Достапни линкови

Ќе има се повеќе пензионери, ќе има ли и пензии?


Пензионерите изминатите месеци на протести бараат покачување на пензиите.
Пензионерите изминатите месеци на протести бараат покачување на пензиите.

Населението во државата ќе старее - ќе имаме повеќе пензионери, а помалку работоспособно население. Пензискиот фонд, пак, и денес нема доволно приходни за да исплатат пензии, што го прави зависен од државниот буџет. Кај дел од граѓаните, стравот е веќе присутен дали воопшто ќе дочекаат пензија од државата која, пак, најавува дека насокоро ќе донесе 20-годишна развојна стратегија.

Децата родени 2005, кои годинава станаа полнолетни, кога ќе наполнат 65 години ќе влезат во старосната група која се предвидува дека тогаш ќе биде најбројна во Северна Македонија. Сега, пак, оваа група граѓани (65+) гледано е најмалубројна во однос на вкупното население.

Според проекциите што ги објави Заводот за статистика на 15 декември, населението во земјава во наредните децении константно ќе старее, што го наметнува прашањето – ќе го издржи ли пензискиот фонд таквиот товар? И со актуелната демографска слика, фондот нема доволно приходи за да ги покрие расходите што ги има за пензии, здравствено осигурување за пензионерите, трансфери до вториот пензиски столб и инвалиднина. Тоа, како што констатираа и ревизорите во својот последен извештај, се надополнува со трансфери од државниот буџет кои, на пример, во 2021 биле во висина од речиси половина милион евра.

„Ќе дочекаме ли пензија“

И кај дел од граѓанит стравот дали ќе дочекаат пензија е присутен.

„Нормално дека се плашам, годините не се само бројка а пензијата каква таква, е гаранција дека ќе имам колку толку безгрижна старост. Но, доколку пропадне фондот, како ќе преживеам? Децата сигурно нема да ме хранат, со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме најверојатно ќе си заминат од земјава, бидејќи овде за нив нема иднина“, вели 40-годишната скопјанка Даниела Т.

Некои, пак, размислуваат и за план Б. Дијана К., која веќе неколку години работи во ИТ индустријата во фирма во Скопје не сака цел работен век да плаќа пензиско осигурување на државата, туку да си побара алтернативно штедење за пензионерски денови.

„Стравот не ми е од вчера, ’гаен‘ е со години кога гледаш каков е системот, дека се случува егзодус на млади луѓе, се прашуваш кој ќе го полни тој фонд. Јас лично сум за социјална држава, но државата мора сериозно да поработи за да веруваме во институциите. Имам платен стаж неколку години и ќе чекам да го исполнам минимумот од 15 години за пензионирање, да ги имам за секој случај, па потоа планирам да преговарам за да работам само со договор на дело и да плаќам само персонален данок“, вели нашата 32-годишна соговорничка.

Повеќе пензионери, помалку работници

Ако не се исели од државата, нејзината генерација кога ќе дочека пензија ќе биде во групата население која ќе биде најбројна во споредба со останатите.

Пописот спроведен во Северна Македонија пред две години покажа дека од вкупниот број граѓани што живеат во земјава (1 831 712), со наполнети 65 години се 319.199 или 17,4 од вкупното население. Според проекциите на Статистика за наредните 50-тина години, ако се земе предвид варијантата која се посочува како најреална (среден фертилитет) од седумте врз основа на кои се правени прогнозите, се предвидува дека во 2025 процентуално оваа старосна група (65+) ќе сочинува 19,1 отсто од вкупното население. Во 2050 ќе биде дури 32,1 отсто, а во 2070 ќе изнесува биде 30,6 отсто.

Проекциите на ДЗС се врз основа на варијантата среден фертилитет, која се смета за најреална
Проекциите на ДЗС се врз основа на варијантата среден фертилитет, која се смета за најреална

На сметка на тоа, пак, ќе се намали застапеноста на оние граѓани кои може да се сметаат како работоспособни – старосните групи од 20-39 и од 40-64 години.

Проекциите на ДЗС се врз основа на варијантата среден фертилитет, која се смета за најреална
Проекциите на ДЗС се врз основа на варијантата среден фертилитет, која се смета за најреална

Најважни за пензиите се вработените, а тие се иселуваат

Со намалување на бројот на работоспособно население, се намалуваат и приливите во пензискиот фонд.

За неговата финансиската кондиција, пак, најважни се токму вработените, нагласува поранешната директорка на оваа институција Билјана Јовановска.

Тие месечно плаќаат по 18 отсто од нивните бруто плати во пензискиот фонд.

Јовановска критикува дека политиките на владејачките гарнитури придонеле за трендот на емиграција – се иселуваат не само невработените туку и оние кои се вработени и добро ситуирани во земјава, а сето тоа е удар врз фондот.

„Даваат отказ од работни места на неопределено работно време, како во приватен така и во јавен сектор и заминуваат незадоволни од системот. Со самото тоа, уплатите за задолжителните придонеси (во кои спаѓа и пензискиот придонес), ќе бележи пад заради намалување на бројот на осигурениците. А се разбира најважен момент за полнење на буџетот на Фондот е бројот на вработени, односно односот пензионер наспроти вработен кој, за жал, сега е 1:1,8“, вели поранешната директорка.

Иселувањето во државата, според просекот на Статистика, е 12.000 лица годишно.

Ексдиректорката на фондот, порачува дека власта треба да престане со популизмот и реално да ги согледа работите, а како една од мерките што, според неа, треба да ги направи и со тоа да се влијае и на пензискиот фонд е бескомпромисна борба со сивата економија. Штетите од нејзе, посочува Јовановска, се отсликуваат на јавните финансии, државниот буџет и на социјалните фондови.

Негативните трендови во демографските движења и проекциите за во иднина веќе му се познати Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ), а на нивното негативно влијае врз финансиската состојба предупредува и Државниот завод за ревизија (ДЗР) во својот последен извештај објавен во март годинава.

„Се очекува и подолгорочно гледано, финансиското работење на Фондот да продолжи да биде оптоварено со тековниот проблем на висок дефицит кој се покрива со трансфери од Буџетот на Република Северна Македонија“, забележуваат ревизорите во извештајот од март.

Во овој документ, се наведуваат и проценки за идните трендови кои ги направил Секторот за финансиски прашања во фондот, но ревизорите забележуваат дека поради неразвиената единица за актуарство во самиот фонд, не се направени ажурирања на очекуваните движења врз основа на резултатите од пописот во 2021-та.

Но и врз основа на неажурираните податоци, трендовите се негативни. На пример, анализите покажуваат дека ако бројот на работоспособно население од 15 до 64 години во 2015 година бил 70,5 отсто во 2030 ќе се намали на 65,9 отсто. Бројот на лица над 65 години, пак, од 12,5 проценти во 2015 ќе се зголеми на 18,2.

Врз основа на истите проекции, за соодносот пензионер – вработен, се посочува оти во 2021 година бил 1:1,74 – во земјава имало 328 570 пензионери, а бројот на осигуреници бил 572 303. Кон средината на овој век (2050-2060 година), се очекува изедначување 1:1, односно да има ист број на пензионери и на вработени.

Кога може да се очекува намалување на зависноста на пензискиот фонд од државниот буџет?

Ваквите неповолни позиции на Фондот го прават зависен од трансферите од државниот буџет. Сумата од речиси половина милион евра кои биле префрлени во 2021 за да се покријат расходите, во просек е иста во последните пет години.

За да се намалат ваквите буџетски трансфери ревизорите во последниот извештај предупредуваат дека надлежните институции треба да преземат „сеопфатни и координирани активности за носење законски решенија“.

Поранешната директорка на Фондот, Јовановска, пак, очекува зависноста од буџетот да ја има и во наредните десетина година кога граѓаните ќе почне да добиваат пензии и од приватните фондови.

„Сите осигуреници со први вработувања од 2003 година па наваму задолжително се членови на двостолбниот пензиски систем. Ваквата распределба значи дека некаде околу 2035 година осигурениците кои имаат осигурување и во приватните пензиски фондови ќе земаат пензија од две места: од ПИОМ и од приватните фондови. А колкави и какви би биле тие пензии треба да каже Министерството за труд и социјална политика“, вели Јовановска, која посочува и оти јавноста не знае за што и како се користат парите на осигурениците од страна на приватните фондови изминативе 20 години.

Кога во 2003 во земјава се воведе двостолбен пензиски систем, државата се обврза да ги покрива транзициските трошоци. За вработените по 2003 година, но и за оние претходно кои така избрале, Фондот една третина од придонесите треба да префрла на приватните фондови од вториот столб.

Власта ќе носи Национална развојна стратегија

Негативните демографски проекции кои предвидуваат дека во иднина ќе имаме повеќе возрасно население на сметка на младо и работоспособно, генерално прогнозираат и оти вкупното резидентно население во Северна Македонија од 1,8 милиони според пописот во 2021 година, во 2070 ќе се намали на речиси 1,2 милиони (според варијантата на среден фертилитет што ги опфаќа хипотезите за среден фертилитет, опаѓачки морталитет и променливи миграции).

Вкупно население на Република Северна Македонија во периодот 1971-2021 (пописи) и проекции за периодот 2022-2070, 15.12.2023 (Извор: ДЗС)
Вкупно население на Република Северна Македонија во периодот 1971-2021 (пописи) и проекции за периодот 2022-2070, 15.12.2023 (Извор: ДЗС)

За ниту една од варијантите, како што посочи и директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски, не значи дека е возможна туку тоа се прогнози за да се знае што не очекува како држава и оти главната порака е дека „треба да ги отвориме очите“.

Меѓутоа, како ваквите негативни проекции би се одразиле во иднина, дали Фондот би можел да го издржи товарот и што како држава преземаме, од Министерството за труд и социјална политика не одговорија на нашите прашање.

Од она што е познато е дека власта подготвува 20-годишна развојна стратегија која наскоро ќе оди на усвојување и во Собранието. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, откако ги слушна негативните демографски проекции рече дека решението е интегрирање на државата во Европската унија и економскиот јаз, како и јасна визија.

„Токму затоа ја креиравме Националната развојна стратегија која е заедничка резолуција, визија за тоа каде сакаме да бидеме сите ние заедно со развојот на нашата држава во следните 20 години. Нејзината реализација треба да ги надминува личните и партиски приоритети, затоа што Националната развојна стратегија ги исцртува јасно нашите национални интереси. Тие се јасно поделени во шест стратешки области, кои е лесно да се следат и унапредуваат. Националната развојна стратегија ја зема предвид демографијата како cross cutting планирање низ сите области, а во неа се веќе интегрирани и овие проекции на население“, рече Битиќи на 15 декември.

Проекциите кои ги направи Статистика за демографската слика во следните 50 години се под претпоставка дека во земјава и регионот нема да има војни, ќе има нормална и стабилна внатрешнополитичка состојба, ќе има економски развој и оти во првата половина од 2030-тите Северна Македонија ќе влезе во ЕУ.

Ова е втор пат да се направат вакви прогнози, откако претходните проекции Државниот завод ги направи во 1998 година.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG