Достапни линкови

Вести

Зеленски во Тирана, Албанија поготвена за самитот за Украина

Тирана подготвена за самитот Украина-Југоисточна Европа, 27 февруари 2024 година
Тирана подготвена за самитот Украина-Југоисточна Европа, 27 февруари 2024 година

Во главниот град на Албанија, Тирана, денеска (28 февруари) се одржува самитот Украина-Југоисточна Европа, на кој меѓудругите ќе присуствува и украинскиот претседател Володомир Зеленски, кој пристигна во Тирана.

Ова е прва посета на Зеленски на Тирана, која доаѓа само неколку дена по втората годишнина откако Русија започна целосна инвазија на Украина.

Дел од украинската делегација ќе биде и министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.

На самитот ќе учествуваат и неколку лидери на земјите од Југоисточна Европа и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Претседателката Вјоса Османи го претставува Косово на овој самит.

Како што е познато, на самитот ќе бидат присутни и албанскиот премиер Еди Рама, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателот и техничкиот премиер на Северна Македонија, Стево Пендаровски и Талат Џафери, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто и претседателката на Молдавија, Маја Санду.

Премиерот Албин Курти, кој учествуваше на претходните самити поврзани со планот за раст на ЕУ, оваа недела престојува во Велика Британија.

Како што јавуваат медиумите, Тирана е под силни безбедносни мерки. За самитот се ангажирани речиси 1600 полицајци, вклучително и интервентни тимови и антитерористичката служба, уште 400 припадници на гардата ќе бидат на готовност, а антиексплозивни групи ќе ја следат ситуацијата.

Директорот на Одделот за јавен ред и безбедност на државната полиција на Албанија, Ребани Јакупи, на прес-конференција на 27 февруари најави дека од безбедносни причини и за олеснување на движењето на делегациите, некои патишта во Тирана ќе бидат затворени.

„Во овој контекст, Државната полиција, во соработка со Републиканската гарда и другите органи на прогонот, изработи детален план за мерки за обезбедување на јавниот ред пред, за време и по активностите што ќе се одвиваат во овие два дена“, рече тој.

Екипата на Радио Слободна Европа и ден пред почетокот на самитот забележа бројни полициски единици во близина на локациите каде што ќе се одвиваат активностите.

Инаку на самитот се очекува Зеленски да има повеќе билатерални средби, меѓу кои и со албанскиот премиер Еди Рама и со претседателот Бајрам Бегај.

По самитот на Украина и Југоисточна Европа, в четврток ќе се одржи самитот на Западен Балкан, на кој ќе се разговара за Планот за раст на тој регион. Се очекува и доаѓањето на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

види ги сите денешни вести

ЕУ: Изборите во Косово треба да бидат транспарентни и без политичко мешање

На 9 февруари во Косово ќе се одржат парламентарни избори.
На 9 февруари во Косово ќе се одржат парламентарни избори.

Процесот на верификација на политичките партии на претстојните избори во Косово треба да се заснова на правни стандарди и процедури во согласност со актуелниот закон, а не на политички преференци, порача Европската Унија (ЕУ).

„Додека Косово и неговите граѓани живеат во динамична демократија, неверификувањето на политичка партија од политички причини, наместо од правни процедури, би претставувало сериозен чекор назад“, пишува во соопштението на прес-службата на ЕУ.

Во него се наведува дека сите кандидати кои ги исполнуваат условите треба да имаат можност да учествуваат на слободни и фер избори, во целосна согласност со косовските закони.

„ЕУ нагласува дека изборниот процес треба да биде транспарентен, кредибилен и без политичко мешање“, се потенцира во соопштението.

ЕУ очекува дека Централната изборна комисија (ЦИК), чија улога во следењето на изборите е клучна, ќе ги користи сите применливи механизми за да обезбеди инклузивен, кредибилен и транспарентен изборен процес, овозможувајќи им на косовските гласачи јасно да го изразат својот избор.

„Одговорноста за зачувување на демократските гаранции е на сите членови на ЦИК, без разлика на нивната политичка определба. Ваквото фундаментално прашање не смее да се политизира и да се користи како ставка во предизборната кампања“, порачува ЕУ.

На 9 февруари во Косово ќе се одржат парламентарни избори.

Српската листа најави дека ќе учествува на овие избори откако изминатиот период ги бојкотираше политичките процеси на Косово.

На 23 декември ЦИК одби да ја верификува изборната листа на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово која има поддршка од властите во Србија. На верификувањето се противеа претставниците во ЦИК од редовите на владејачката косовска партија, Движењето Самоопределување, бидејќи, велат, станува збор за партија која не го признава Косово како држава.

Во своето решение објавено на 25 декември, Избирачкиот совет за жалби и претставки наведе дека Управата за регистрација, верификација и финансиска контрола на политичките субјекти препорачала проверка на Српската листа во согласност со Законот за општи избори и другите правила пропишани од ЦИК.

Според одлуката на Избирачкиот совет за жалби и претставки, Српската листа ги исполнила критериумите откако доставила „политичка изјава“, листа на кандидати и пријава за секој кандидат.

Меѓутоа, на 30 декември, заменик министерот за правда Блерим Салах, во име на Движењето Самоопределување, поднел жалба до Врховниот суд за ваквата одлука.

Врховниот суд ја одби жалбата и даде налог Српската листа да биде верификувана.

САД, Германија и ЕУ изразија загриженост поради одлуката на ЦИК да не ја верификува изборната листа на Српската листа.

Жителите на островот Киритимати први ја дочекаа Новата година

Одбројување до Новата година во Сиднеј, 31 декември 2024 година.
Одбројување до Новата година во Сиднеј, 31 декември 2024 година.

Жителите на пацифичкиот остров Киритимати први во светот ја дочекаа новата 2025 година.

Полноќ на овој остров беше кога по средноевропско време беше 11 часот.

Киритимати е дел од островската држава Кирибати, во средишниот дел на Тихиот Океан.

Оваа територија е позната и како Божиќен остров.

Што може да се очекува на глобален план во 2025 година?
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:27 0:00

Новата година беше прославена 15 минути подоцна на островот Чатам, на источниот брег на Нов Зеланд.

Покрај во Нов Зеланд, Новата година во исто време беше дочекана и во Токелау, Самоа, Тонга, одредени делови на Антарктикот, на островите Феникс, додека во австралискиот град Сиднеј во тек е голема прослава и огномет како дел од прославата на новогодишната ноќ.

Мицкоски: Проблемот во ЈСП не е со нафтата туку е административен

Автобус на ЈСП (фотоархива).
Автобус на ЈСП (фотоархива).

Во Град Скопје денеска (31 декември) попладне сообраќаат само 40-тина автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) поради недостиг на нафта, но до крајот на денот се очекува бројот да се зголеми бидејќи фирмата „Пуцко Петрол“ ќе достави гориво, јави државната агенција МИА.

Сепак, премиерот Христијан Мицкоски, изнесе со тврдење дека повлекувањето на дел од автобусите не е поврзано со немање нафта туку во прашање е административен проблем.

„Од тоа коешто можам да го добијам како информација е дека раководството на ЈСП не доаѓа на работа. Административен е проблемот, не е проблемот дека нема количини на нафта туку дека е административен проблемот. И апелирам и до раководството на ЈСП и до раководството на Градот Скопје да ги надминат меѓусебните несогласувања за да можат скопјани да го користат јавниот превоз“, рече Мицкоски.

МИА претходно објави дека до крајот на денот ЈСП треба да добие 40-тина тони нафта кои ќе бидат доволни до божиќните празници.

Информациите за недостигот на нафта ги посочија и од Синдикатот на ЈСП. Претседателот на Синдикатот, Миќо Стојановски, изјави дека е точно оти уште синоќа било реагирано и дел од автобусите биле повлечени за да се заштети на нафта.

„Извршивме еден вид притисок и имаме информација дека нафта ќе пристигне за неколку часови“, изјави тој за МИА.

Стојановски исто така посочи дека денеска бил продолжен и мандатот на в.д. директорот на ЈСП, Драги Кушевски.

Во однос на беспатниот превоз за студентите, кој беше ставен под прашање откако изминатиот период билетарниците на ЈСП не им ги продолжуваа годишните карти, од Владата денеска соопштија дека донеле одлука да префрлат пари.

„Еве 120 милиони како Влада ќе префрлиме уште веднаш, би рекол во текот на денешниот ден ако е тоа возможно. Треба сепак прво да излезе одлуката. Оваа недела ќе добијат 120 милиони денари“, соопшти Мицкоски по денешната владина седница.

Претходно за продолжување на бесплатниот превоз реагираа и студентите. Од Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, изјавија дека пратиле апел до Владата, Министерството за образование и наука, Советот на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска и до ЈСП „Скопје“, за, „да се произнесат јавно дали се предвидени средства за бесплатен превоз на студентите во градот Скопје“.

