Сум направила голема грешка што порано не сум заминала, вели скопјанката Благица, жена која минатата пролет, кратко пред да наполни 60 години отиде да работи во хотел во словенечкиот град Пиран.
Пред да замине, Благица долги години била вработена во фирма за продажба на електрични материјали. Платата не ѝ била доволна, па по неколку дена во неделата дополнително работела во кујни во скопски ресторани. Разочарана дека и со по 15 часа работа дневно не можела да врзе крај со крај, оставила сѐ и две години пред пензија заминала. Претходно, нашла работа преку пријатели што веќе биле таму.
„И тука работам во кујна. Но, ми го плаќаат секој изработен час, три пати повеќе отколку во Македонија. Некогаш чистам и соби, тоа плус ми се плаќа. Кај нас, со газдите едно ќе се договориш, после не им се даваат пари. Дополнителната работа ми беше за дневница, без никаков договор, често и повеќе часови од договорените, а за малку пари“, вели Благица за Радио Слободна Европа(РСЕ).
За да им се помогне на луѓето како неа, пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ до Собранието поднесоа предлог на закон за работно ангажирање лица за повремена и сезонска работа. Се однесува на секторите земјоделство, домашни услуги и угостителство.
Предлогот е ставен во прво читање на собраниската седница на 19 март.
Пари на сметка, платен данок и придонеси
Целта на предлогот, ако пратениците го изгласаат, е да стави ред во досега нерегулираниот пазар на краткорочна работа и да ги заштити работниците од неформални вработувања без социјални придобивки.
Предлог-законот предвидува да можат да се ангажираат како сезонски работници студенти, пензионери, невработени, корисници на социјална помош.... Притоа, тие нема да ги изгубат правата на стипендија, старосна или семејна пензија, како и надоместоците за невработеност и социјална заштита.
Со овој закон, првпат се дозволува и вработување на малолетници под 18 години, но само доколку ги исполнуваат условите за засновање работен однос, согласно општите прописи за работни односи.
Или, законот би важел и за жените кои чуваат деца или стари лица за надомест, за жените кои чистат станови, за аниматори и хостеси на настани, келнери, шанкери, собарки, готвачи, за луѓето кои сезонски берат овошје и зеленчук...
Тони Јаревски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој е овластен предлагач , вели дека со ваков закон би се направил голем чекор напред кон сузбивање на неформалната економија и ќе ја задоволи потребата за работна сила кај одредени работодавачи.
„Интересот е многу голем, па можеби ќе направиме и јавна расправа пред собраниската седница. Тоа што мене ме привлече кај овој предлог е што ќе се надмине ситуацијата кај работодавачите, кои сега велат - и да сакам да го пријавам работникот, не можам, законите не дозволуваат. Во иднина, секој што има потреба ќе може да ангажира сезонски работници и се ќе си биде регулирано. Ако едно лице може да биде ангажирано сезонски на повеќе места, зошто би одело во странство?“, изјави Јаревски за РСЕ.
Сезонска работа ама со ограничувања
Притоа, има и ограничувања: домаќинствата, земјоделците и угостителите ќе можат да ангажираат работници за најмногу 120 дена во текот на календарската година.
Едно лице ќе може да работи најмногу 60 дена како сезонски работник или 60 дена како повремен работник, но не повеќе од 15 дена во еден месец.
Предвидени се ограничувања и за работодавачите – тие ќе можат да ангажираат најмногу 10 сезонски работници истовремено, но не повеќе од 10% од вкупниот број на вработени.
Работодавачите исто така нема да смеат да ангажираат лица кои биле вработени кај нив во претходната година, освен ако станува збор за лица кои се пензионирале или добиле семејна пензија.
Сезонските работници ќе имаат право на финансиски надомест што ќе мора да биде исплатен на нивната трансакциска сметка најдоцна пет дена по завршувањето на ангажманот. Исплатата на плата во готово нема да биде дозволена.
Работодавачите ќе бидат обврзани да уплаќаат данок на личен доход, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, како и здравствено осигурување за повреда на работа.
Казните за тие што нема да го почитуваат законот се движат од 200 евра до 1.000 евра.
Но, предлогот предвидува преоден период од шест месеци додека законот да почне да се применува. Причината за тоа се технички подготовки за набавка на сервери, за обука на вработени и надградба на системот за наплата на даноци на Управата за јавни приходи.
Законот нема да го спречи заминувањето на сезонските работници?
Зоран Кочовски, сопственик на „Коузон“, агенција што посредува за работа во странство вели дека и ако се изгласа законот, можеби за 5-10 отсто ќе се намали потребата од работна сила, но тоа нема да го задоволи пазарот.
„Ваков закон секако е придобивка која може да се искористи. Но, не верувам дека нешто многу ќе добиеме. Убеден сум дека општата клима во државата е таква што ментално не сме насочени да работиме и втора работа. Некои млади пензионери, како што се војници и полицајци, можеби ќе продолжат да работат друга работа по пензионирање, но тоа нема да го реши проблемот. Тоа што треба да се направи е да се смени законот за странска работна сила, но со променета стратегија-да привлекуваме работници кои културолошки можат да се вклопат кај нас“, вели Кочовски за РСЕ.
Симона Цветковска, специјалист за човечки ресурси во „Мацедо ХРМ“, агенција која посредува за работа во Хрватска и во Словенија, вели дека не се само платите причина што луѓето по работа одат во странство.
„Најголемиот мотив секако се повисоки примања и заштеда. Но, шест месеци надвор на некого му значат и од психолошки аспект. Дополнително, имаат можност да напредуваат, да добиваат и менаџерски пoзиции, што тука е потешко. Скептична сум дека тука би ја добиле истата плата колку во Хрватска и дека за месец-два би напредувале во работата. Имаат и можност да бираат – а многумина сакаат да работат на плажа, или во поголем град и слично“, вели Цветковска за РСЕ.
Оваа агенција во текот на една сезона праќа по околу 1.000 работници, најчесто во Хрватска.
Сезоната за работа во хотелиерство и угостителство трае од април до октомври и ангажираните најчесто добиваат договори на шест месеци. Процедурата да се соберат потребните документи во земјава трае околу две недели. Доколку сезонскиот работник оди во Хрватска, таму процедурите за работна дозвола се околу еден месец. Потоа може да замине. Кога ќе добие работна дозвола, таму работникот е редовно пријавен и му тече стаж, пензиско и здравствено осигурување.
Предноста за пензионерите кога одат на сезонска работа во Хрватска, на пример, е што дома не ја губат пензијата. Во хотелиерство заминуваат да работат и пензионери и помлади. Минималната плата е околу 900 евра, но истата зависи и од позицијата и од хотелот.
Во лето, Северна Македонија има сезонска миграција меѓу 15.000-18.000 лица. Ги привлекуваат земјите покрај Јадранско море бидејќи сите кубурат со кадар за угостителство. Во Будва недостигаат повеќе од 8.000 сезонски работници, а во Хрватска се потребни околу 50.000-60.000 во сезона, според тамошните здруженија на угостители.
Хрватска во лето повлекува од 8.000-11.000 работници од Северна Македонија, најмногу од останатите држави, според податоци од агенции што посредуваат за работа во странство. Минатото лето, 13.412 македонски државјани добиле работни дозволи за работа во Хрватска.