Достапни линкови

Можно ли е продолжување на рокот за промена на личните документи?


Стар и нов пасош, Република Северна Македонија
Стар и нов пасош, Република Северна Македонија

Владата на седница ќе разгледува дали може да се продолжи рокот за вадење нови лични документи, како што предложи претседателот Стево Пендаровски. Од Кабинетот на Пендаровски велат дека тој е подготвен да се вклучи во комуникација со грчката страна за прашањата од Преспанскиот договор

Граѓани, компании, судови, нотарски канцеларии, матични служби и низа други институции збунето чекаат насоки за тоа дали можат да работат со личните карти на граѓаните на кои стои старото име на државата и по 12 февруари, рокот до кој сите граѓани на Република Северна Македонија треба да имаат лични документи со новото име на државата во согласност со Преспанскиот договор со Грција што стапи на сила во 2019 година.

Во меѓувреме, премиерот Димитар Ковачевски најави дека Владата ќе ја разгледа опцијата да го продолжи рокот за замена на документите до септември или октомври, предлог што вчера го даде претседателот Стево Пендаровски поради, како што изјави во телевизиско интервју, „срамното и непотребно понижување на македонските граѓани“.

Додека се разгледуваат правните опции, не се намалува метежот пред пунктовите на МВР од граѓани кои чекаат со часови и со денови поради страв дека нема да стигнат навреме да ги сменат документите.

„Во април треба да склучам граѓански брак. Личната карта ми е важечка, но е со Република Македонија. Што ако матичарот не ми ја признае? Затоа чекам ред, да ги средам документите за да избегнам дополнителни проблеми“, ни изјави скопјанецот А.Н. кој се надева дека ќе заврши работа без закажување, во пунктот „Пролет“ во центарот на Скопје.

Од банките и од Државната Изборна Комисија веќе стигнуваат најави дека граѓаните ќе можат да земаат плати и пензии и да гласаат на претстојните избори и ако личните карти не им се сменети, а рокот на важење не им е истечен. Но, нема никакви насоки за низа други административни процедури на пример - дали ќе можат да се вадат имотни листови, да се склучуваат бракови, да се запишуваат новороденчиња и други обврски од секојдневниот живот на граѓаните, ако на личните карти се уште стои името Република Македонија.

Владата ќе се консултира дали се можни законски измени

Премиерот Димитар Ковачевски денеска, 10 јануари, изјави дека ќе се консултира со двајцата министри со кои разговарал и Пендаровски.

„Верувам дека и претседателот мора да се чуе со претседателот на Грција, бидејќи и тоа е нивото на коешто може да се комуницира, а ќе поразговараме на седница на Влада, во однос на можноста ова да се направи, кое секако дека ќе треба. Претседателот Пендаровски најдобро знае бидејќи тој беше вклучен во подготовката на Преспанскиот договор, при зачленувањето на НАТО тој беше координатор за НАТО, така што веројатно има повеќе детали како тоа би можело да се реши на меѓународно ниво со Грција“, изјави Ковачевски.

Во однос на рокот за промена на личните документи, премиерот кажа дека станува збор за обврска произлезена од потпишан меѓународен договор кој, како што рече, овозможил да станеме земја членка на НАТО.

„Таа обврска е наведена во закон. Така што не може да кажете дека Владата нешто направила бидејќи, сепак, се работи за законски решенија за уставни измени кои се правени во Собранието и кои на сите ни се добро познати во текот на минатите години. Тоа што Владата може да го направи е да го олесни тој процес. МВР отвори поголем број пунктови и определи поголем број вработени кои ќе работат, но очигледно дека тоа ќе треба да се зголеми уште повеќе. Еве, и со предлогот на претседателот Пендаровски да видиме дали може да бидат направени тие законски измени. Да направите законски измени без согласност на сите што се потпишани, а се работи за меѓународни документи, не би било така едноставно и прашање е колку би било применливо. Сепак, ќе пробаме сѐ“, изјави Ковачевски.

Професорот Денко Малески, професор по меѓународно право и поранешен шеф на дипломатијата, за Радио Слободна Европа изјави дека продолжување на рокот за личните документи е најмалата работа што државата може да ја направи, со оглед дека „промената на документите не оди со таква брзина како што се надевавме“.

„Ако гледаме здраворазумски, нашата држава во овие 32 години мораше да преземе многу дејства непопуларни кај народот, за да опстане и да напредува на меѓународната сцена. Во некоја смисла, државата е должник на народот и треба да стори буквално се за да му ја олесни ситуацијата како последица на тие одлуки што мораше да ги донесе. Политичарите треба да најдат модус да им го олеснат на граѓаните пристапот до документи“, рече Малески за РСЕ.

Од кабинетот на Пендаровски за РСЕ велат дека тој и неговиот тим стојат на располагање за соработка со Владата за законските измени што треба да се направат и за преземање на други чекори за да се комплетира процесот.

„Во таа насока, претседателот е подготвен да се вклучи и во комуникација со грчката страна во однос на прашањата кои се опфатени со Преспанскиот договор“, велат од кабинетот на Пендаровски.

Според Преспанскиот договор, граѓаните треба да ги сменат личните карти, пасошите и возачките дозволи во рок од пет години од влегувањето во сила на уставните измени, а тој рок истекува во февруари. Досега, усогласени се Законот за патната исправа и Законот за безбедноста во сообраќајот, каде е наведено дека пасошите, возачките дозволи и возачките книшки кои го содржат натписот Република Македонија ќе важат до истекот на рокот на важење, а најдоцна до 12 февруари 2024 година.

Македонија да ја извести Грција дека не бега од Преспанскиот договор

Дали, ако Северна Македонија го продолжи рокот за замена на личните документи со новото име на државата, тоа ќе значи дека го крши Преспанскиот договор?

“Тоа би можело да се договори со Грција на еден цивилизиран начин, со оглед на тоа дека процесот на замена на документи е почнат, се гледа дека има проблеми и дека не станува збор за одлагање или за противење од наша страна“, смета Малески.

И претседателот Пендаровски предложи известување до Грција.

„Ова го предложив на најмалку двајца министри во македонската влада – со брза интервенција во два закони – Закон за лична карта и Закон за патни исправи, и ако е потребно и Законот за безбедност во патниот сообраќај – тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закони, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември-октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“, рече Пендаровски во интервју за Сител.

И покрај тоа што се предвидуваа казни за оние кои до 12 февруари следната година нема да успеат да ја променат личната карта, пасошот или возачката дозвола, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека тоа нема да се случи.

Според податоците од МВР, од 5 јули 2021 година до 31 декември 2023 година, сменети се 1.007.885 лични карти, , 1.169.463 пасоши и 529.799 возачки дозволи.

Луѓе чекаат за замена на личните документи
Луѓе чекаат за замена на личните документи

Според Преспанскиот договор, земјава се обврза на два преодни периода во однос на издадените постоечки документи и материјали - еден „технички“ и еден „политички“:

„Техничкиот“ преоден период значи дека сите официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но и оние кои може да се користат и надвор од државата, нивната важност треба да се обновува во согласност со новото име.

„Политичкиот“ преоден период се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба. Во текстот од Договорот се вели дека Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со членот 1, став 3, ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.

Преспанскиот договор со Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година, тие не започнаа навреме да издаваат лични документи со новото име Република Северна Македонија, па граѓани кои вадеа лични документите во 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија.

XS
SM
MD
LG