Црна Гора го екстрадираше „кралот на криптовалутите“ во САД

„Кралот на криптовалутите“ До Квон пред судот во Подгорица, 11 мај 2023 г.
„Кралот на криптовалутите“ До Квон пред судот во Подгорица, 11 мај 2023 г.

Црна Гора го екстрадирала јужнокорејскиот државјанин Хјеонг До Квон во Соединетите Американски Држави (САД), соопшти црногорската полиција на 31 декември.

САД го бараа До Квон поради измама на пазарот на криптовалути во вредност од најмалку 40 милијарди долари.

„Денеска, на граничниот премин аеродром ’Подгорица‘, службениците на НЦБ Интерпол Подгорица, со поддршка на Специјалната полициска единица, го екстрадираа јужнокорејскиот државјанин Д.Х.К., по кого трагаа две држави, и тоа Јужна Кореја и САД“, пишува во соопштението од полицијата.

Оттаму потсетуваат дека До Квон беше уапсен во Црна Гора на 23 март 2023 година.

„Тој е предаден на надлежните органи на прогонот на САД и агентите на Федералното биро за истраги (ФБИ), а согласно решението на Министерството за правда на Црна Гора, заради водење кривична постапка во САД“, пишува во соопштението во кое се додава тој се товари за повеќе кривични дела.

Поради истото кривично дело До Квон беше баран од Јужна Кореја, но министерот за правда Бојан Божовиќ на 27 декември одлучи да го екстрадира во САД.

Тогаш тој објави дека „повеќето критериуми се во корист на барањето за екстрадиција во САД“, и дека биле земени предвид сериозноста на кривичните дела, местото на извршување, редоследот на поднесување на барањата, националноста на бараното лице, можноста за понатамошна екстрадиција во друга земја и други околности.

Т.н. „крал на криптовалутите“ До Квон, беше уапсен на аеродромот во Подгорица во март 2023 година со неговиот деловен партнер Чанг Џун, кога се обиделе да отпатуваат во Дубаи со фалсификувани пасоши.

Откако беа осудени на по четири месеци затвор, Чанг Џун во февруари беше екстрадиран во Јужна Кореја, а До Квон одлуката за екстрадиција ја чекаше во прифатилиштето за странци во Подгорица.

За тоа време беа донесени различни одлуки за барањата на двете земји за негова екстрадиција.

Низа судски одлуки

Судовите во Црна Гора за неговата екстрадиција одлучуваа осум пати во период од една година и девет месеци. Адвокатот на До Квон, Горан Родиќ, ова претходно во изјава за РСЕ го нарече „судси срам“.

Откако во февруари беше поништена одлуката на Вишиот суд за негова екстрадиција во САД, истиот суд во март одлучи да го екстрадира во Јужна Кореја, со образложение дека барањето за екстрадиција од оваа земја било примено пред американското.

Во август Врховниот суд објави дека се исполнети условите за екстрадиција и дека министерот за правда Бојан Божовиќ ќе одлучи во која земја ќе биде испорачан.

Во меѓувреме, во САД започна судењето на До Квон во негово отсуство.

Во април, судот во Њујорк ги прогласи Д Квон и неговата компанија „Тераформ лабс“ за виновни за граѓанска измама бидејќи, според американската Комисија за хартии од вредност, инвеститорите биле доведени во заблуда поради што изгубиле околу 40 милијарди долари.

Иако во граѓанска спогодба „Тераформ Лабс“ се согласи да плати околу 4,5 милијарди долари, САД не се откажаа од барањето за екстрадиција.

Во Јужна Кореја, пак, До Квон е обвинет за измама и кршење на законите за пазарот на капитал.

Според налогот за апсење издаден од локалните власти во септември минатата година, До Квон бил на црвена потерница од Интерпол по пропаѓањето на криптовалутите Тера и Луна и компанијата Тераформ Лабс, во која тој е косопственик.

Случајот До Квон и политичката сцена во Црна Гора

До Квон стана дел и од црногорската политичка сцена, бидејќи премиерот Милојко Спајиќ беше обвинет дека од него добивал донации за неговата партија „Движење Европа сега“.

Спајиќ за ова даде изјава во својство на граѓанин пред Специјалното државно обвинителство кое оформи предмет.

Документите на американската Комисија за хартии од вредност покажаа дека Спајиќ, како еден од првите инвеститори во компанијата на До Квон, „Термаформ Лабс“, како физичко лице, инвестирал 75.000 долари во таа компанија во 2018 година.

За обвинувањата дискутираше и Советот за безбедност пред изборите во јуни 2023 година, кој објави дека Спајиќ и До Квон се сретнале во Белград, во време кога јужнокорејскиот државјанин веќе бил по црвена потерница од Интерпол.

Адвокатот на Квон, Горан Родиќ, изјави дека тој е „увезен“ во Црна Гора за да биде злоупотребен за внатрешно-политички борби пред изборите.

Причината за доаѓањето на Квон во Црна Гора, како и неговиот престој во Србија, до ден денес не е разјаснета.

Русија го намалува протокот на гас преку Украина до Европа

Вработен во Гаспром покрај гасоводот на руско-украинската граница (фотоархива).
Вработен во Гаспром покрај гасоводот на руско-украинската граница (фотоархива).

Руски Гаспром соопшти дека денеска (вторник) ќе испорача намалено количество гас во Европа преку Украина. Ова е последен ден пред истекот на договорот кој ја овозможуваше испораката на гас во текот на војната изминатите речиси три години.

Гаспром соопшти дека денеска ќе испорача 37,2 милиони кубни метри наспроти 42,4 милиони кубни метри кои ги испорача вчера.

Се очекува протокот да падне на нула во раните утрински часови на 1 јануари кога истекува петгодишниот договор за транзит. Прекинот на испораката го означува речиси целосното губење на некогаш моќното влијание што Москва го имаше на европскиот пазар со гас, пишува Ројтерс.

Поради војната, Украина одби да преговара за нов договор.

Прекинот на транзитот на гас преку Украина ќе биде голем удар за Молдавија, земја која некогаш беше дел од Советскиот Сојуз. Од земјите во Европската унија, најпогодена ќе биде Словачка. Унгарија ќе продолжи да добива руски гас од југ, преку гасоводот Турски тек на дното на Црното Море, иако сакаше да ја задржи и украинската рута.

Украина пак, губи околу 800 милиони долари годишно од такси кои ги наплаќаше од Русија, додека руската компанија Гаспром ќе загуби 5 милијарди долари кои ги добиваше од продажбата на гас во Европа преку украинската рута.

Русија и Советскиот Сојуз потрошија половина век градејќи инфраструктура со која добија голем удел на европскиот пазар, кој достигнуваше и до 35 отсто. Меѓутоа, војната во Украина го уништи овој бизнис на Гаспром.

Во 2023 рускиот гасен гигант имаше нето загуба од 7 милијарди долари, што беше негова прва загуба од 1999 година.

Кина ги отфрла обвинувањата за сајбер напади врз министерството за финансии на САД

илустрација
илустрација

Кина денеска (31 декември) одговори на наводите на американското Министерство за финансии дека Пекинг е одговорен за сајбер напади што овозможиле заобиколување на безбедноста и кражба на документи, оквалификувајќи ги како „неосновани“.

„Постојано го изразуваме нашиот став за таквите неосновани обвинувања што немаат докази“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг на редовната прес-конференција во Пекинг.

Американското Министерство за финансии претходно денеска, во писмо испратено до членовите на Претставничкиот дом, објави дека биле погодени од сајбер напад на почетокот на декември, но дека не биле загрозени никакви доверливи документи.

Според писмото напаѓачите биле насочени кон неколку работни места во министерството, и користеле софтвер од американската компанија „BeyondTrust“.

Нападот „според достапните индикации“ наводно бил извршен од актер „зад кој финансиски стои Кина“.

Бока: Унгарското претседавање со ЕУ беше активно и стратешко

илустрација
илустрација

Унгарското претседавање со Советот на Европската Унија беше посебно, активно и стратешко, изјави денеска (31 декември) унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока.

„Претседавањето беше посебно затоа што имавме за цел да спроведеме одлучна и силна европска политика“, порача Бока преку видео порака на Фејсбук.

Тој оцени дека унгарското претседателство со Советот на ЕУ било активно поради низата иницијативи на Будимпешта.

Сепак за време на шестмесечното претседавање со Унијата, Унгарија предводена од премиерот Виктор Орбан направи неколку потези кои предизвикаа реакции кај земјите од блокот и беа оценети како еднострани и некоординирани со политиката на Унијата.

Од утре (1 јануари) Полска ќе го преземе претседавањето со Европската Унија во следните шест месеци.

Од утре почнува зимскиот распуст на учениците, во училиште на 20 јануари

илустрација
илустрација

За учениците во основните и средните училишта од утре (1 јануари) почнува зимскиот распуст од учебната 2024-2025 година.

Наставата од второто полугодие ќе продолжи на 20 јануари.

Учебната 2024-2025 ќе заврши традиционално на 10 јуни. Годинава нема да биде продолжена како минатата учебна година, кога за основците заврши на 17 јуни, бидејќи ќе нема пролетен распуст кој за првпат беше воведен лани (29 април - 6 мај 2024).

За оваа одлука Министерството за образование и наука во оваа учебна година анкетираше наставници, родители и ученици од повисоките одделенија и, како што информираше, мнозинството се изјасниле дека не сакаат да има пролетен распуст.

НАТО донесе одлука да го зајакне присуството во Балтичкото Море

илустрација
илустрација

Земјите членки на НАТО донесоа одлука за зајакнување на военото присуство на Алијансата во реонот на Балтичкото Море.

Ваквата одлука е донесена на средбата на постојаните претставници на земјите членки при НАТО посветена на безбедноста на критичната инфраструктура во Балтичкото Море, по оштетувањето на подморските кабли што ги поврзуваат Естонија и Финска на 25 декември.

Во соопштението од средбата се посочува дека сојузниците изразиле целосна солидарност со Естонија и Финска во врска со овој случај, при што се потсетува дека оштетувањето на каблите, за кое истрага водат финските власти, е еден од бројните неодамнешни инциденти во Балтичкото Море кои се сметаат за можна саботажа.

„Со цел да се задржи будноста, да се зголеми свесноста за ситуацијата и да се одвратат идни инциденти, Сојузниците, исто така, размислуваат и за други мерки за справување со потенцијалните закани по критичната подводната инфраструктура, вклучително и со поддршката на Поморскиот центар на НАТО за безбедност на критичната подморска инфраструктура, основан во мај оваа година“, се додава во соопштението.

Оваа одлука на воената алијанса беше најавена деновиве и од страна на генералниот сектерат на НАТО, Марк Руте. Тој на платформата X напиша дека разговарал со финскиот претседател Александар Стуб за финската истрага, и ја изразил својата поддршка.

Претходно, вооружените сили на Естонија започнаа поморска операција за заштита на подводниот енергетски кабел Естлинк 1 во Балтичкото Море. Финските власти минатата недела запленија брод што превезувал руска нафта во Балтичкото Море поради сомнение дека еден ден претходно предизвикал прекин на подморскиот кабел за напојување што ги поврзува Финска и Естонија, како и оштетување или прекинување на четири интернет линии.

Израел ги предупреди Хутите дека им се заканува судбината на Хамас и Хезболах

Амбасадорот на Израел во Обединетите Нации Дени Данон
Амбасадорот на Израел во Обединетите Нации Дени Данон

Амбасадорот на Израел во Обединетите Нации Дени Данон издаде „последно предупредување“ до проиранските Хути во Јемен да ги запрат нивните ракетни напади врз Израел, велејќи дека им се заканува истата „бедна судбина“ како Хамас, Хезболах и сирискиот претседател Башар ал Асад.

Амбасадорот, исто така, го предупреди Техеран дека Израел може да ја нападне која било цел на Блискиот Исток, вклучително и Иран. Тој додаде дека Израел нема да толерира напади од ирански посредници.

Но, само неколку часа по предупредувањето, израелската армија соопшти дека пресретнала проектил од Јемен, поради што биле активирани алармите за предупредување ширум земјата, а лидерот на Хутите рече дека групата нема да ги прекине нападите врз Израел.

„Ракетирањето на Израел продолжува и поддршката за Газа продолжува“, напиша шефот на Врховниот револуционерен комитет на Хутите, Мохамед Али ал-Хути, во објава на социјалната мрежа Х, откако израелската војска објави дека пресретнала проектил од Јемен.

Хутите редовно вршат напади со беспилотни летала и ракетни напади врз Израел, што тие го нарекуваат чин на солидарност со Палестинците, кои се под израелски напад во Газа.

Во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН, Данон додаде дека Израел нема да толерира дополнителни напади на Хутите.

„Хути, веројатно не обрнавте внимание на тоа што се случи на Блискиот Исток минатата година. Да ве потсетам што се случи со Хамас, Хезболах, Асад, сите оние кои се обидоа да не уништат. Ова нека биде вашето последно предупредување. Ова не е закана. Ова е ветување. Ќе ја делите истата бедна судбина“, изјави Данон.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатата недела ги предупреди Хутите дека Израел „штотуку почнува“, откако изврши неколку напади врз цели на Хутите во Јемен, вклучувајќи го аеродромот во Сана, пристаништата на западниот брег на земјата и две електрани.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG