Кога се разбуди едно февруарско утро пред две години, на Настја и стана јасно дека нејзиниот живот никогаш повеќе нема да биде ист и дека училиштето ќе го замени со подрум каде што ќе се крие од војната.
„Се разбудив во 7 часот и 30 минути и и реков на мајка ми: „Ајде да се подготвиме за на училиште, ќе доцниме“, но таа рече дека нема да има повеќе училиште и дека има војна“, раскажува ова девојче од Харкив, град во североисточниот дел на Украина.
Исповедта на 13-годишната Настја е една од стотиците што зборуваат за страдањата од војната од перспектива на децата, откако Русија ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година.
Заедно со играчки и други предмети, детските приказни беа собрани и дигитализирани во Музејот на военото детство, кој беше отворен во Сараево пред седум години, а има канцеларија во Киев од 2020 година.
Од почетокот на војната во Украина, родниот град на Настја беше мета на секојдневни напади, поради што пред две години, таа со семејството побегна кај нејзината тетка, која живее на западот на земјата.
Патувајќи со воз во бегството, Настја прочита книга која сега е меѓу експонатите на Музејот во Киев.
„Дома ја прочитав уште неколку пати. И онака немаше интернет, па ја имаше само оваа книга“, им рекла таа на претставниците на музејот.
Руската инвазија на Украина, која започна пред две години, опустоши многу области, оставајќи десетици илјади мртви и милиони раселени.
Се проценува дека од почетокот на војната досега се убиени повеќе од 520 деца, а повеќе од 2130 од нив се водат како исчезнати, покажуваат податоците на главното Обвинителство на Украина.
Иако Музејот на военото детство во Украина, како бастион на Музејот во Сараево, официјално функционира од 2020 година, документирањето на приказните, собирањето играчки и други предмети започна неколку години порано.
Сведоштвата на децата главно се однесуваат на војната што Русија ја започна пред две години, но и на настаните од 2014 година, кога Москва го анектира украинскиот полуостров Крим и почна да ги поддржува сепаратистите во источна Украина.
Олександра Дмитренко, претставник на Музејот на военото детство во Киев, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) рече дека во изминатата година биле интервјуирани повеќе од 130 деца во Украина, како и деца во егзил.
„Многу е важно да го правиме ова сега, додека војната сè уште трае. Детските гласови се посилни отколку во претходните војни. Но, мораме да ги зајакнеме уште повеќе затоа што искуствата на децата се многу важни, имајќи предвид дека тие се иднината и волјата за обнова на оваа земја“, истакнува таа.
Како изгледа животот на децата во Украина?
Олександра за прв пат беше во Босна и Херцеговина во 2021 година, пред почетокот на руската инвазија, кога за само неколку часа пристигна во Сараево.
Три години подоцна, нејзиното патување траеше два дена, а таа пристигна во БиХ за да учествува на прославата на седмата годишнина од Музејот на военото детство во Сараево.
Поради војната, во нејзината земја бил прекинат патничкиот авиосообраќај, па морала со воз да отпатува за Полска, а потоа со авион преку Виена до Сараево.
„Кога бев во Сараево во 2021 година, пред инвазијата, читав многу за војната и бев сигурна дека ги разбирам луѓето. Но, во февруари 2022 година сфатив дека не знам ништо. За жал, треба да го доживееш истото за да сфатиш“, вели Олександра.
Зборувајќи за моменталната ситуација во Украина, таа нагласува дека не е исто во сите области, а најтешко им е на децата кои живеат во близина на борбените линии.
Во некои делови од земјата тие следат настава во училиштата, а во областите поблиску до боиштата, наставата ја следат преку интернет, бидејќи е опасно да се оди на училиште.
„Многумина ни велат дека најмногу им недостасуваат нивните татковци, дека сакаат да се вратат. Повторно да поминуваат време со нив. За жал, тоа е многу тешко, бидејќи мажите се мобилизирани“, раскажува Олександра.
Од разговорот со децата, како што вели, може да се заклучи и дека многу од нив се навикнале на воената состојба која им служи како механизам да преживеат и полесно да се справат со ситуацијата.
„За да се справат со се, мораа да го продолжат секојдневието и да се навикнат. Но, секогаш ни велат дека тоа не е нормална ситуација и дека сакаат војната да заврши“, посочува таа.
За некои деца војната долги години е дел од секојдневието, со оглед на тоа што ја доживеаја руската окупација на Крим во 2014 година, а потоа се преселија во предградијата на Киев, каде во февруари 2022 година повторно ги пречека војната.
„Тие го мразат зборот војна. Има многу гнев меѓу нив поради опасноста на која се изложени“, вели таа.
Која е иднината?
На прашањето како таа, како и децата со кои разговарала, ја замислуваат иднината на Украина, таа вели дека главната цел е војната да заврши, односно Украина да победи.
Според нејзиното мислење, сите прашања со кои се соочува Босна и Херцеговина години по војната, како што се оние за помирување, ќе бидат прашања со кои ќе се занимаваат некои нови генерации.
„За жал, не знаеме колку долго ќе трае војната и во моментов не е време да размислуваме за иднината во контекст на помирување и простување. Прво треба да победиме, а потоа ќе започнат судските процеси. Тоа е единствениот начин да се зборува за помирување после тоа. Но, тоа ќе биде долг процес и не се надевам дека мојата генерација ќе го доживее. Можеби нашите внуци“, вели Олександра.
Руската инвазија на Украина принуди милиони луѓе да ги напуштат своите домови и да побараат засолниште во соседните земји и земјите од Европската Унија, каде што, според проценките, денес има повеќе од четири милиони бегалци.
Самата Олександра помина дел од војната во Полска, но се врати во Киев, за што сонуваат повеќето деца со кои разговараа претставниците на Музејот.
„На децата бегалци им недостасува домот, па дури и училиштата, иако претходно не ги сакаа. На многумина им е тешко да се прилагодат“, истакнува Олександра.
Украинските власти тврдат дека околу 19 500 деца биле киднапирани и однесени во Русија, поради што Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин во март минатата година.