Вести
Ирански функционер убиен во наводни израелски воздушни напади во Сирија
Ирански функционер е убиен во израелски воздушни напади во близина на сирискиот град Алепо, речиси два месеци откако Исламската Република предупреди дека ќе возврати на нападите врз нејзините интереси.
Саид Абајар, припадник на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), е еден од 17-те убиени во нападот во раните утрински часови на 3 јуни, според новинската агенција Тасним, поврзана со ИРГЦ.
Како што јавува Радио Слободна Европа на англиски јазик, ниту ИРГЦ ниту иранската влада официјално не го коментирале нападот на Алепо.
Сепак, привремениот министер за надворешни работи на Иран, Али Бакери Кани, пристигна во Сирија на 4 јуни како дел од регионалната турнеја што започна еден ден претходно во Либан.
Абиар е првиот официјален претставник на ИРГЦ убиен во израелски напад по бомбардирањето на 1-ви април врз комплексот на иранската амбасада во Дамаск. Во тој напад загинаа седум членови на ИРГЦ, вклучително и двајца генерали.
Иран одговори со лансирање ракети и беспилотни летала против Израел и предупреди дека е воспоставена „нова равенка“ со која Техеран ќе возврати на какви било израелски напади врз неговите интереси во регионот.
Раз Зимт, висок истражувач во израелскиот Институт за национални безбедносни студии, за РСЕ изјави дека израелската цел најверојатно била складиште за муниција и дека Абајар бил еден од луѓето кои биле во близина на местото на ударот.
Сепак, според неговата проценка, Израел покажа дека не е одвратен од иранските закани за одмазда, како што покажаа неговите континуирани напади во Сирија, каде ИРГЦ со години одржува контингент на таканаречени воени советници.
„Не сум убеден дека Иран, а со тоа и Израел, разбираат што е „новата равенка““, вели Зимт.
Техеран одржува силно воено присуство во Сирија, додека Израел повремено извршува напади врз локации поврзани со Иран во земјата, често таргетирајќи ги командантите на ИРГЦ.
Регионалните тензии се зголемија по избувнувањето на војната во Појасот Газа, откако Хамас, кој се смета за терористичка организација од САД и Европската унија, изврши напади во Израел на 7 октомври, при што според израелските податоци уби 1.200 луѓе и зеде 253 заложници.
Оттогаш, најмалку 36.550 луѓе се убиени во израелската офанзива, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.
види ги сите денешни вести
Зеленски: Приемот на Украина во НАТО може да стави крај на „жешката фаза на војната“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека пристапот на Украина во НАТО може да стави крај на, како што рече, „жешката фаза на војната“ што ја води Русија.
Тој во интервју за Скај њуз (Sky News) на 29 ноември рече дека ќе биде подготвен да размисли за прекин на огнот доколку неокупираните територии на Украина „паднат под чадорот на НАТО“, под услов поканата за членство во алијансата да ги признае меѓународните граници на Украина.
Русија го анектира украинскиот полуостров Крим во 2014 година и од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година окупираше 20 отсто од територијата на Украина.
„Ако сакаме да ја запреме жешката фаза на војната, мора да ги земеме териториите на Украина што ги имаме под наша контрола под чадорот на НАТО“, рече Зеленски.
„Мораме да го направиме тоа брзо. А што се однесува до окупираниот дел од земјата, Украина потоа може да ги врати преку дипломатски канали“, додаде тој.
Ова се случува во време кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја критикува актуелната администрација на САД која од почетокот на руската инвазија има инвестирано милијарди долари во Украина.
Трамп, исто така, рече дека може да ја заврши војната во рок од 24 часа по враќањето во Белата куќа, што се толкува како Украина да ги предаде териториите окупирани од Русија.
Трамп неодамна го назначи Кит Келог, пензиониран генерал-полковник кој веќе беше негов советник за одбрана, за негов специјален пратеник за Украина и Русија.
Келог се залагаше да им каже на Украинците дека ако не дојдат на преговарачка маса, американската поддршка ќе ослабне, додека на рускиот претседател Владимир Путин му рече дека ако не дојде на маса, САД ќе им дадат на Украинците „се што им треба да те убие на земја“.
