Вести
Јакимовски за црната листа: Изненаден сум, ова е нечесна работа
„Дали сум изненаден? Да. Апсолутно сум изненаден“. Ова беа меѓу првите зборови во реакцијата на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, откако американскиот Стејт департмент на 18 март објави дека го става него и неговото семејството на црната листа.
Покрај Јакимовски, листата санкционирани се прошири и со поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиното потесно семејство.
„Како може да не бидам изненаден кога на 4 јули бев поканет од американската амбасада и стриктно ми беше кажано дека листата е максимално редуцирана и се одеше строго по листа за да не бидат присутни некои што тие не сакаат – криминалци или несакани лица, да присуствуваат на денот на американската државност, 4 јули“, рече Јакимовски на вонредна прес-конференција вечерва.
Тој е лидер на партијата Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), а денеска и официјално ја поднесе кандидатурата за претседател на државата откако изминатиот период успеа да ги собере потребните 10.000 потписи.
Неговата реакција за црната листа во најголем дел се однесуваше на тоа дека ова се случува поради неговата кандидатура бидејќи, како што тврди, ја има поддршката од гласачите за да се пласира во вториот круг од изборите. Ставањето под санкции, тој го нарече „нечесна работа“.
„Како поинаку да го сфатиме овој акт на насилие освен директно мешање во изборниот процес во Република Македонија којшто е казниво, кривично дело и мешање на странски разузнавачки служби во изборот на претседател на Република Македонија. Јавно кажувам дека ќе поднесам кривична пријава против непознат сторител, мора да се утврди кој од овде, од нашиве македонски гавази ја направи оваа нечесна работа“, вели Јакимовски, кој на прес-конференцијата се спореди и со поранешниот американски претседател и извесен кандидат на републиканците за годинешните избори Доналд Трамп.
Градоначалникот на Карпош, заедно со Јанева, се најде на црната листа бидејќи, како што соопштија од Стејт департментот, нивните постапки го поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси.
„Во неговото службено својство како градоначалник на општина Карпош, Северна Македонија, Јакимовски беше вклучен во коруптивни дејствија, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да имаат корист за себе и за неговите соработници“, наведоа од Стејт департментот за Јакимовски за кого се водеа кривични постапки за злоупотреба на службената положба и бесправно градење.
Нема пречка за претседателската кандидатура на Јакимовски
По проширувањето на американската црна листа, попладнето на 18 март во изјава за државната агенција МИА се огласија и од Државната изборна комисија (ДИК) во однос на кандидатурата на Јакимовски за шеф на државата. Оттаму посочија дека кандидат може да биде лице кое ги исполнува условите за претседател утврдени со Уставот, кој пак предвидува само дека треба да биде државјанин на Република Северна Македонија, да има најмалку 40 години и да бил жител на државата најмалку десет години во последните 15 години.
„Само овие услови ги предвидува Уставот за претседател на државата. Други услови не се предвидени ниту со Изборниот законик и тој упатува на Уставот“, посочија од ДИК.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни прозивки
Веста од Вашингтон, предизвика реакции и меѓу политичките партии, па двете најголеми – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, излегоа со меѓусебни прозивки.
Социјалдемократите побараа во Собранието да се донесат измените на Законот за рестриктивни мерки со кои ќе се санкционираат македонските државјани и фирми кои ќе се најдат на американската и на британската црна листа.
„Законот е доставен до Собранието од страна на Владата. СДСМ го повикува пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој раководи со собраниската Комисија за надворешна политика веднаш да го стави на дневен ред, Мицкоски и ДПМНЕ да го поддржат и законот да биде усвоен. Треба веднаш да се создаде можност сите вакви случаи наведени од нашите стратешки партнери да може да се процесираат преку домашното законодавство“, реагираа од СДСМ.
Клучно со овие измени, на кои инсистира владејачката партија, е што институцијата што ќе ѝ предложи на Владата воведување санкции откако некој ќе се најде на американската или британската црна листа, ќе има обврска сите докази да ги достави и до Јавното обвинителство, а тоа, пак, ќе мора да започне кривична постапка.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ставањето на Јанева и Јакимовски на црната листа го нарече „удар за СДСМ“. Ставањето на овие две лица со нивните семејства под американски санкции, според партијата, е доказ дека „корупцијата во земјава цвета“.
„СДС даваше најголема поддршка на СЈО и Јанева, злоупотребувајќи го судството и обвинителството за пресметка со неистомисленици. Каде им се сега маичките со ликот на Јанева на функционерите од СДС денеска кога истата беше прогласена за непожелна личност на САД? Воедно, и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски кој излезе од коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а направи неформална коалиција со СДС и Ковачевски, од денеска се наоѓа на црната листа на САД. На СДС и Ковачевски устите им се полни со прозападни вредности, со проевропски фронт, а всушност се во коалиција со луѓе криминализирани до гуша“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Откако на 18 март Стејт департментот објави дека Јакимовски и Јанева се ставени на црната листа, прва со порака се јави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер која порача дека ова не треба „никого да изненади“.
„САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница што се вклучени во значителна корупција. Народот на Северна Македонија заслужува правда и одговорност од нивните институции за да се запре бранот на криминално однесување и да се запре ракот на корупцијата“, вели Агелер.
Јакимовски и Јанева се само последните актуелни или поранешни функционери што се најдоа под американски санкции.
Меѓу последните кои од почетокот на декември 2023 е на црната листа е бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев.
На американската црна листа претходно се најдоа и поранешниот шеф на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков, неговиот братучед и поранешен премиер Никола Груевски, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев и рускиот бизнисмен Сегреј Самсоненко и неговата сопруга, кои имаат бизниси во земјава.
види ги сите денешни вести
Меџити: Нови 50 милиони евра за општините од Европската инвестициска банка
Нови 50 милиони евра кредит од Европската инвестициска банка кои биле обезбедени, но не и искористени, ќе им бидат на располагање на општините, најави првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.
Тој рече дека во петок, на 8 ноември, сите 80 градоначалници се поканети на средба со премиерот на која ќе бидат информирани за средствата.
Меџити рече дека станува збор за пари добиени во времето на претходната власт, но досега не се реализирани, а се наменети за еколошки проекти, за хортикултурно разубавување на општините и за подземна инфраструктура - канализации, водоводи...
„Кредитот од Европката инвестициска банка е порано добиен, но откако дојдовме имаше нула реализација. Парите се веќе добиени, плаќаме и камата, но не се искористени“, рече Меџити во телевизиско гостување.
Со општините кои поминаа на огласот за доделување на државна помош за капитални инвестиции од парите од унгарскиот кредит беа потпишани 274 проекти за вкупно 4,1 милијарда денари. Договорите се однесуваат за реализација на проекти во делот на образованието, транспортот, социјалната политика, културата и туризмот, животната средина и во спортот
Инциденти на протестот во Нови Сад, полицијата одговори со солзавец
Црвена боја и камења беа фрлани кон Градското собрание на Нови Сад на протестот на 5 ноември вечерта на кој неколку илјади луѓе бараат одговорност од властите за смртта на 14 лица при уривањето на настрешницата на Железничката станица во тој град што се случи на 1 ноември.
Скршено е стаклото на вратата од Градското собрание, а група маскирани лица фрлија пиротехнички средства внатре.
Полициски сили во опрема за разбивање демонстрации, стационирани во Градското собрание, одговорија со солзавец.
Опозицијата која повика на протест се огради од инцидентите со порака дека се работи за луѓе кои биле донесени за да предизвикаат насилство.
Миша Бачулов од Здружението на граѓани „Биди херој“, кој на последните избори беше кандидат за градоначалник на Нови Сад, ја повика толпата да не прави нереди.
Тој апелираше до полицијата да ги отвори вратите на Градското собрание за да ги предаде барањата на присутните на протестот.
Демонстрантите, кои се собраа на покана на парламентарните опозициски партии и здруженија на граѓани, бараат оставка од српскиот премиер Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, како и итно апсење и казнување на одговорните за несреќата на Железничка станица.
Тие бараат и јавен увид во договорот со кинескиот конзорциум кој ја реконструираше станицата.
Последното барање е да се објават други тајни договори со приватни компании кои се занимаваат со клучни инфраструктурни проекти во земјата.
Демонстрантите донесоа трактор со фекалии пред седиштето на градската власт и го истурија пред Градското собрание.
„Овие фекалии го симболизираат она што тие нам ни го прават со години“, рече Бачулов.
Претходно, неколку илјади луѓе ја блокираа раскрсницата пред Железничката станица и бараат да се утврди кривична, но и политичка одговорност по несреќата на Железничката станица.
Насобраните луѓе носат голем транспарент на кој пишува „Вие сте виновни, ќе одговарате“. Во првите редови се и фотографиите на загинатите во несреќата, меѓу кои има и деца. Толпата извикува „Оставка“, „Апсете“ и „Уапсете ја бандата“.
Во пресрет на собирот во Нови Сад беше распоредено силно полициско обезбедување.
Младите, меѓу кои беа и членовите на неформалната групи „Став“, во пресрет на протестот ги симнаа знамињата од просториите на Градскиот комитет на владејачката Српска напредна партија(СНС) и залепија фотографии од функционерите чија одговорност бараат на излозите, со порака „Корупцијата убива, ќе одговарате“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, реагираше на инцидентите пред градското собрание во Нови Сад.
Во видеото објавено на профилот на Инстаграм, Вучиќ вели дека во Нови Сад не бил организиран комеморативен протест, туку „страшни напади врз неистомислениците“, а Градското собрание било нападнато „не само со боја, туку и со камења“, и дека се „нападнати полицајци“.
„Во Нови Сад се во тек грозоморни, насилни протести против државата Србија. Србија ќе го брани своето знаме, своето име и презиме и ќе ги казни сите сторители на криминални дела. Не се сомневајте во тоа“, рече Вучиќ.
Тој во видеото вели и дека полицијата е многу воздржана, но никој да не мисли дека насилство е дозволено, а „секој што учествувал ќе биде казнет и кривично гонет од државата“.
Поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, на 5 ноември поднесе оставка од функцијата, но рече и дека не ја прифаќа вината за несреќата.
Засега не се познати причините за уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.
Железничката станица во Нови Сад беше официјално отворена во јули 2024 година, по тригодишна реконструкција.
Надлежните соопштија дека бетонската настрешница пред главниот влез на зградата на станицата која се урна не е вклучена во реконструкцијата.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад до 5 ноември сослуша 48 лица, меѓу кои и министерот за градежништво на Србија Горан Весиќ, директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата во Нови Сад, одговорните за „Железници Србија“ и „Српски Железничка инфраструктура“ и одговорните за извршување на работите.
По несреќата, во Нови Сад и во Белград беа одржани неколку протести на активисти.
Меѓу 14 лица кои загинаа има и еден македонски државјанин. Уште три лица беа повредени и се во тешка состојба.
ЕУ го повика Косово без одлагање да формира Заедница на општини со српско мнозинство
Европската унија (ЕУ) го предупреди Косово дека и по 11 години не ја исполни клучната обврска од дијалогот што се однесува на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово и го повика да го стори тоа без натамошно одлагање.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, ги потсети косовските власти дека секој предлог за Заедницата мора да биде разгледан со Србија и со ЕУ и да биде компатибилен со договорите од 2013 и 2015 година.
„Ова, исто така, значи дека Владата на Косово не може да подготви Статут на заедницата надвор од дијалогот (со Србија). Владата не може да се откаже од своите одговорности во рамките на дијалогот или да ги делегира на општините со мнозинско српско население“, вели Стано во писмена реакција до медиумите.
Ваквата реакција од Брисел доаѓа откако премиерот на Косово, Албин Курти, на 29 октомври изјави дека тој како шеф на владата не може да формира Заедница на општини со српско мнозинство. Тој рече дека формирањето на Заедницата не треба да се наметнува и дека Косово веќе има асоцијација на општини, мислејќи на Заедницата на општини на Косово.
Осврнувајќи се на Нацрт-статутот на заедницата што ЕУ го достави до двете страни во октомври 2023 година, Стано оцени дека станува збор за документ кој се заснова на добри европски модели и практики како и на косовската правна рамка.
Овој нацрт, потсети Стано, беше начелно прифатен од двете страни на средбата на високо ниво одржана на 26 октомври во Брисел, на која учествуваа германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Означувањето на европскиот нацрт-статут само како „нон-пејпер“ го игнорира повикот на Советот на Европската унија да дејствува врз таа основа и дополнително ги одложува изгледите за негово усвојување, предупреди Стано.
„Жалиме што една година откако партиите начелно го усвоија документот, не е постигнат напредок во неговото воспоставување во согласност со Европскиот нацрт-статут. Во согласност со декларираната посветеност на дијалогот и целосното спроведување на сите договори од дијалогот, го покануваме Косово да продолжи со формирањето на Унијата без натамошно одлагање“, вели Стано.
Тој рече дека се очекува Србија заедно со Косово да ги исполни своите обврски кои произлегуваат од Договорот за нормализација.
Косово и Србија се договорија за формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово во 2013 година, а во 2015 година беше постигнат Договор за принципите за формирање на оваа Заедница. Минатата година тие го прифатија Договорот за нормализација на односите, а една од неговите точки бара на српската заедница во Косово да и се понуди одредено ниво на самоуправа. .
Во октомври 2023 година, претставниците на таканаречената „Големата петорка“ – Европската Унија, Соединетите Американски Држави, Франција, Германија и Италија – ѝ ги претставија на Косово и на Србија нацрт-статутот на заедницата, кој треба да го реши прашањето за позицијата на српската заедницата во Косово и да ги заштити правата на српската заедница.
Белград го ограничи движењето низ центарот на градот по несреќата во Нови Сад
Градските власти на Белград на 5 ноември го ограничија движењето на граѓаните низ дел од преминот Безистан во центарот на градот. Во делот каде на настрешницата се гледа дека дел од таванот е одвоен од таванот, преминот е ограден со лента.
Ограничувањето следува неколку дена по несреќата што се случи на 1 ноември во Нови Сад, кога се урна настрешницата на неодамна реновираната Железничка станица при што загинаа 14 лица, меѓу кои и еден македонски граѓанин.
Три лица беа тешко повредени.
Градскиот урбанист на Белград, Марко Стојчиќ, најави дека во наредните денови надлежните служби ќе ги посетат сите јавни простори и јавни објекти во сопственост на Градот и ќе утврдат дали има потреба да се оневозможи користењето на одредени простори или делови од згради, со цел да се спречи потенцијална трагедија.
Поради трагедијата со загинувањето на 14 лица во Нови Сад, за вечерта на 5 ноември е најавен масовен протест.
Како што е најавено, опозицијата во 18 часот ќе организира протест во близина на железничката станица.
Министерот за градежништво Горан Весиќ поднесе оставка, иако порача дека „не е виновен“.
Опозицијата бара оставка и од премиерот на Србија, Милош Вучевиќ и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Малдивите го отповикаа амбасадорот во Пакистан поради неодобрена средба со претставник на Кабул
Владата на Малдивите го отповика својот амбасадор во Пакистан откако тој се сретнал со највисокиот дипломат на авганистанската влада на Талибанците во Исламабад без да го расчисти тоа со неговата влада, јави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Малдивите не ја признаваат талибанската влада која ја презеде власта во август 2021 година кога силите на Соединетите Американски Држави (САД) и НАТО се повлекоа од земјата.
Министерството за надворешни работи на Малдиви соопшти дека по неодамнешната средба меѓу Мохамед Тоха, висок комесар на Малдивите во Пакистан и Ахмад Шакиб, авганистанскиот вршител на должност, е преземена „соодветна акција“ против Тоха, јави АП.
До ваква ситуација дојде неколку дена откако авганистанската амбасада во Исламабад соопшти дека двајцата официјални претставници се состанале за да разговараат за начините за унапредување на соработката и трговските односи меѓу Малдивите и земјите од Централна Азија преку Авганистан.
Инженер во руска воена фабрика осуден за велепредавство
Данил Мукхаметов, поранешен инженер во воениот објект Уралвагонзавод во градот Нижни Тагил на Урал, беше осуден на 16 години затвор под обвинение за велепредавство.
Мукхаметов, кој работел во фабриката одговорна за производство на воена опрема, вклучително и на тенкови, беше осуден поради наводно снабдување на украинските разузнавачки служби со доверливи материјали.
Судот му изрече и парична казна од 300.000 рубљи (3.035 долари).
Сопругата на Мукхаметов, Викторија Мукхаметова, претходно беше осудена во посебен случај за истото дело, добивајќи казна затвор од 12 и пол години. За време на нејзиното судење, таа призна дека предала чувствителните информации за сума од 100.000 рубљи (1.026 долари).
Мукхаметова склучи спогодба со истражителите, што доведе до тоа нејзиниот случај да се разгледува одделно. Бидејќи постапката се одржа зад затворени врати, не се познати деталите од договорот, а не е познато дали Мухаметова била под принуда кога се согласила на спогодба.
Парот беше приведен во март 2023 година и првично беа уапсени за наводно недолично однесување во јавноста. Тие тврдеа дека не биле вмешани во непристојно однесување, но сепак биле ставени во административен притвор 12 дена.
По ослободувањето, парот беше повторно уапсен и обвинет за велепредавство по дополнителна истрага.
Судењето на Мухаметов се одржа зад затворени врати, а деталите за неговата одбрана и изјаснување не беа објавени. Случајот го надгледуваше судијата Андреј Минејев, кој исто така претседаваше со судењето за шпионажа од висок профил на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович.
Гершкович во јули беше осуден на 16 години затвор под обвинение за шпионажа, што тој и неговиот работодавец остро го негираа. Случајот на Мухаметов, сепак, не е директно поврзан со ситуацијата на Гершкович.
Повеќе од десетина научници и инженери од 2018 година се уапсени во Русија под обвинение за предавство, главно поради активности кои се сметаат за нормален дел од нивната работа, како што се поседување научни трудови, објавување трудови на меѓународно ниво, соработка со колеги од други земји и присуство на меѓународни конференции.
Обвиненијата за велепредавство во Русија придонесоа за бројни и долги затворски казни во 2024 година. Само во првата половина од 2024 година, 52 лица беа осудени за предавство, што е значителен пораст во споредба со осудените 39 лица во цела 2023 година.
Иран осуди три лица на смрт поради убиство на научник
Иранското правосудство осуди три лица на смрт поради убиството на водечкиот ирански научник за нуклеарна енергија, Мохсен Фахризаде, во, како што вели Техеран, операција организирана од Израел во 2020 година.
Изрекувањето на казната за трите лица, кои не се именувани, доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Иран и Израел поради конфликтите во Газа и во Либан.
Израел е обвинет за атентатот на уште најмалку четворица ирански научници за нуклеарна енергија, осомничени дека работеле на воената нуклеарна програма на Техеран.
Фахризаде, познат како „татко“ на иранската нуклеарна наука, беше под санкции на Соединетите Американски Држави (САД) поради неговата улога во нуклеарното истражување на Иран. Израел во 2018 година го обвини Фахризаде дека е архитект на напорите на Иран да развие нуклеарно оружје.
„По некои истраги, тројца од осум лица уапсени во провинцијата Западен Азербејџан беа обвинети за шпионирање за окупаторскиот режим на Израел“, рече Асгар Џахангир, портпарол на иранското правосудство на прес-конференција во Техеран.
Тројцата беа обвинети и дека донеле неодредена опрема од странство во Иран за напад „под маска на шверц на алкохолни пијалоци“.
Јахангир рече дека случајот против другите обвинети се уште е во тек.
Фахризаде беше убиен во близина на Техеран на 27 ноември 2020 година, за што Иран го обвини Израел додека сугерираше дека САД исто така имаат индиректна или директна улога.
Околностите за нападот остануваат нејасни. Првичните извештаи веднаш по убиството сугерираа дека Фахризаде бил цел на камион со експлозиви, на неколку вооружени лица и на напаѓач - самоубиец.
Израел не го коментираше убиството на Фахризаде.
Мисајловски: Владата на затворена седница ќе одлучува за нов пакет помош за Украина
Владата на затворена седница ќе одлучува за нов пакет помош за Украина, најави министерот за одбрана, Владо Мисајловски, на конференцијата на високо ниво по повод одбележување на 75-годишнината од формирањето на НАТО - Алијансата.
„Ќе продолжиме да помагаме, затоа сме пријатели. Со ова не завршува помошта, ќе продолжиме и во наредниот период се разбира се она што ние можеме да помогнеме, но она што ни треба нам да го задржиме“, рече Мисајловски.
Тој најави и модернизација на македонската армија, за што ќе се одвојат над два отсто од буџетот во следната 2025 година.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер рече дека војната во Украина е и тест за солидарноста на Алијансата.
„Ние сме свесни дека ова не е само војна против Украина, туку тест за нашата солидарност, нашето пријателство и довербата. Довербата е еден од најважните елементи што ги имаме и што треба да ги одржуваме во рамките на нашето единство. Дали држењето на Западен Балкан надвор од ЕУ ја поткопува довербата, тоа е она што ние како членки на ЕУ и членки на НАТО Алијансата се фокусираме“, рече Дрекслер.
Во септември, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, на маргините на 79-то Генерално Собрание на ОН во Њујорк. Според соопштението од Министерството за надворешни работи, на средбата била реафирмирана македонската поддршка за Украина, на патот кон зачувување на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.
Агелер: Гласав и очекувам мирнo примопредавање на власта
Гласав на претседателските избори во Соединетите Држави и како и сите вас очекувам да видам кој ќе победи, што значи дека заедно ќе продолжиме да следиме што ќе се случи, изјави денеска (5 ноември) американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер.
„Како амбасадор во Македонија мојата порака е дека е од витална важност секој граѓанин да излезе да гласа. Гласањето во демократијата е света одговорност и огромна привилегија. Јас гласав. Се надевам и очекувам дека ќе има мирна и фер транзиција на власта. Тоа е она што го очекуваме сите и се надеваме дека така и ќе биде“, рече Агелер во изјава за медиумите за коментар за нејзините очекувања од денешните претседателски избори во САД.
Таа одби да ја коментира изјавата што неодамна ја даде Стејт департментот дека е можно САД да биде медијатор во преговорите на Северна Македонија со Бугарија за продолжување на европската агенда, откако ќе се формира новата бугарска Влада.
Техеран: Иранско-германскиот државјанин умре пред да биде егзекутиран
Иран во вторник (5 ноември) соопшти дека иранско-германскиот државјанин Џамшид Шармахд, кој беше осуден на смрт, починал минатата недела, односно пред да биде извршена неговата егзекуција.
„Џамшид Шармахд беше осуден на смрт, неговата егзекуција беше неизбежна, но тој умре пред да биде извршена“, им изјави портпаролот на судството Асгар Џахангир на новинарите во Техеран, без да даде детали.
На 28 октомври, Иран објави егзекуција на 69-годишниот Шармахд, кој беше осуден на смрт во февруари 2023 година за делото „корупција на Земјата“ поради неговата улога во „терористички“ напад во 2008 година.
Казната подоцна беше потврдена од Врховниот суд.
Џахангир рече дека иранскиот судски систем го судел Шармахд „како Иранец за терористичките дејствија што ги извршил“.
„Дури и да не беше Иранец и да извршил злосторства во Иран, според законите и прописите, ние имавме право да се справиме со неговите злосторства“, додаде тој.
Шармахд беше осуден за улога во бомбашкиот напад во џамија во 2008 година во јужниот град Шираз, во кој беа убиени 14 лица, а 300 беа ранети.
Неговото семејство рече дека тој бил фатен од иранските власти во 2020 година додека патувал низ Обединетите Арапски Емирати.
Иран, кој не признава двојно државјанство, го објави неговото апсење по „сложена операција“, без да прецизира кога, каде и како бил уапсен.
Шармахд беше обвинет и дека ја водел групата Тондар, чија цел е да ја собори Исламската република. Иран ја класифицира оваа група како терористичка организација.
Германија го осуди Иран по објавувањето на неговата егзекуција, а министерката за надворешни работи Аналена Бербок рече дека тоа покажува каков „нехуман режим владее во Техеран“.
Бербок подоцна објави дека три ирански конзулати во Германија ќе бидат затворени како резултат на тој потег, што пак предизвика „силен протест“ од Исламската република.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете