Достапни линкови

Програмата на Орбан не ги врати унгарските иселеници дома


Аеродромот во Будимпешта (Илустративна Фотографија)
Аеродромот во Будимпешта (Илустративна Фотографија)

Пред Божиќ, аеродромот во Будимпешта беше преполн со Унгарци кои се враќаа дома за празниците. Семејствата со нетрпение ги чекаат своите најблиски во осветлената сала за пристигнувања, во скромни кафулиња, продавници за цигари и шарени билборди на кои на повеќе јазици пишува: „Унгарија, погодна за семејство“.

Врне дожд, но времето не им го расипува расположението на 30-годишниот Арон и 34-годишната Маша, кои со автобус се упатуваат кон центарот на Будимпешта. И двајцата се преселиле во Германија на студии и на крајот останале таму.

Во разговорот за Радио Слободна Европа, тие утврдуваат дека сакаат долги празници и се потсетуваат на спомени од езерото Балатон, пред да се постави големото прашање: Дали некогаш би се вратиле дома?

„Да не беше финансискиот аспект, можеби и ќе размислев за тоа“, раскажува Арон.

Арон пораснал во Будимпешта, но има семејство во Германија, каде што сега работи во сектор за информатички и комуникациски технологии (ИТ). Неговиот брат, кој живее во Унгарија и работи исто така во ИТ секторот во мултинационална компанија, заработува една третина од неговата плата, вели тој.

Маша, која повеќе од една деценија е во Германија каде работи како инженер, вели дека би размислила да живее на друго место во Европа пред да се врати во Унгарија, исто така од финансиски причини.

Приказните како овие на Арон и Маша се вообичаени во Унгарија.

Гужва на аеродрмот во Будимпешта, Унгарија
Гужва на аеродрмот во Будимпешта, Унгарија

Според последните податоци, над 700 000 Унгарци живеат надвор од земјата, што е над седум отсто од вкупното население. Овде не влегуваат речиси два милиони етнички Унгарци кои живеат во соседните земји, како Романија, Словачка и Србија.

Овој неодамнешен егзодус придонесе за демографската криза во земјата, со намалување на населението од 1980-тите. Според некои проекции, до 2050 година Унгарија би можела да има милион жители помалку.

Внимателна поради падот на населението и имајќи ги предвид економските последици од иселувањето, Владата предводена од Виктор Орбан започна програма, која наводно чини над 1,2 милијарди форинти (3,5 милиони долари), за да ги врати Унгарците дома.

Како дел од новата иницијатива, владата отвори 27 нови административни канцеларии низ целата земја, веб-страница и телефонска линија и ги таргетираше Унгарците со реклами на Јутјуб. Но, и покрај напорите на владата, програмата беше жестоко критикувана, а многу Унгарци кои живеат во странство велат дека сè уште не се заинтересирани да се вратат дома.

Економски проблеми

Меѓу вкупното население на Унгарија од 9,6 милиони луѓе, стапката на невработеност е околу 4 проценти. Меѓутоа, за Унгарците помлади од 24 години таа бројка е околу 11 отсто. Според неодамнешното истражување на унгарската фондација „ОТП Фај Андраш“, невладина организација фокусирана на финансиско образование, само 43 отсто од луѓето на возраст меѓу 16 и 24 години можат да си ја замислат иднината во Унгарија во следните 10 години.

Сепак, и за оние млади Унгарци кои работат, платата не е висока. Според Евростат, официјалната агенција за статистика на ЕУ, платите во Унгарија остануваат под просекот на ЕУ, додека инфлацијата е околу 9,6 отсто, што е значително над просекот на блокот од 3,6 отсто.

Слабата економија и ниските примања се една од причините зошто толку многу млади Унгарци бараат работа во странство, а најпопуларни дестинации се Австрија, Германија и Обединетото Кралство.

Според проценките на локалните медиуми, до 500 000 Унгарци работат во овие три земји, повеќето од нив во здравството, инженерството, ИТ секторот, угостителството и градежништвото. Помеѓу февруари и декември 2023 година, бројот на Унгарци кои нашле работа во странство пораснал побрзо од бројот на Унгарци кои нашле работа дома.

Зборувајќи за РСЕ, голем број млади Унгарци укажуваат на релативно ниските плати и недостатокот на пристојни можности за вработување дома, особено во креативната индустрија.

Александра Гара, Унгарка која живее и работи во Лондон, вели дека унгарската влада ќе мора да ја зголеми минималната плата и да ги намали даноците за таа да се врати дома.

За Александра, како и за многу други млади Унгарци, економијата е само дел од проблемот. Тие се вознемирени и разочарани од политичкиот правец на Унгарија и премиерот Виктор Орбан, кој е на чело на владата од 2010 година. Неговата влада беше обвинета од критичарите, вклучително и ЕУ, за назадување на демократијата и владеењето на правото, поткопување на независноста на судството и водење политики кои се непријателски настроени кон мигрантите и ЛГБТ заедницата.

По враќањето дома, Гара вели дека би сакала владата да ги забрани хомофобните и трансфобични политички партии и да инвестира во здравството и училиштата.

„Политичарите не треба да се мешаат во основните човекови права“, вели Александра, укажувајќи на тешкотиите со кои се соочуваат жените кои ќе сакаат да абортираат откако владата ги заостри регулативите.

Под власта на националистичката партија на Орбан, Фидес, правата на ЛГБТ луѓето, мигрантите и бегалците се ограничени. Владејачката партија го промени уставот, ограничувајќи го посвојувањето за ЛГБТ семејствата и законски забранувајќи ја можноста за менување на полот.

„За мене како бисексуалец, неверојатно е тешко да се прифати дека Унгарците сè уште гласаат за влада која сака да ги искорени ЛГБТ луѓето“, вели 27-годишен Унгарец, која работи во креативната индустрија и сака да остане анонимен бидејќи неговото семејство не е свесно за неговата сексуална ориентација.

Откако студирал во Велика Британија, тој се вратил дома со својата девојка од социјални и финансиски причини, но тие сега активно размислуваат да заминат во Виена или Франција.

„Ако имавме дете, а тоа да биде геј, бисексуалец, трансродово или небинарно, или можеби да има некои тешкотии во учењето, не би сакале тој да се чувствува како да не е дел од заедницата“, рече младиот Унгарец.

Другите унгарски емигранти имаат различни грижи. Дваесет и осумгодишна девојка од Будимпешта, која сега работи на полето на одржливост во Западна Европа, вели дека владата „не ја сфаќа доволно сериозно заканата од климатските промени“.

„Тоа ме прави да се чувствувам како да ги изневеруваат младите луѓе“, рече таа, барајќи да остане анонимна поради страв дека нејзините коментари би можеле да и наштетат на нејзината кариера.

Како некој што работи во областа на заштитата на животната средина, таа е разочарана што владата ја поларизираше дебатата за климатските промени и, меѓу другото, ја задржа забраната за турбини на ветер.

„Мислам дека нема ништо поважно за младите од тоа да си ја обезбедат својата иднина, а не да ја уништуваат“, рече таа.

Овој егзодус на млади има последици.

„Дали Унгарија е добра земја или не, не зависи од тоа дали во неа живеат 9 или 11 милиони луѓе“, изјави за унгарскиот сервис на РСЕ, Балаш Капитани, главен истражувач во Унгарскиот завод за статистика (КСХ).

Наместо тоа, недостатокот на млади во Унгарија, вели Капитани, придонесува за зголемен недостиг на работна сила, забавување на иновациите, забавување на економијата и влијае врз квалитетот на животот на луѓето. Значителен дел од младите кои одлучуваат да заминат се високообразовани и работат во професионални области.

Според податоците на КСХ, до 85 отсто од сите унгарски емигранти се на возраст под 40 години, а 33 отсто од нив имаат дипломи, во споредба со 18 отсто од населението како целина.

„Добредојде дома“ – но, што потоа?

Во една од новите наменски канцеларии во центарот на Будимпешта, посетителите можат да резервираат консултации со претставници на програмата за да го олеснат нивното враќање дома, иако сè уште треба да посетуваат посебни канцеларии за да се регистрираат за здравствена заштита или да имаат преведени официјални документи.

Посетителите на новата владина веб-страница, која е на унгарски и англиски јазик, ги пречекува фотографија од идилична сцена од унгарските села.

„Добредојдовте дома“, пишува во воведниот текст со кој се повикуваат иселениците назад во Унгарија, а корисниците потоа се упатуваат на теми кои се однесуваат од раскинување на договорите за наем за нивните земјишта до аплицирање за нов даночен матичен број.

Во текот на изминатата деценија, владата на Фидес се обидуваше да спроведе политики за да ги врати Унгарците дома и да го промени демографскиот тренд на Унгарија, на пример со обезбедување финансиска и други форми на помош за младите луѓе кои основаат семејство.

Раните напори, сепак, не беа многу успешни. Во 2016 година, програмата од 100 милиони форинти помогна да се вратат дома само 105 Унгарци. Опозициските партии и Унгарците кои живеат во странство ја доведуваат во прашање ефикасноста на новата владина програма.

„Која е поентата да се отворат овие канцеларии во Унгарија, ако луѓето не се во земјата“, ја праша владата Агнес Вадас, пратеник од партијата Социјалистичка демократска коалиција, кога се појавија детали за програмата.

Како одговор, Миклош Пањи, министер во кабинетот на премиерот, рече дека 27-те центри како дел од програмата за враќање на Унгарците ќе помогнат во управувањето со „сложените животни ситуации кои произлегуваат од долгорочниот престој во странство со помош на квалификувани и искусни владини службеници“.

РСЕ контактираше со претставници на програмата, но сите прашања останаа неодговорени.

„Прочитав дека помагаат со бирократијата, но немам поим што може да значи тоа“, рече 28-годишната Кити Петелен. По студирањето во Берлин, Петелен и нејзиниот сопруг од Унгарија се преселиле од Германија во Унгарија за време на пандемијата на коронавирусот. Таа моментално го завршува магистерскиот труд додека е дома со нивниот 8-месечен син и куче.

Петелен во телефонски разговор за РСЕ вели дека откако се вратиле дома наишле на бирократски потешкотии, на пример при добивање породилен кредит, но дека тоа не се непремостливи пречки.

Сепак, Петелен вели дека е подготвена повторно да ја напушти Унгарија, не поради бирократски проблеми, туку поради движењето на земјата кон нелиберализам.

„Не сакам да бидам како жаба која полека врие во топла вода“, ни рече таа.

Иако унгарските опозициски партии се поделени по многу прашања, тие главно се согласуваат дека новата програма на Фидес да ги врати Унгарците дома е губење време.

„Политички, ова е шега. Нема вистинска помош“, рече Мате Канаш-Наги, член на Националното собрание од опозициската Унгарска партија на зелените (ЛМП). Според Канаш-Наги, кој пораснал во Будимпешта и дипломирал социологија, создавањето работни места би било многу подобра опција за привлекување на Унгарците дома. Подобро тоа, рече тој, отколку „веб-страница со препораки како „треба да го отфрлите вашиот странски телефонски провајдер“.

Дури и некои од сојузниците на Фидес се скептични.

„Нашата визија за иднината е суштински различна од онаа на Фидес“, напиша Чаба Биндер, лидер на младинското крило на десничарската партија Наша домовина, во е-пошта до РСЕ.

„Сакаме генерацијата што расте да ја замисли својата иднина во Унгарија, да го гледа животот тука и да има деца овде како можност“, рече тој.

Економското планирање, додава тој, треба да биде повеќе фокусирано на Унгарците, а треба да го водат младите Унгарци кои имаат пристап до висококвалитетно образование и достапно домување и за кои основањето семејство „не значи осиромашување“.

Конзервативната партија Јобик предложи изградба на поволни станови за младите. Поевтините кирии и субвенционираните набавки на недвижен имот би ги принудиле младите да се вратат дома, вели Даниел Карпат, пратеник во Народното собрание и потпретседател на партијата.

„Би можеле да се бориме против националната депресија што преовладува во цела Централна и Источна Европа, но најмногу во Унгарија“, рече Карпат.

„Многумина ја напуштаат Унгарија поради актуелната влада“, истакна Каталин Чех (35), пратеник во Европскиот парламент од центристичката партија Моментум.

Доктор по професија, Чех основал политичка партија откако студирал во Холандија.

Најважната работа на опозицијата, вели Чех, е да го отстрани Фидес од власт. Моментум, Јобик и ЛМП ги здружија силите за парламентарните избори во 2022 година, но опозициската група не успеа да ја освои потребната една третина од местата во парламентот, што значи дека владата на Фидес се соочува со помалку пречки во спроведувањето на својата агенда.

„Некој што ќе донесе одлука да се исели од својот дом, семејството и пријателите, поради економската ситуација, нема да се врати дома само затоа што бирократските аспекти на преселувањето дома станале полесни“, заклучува Чех.

XS
SM
MD
LG