Русија во последните неколку месеци ги бомбардира украинските градови со беспилотни летала и проектили, предизвикувајќи жртви и штети на енергетската инфраструктура.
Претходно овој месец, високиот претставник на ОН, Розмари Ди Карло, предупреди дека целните руски напади врз енергетската инфраструктура на Украина може да ја направат оваа зима „најсуровата од почетокот на војната“ пред речиси три години.
Украина започна неколку контранапади откако администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, главниот странски сојузник на Украина во борбата против руската инвазија и европските сојузници на Киев одобрија употреба на ракети со долг дострел против цели во Русија.
Почна санацијата на пругата во Јабланица два месеца по поплавите
Во областа Јабланица, на југот на Босна и Херцеговина, во саботата на 30 ноември започна санацијата на железничката пруга, која беше оштетена пред речиси два месеци во поплавите.
Од рано утрото на терен се багери и камиони.
Почетокот на работите е најавен на средба на министерот за транспорт и врски на Федерацијата Босна и Херцеговина и раководството на компанијата „Желјезнице ФБиХ“, железничкиот оператор во Босна и Херцеговина.
На средбата беше посочено дека станува збор за чистење на локациите на кои е оштетена железничката пруга како прва фаза за санација и реконструкција на инфраструктурата.
Работите на финалната реконструкција на железничката пруга, како што е најавено, ќе се изведуваат по добивање одобрение за реконструкција. Но, ниту од раководството на Железницата, ниту од надлежното министерство не кажаа децидно колкав е рокот за реконструкција на пругата.
Во соопштението по состанокот во Мостар во петокот, беше посочено дека Железниците ФБиХ и ентитетското Министерство за транспорт и врски добиле писмо со намери од турската градежна компанија Џенгиз Инсаат Санаи ве Тиџарет да донираат работи за чистење, рехабилитација и реконструкција на пругата.
Се понудија и да се обезбеди проектна документација за извршување на работите.
Прекинатата железничка комуникација на југот на БиХ ја претставува економската енергија на земјата, поврзувајќи ја БиХ со Европа и светот преку пристаништето Плоче.
Поради бавноста на реконструкцијата, во неколку наврати протестираа жителите на Долна Јабланица, како и работниците на некои од фабриките во Босна и Херцеговина чие работење е доведено во прашање поради долгиот прекин на железничкиот сообраќај.
На овој потег претходеа бројни и отворени критики во јавноста, бидејќи реконструкцијата не започна ниту два месеци по поплавите кои ја зафатија и Долна Јабланица.
Владата на БиХ го разреши раководството на Железниците на ФБиХ и назначи привремено.
Во неколку наврати се организираа протести поради непреземање конкретни чекори за поголема помош на жителите.
Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина на 20 ноември го разреши поранешниот директор на Железниците на Федерацијата Босна и Херцеговина, обвинувајќи го дека не започнал со реконструкција на пругата во Јабланица.
Тогаш владата ги задолжи министерствата за финансии и транспорт и врски да обезбедат пари за санирање на штетите на железницата.
Во поплавите и одроните што на 4 октомври ги погодија Херцеговина и централниот дел на БиХ загинаа вкупно 27 лица, а вкупната штета изнесува 270 милиони марки (околу 138,5 милиони евра).
МВР го приведе малолетникот што ја откорна таблата од Конзулатот на Република Србија во Куманово
Полициски службеници од СВР Куманово лишија од слобода 17-годишен малолетник од Куманово, постапувајќи по добиена пријава дека на 29 ноември во 09.05 часот е откорната табла од канцеларијата на Конзулатот на Република Србија во земјава, лоциран во Куманово, соопшти МВР.
Малолетникот е приведен во полициска станица и по документирање на случајот СВР Куманово ќе поднесе кривична пријава по член 319 од КЗ до кумановското обвинителство.
Амбасадата на Република Србија во Република Северна Македонија вчера преку соопштение најостро го осуди, како што го нарече вандалски чин, кога од фасадата на зградата на Конзулатот на Република Србија во Куманово, младо машко лице обвиено со албанско знаме, насилно ја отстранило таблата со грбот на Република Србија и натписот „Конзулат на Република Србија во Куманово - Почесен конзул“, напишан на српски и македонски јазик.
ОЈО со истрага против 33 годишен македонски државјанин за убиство во Ханиоти
Основното јавно обвинителство Скопје информира дека повела истрага против 33 годишен македонски државјанин за убиство во Ханиоти кое се случило минатата година.
Како што посочуваат од Јавното обвинителство, осомничениот 33-годишник на 15 јули 2023 година, во Ханиоти, Република Грција, заедно со уште едно засега непознато лице, со умисла го лишиле од живот сега покојниот Орхан Бајрами, а ги довеле во опасност и животите на уште четири лица.
По претходен договор, осомничениот и неговиот соизвршител маскирани пристигнале во туристичкиот комплекс каде била сместена жртвата и се приближиле до отворената задна балконска врата.
„Осомничениот од огнено оружје – пиштол „Црвена застава“ со калибар 7,65 мм со пригушувач испукал 11 куршуми, а неговиот соучесник со пиштол од ист калибар уште 8 куршуми во правец кон оштетените. Од куршумите, три завршиле во телото на сега починатиот, нанесувајќи му смртоносни повреди. Грчките истражни органи имаа издадено налог за апсење на осомничениот, како и Европски налог за апсење и меѓународна потерница поради сомненија за кривични дела – намерно убиство со соучесништво и обид за сериско и соучесничко убиство на територијата на Република Грција“, велат од Обвинителство.
Како што наведуваат од ОЈО, со оглед на тоа што станува збор за македонски државјанин за кого не постои можност за екстрадиција, врз основа на инструментите за меѓународна правна соработка, грчките власти го отстапиле кривичното гонење на Основното јавно обвинителство Скопје.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Сириските бунтовници тврдат дека го освоиле Алепо
Сириските бунтовници, противници на претседателот Башар ал-Асад, во петокот објавија дека стигнале до центарот на Алепо, најнаселен сириски град на северот од земјата, по ненадејниот пробив низ територијата под контрола на владата и речиси една деценија откако беа протерани од градот.
Бунтовничките групи, предводени од исламистичката Хајат Тахрир ал-Шам, минатата недела започнаа напади врз десетици места во северната провинција Алепо, контролирани од владата на Асад поддржана од Иран и Русија.
Бунтовниците брзо напредуваа низ територијата на сириската влада, а доцна во петокот објавија дека се наоѓаат во неколку населби на Алепо.
Сириската опсерваторија за човекови права објави дека бунтовниците и нивните сојузници во петокот го освоиле и стратешкиот град Саракиб во северозападна Сирија.
Саракиб се наоѓа во провинцијата Идлиб, а неговото заземање е важно за бунтовниците и нивните сојузници бидејќи ќе им помогне „да го спречат напредувањето на режимот кон Алепо“, пишува Франс прес.
Башар ал Асад ја врати контролата над Алепо на крајот на 2016 година, со помош на Русија, Иран и регионалните шиитски паравојски.
Тогаш бунтовниците се согласија да се повлечат по долга опсада.
Мустафа Абдул Џабер, командант на бунтовниците од бригадата Џаиш ал-Иза, рече дека нивните сили напредувале брзо поради недоволната поддршка од проиранските елементи во областа.
Сојузниците на Иран во регионот претрпеа серија удари од Израел, откако офанзивата во Појасот Газа се претвори во поширока војна на Блискиот Исток, пишува Ројтерс.
Извори од опозицијата изјавија за Ројтерс дека Турција дала зелено светло за офанзивата на бунтовниците, но портпаролот на турското Министерство за надворешни работи рече дека Анкара сака да избегне поголема нестабилност во регионот и предупреди дека неодамнешните напади ги поткопуваат договорите за деескалација.
Минатонеделните напади се најголеми од март 2020 година, по што Русија и Турција се договорија за деескалација.
Сириската државна телевизија ги отфрли тврдењата дека бунтовниците стигнале до градот и објави дека Русија и дава воздушна поддршка на сириската армија.
Сириската армија извести дека продолжува да се спротивставува на нападот и дека им нанела тешки удари на бунтовниците во околината на Алепо и Идлиб.
