Вести
МВР уапси дилер на дрога, ќе му биде запленет имот од 600 илјади евра

Македонското Министерство за внатрешни работи денеска уапси 45-годишно лице од Скопје кое набавувало кокаин, херион и марихуана, а потоа ги препакувал и препродавал по 3.000 денари за кокаин, 600 до 1.000 денари за пакување хероин и 600 денари за пакување марихуана. Имотот кој му го заплениле на уапсениот е вреден над 600.000 евра.
Полицијата заедно со Јавното обвинителство спровеле криминалистичко истражување од септември 2023 година до јануари 2024 година за лицето со иницијали (Р.К.) од Скопје и во текот на истрагата обезбедиле докази дека лицето продавало дрога на поголем број лица.
„На 14.01.2024 во координација со САЕ Тигар во населбата Гази Баба во Скопје извршени се претреси на три локации. При претресите се пронајдени кокаин, три дигитални ваги и друго, а во деловниот објект се пронајдени 21 компјутери со монитори и гејмерска опрема, разновидна компјутерска опрема вредна околу 120.000 евра, за кои постои сомнение дека се купени од парите од продажба на дрога“, соопшти МВР.
По приемот на кривичната пријава, во текот на утрешниот ден, информираат од МВР, Основното јавно обвинителство Скопје ќе донесе наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик.
До Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
види ги сите денешни вести
Кремљ вели дека за анектираните украински територии „не се преговара“

Кремљ отфрли какви било преговори за статусот на петте украински региони за кои тврди дека ги анектирала и покрај тоа што не контролира целосно четири од нив.
„Териториите кои станаа субјекти на Руската Федерација, кои се запишани во уставот на нашата земја, се нераскинлив дел од нашата земја. Ова е непобитно и за тоа не може да се преговара“, изјави на 27 февруари портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Русија во 2014 година го анектираше полуостровот Крим на Украина по кратката воена операција и референдумот кој беше критикуван како нелегитимен од Киев и западните сили.
По започнувањето на својата целосна офанзива, Русија во септември 2022 година прогласи анексија на четири украински региони - Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.
Руските сили контролираат поголем дел од регионот на Доњецк и Луганск, но само делови од Запорожје и Херсон. Москва, исто така, зазема дел од регионот Харкив во североисточна Украина.
Песков, меѓудругото додаде дека обновувањето на прекинатите врски со Соединетите Држави е процес и ниту една страна не очекува брзи или лесни одлуки.
„Никој не очекува одлуките да бидат лесни и брзи. Но, со политичка волја на двете земји, со подготвеност да се слушаме и да се слушнеме, ќе можеме да го поминеме овој работен процес“, им изјави на новинарите Песков.
Трамп ги вознемири традиционалните американски сојузници во Европа со неговата подготвеност да ги обнови дипломатските односи со рускиот претседател Владимир Путин и да преговара за крај на војната во Украина, предизвикувајќи загриженост дека Европа, па дури и самиот Киев – ќе бидат настрана во процесот.
На 25 февруари се појавија силни индикации дека е постигнат договор за минералите меѓу САД и Украина и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе дојде во Вашингтон подоцна оваа недела за да го потпише.
Договорот ќе го опфати заедничкиот развој на критичните украински минерали и други природни ресурси, како што се нафтата и гасот, според повеќе медиуми, повикувајќи се на неидентификувани извори во украинската влада. Извештаите велат дека договорот е рамка за широк економски договор кој би вклучувал експлоатација на ретките минерали.
Сè уште не е јасно дали договорот носи одредени американски безбедносни гаранции или дали Вашингтон се обврзал да испрати дополнителна воена помош, објави Ројтерс. Сепак, официјален претставник на украинската влада, цитиран од АП, рече дека Киев се надева дека потпишувањето на договорот ќе обезбеди континуирана воена поддршка на САД што итно и е потребна на Украина.
МНР: Отповикани девет актуелни амбасадори

Девет амбасадори се известени за завршувањето на нивниот мандат, соопшти денеска (27 февруари) Министерството за надворешни работи и трговија додавајќи дека во наредниот период се очекува претседателката Гордана Сиљановска Давкова да ги потпише указите за нивно отповикување.
Одлуката на МНР следува откако пред еден месец, Владата на седница одлучи да почне со постапка за отповикување на деветмина актуелни вонредни и ополномоштени амбасадори.
На оваа листа се амбасадорите на Северна Македонија во: Босна и Херцеговина – Јакуп Реџепи, Црна Гора – Зеќир Рамчиловиќ; Чешка – Емил Крстевски; Шведска – Џенк Сејфила; Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска – Катерина Ставревска; Белгија – Методија Белевски, кој е нерезидентен амбасадор на земјава и за Луксембург и во Бугарија - Агнеза Руси Поповска.
Меѓу деветмината за кои е поведена иницијатива за отповикување е и амбасадорката и постојана претставничка на Северна Македонија при Советот на Европа, Светлана Гелевева, како и амбасадорот и шеф на Постојаната мисија при Меѓународните организации, Пајо Авировиќ.
Од ресорното министерство додаваат дека амбасадорите биле известени преку официјалниот интерен комуникациски систем, а не преку електронска пошта, како што известија некои медиуми.
Станува збор за амбасадори кои минатата Влада ги испрати на должност без да бидат „сослушани“ во Собранието. Тие не ги бранеа тезите пред пратениците поради блокади и незакажување седници на собраниската Комисија за надворешни работи од страна на ВМРО-ДПМНЕ, која како опозиција претседаваше со ова собраниско тело.
Патот за покренување иницијатива за отповикување, го отвори актуелното владејачко мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ со изгласување автентични толкувања на два члена од Законот за надворешни работи на крајот на декември минатата година.
Според автентичното толкување на еден од членовите, „сослушувањето“ на амбасадорите во Собранието е задолжително. Автентичното толкување за вториот член од Законот, пак, и даде зелено светло на Владата да покренува иницијативи за отповикување.
Полициска акција и претреси на повеќе локации во Скопје

Министерството за внатрешни работи (МВР) во координација со јавен обвинител, по претходна судска наредба, од рано утрината (27 февруари) врши претреси на повеќе локации во Скопје.
Во соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) се наведува дека акцијата е предводена од јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството.
Акцијата, додаваат од ОЈО ГОКК е во координација со Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција при Министерството за внатрешни работи.
МВР и ОЈО ГОКК не соопштуваат повеќе детали за акцијата, а подетални информации најавуваат во текот на денот.
Како што јавуваат дел од медиумите, затворски полицајци и дел од поранешното раководство на затворот во Шуто Оризари се под истрага за злоупотреби.
Во Австрија постигнат договор за владина коалиција без крајната десница

Трите најголеми австриски центристички партии денеска (27 февруари) објавија дека постигнале договор за формирање коалициска влада без крајнодесничарската Партија на слободата (ФПО), која победи на парламентарните избори пред пет месеци.
Конзервативната Народна партија (ОВП), Социјалдемократите (СПО) и либералниот Неос соопштија дека ќе ја претстават заедничката владина програма на прес-конференција денеска.
Новата австриска влада ќе се формира со трет обид, бидејќи првиот обид на чело со ОВП пропадна во јануари, а потоа обидот на чело со евроскептичната ФПО не успеа во средината на февруари.
За да се стави крај на политичката криза, претседателот Александар Ван дер Белен апелираше до центристичките партии да постигнат консензус за доброто на Австрија. Под зголемен притисок од лошата економска ситуација и големиот буџетски дефицит на земјата, ОВП и СПО ги продолжија преговорите и првично се договорија за двоен буџет фокусиран на заштеди за 2025 и 2026 година.
Вкупно 300 милиони евра од владините трошоци се наменети за инвестиции во проекти за одржлива енергија.
Ова е најдолгиот период од Втората светска војна кога Австрија е без влада.
Контроверзниот инфлуенсер Ендрју Тејт наводно ја напуштил Романија

Контроверзниот интернет инфлуенсер Ендрју Тејт и неговиот брат, наводно, се во приватен авион кој патува за Соединетите Држави, заминувајќи од Романија каде што се вмешани во правен случај за наводна трговија со луѓе и сексуална експлоатација.
Новинската веб-страница G4media.ro и Би-Би-Си, повикувајќи се на извори од аеродромот, соопштија дека браќата, кои имаат американско и британско државјанство, заминале рано наутро на 27 февруари со лет за државата Флорида.
Романската единица за организиран криминал ги обвини Тејт, неговиот брат Тристан Тејт и две Романки, откако беа уапсени во декември 2022 година под сомнение за трговија со луѓе.
Медиумите претходно овој месец објавија дека администрацијата на Трамп врши притисок врз Букурешт да ги укине ограничувањата за браќата Тејт, иако романскиот министер за надворешни работи Емил Хурезеану минатата недела негираше дека бил под притисок од американските власти.
Четворицата осомничени беа формално обвинети минатата година. Судот во Букурешт минатата година одлучи дека судењето може да започне, но не одреди датум. Сите обвинети ги негираат обвиненијата.
Сепак, Апелациониот суд во Букурешт на 19-ти декември објави дека утврдил „неправилности“ во обвинението поднесено од Канцеларијата на Генералното обвинителство и го вратил случајот на обвинителите.
Судот рече дека обвинителите сега можат да презентираат нови докази за да ги поддржат нивните обвиненија или да ги изменат постојните.
Ендрју Тејт собра повеќе од 10 милиони следбеници на платформата на социјалните медиуми X, но беше забранет од други платформи, вклучително и Facebook и ТикТок, поради обвинувања за објавување говор на омраза и мизогински коментари.
Ендрју Тејт беше ставен во домашен притвор, а Тристан Тејт под судска контрола 30 дена во август, откако беа сослушани од романските обвинители за антикорупција, како дел од истрагата за новите обвиненија против нив.
За време на кривичната истрага, обвинителите рекоа дека идентификувале седум жени кои биле сексуално експлоатирани „насилно, со цел да се добие значителна финансиска добивка“ за обвинетите од поединци кои пристапувале до содржината на социјалните мрежи.
Обвинителите ги обвинија браќата Тејт дека ги регрутирале нивните жртви користејќи го таканаречениот метод на „љубовник“, ги заведувале и тврделе дека сакаат врска или брак.
„Жртвите потоа беа однесени на имот надвор од Букурешт, каде што биле сексуално експлоатирани преку физичко насилство и психичко заплашување, бидејќи биле принудени да произведуваат порнографска содржина“, соопштија обвинителите.
Романските истражители извршија испрашувања и нови претреси во резиденциите на браќата како дел од истрагата за новите наводи. Романската единица за организиран криминал тогаш објави дека новите обвиненија вклучуваат обвиненија за формирање организирана криминална група, трговија со малолетни лица, сексуални дејствија со малолетник, влијание врз изјави и перење пари.
Ним им беше забрането да ја напуштат Романија додека траеше постапката против нив, но беше предвидено да бидат екстрадирани во Британија по завршувањето на нивниот случај во Романија.
Тие се соочуваат со дополнителни обвиненија за силување и трговија со луѓе во Британија, каде што судот на 18 декември пресуди дека полицијата може да заплени повеќе од 2,6 милиони фунти (3,3 милиони долари) за покривање на години неплатени даноци.
Браќата Тејт претходно изјавија дека не сакаат да бидат екстрадирани од Романија, која ја сметаат за свој дом.
Северна Кореја распореди дополнителни трупи во Русија

Северна Кореја распореди дополнителни трупи во Русија, изјави претставник на Националната разузнавачка агенција на Јужна Кореја.
Официјалниот претставник вчера за француските медиуми изјави дека „се чини дека имало дополнителни распоредувања на војници“ во руската област Курск, додавајќи дека други војници се „прераспоредени“ во регионот.
Нема информации за тоа колку нови војници се испратени во Русија, а официјалниот претставник додаде дека „точната бројка се уште се проценува“.
Јужнокорејските и западните разузнавачки агенции соопштија дека повеќе од 10.000 севернокорејски војници беа испратени во Русија минатата година за да и помогнат во борбата против украинската офанзива на пограничниот регион Курск.
Ниту Москва, ниту Пјонгјанг, не го потврдија распоредувањето.
Претходно овој месец, Сеул соопшти дека севернокорејските војници кои претходно се бореле заедно со руската армија на линијата на фронтот Курск, од средината на јануари не се вклучени во борбите. Украина, исто така, соопшти дека тие се повлечени во заднина по големите загуби.
Русија и Северна Кореја минатата година потпишаа договор, што има и клаузула за взаемна одбрана, при посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Пјонгјанг.
ЕК ќе реагира одлучно против најавените американски царини

Европската комисија, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата администрација наскоро ќе објави царини од 25 отсто за увоз на производи од ЕУ, најави дека ќе реагира одлучно и навремено.
„ЕУ ќе реагира одлучно и веднаш против неоправданите пречки за слободната и фер трговија, вклучително и кога тарифите се користат за да се оспорат законите и недискриминаторните политики“, рече портпаролот на Комисијата како одговор на барањето за коментар за забелешките на Трамп.
Тој нагласи дека ЕУ секогаш ќе ги штити европските компании, работници и потрошувачи од „неоправдани царини“.
Трамп во однос на прашањето за тарифна стапка за стоки од Европската унија, одговори дека донеле одлука и дека ќе ја објават многу брзо, а дека таа ќе биде 25 отсто, генерално кажано, за автомобилите и за се останато.
Тој исто така изјави дека ЕУ е основана „за да ги измами САД“.
Портпаролот нагласи дека со создавањето на голем и интегриран единствен пазар „ЕУ ја олесни трговијата, ги намали трошоците за американските извозници и ги усогласи стандардите и регулативите во 27 земји“.
„Како резултат на тоа, американските инвестиции во Европа се високо профитабилни“, додаде портпаролот.
„Европа се залага за дијалог, отвореност и реципроцитет. Подготвени сме за партнерство доколку играте според правилата. Но, ние исто така ќе ги заштитиме нашите потрошувачи и бизниси на секој чекор. Од нас не очекуваат ништо помалку“, истакна портпаролот на ЕК.
Мицкоски и Филипче со спротивставени ставови за гласањето за резолуциите од ЕУ и САД

Коалицијата на СДСМ и ДУИ која минатите седум години не бираше средства и начин да ја понижи и засрами Македонија има најмалку кредибилитет да зборува за нашата меѓународна активност и релации со администрацијата на претседателот Трамп, изјави премиерот Христијан Мицкоски откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, претходно кажа дека македонската надворешна политика е „без компас“ и одлучува без надворешно политички приоритети.
Северна Македонија беше една од земјите - коспонзори на предлог-резолуцијата на САД за Украина. Истовремено, Европската Унија, предводена од Германија и Франција, поднесе своја резолуција. Нацрт-резолуцијата на САД е помалку критички настроена кон инвазијата на Русија кон Украина од резолуцијата на ЕУ.
Според Мицкоски, македонската Влада била во целосна координација со САД.
„И да, бевме ние коспонзори на таа резолуција заедно со уште неколку држави, Израел, Унгарија и Грузија. И ќе ја потсетам македонската јавност дека таа е обврзувачка резолуција, бидејќи помина на Советот за безбедност, каде останатите членки кои се постојани, но и оние кои се ротирачки, не гласаа против, што значи ја поддржаа резолуцијата позади која како коспонзор се јавува нашата македонска Влада, односно нашиот претставник во Обединетите нации“, изјави Мицкоски на 26 февруари.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција на 26 февруари рече дека со последното гласање за резолуциите за Украина во Обединетите нации (ОН) се покажува конфузноста во одлуката на Владата да ја коспонзорира резолуцијата предложена од САД, а потоа да гласа воздржано.
„Ваквите потези, донесени врз основа на лични проценки на премиерот Христијан Мицкоски, покажуваат дека земјава нема стратегија и дека надворешната политика се води со импровизации“, рече Филипче.
Според него, многу помудро ќе било земјава да даде поддршка и да гласа „за“ двете резолуции со што ќе испратеше порака дека има принципиелна и стабилна позиција којашто значи поддршка и кон Европската Унија и кон САД.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) соопшти дека „за СДСМ поважна е дневната политика, отколку долгорочните државни интереси и долгорочното зацврстување на меѓународната позиција на Република Северна Македонија“.
„Неодамнешните одлуки во врска со гласањето на нашата држава за резолуции на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на редица остварени дипломатски контакти, темелно извршени анализи, спроведени домашни консултации, усогласеност со утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители и во координација со нашиот стратешки партнер, САД. ште поважно, тие ја потврдуваат стратешката ориентација на нашата држава кон градење стабилна и предвидлива позиција на меѓународната сцена, како и зајакнување на односите со нашите стратешки партнери“, соопштија од Министерството.
Северна Македонија гласаше „воздржано“ за резолуцијата на Украина поддржана од Европската Унија, а идентично се изјасни и во однос на резолуцијата на САД, чиј текст беше изменет на барање на дел од земјите членки на светската организација.
Судски совет: Судијката не била пристрасна со пресудата за Васил Јованов

Судскиот совет усвои Извештај од спроведената работна посета на Основниот кривичен суд Скопје и Апелацискиот суд Скопје, при што утврди дека не бил прекршен законот при санкционирањето на Васил Јованов во случајот во кој му се судело за дрога.
Јованов беше обвинет и за прегазувањето на 22-годишната Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, на 29 јануари, додека минувала на пешачки, од автомобилот на 20-годишниот возач, кој според официјалните информации, немал возачка дозвола, имал алкохол во себе и поминал на црвено светло.
Како што беше соопштено на седницата, членовите на работната група на 7 февруари ги посетиле Кривичниот и Апелацискиот суд во Скопје при што извршиле увид во предметите и разговор со судијата Даниела Алексовска Стојановска и судијата известител Тања Милева од Апелацискиот суд Скопје.
Комисијата констатирала дека судијата Алексовска-Стојановска ја донела одлуката за изрекување заводска мерка согласно член 70 од Законот за правда на децата во кој е регулирано дека за време на пресудувањето на полнолетно лице кое не наполнило 21 година може да му биде изречена заводска мерка ако со оглед на неговата личност и околностите под кои е сторено делото може да очекува дека со воспитната мерка ќе се постигне целта што би се остварила со изрекување на казната.
„Судијата на прашањата кои беа актуелни во јавноста даде одговор дека нејзиниот сопруг работел во иста фирма „Искрател“ со мајката на обвинетиот од 2003 до 2008, во океански систем со 70 вработени, се познавале, но не биле пријатели, ниту куќни пријатели, ниту пак таа лично ја познавала мајката на обвинетиот. Во однос на издадениот деловен објект на партијата СДСМ во Ранковце појасни дека бил издаден од страна на нејзиниот татко многу одамна, а кој би починат од 2018 година, досега немале ништо променето во однос на тој договор за закуп, а моментално куќата се водела по една третина на судијата, нејзината мајка и сестра“, рече претседателката на Комисијата, Данка Ристова.
Информациите дека Васил Јованов им бил познат на органите на прогонот од претходно, предизвикаа револт кај граѓани кои излегоа на протести барајќи правда за Фросина, под паролата „Секој еден може да е следен“.
„Фридом хаус“: Северна Македонија останува делумно слободна земја

Северна Македонија и годинава останува делумно слободна земја, покажува последниот извештај на „Фридом хаус“ насловен „Слободата во светот 2025“.
Земјава, исто како и минатата година, има индекс на слобода од 67 од можни сто поени.
Рангирањето на „Фридом хаус“ е врз основа на два критериуми - политички права и граѓански слободи. Политичките права се оценети со индекс 28 од можни 40, а граѓанските слободи со 39 од 60 поени.
Во извештајот се наведува дека земјата продолжува да се бори со корупцијата, и додека медиумите и граѓанското општество учествуваат во енергичен јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисоци и заплашување.
Од државите во поширокиот регон, најдобро позиционирана е Словенија со индекс 96. Во групата слободни земји се и Грција (85), Хрватска (82) и Бугарија (77).
Во делумно слободни, пак, се Црна Гора(69), Албанија (68), Косово (60), Србија (56) и Босна и Херцеговина (52).
„Фридом хаус“ во извештајот оценува дека слободите ширум светот минатата година опаднаа, додека авторитарните режими ја зацврстија својата контрола, но дека е забележан значителен напредок во Јужна Азија.
Организацијата со седиште во Вашингтон посочи две земји како „слободни“ – Сенегал, каде опозицијата триумфираше откако беше поразен обидот на претседателот во заминување да ги одложи изборите и Бутан, хималајското кралство кое ја консолидираше транзицијата кон демократија со конкурентни избори.
Најголемо подобрување на оценката во индексот, кој ги следи и земјите и териториите, е во Кашмир под индиска управа, кој одржа избори за првпат откако националистичката влада во Њу Делхи го укина специјалниот статус на регионот со мнозинско муслиманско население во 2019 година.
Јана Гороховскаја, коавторка на извештајот, изјави дека слободите паѓаат на глобално ниво 19-та година по ред, но дека 2024 година била особено нестабилна поради големиот број избори.
„Големата слика е дека ова беше уште една година на истата траекторија на глобален пад на слободата, но поради сите избори, таа беше подинамична од претходните години“, рече Гороховскаја.
Ретка светла точка на Блискиот Исток е Јордан, кој беше надграден од „неслободен“ во „делумно слободен“. „Фридом хаус“ укажа на реформите што овозможија поконкурентни избори во кралството.
Од друга страна, четири земји беа деградирани од „делумно слободни“ во „неслободни“ – Кувајт, Нигер, Танзанија и Тајланд.
„Фридом хаус“ е меѓународна организација, со седиште во Соединетите Американски Држави(САД), која ја документира состојбата со човековите права и слободи во светот.
Во своите извештаи секоја година ја проценува состојбата на слобода во 195 земји и 15 територии и ги рангира врз основа на различни индикатори.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете