Поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева, и актуелниот градоначалник на Карпош и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, се новите лица од Северна Македонија кои Соединетите Американски Држави (САД) ги ставија на црната листа, објави Стејт департментот.
Ново име на црната листа е и поранешен градоначалник на градот Качаник во Косово, Џабир Жарку.
„Нивните постапки го поткопаа владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси на нивните влади“, пишува во соопштението на Стејт департментот.
За Јанева, американските власти наведуваат дека во својство на поранешна специјална обвинителка „беше вмешана во коруптивни дејствија, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист“.
Од Стејт департментот наведуваат дека постојат веродостојни информации дека поранешната обвинителка побарала и примила поткуп за влијание на обвинителството под нејзина надлежност.
И за Стевчо Јакимовски, се посочува дека бил вмешан во коруптивни дејствија.
„Во неговото службено својство како градоначалник на општина Карпош, Северна Македонија, Јакимовски беше вклучен во коруптивни дејствија, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да имаат корист за себе и за неговите соработници“, соопшти Стејт департментот.
Покрај Јанева и Јакимовски на црната листа американските власти ги сместија и нивните потесни семејства – сопружниците и децата.
За санкциите со изјава преку социјалните мрежи се огласи и американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела Агелер, која вели дека ставањето на овие листа на црната листа „никого не треба да изненади“.
„САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница што се вклучени во значителна корупција. Народот на Северна Македонија заслужува правда и одговорност од нивните институции за да се запре бранот на криминално однесување и да се запре ракот на корупцијата“, вели Агелер.
Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева во Северна Македонија издржува затворска казна од седум години на која беше осудена за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ во случајот „Рекет“. Нејзината казна беше потврдена и од Врховниот суд во јуни 2022 година.
Во истиот предмет, со Јанева на девет години затвор беше осуден и Бојан Јовановски познат како Боки 13. Тој беше прогласен за виновен за делата „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари“.
Стевчо Јакимовски, пак, во моментов го тера четвртиот мандат како градоначалник на скопската општина Карпош. Тој ја предводеше општината во периодот 2000-2003, 2009-2013 и од 2013 до 2017. Актуелниот мандат го доби на изборите во 2021 година.
Тој е и поранешен министер за економија и труд и социјална политика. Јакимовски е актуелен претседател на партијата Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ) и како нејзин кандидат изминатиот период собираше 10 000 потписи од граѓани за да се кандидира за претседател на Северна Македонија на изборите закажани за 24 април (прв круг) и 8 мај (втор круг). Тој успеа да ги собере потписите кои денеска (18 март) ги предаде во Државната изборна комисија.
Против Јакимовски во 2019 година беше поднесено и обвинение за повеќе кривични дела, како „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „бесправно градење“. Тој беше обвинет дека како градоначалник во периодот до 2011 до 2017 година ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на Македонија.
На црната листа на САД изминатиот период се најдоа повеќе поранешни функционери и познати бизнисмени. Меѓу последните кои од почетокот на декември 2023 е под американски санкции е бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев.
На американската црна листа претходно се и поранешниот шеф на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков, неговиот братучед и поранешен премиер Никола Груевски, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев и рускиот бизнисмен Сегреј Самсоненко и неговата сопруга, кои имаат бизниси во земјава.