Руски и сириски авиони ја бомбардираа областа долж границата со Турција во четвртокот, обидувајќи се да го запрат напредувањето на бунтовниците.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва го смета нападот за кршење на суверенитетот на Сирија и нагласи дека Русија „сака сириските власти да ја вратат контролата и уставниот поредок“ во областа што е можно поскоро.
Запрашан за непотврдените извештаи од апликацијата Телеграм дека Асад отпатува во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин, Песков рече дека „нема што да каже“ на оваа тема.
На Сирија и е ветена дополнителна воена помош од Русија во борбата против бунтовниците кои се противат на претседателот Асад во близина на Алепо, изјавија два воени извори за Ројтерс.
Дамаск очекува оружјето да почне да пристигнува во руската база Хмејмим во близина на крајбрежниот град Латакија во следните 72 часа, додаваат изворите.
Најмногу снег во Берово, најстудено на Попова Шапка
Најниска темпратура утрово е измерена во на Попова Шапка - 5 степени. Во Маврови Анови се измерени -3, во Крушево -2, во Берово -1, во Охрид, Претор и Прилеп 0 степени.
Во Тетово, Битола, Дебар и Крива Паланка 1 степен, во Струмица и Виница 2, во Скопје-Зајчев Рид, Куманово и Штип 3, во Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија и Кавадарци 4 и во Гевгелија 5 степени.
Најмногу снег има во Берово 22 сантиметри, во Маврови Анови и на Попова Шапка 10, во Крушево седум и во Претор еден сантиметар. Најмногу дожд наврнало во Струмица, во Берово и во Крушево.
Времето денеска ќе биде претежно облачно и постудено со повремени врнежи, кои во западните и јужните делови ќе бидат поројни и обилни..
На планините врнежите ќе бидат од снег од 40 до 50 см, на повисоките места од 10 до 30 см, а во некои пониски места од дожд и снег и ќе се формира помала снежна покривка. Во југоисточните делови ќе бидат само од дожд. Ќе дува умерен, а на планините силен северен ветер. Максималната температура ќе достигне од 2 до 6 степени.
Во Скопје времето ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд и снег, а на околните планини од снег. Ќе дува умерен ветер од северен правец кој краткотрајно ќе засилува. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Истражување на Евробарометар: Мнозинството македонски граѓани имаат доверба во ЕУ
Мнозинството граѓани на Северна Македонија или 56 отсто имаат доверба во Европската Унија, покажуваат резултатите од есенското истражување на Евробарометар за 2024 година.
Исто ниво на доверба кон ЕУ како македонските државјани, изразуваат и граѓаните на Босна и Херцеговина. Меѓу останатите земји кандидати за членство, довербата кон ЕУ е најголема во Албанија со 81 отсто, пред Црна Гора со 75, Косово со 70 и Грузија со 58 проценти.
Пониска доверба кон ЕУ од македонските државјани изразуваат Молдавците и тоа од 52 отсто, што сепак укажува дека мнозинството граѓани на Молдавија, како и на останатите споменати земји кандидати веруваат во Унијата.
Пониска доверба кон ЕУ од 50 отсто имаат државјаните на Турција и тоа од 42 проценти и граѓаните на Србија од 38 отсто. Сепак, и ова податоци претставуваат пораст на довербата во ЕУ за четири проценти во Турција и за два отсто во Србија споредено со овогодишното пролетно истражување.
Доверба кон ЕУ од 38 проценти изразуваат и жителите на Велика Британија, што претставува пораст за шест отсто.
Кога станува збор, пак, за граѓаните на ЕУ, мнозинството од нив или 51 отсто веруваат во Унијата, што претставува највисоко измерено ниво на доверба на Европејците кон блокот во последните 17 години.
Според овие податоци, на рекордно највисоко ниво е и поддршката на Европејците за еврото, тие имаат пооптимистички поглед кон иднината и би сакале да видат посилна и понезависна ЕУ, особено во услови на актуелните глобални предизвици. Најголема поддршка кон ЕУ или 59 отсто од испитаниците искажале младите Европејци на возраст од 15 до 24 години.
Иста поддршка како кон ЕУ од 51 отсто, Европејците изразуваат и кон Европската комисија, со што таа е на највисоко ниво од 2007 година.
Речиси три четвртини од испитаниците или 74 проценти од државјаните на земјите членки на ЕУ изјавиле велат дека се чувствуваат како граѓани на ЕУ, што претставува највисоко ниво во повеќе од две децении, додека 61 отсто од Европејците се оптимисти околу иднината на ЕУ.
Речиси седум од десет испитаници или 69 отсто се согласуваат дека ЕУ има доволно моќ и инструменти за да ги брани економските интереси на Европа во глобалната економија, а ист процент се согласуваат дека Европската Унија е место на стабилност во денешниот проблематичен свет.
Една третина од Европејците или 33 отсто сметаат дека главен приоритет на дејствувањето на ЕУ на среден рок треба да бидат безбедноста и одбраната, 29 проценти тоа треба да биде миграцијата, за по 28 отсто економијата и животната средина, а за 27 проценти здравјето. Во исто време, 44 отсто од европските граѓани сметаат дека обезбедувањето мир и стабилност ќе има највисоко позитивно влијание врз нивниот живот на краток рок, следено со обезбедување на храна, здравствена заштита и индустриски резерви и со справувањето со миграцијата, со по 27 проценти.
Кога станува збор за специфични области за дејствување на ЕУ во областа на заштитата на животната средина, 38 отсто од Европејците веруваат дека приоритет треба да се даде на користењето на енергија од обновливите извори, 31 проценти на инвестициите во одржливо земјоделство, а по 28 отсто во изградба на енергетска инфраструктура и инвестирање во чиста технологија.
Истражувањето регистрира и досега најголемата поддршка за заедничката европска валута, која на ниво на цела ЕУ изнесува 74 отсто и само во Еврозоната 81 процент. Кога станува збор за перцепцијата за состојбата на европската економија, 48 отсто од Европејците сметаат дека таа е добра, додека 43 проценти оценуваат дека е лоша.
Дури 76 отсто од европските испитаници сметаат дека руската инвазија врз Украина претставува закана за безбедноста на ЕУ.
Од таму, 87 проценти од анкетираните се согласуваат со обезбедување хуманитарна поддршка на луѓето погодени од војната во Украина, 71 отсто ги поддржуваат економски санкции кон руската влада, компании и поединци, а 68 проценти се согласуваат со обезбедување финансиска поддршка за Киев. Околу 60 отсто од Европејците одобруваат ЕУ да и додели кандидатски статус на Украина, а 58 проценти се согласуваат Унијата да го финансира купувањето и снабдувањето со воена опрема за земјата.
Ова есенско истражување на Евробарометар е спроведено помеѓу 10 октомври и 5 ноември во 27-те земји членки на ЕУ, во девет од земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата (сите освен Украина), како и во Велика Британија. Само во ЕУ со анкетата биле опфатени 26.525 граѓани.
Косовскиот совет за безбедност презема итни мерки по експлозијата на каналот Ибар-Лепенец, Србија негира вмешаност
Косовскиот совет за безбедност во саботата презеде итни мерки за ублажување на последиците и зачувување на безбедноста на критичната инфраструктура на земјата по нападот во кој беше оштетен каналот Ибар-Лепенец, соопшти Владата.
Советот одржа вонредна седница со која претседаваше премиерот Албин Курти, само неколку часа по експлозијата во петокот вечерта, предизвикана значителна штета на овој канал, загрозувајќи го снабдувањето со вода и електрична енергија.
Во експлозијата кај каналот на територијата на општина Зубин Поток нема жртви.
Курти ја обвини Србија дека стои зад експлозијата, а нападот го осудија претставниците на западните земји во Приштина, како и Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, поддржана од властите во Србија.
Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ во саботата ги отфрли тврдењата на Курти и го осуди „последниот напад на каналот Ибар-Лепенац“.
Иако „етнонационалистичкиот режим на Курти без докази брзо го впери прстот кон Белград, сметаме дека ваквите предвремени обвинувања се намерна диверзија, што потенцијално може да укаже на вмешаност на режимот на Албин Курти“ во овој напад, оцени Ѓуриќ.
Тој рече дека Србија бара сторителите на овој напад да одговараат и дека е подготвена да помогне во санирањето на штетата на каналот „или финансиски или технички“.
Директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, рече дека уништувањето на каналот го загрозува водоснабдувањето на општините од северот на Косово на српскиот народ, „кој веќе живее во тешки услови, особено во северот на Косово“.
Косовската полиција врши претрес на некои куќи на север, потврди за Радио Слободна Европа заменик-директорот за северен регион, Ветон Елшани, без да даде повеќе детали.
Екипата на Радио Слободна Европа (РСЕ) од терен известува дека од каналот се уште истекува вода, иако во текот на ноќта бил поставен земјен насип. Во моментов на терен нема полиција, присутни се само членови на мисијата на НАТО на Косово (КФОР).
Жителите кои живеат во близина на каналот велат дека водоснабдувањето не им е загрозено бидејќи користат изворска вода и не зависат од каналот Ибар-Лепенец.
Владата на Косово соопшти дека се преземени конкретни чекори за враќање на состојбата во нормала и ги уверува граѓаните дека во најбрз можен рок ќе се обнови снабдувањето со вода и електрична енергија.
Советот за безбедност одобри дополнителни мерки за заштита на критичните објекти како што се мостови, трафостаници, антени, езера, канали итн.
Министерката за економија во Владата на Косово, Артане Ризваноли, во саботата изјави дека по нападот на каналот Ибар-Лепенец е обезбедено редовно снабдување со електрична енергија и парно за граѓаните на Приштина.
Експлозијата што се случи во петокот вечерта предизвика значителна штета на каналот Ибар-Лепенец во селото Вараге на територијата на општина Зубин Поток, што го загрози снабдувањето со вода и струја на Косово.
Од хидросистемот Ибар-Лепенец на езерото Газиводе во Зубин Поток, со вода за пиење се снабдува северот на Косово, како и Приштина и неговата околина. Водата за термоелектраните во Обилиќ се снабдува од Газиводе и се користи за ладење на електраните Косово А и Косово Б, а покрај тоа, водата од акумулацијата езерото Газиводе се користи и за наводнување на земјоделските површини.
Компанијата Ибар-Лепенец постави шест привремени цевки со доволен капацитет за да обезбеди вода за ладење на термоелектраната Косово Б околу 02:00 часот по полноќ, во рекордно време. На овој начин очекуваме снабдувањето со електрична енергија да биде стабилно“, напиша Ријваноли на Фејсбук.
Таа додаде дека по вонредната седница на Косовскиот совет за безбедност е донесена одлука властите да се координираат со Енергетската корпорација на Албанија, со цел да се обезбеди дополнителна енергија и да се избегнат можните ограничувања.
Нападот на каналот Ибар-Лепенец е трет во последните 72 часа на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население.
Откако беа фрлени експлозивни направи во близина на полициската станица и општинската зграда во Звечан, косовската полиција ги зголеми безбедносните мерки, односно присуството на теренот, вклучително и на север.
Грузиската полиција со водени топови и солзавец ги растерува про-ЕУ демонстрантите во Тбилиси
Грузиската полиција употреби водени топови за да ги растера илјадниците демонстранти кои втор ден по ред се собираат во близина на парламентот во Тбилиси за да протестираат против одлуката на владата да ги прекине пристапните преговори со Европската унија.
Полицијата употребила и солзавец за да ги разбие собирите во доцните часови на 29 ноември.
Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили, жесток критичар на владејачката партија „Грузиски сон“, ги осуди „бруталните и непропорционални напади врз грузискиот народ и медиумите“, споредувајќи ја репресијата со „репресија од руски стил“.
„Овие дејствија нема да бидат простени! Одговорните за употребата на сила треба да сносат одговорност“, напиша таа на социјалната платформа Х порано позната како Твитер.
Демонстрантите излегоа на улиците втор ден по ред откако премиерот Иракли Кобахидзе рече дека неговата влада ги прекинува преговорите со ЕУ и дека ќе ги отфрли буџетските грантови од Брисел „до крајот на 2028 година“.
Повеќе од сто грузиски дипломати остро го критикуваа владиното запирање на преговорите за членство во ЕУ, откако безбедносните сили насилно ги растераа демонстрантите и новинарите на протестот на 28 ноември во Тбилиси поради потегот.
Повеќе од 30 луѓе беа хоспитализирани рано на 29 ноември, откако полицијата употреби солзавец, водени топови и претепа некои од илјадниците собрани за да го истурат својот гнев поради најавата на Кобахиџе.
Грузија е во политички превирања по парламентарните избори во октомври, на кои партијата „Грузискиот сон“ обезбеди 54 отсто од гласовите, при што опозицијата и западните влади тврдат дека гласањето било нарушено со прекршувања и руско влијание.
На почетокот на 28 ноември, полицијата тргна да ги расчистува мирните демонстранти, при што маскираната полиција пукаше со гумени куршуми и брутално ги претепа демонстрантите и новинарите.
Говорејќи во седиштето на Грузискиот сон, Кобахиџе рече дека Тбилиси ги прекинува пристапните преговори, а истовремено ги отфрла сите буџетски грантови од ЕУ до 2028 година.
„Нема да влеземе во Европската унија со молење и стоење на една нога, туку на достоинствен начин со здрав демократски систем и силна економија“, им рече премиерот на новинарите без никакви прашања.
Грузија доби статус кандидат за ЕУ во декември 2023 година, но односите со Брисел се влошија во последниве месеци, почнувајќи со усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ за кој критичарите велат дека се заканува јавно да дискредитира илјадници медиуми и граѓански групи.
Партијата на Вулин предложи закон за странски агенти во српскиот парламент
Српските пратениците од партијата Социјалистичко движење, чиј основач е прорускиот потпретседател на Владата на Србија Александар Вулин, до Собранието поднесоа предлог-закон за посебен регистар на агенти на странско влијание.
Предлог-законот беше поднесен на 29 ноември од пратениците Ѓорѓе Комленски и Бојан Торбица, објави белградскиот весник „Данас“.
Законот за странски агенти постои во Русија и, според критичарите, служи за задушување на критиките на владата и ограничување на работата на активистите за човекови права и независните медиуми.
Во предлог-законот на Социјалистичкото движење, кој се уште не е објавен на веб-страницата на српското Собрание, за „агенти“ се сметаат сите здруженија и непрофитни организации кои во најголем дел се финансирани или на друг начин помагани од странски субјекти.
Под странски субјекти се подразбираат други држави, нивните тела, меѓународни и странски организации, странски државјани или регистрирани невладини организации финансирани од странство.
Непрофитна организација која се занимава со политичка активност, како и други активности поврзани со политичка активност насочена кон загрозување на демократијата, нарушување на интегритетот на Србија, кршење на слободите и правата загарантирани со Уставот и поттикнување национална, расна или верска омраза, се нарекува и „агент на странско влијание и фанатизам“.
Исто така, се предвидува дека секое појавување на претставник на „агенти на странско влијание“ мора да биде означено дека организацијата е регистрирана во Регистарот на агенти од странско влијание што го води Министерството за правда.
Предвидени се казни во случај на непочитување на овој закон, како забрана за работа и кривична пријава против одговорните лица, како и парични казни.
Казните се движат од 5.000 динари (околу 42 евра) до 2.000.000 динари (околу 17.000 евра).
Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, на 29 ноември за ТВ Пинк изјави дека Социјалистичкото движење наскоро ќе поднесе предлог-закон за финансирање на невладините организации во Србија, „по примерот на Соединетите Држави, според кои странското финансирање на невладини организации е забрането“, објави новинската агенција Срна.
Американскиот Закон за регистрација на странски агенти (ФАРА) од 1938 година се занимава со различни прашања од оние што ја регулираат работата на невладините, непрофитни организации.
Според овој закон, „странски агенти“ се поединци кои дејствуваат според директивите на странски земји, се занимаваат со политички активности, собираат пари или дејствуваат по наредба на претпоставените, во контакт со американските власти.
Законот ФАРА е создаден во 1938 година со цел да се потисне нацистичката, а подоцна и болшевичката пропаганда. Со последователните ревизии, законот е насочен кон перење пари, корупција, тероризам и заобиколување на санкциите.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете