Достапни линкови

Доаѓаат да работат, па ќе побегнат во ЕУ


Илустрација - Охридско езеро, март 2023
Илустрација - Охридско езеро, март 2023

Македонските угостители увезуваат работна сила од Далечниот Исток откако домашните почнаа да заминуваат на работа во Хрватска. Причина за заминувањето се ниските плати од 350 до 500 евра. Но тоа е една од причините и што и увезените работници од Непал, Индија, Пакистан бегаат во земјите на ЕУ.

Десетици Непалци, Индијци, Пакистанци пристигнуваат во Охрид и Струга, ама не туристички, туку во потрага по работа. Некои од нив остануваат, а други за кратко ги оставаат македонските газди на цедило користејќи ја Северна Македонија како порта до Западна Европа.

„Имаме тројца Непалци во кујна. Работат по две смени, квалитетни се, ние сме задоволни. Имаме одобрено доаѓање уште на 23 работници од Непал, дел од нив исто така ќе работат во кујна, додека дел на шанк“, вели за РСЕ менаџер во познат угостителски објект во Охрид.

Потребата од увоз на работници во угостителството се појави откако многу домашни работници во овој период од годината почнаа да заминуваат на сезонска работа во други држави, пред сè во Хрватска.

„Во лето, Северна Македонија има сезонска миграција меѓу 15.000-18.000 лица. Само Хрватска во лето повлекува 8.000-11.000 работници од Македонија“, вели за РСЕ Зоран Кочовски, сопственик на „Коузон“, агенција што посредува за работа во странство.

Токму поради тоа, повеќе кафулиња, хотели и ресторани од охридско летово очекуваат да ангажираат околу стотина работници од Далечниот Исток.

Па така, 11 Индијци веќе работат во хотелот „Корнер скај“, повеќе Непалци работат во ресторанот „Бистро“, а уште неколку угостителски објекти очекуваат да им пристигне “увезена“ работна сила кон почетокот на јуни, вели за РСЕ Крсте Блажевски, претседател на хотелската асоцијација на Северна Македонија (ХОТАМ).

Увезени Непалци бегаат од земјава

Но дали увозните работници се решение или тие само ја користат Северна Македонија за да стигнат во ЕУ?

Некои од нив веќе избегале до земјата по многу кус престој.

На почетокот на април прилепски газда пријавил дека од неговата фирма избегале работнички од Непал со кои има склучено работен однос. Четирите жени по работа не се вратиле во куќата во која престојувале во Прилеп. Тие биле на возраст од 26 до 29 години.

Само десетина дена подоцна пак, во полицискиот билтен на СВР Охрид стои дека две работнички од Непал му избегале на сопственик на угостителски објект.

Според Блажевски од ХОТАМ причина за овие бегства се платите. Односно, и покрај тоа што Непалци, Пакистанци, работници од Бангладеш ќе дојдат во Северна Македонија и ќе се договорат за работа, тие паралелно размислуваат како да побегнат во Германија.

Платите на увезената работна сила во угостителството се движат од 350 па до 500 евра, или нешто повеќе од минималната плата во државата, па ни тие не се задоволни со овие примања на долг рок.

„Македонија им е само една од станиците до целта“, вели Блажески.

И покрај ризикот - единствено решение за угостителите

За да се донесе еден работник, на пример од Непал, покрај трошоците за сместување и плата, работодавецот треба да ги подмири и сите медицински потврди дека лицето што доаѓа е работоспособно, а треба да плати и провизија на агенцијата која посредувала.

Сите овие трошоци пак може да претставуваат голема загуба, но Блажевски вели оти работодавците слични загуби трпат и кога секоја сезона ги губат домашните работници.

„Не можеме да кажеме дали загубата од тоа ако побегне работник од Непал е поголема или помала. Тоа е така затоа што и домашниот работник цела зима кога нема работа сте му давале плата и сте го држеле пријавен, а потоа, кога доаѓа летната сезона и ќе ви треба, тој одеднаш без најава си заминува за Хрватска“, вели Блажески.

Но угостителите на охридското крајбрежје засега не гледаат друго решение.

Сложени процедури за увоз на работници

Недостигот на работници освен угостителството го погоди и текстилниот сектор, преработувачката индустрија, но и градежништвото. Затоа Северна Македонија лани ја зголеми квотата за увоз од 5.000 на 7.000 странски работници.

Минатата есен голем број текстилни компании од Северна Македонија, има огромен одлив на млад кадар од конфекциите.

Но тие добија само десетици работници од Блискиот исток главно поради бирократски препреки.

„ Агенциите за посредување и компаниите кои ги примија работниците велат дека тој процес е многу сложен, има бирократски процедури и трае долго“, вели Ангел Димитров, претседателот на Организацијата на работодавачи.

За еден работник од странство да дојде да работи во земјава најпрво треба да добие дозвола за престој. Но, кога ќе дојдат овде, тие ќе се пријават во МВР и во Агенцијата за вработување, но не можат веднаш да склучат договори за работа, бидејќи најпрво треба да добијат дозвола за работа, па дури потоа можат да почнат со работа.

Димитров вели дека проблем е што во целата оваа процедура има многу чекање, па се случувало работник од странство да ја чека дозволата за работа и повеќе од еден месец.

Затоа работодавците бараат итно да се олеснат процедурите за издавање работни дозволи.

Градежништвото ги губи мајсторите

Олеснувањето на бирократските лавиринти ќе им помогне многу и на градежните компании, смета Иван Пешевски, претседател на Синдикатот на градежништво и индустрија.

Според Пешевски, од 2012 година кога од земјава заминале 12.000 градежни работници, па досега, овој сектор постојано има потреба од работници и тука можеме да очекуваме зголемен увоз на работна сила во наредниот период.

Како еклатантен пример го посочува дефицитот на работна сила за изградбата на коридорите 8 и 10д, проект кој го реализира турско-американскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

„Еве сега „Бехтел и Енка“ бараат 4.000 работници, се зборува дека голем дел ќе бидат увезени од Турција. Најголем проблем кај нас се платите, не им ги зголемуваат платите на нашите мајстори, па тие си заминуваат во Германија“, вели Пешевски.

Тој не располага со конкретни бројки за тоа колку работници во градежниот сектор ќе се увезат, но истакна дека се повеќе компании размислуваат за овој процес.

Во текот на минатата година, според податоците на Агенцијата за вработување, биле издадени 5.894 позитивни мислења за вработување на странски работници, а дел од нив допрва ќе треба да пристигнат на работа во Северна Македонија.

XS
SM
MD
LG