“, продолжува во објавата од премиерот на Србија.

Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека нападот врз припадникот на Жандармеријата се третира како акт на тероризам.

„Специјалното обвинителство го презеде раководењето со случајот“, изјави Дачиќ пред новинарите во Ургентниот центар каде го посети повредениот полицаец.

Претходно, Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека околу 11 часот на 29 јуни, непознато лице, чиј идентитет се утврдуваше, со самострел застрелал припадник на Жандармеријата кој бил на безбедносна должност во израелската амбасада, удирајќи го во вратот.

Припадникот на Жандармеријата М.Ј.(1990) во самоодбрана употребил оружје и го победил напаѓачот, кој од здобиените повреди починал.

„Се истражуваат сите околности на нападот и можните мотиви“, изјави Дачиќ.

Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија во посета на повредениот полицаец, 29.6.2024 година.
Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија во посета на повредениот полицаец, 29.6.2024 година.

Презентирајќи детали за нападот, Дачиќ рече дека напаѓачот неколку пати му пришол на полицаецот прашувајќи за музејот и други работи, на што полицаецот одговорил дека во близина нема музеј.

„Тогаш тоа непознато лице повторно се вратило, ја отворило вратата од куќата пред амбасадата, со себе носел торба од која извадил самострел и го удрил полицаецот во вратот“, изјави Дачиќ.

Тој додаде дека, според информациите со кои располага, полицаецот веднаш реагирал, го извадил пиштолот и го застрелал напаѓачот.

„Тој испука неколку куршуми кон напаѓачот и по околу половина час е констатирана неговата смрт“, рече Дачиќ.

Жандармот со стрела во вратот е пренесен во Ургентен центар и во тек е операција за лекарите да ја извадат стрелата и да му ги санираат повредите.

Експертски извештај на ОН: Украина неспорно беше нападната со проектил од Северна Кореја

Седиште на Обединетите Нации (ОН) во Њујорк, САД, илустрација
Седиште на Обединетите Нации (ОН) во Њујорк, САД, илустрација

Шефот на истражувачката организација која од 2018 година го бара потеклото на оружјето користено во руските напади на Украина, во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) изјави дека организацијата „неспорно“ утврдила дека балистичката ракета чии остатоци биле пронајден во Украина оваа година се по потекло од Северна Кореја.

Асошиетед прес (АП) ја објави веста на 29 јуни.

Соединетите Американски Држави (САД) и нивните западни сојузници се судрија во петокот, 28 јуни, со претставниците на Русија и Северна Кореја на состанокот на Советот за безбедност на ОН, бидејќи тие тврдеа дека тие две земји го прекршуваат ембаргото на ОН за извоз на оружје од Северна Кореја.

Русија ги отфрли тие тврдења како „неосновани“, а Северна Кореја ја нарече дискусијата за „наводно нечиј трансфер на оружје“ како „крајно дрска“.

Јона Леф, извршен директор на организацијата Conflict Armament Research, на состанокот на Советот за безбедност презентираше детална анализа на проектилот што го погоди украинскиот град Харков на 2 јануари оваа година.

Тој рече дека организацијата го анализирала моторот на ракетата, опашката и околу 300 компоненти произведени од 26 компании од осум земји и територии и утврдила дека станува збор за ракета КН-23 или КН-24 произведена во 2023 година во Северна Кореја.

Таа ги донела своите заклучоци врз основа на уникатните карактеристики на ракетата, дијаметарот, траекторијата на потисок, анализата каде паднала, корејските букви на делови од ракетата и другите ознаки и делови кои датираат од 2023 година.

Леф рече дека тимовите испитале уште три идентични севернокорејски ракети што ги погодија Киев и Запорожје и оваа година. Тие забележале и конвенционално оружје, вклучително и артилериски ракети произведени во 1977 година, запленети на линијата на фронтот и претходно не биле видени на бојното поле во Украина, произведени од Северна Кореја и веројатно дел од неодамнешната поголема пратка ракети.

Советот за безбедност расправаше за нелегален трансфер на оружје од Северна Кореја на барање на Франција, Јапонија, Јужна Кореја, Велика Британија и САД.

Состанокот следуваше по руското вето на 28 март, со кое заврши мониторингот на тим експерти на ОН за спроведување санкции против Северна Кореја поради нејзината нуклеарна програма. САД и нивните европски и азиски сојузници ја обвинија Москва дека се обидува да го избегне надзорот додека наводно ги прекршила санкциите со купување оружје од Пјонгјанг за војната против Украина.

Американскиот заменик-амбасадор Роберт Вуд рече дека презентацијата на Леф со технички детали е многу убедлива и дека независните наоди на организацијата Леф ги потврдуваат извештаите и анализите од други извори.

„Како постојан член на Советот за безбедност, Русија има одговорност да го поддржи и зајакне меѓународниот мир и безбедност. А сепак Русија лансира балистички ракети илегално добиени од Северна Кореја против украинскиот народ“, рече Вуд.

Рускиот амбасадор Василиј Небензија ги обвини западните иницијатори на состанокот дека се обидуваат да го искористат Советот за безбедност за „антируски и антисевернокорејски тврдења“ и дека шират неосновани обвинувања со цел „да го одвлечат вниманието од сопствените деструктивни дејства кои поттикнуваат ескалација во регионот."

Тој рече дека тврдењата за руската употреба на севернокорејски ракети во Украина се „апсолутно лажни“ и ја доведе во прашање професионалноста и стручноста на оние што ги испитуваат остатоците од ракетите во Украина.

Реформистот Пезешкијан и тврдокорниот Џаили одат во втор круг претседателски избори во Иран

Гласање на 14-тите претседателски избори во Иран
Гласање на 14-тите претседателски избори во Иран

Реформистичкиот пратеник Масуд Пезешкијан и тврдокорниот Саид Џалили, поранешен ирански нуклеарен преговарач со Западот, ќе одат во вториот круг од претседателските избори во Иран откако ниту еден од кандидатите не го освои потребното мнозинство гласови на изборите одржани на 28 јуни.

Ова го соопшти ирански функционер, пренесува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Вториот круг од изборите е закажан за 5 јули.

Зошто претседателските избори во Иран се поважни од минатите гласања?
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:06 0:00


Прелиминарните резултати на претседателските избори во Иран покажаа дека реформистичкиот пратеник Масуд Пезешкијан има благо водство пред преостанатите тројца кандидати.

Податоците на изборната комисија објавени во утринските часови на 29 јуни покажуваат дека Пезешкијан освоил 43,5 отсто од гласовите, пред Џалили со освоени 37,7 отсто гласови.

Мохамед Бакер Калибаф, конзервативен поранешен претседател на парламентот, заостанува со 14 отсто од гласовите.

Четвртиот кандидат за претседател, Мостафа Пурмохамади (Пурмохамади), поранешен министер за правда и внатрешни работи, според прелиминарните резултати, многу заостанува зад другите кандидати.

Исходот од изборите веројатно нема да доведе до големи промени во политиката, но може да влијае на тоа кој ќе го наследи 85 годишниот Хамнеи, врховен лидер во земјата од 1989 година.

Претседателските избори во Иран се одржуваат откако претседателот Ебрахим Раиси загина во хеликоптерска несреќа на 19 мај, заедно со министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан и неколку други официјални лица. Многу Иранци го нарекуваат Касап на Техеран поради неговата наводна улога во масовното егзекуција на политички затвореници во 1988 година, кога тој беше заменик обвинител во Техеран.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG