Продолжување на воената и финансиска помош за Украина и предупредувањата за опасност од Русија на Западен Балкан се клучните пораки на Самитот „Украина - Југоисточна Европа“ што се одржа на 28 февруари во главниот град на Албанија.
На самитот во Тирана, кој се одржа на покана на албанскиот премиер Еди Рама, присуствуваше и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, заедно со уште неколку лидери на Југоисточна Европа.
Зеленски по Самитот ги предупреди земјите од Западен Балкан дека Русија ќе направи се за да ја дестабилизира ситуацијата во тој дел од Европа.
Зеленски на прес-конференцијата рече дека „Русија нема да застане“ и дека „Русија вади заклучоци од грешките што ги направи на територијата на Украина и уште повеќе ќе се дестабилизира, ќе користи други тактики“.
„Денешниот самит е унија и мислам дека балканските земји треба да се соберат денеска. Русија ќе направи се за да ја дестабилизира ситуацијата“, рече претседателот на Украина.
Албанскиот премиер Еди Рама, кој е коорганизатор на самитот со Зеленски, ги повика земјите да продолжат да и помагаат на Украина, која се соочува со руска окупација од февруари 2022 година.
На прес-конференција по Самитот за Украина што се одржа во Тирана, Рама рече дека прашањето за помошта за Украина не треба да се користи за внатрешно-политички прашања во водечките земји.
Рама рече дека е свесен оти земјите како Албанија не можат да ги задоволат одбранбените потреби на Украина, па затоа ги повика големите и богатите земји да му помогнат на Киев.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски во Тирана изјави дека рускиот лидер Владимир Путин ги користи диктатите од минатото за да ги принуди земјите да прават што тој сака.
За време на самитот „Украина - Југоисточна Европа“, Зеленски рече дека Европа треба да биде простор во кој секоја земја сама ја одредува својата судбина.
„Видовме во минатото дека имаше луѓе кои се обидоа да ја одредат судбината на другите народи. Тоа се случи на Балканот, Источна Европа и другите делови на Европа. Сега Путин сака да го направи тоа. Сето негово непријателство, се што прави е да ги принуди другите нации да прават што тој сака. Затоа, за сите наши земји е важно Путин, неговиот режим, да загуби, бидејќи неговите неуспеси се нашата заедничка безбедност“, рече тој.
Украинскиот лидер им се заблагодари на земјите од Југоисточна Европа за помошта што и ја пружиле на неговата земја во војната, но и во евроинтеграциите.
„ЕУ и НАТО и обезбедија на Европа најдолгата и најсигурна ера на безбедност, мир и економски развој и ние заслужуваме конечно да бидеме дел од европската и евроатлантската заедница“, рече тој.
Зборувајќи за одбраната, Зеленски рече дека е заинтересиран за зголемување на соработката со земјите од Западен Балкан, особено во областа на производството на муниција.
„Гледаме дека проблемите со муницијата влијаат на ситуацијата на бојното поле (во Украина). Заинтересирани сме за заедничко производство со вас и со сите други партнери. Нашиот владин тим ќе ги претстави деталите за одржување на украински и балкански форум за одбранбена индустрија во Киев или во некоја од вашите престолнини“, рече тој.
Албанскиот премиер Еди Рама во својот воведен говор ги повика демократските држави од регионот, но и најбогатите, да продолжат финансиски и воено да ја поддржуваат Украина, бидејќи според него, од оваа поддршка зависи опстанокот на Украина.
„Начинот на завршување на војната не е да се разоружа жртвата за да се запре агресорот. Наградувањето на агресорот кој ќе ја нападне територијата на суверена држава не носи мир, туку го отвора патот за повеќе војни“, рече Рама.
Рама рече дека Путин започнал неиспровоцирана војна против Украина во февруари 2022 година, бидејќи „се водел од стариот сон за империјалното минато“.
„Вашето присуство овде е потсетник дека тој не успеа, и покрај воената моќ и токсичната пропаганда, неоимперијалистичка Русија не успеа да ја потисне демократски избраната украинска влада. Не успеа да ја потисне волјата на Украинците да живеат во слободна, независна и демократска држава. “, рече Рама.
На самитот во Тирана, лидерите разговараат за безбедносните прашања и поддршката за Киев во неговата борба против руската инвазија.
Самитот се одржува на покана на албанскиот премиер Еди Рама, а негов коорганизатор е Зеленски.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, по пристигнувањето на самитот рече дека ќе разговара за конкретните чекори што нејзината земја ги презема за поддршка на Украина.
Таа беше прашана дали ќе побара од претседателот Зеленски да ја признае независноста на Косово, таа рече дека тоа се билатерални прашања.
„Такво барање секогаш сме упатувале и ќе продолжиме да го правиме со целосно разбирање дека Украина е во вонредна состојба, во воена состојба, да се бори за слобода. Убедена сум дека тој момент ќе дојде заедно со победата на Украина“, рече Османи.
Зеленски претходно се сретна со Рама во Тирана. По средбата меѓу албанскиот премиер и украинскиот претседател се сретнаа и делегациите на двете земји.
Средбите завршија со потпишување на Договорот за пријателство и соработка меѓу двете земји од страна на Рама и Зеленски.
„Договорот служи за зајакнување на пријателството меѓу двете земји и народи, преку проширување и зајакнување на соработката во различни области од заемен интерес“, се наведува во соопштението на Владата на Албанија.
Првата посета на Зеленски на Тирана, доаѓа доаѓа само неколку дена по втората годишнина од руската инвазија на Украина, изјави албанскиот министер за надворешни работи Игли Хасани.
Албанскиот премиер ја изрази својата гордост што го организираше самитот, кој беше „коорганизиран“ од Зеленски.
„Самитот испраќа порака дека остануваме обединети“
Во киевската делегација е и министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.
На средбата во средата наутро со неговиот албански колега Хасани, Кулеба рече дека и е благодарен на Албанија за организирањето на самитот, за кој рече дека „испраќа јасна порака дека остануваме обединети“. Тој, исто така, се заблагодари на Албанија за помошта што ја пружи бидејќи неговата земја се соочува со руска инвазија.
„Многу е важно Русија да одговара за злосторството агресија и воените злосторства извршени за време на војната“, рече Кулеба.
Шефот на украинската дипломатија зборуваше и за самитот на НАТО што ќе се одржи во Вашингтон и ја повтори намерата на неговата земја да стане дел од западната воена Алијанса.
„Нашите очекувања се дека, меѓу другото, еден од резултатите на самитот во Вашингтон ќе биде чекор напред кон членството на Украина, што на крајот ќе го направи овој дел од Европа побезбеден“, рече тој.
Шефот на албанската дипломатија Игли Хасани најави дека властите се во фаза на подготовки за отворање на албанската амбасада во Киев, нагласувајќи дека се надева оти инаугурацијата ќе се случи „во наредните месеци“.
„Албанија ја поддржува слободата, независноста, територијалниот интегритет на Украина. Албанија силно ја осудува руската агресија врз Украина“, рече Хасани, додавајќи дека неговата земја ќе продолжи да го поддржува Киев за време на војната, но и во повоената фаза, во обновата. на земјата.