Достапни линкови

Власта најавува ред, дел од граѓаните - тужби за пасошите


Илустрација, пасоши
Илустрација, пасоши

Секој граѓанин кој ќе биде оневозможен да ја ползува слободата на движење ќе има право да поднесе тужба и да бара надомест на штета, вели професорот по уставно право, Денис Прешова. Државата сигурно има барем организациска одговорност, смета Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Судот во Стразбур

Со личен пример ќе покажам дека граѓанин може да ја тужи државата ако не по своја вина остане без патна исправа по 12 февруари, вели соговорник на Радио Слободна Европа од правната фела, четири дена пред истекот на рокот во кој граѓаните треба(ше) да добијат лични документи со името Република Северна Македонија, според Преспанскиот договор со Грција потпишан во 2018 година.

„Прв услов за тужба е да сте претрпеле некоја штета. Има луѓе со платени аранжмани за скијање зимава, има луѓе со ургентни потреби, одат на прегледи во странство или купуваат лекови од странство. Сите оние кои по 12 февруари ќе се соочат со непријатна ситуација на граница и можат да докажат дека државата поради својата неажурност им оневозможила да остварат некое право, можат да тужат во граѓански суд и да бараат надомест на штета“, вели соговорникот кој сакаше да остане анонимен.

Има и граѓани кои веќе се обиделе нешто да направат. Скопјанката Олгица Трајковска на 21 август 2023 година поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО) против поранешниот премиер Зоран Заев и тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Трајковска во пријавата вели дека тие не ги извршиле своите службени должности за усогласување на документите од страна на јавната администрација (меѓу кои и на личните документи на граѓаните), поради што граѓаните трпат значителна материјална штета.

„Грабеж и тортура е ова со личните документи. Уште не сум известена дали обвинителството преземало нешто“, изјави Трајковска за Радио Слободна Европа.

Од Основното јавно обвинителство за РСЕ велат дека за оваа пријава „се преземаат дејства на проверки и претходни известувања“.

Колкава е (не) одговорноста на државата?

Денис Прешова, доцент по уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ вели дека властите, за да се оправдаат пред Грција, ќе оневозможат дел од своите граѓани да ја напуштаат и да се враќаат во државата со што очигледно ќе го прекршат нивното уставно право на слободно движење или слобода на движење, „бидејќи државата реално не може да се повика на ниту една од уставно дозволените основи за ограничување на ова право“.

„Во ваква ситуација, секој еден граѓанин кој ќе биде оневозможен да ја ползува слободата на движење поради наведените причини ќе има целосно право да поднесе тужба против државата и да бара надомест на материјална и нематеријална штета која е настаната како резултат на прекршување на ова уставно право на граѓаните. Се прашувам кој ќе биде одговорен кога државата ќе почне да ги исплаќа сите тие отштети на граѓаните, се разбира под претпоставка дека има независен и непристрасен суд и Уставен суд тоа да го одлучи, за очајниот политички, дипломатски и административен менаџмент на штета на граѓаните“, вели Прешова.

Според него, тоа што треба да се направи е да се избрише или измени соодветната одредба од Законот за патни исправи во која е утврдена последицата од неусогласувањето на документите со новото име на државата и да се извести Грција дека поради објективни (и субјективни) околности и покрај очигледните напори на властите, иако ненавремени, ќе биде пречекорен рокот.

Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур
Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур

Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, смета дека при евентуални тужби, прво што треба да се утврди е - одговорноста на државата.

„Државата презела обврска пред пет години и сигурно има одговорност, барем организациска. Зошто не обезбедила механизми да издава документи со новото име, кога имала обврска тоа да го направи? Дали готовите документи ги издава во законскиот рок? Дали навреме побарала и навреме стигнуваат обрасци за лични документи? Дали обезбедува добра организација на процесот на фотографирање, дали повикувачките („кол - центри“) извршуваат својата обврска, бидејќи и нивното функционирање е проблематично и не можат да се добијат? Дали слободното движење на граѓаните е доведено во прашање, иако внатрешно направи отстапка со личните карти и со возачките дозволи? Ова се главните прашања на кои нема соодветен одговор. Тој што евентуално би постапувал по некоја тужба треба да ги има во предвид овие елементи“, изјави Цаца Николовска за РСЕ.

Според неа, и ако се бара заштита од судот во Стразбур без да се исцрпат правните средства во Северна Македонија, прво треба да се докаже дека тие средства се неефикасни и дека странката не може да дојде до резултат. И во таа постапка прво ќе треба да се утврди евентуалната одговорност на државата.

Од Здружението на млади правници велат дека граѓаните кои сметаат дека се оштетени или дека нивните лични права им се повредени ќе треба докажат дека државата постапила противправно со тоа што издавала лични документи со старото име на државата, иако од јануари 2019 веќе името е променето со уставните измени.

„Во практиката можат овие граѓани да се соочат со предизвик при докажувањето на оваа околност од причина што уставниот закон од јануари 2019 предвидува обврска на државата да ги „усогласи“ документите со новото име притоа не предвидува јасен датум до кога може да се издаваат документи со старото име на државата. Противправноста е неопходна да се докаже и ако се гради случај за ограничување на слободата на движење. Поради тоа, иако граѓаните правно би можеле да побараат одговорност од државата, во практиката би се соочиле со проблеми и несигурен исход од постапката“, велат од Здружението на млади правници за РСЕ.

И Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска реагираше дека се прекршува уставното право на граѓаните кои трпат ненадоместливи штети.

“Околу еден милион граѓани нема да можат да го уживаат своето уставно и основно човеково право на слободно движење. Ова основно човеково право кое значи слободно излегување и влегување во земјата е ограничено поради технички причини кои не се обезбедени од страна на државата и надлежните инстутуции“, се наведува во соопштението на Хелсиншкиот комитет кој бара Министерство за внатрешни работи веднаш за ја реорганизира својата работа и да обезбеди услови за вадење на биометриски патни исправи, лични карти во разумен рок.

Проблемот со пасошите требаше да се разгледува на владината седница во вторникот на 6 февруари. Тоа го најави техничкиот премиер Талат Џафери во интервју за МИА , но по седницата немаше информација дека за ова воопшто се дискутирало.

Од вчера , 7 февруари, пунктот за фотографирање за лични документи во ПС „Пролет“ не работи без закажување, како во претходните месеци. Сега е пункт за презакажани термини за граѓаните од Скопје кои имале резервиран термин до крајот на 2024 година.

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека во ПС „Пролет“ ќе се отворат 14 базни станици за фотографирање наместо досегашните четири, од понеделник ќе работи во две смени и дека ќе се отвори уште еден пункт за да се забрза издавањето на лични документи.

Но, граѓани се уште се жалат дека не можат да закажат термин затоа што на телефонската линија за закажување не можат да добијат никој или повикот се исклучува уште во првата секунда.

Народниот правобранител Насер Зибери во интервју за РСЕ кажа дека граѓани поднеле претставки и до него, од две причини: затоа што не можат да закажат термин и затоа што имаат важечки документи, а пак треба да плаќаат за нови. Тој побара државата да ги сноси трошоците.

И министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во гостување на ТВ21 кажа дека се разгледува опција државата да ги рефундира парите за граѓаните кои имаат важечки пасоши, а поради Преспанскиот договор мораат да ги сменат. Таква одлука досега нема.

Преспанскиот договор со Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година, Северна Македонија не почна навреме да издава лични документи со новото име на државата, па граѓани кои вадеа лични документи во 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија.

Според Преспанскиот договор, граѓаните треба да ги сменат личните карти, пасошите и возачките дозволи во рок од пет години од влегувањето во сила на уставните измени, а тој рок истекува в понеделник, на 12 февруари.

XS
SM
MD
LG