Достапни линкови

Вести

Државјанин на Србија полесно ранет во Израел, останатите се добро

Улица во Тел Авив по нападот на палестинските милитанти на 7 октомври 2023 година.
Улица во Тел Авив по нападот на палестинските милитанти на 7 октомври 2023 година.

Еден државјанин на Србија е полесно ранет во Израел, а граѓаните на Србија кои се наоѓаат во таа земја се повикуваат целосно да ги почитуваат упатствата, изјави во неделата наутро, на 8 октомври, почесниот конзул на Србија во таа земја, Александар Николиќ.

Тој за Радио Телевизија Србија (РТС) изјави дека авионот на Ер Србија ЈУ817 бил подготвен да полета од Израел во недела наутро и дека е полн, а има уште неколку десетици граѓани на Србија, особено аџии, како и дека се подготвуваат нови летови за оние кои сакаат да заминат.

Николиќ рече дека во саботата бил првиот случај на повреда на српски државјанин, дека веднаш му била укажана помош во болница и дека веќе бил отпуштен во саботата вечерта, а останатите српски државјани се здрави и се добро.

„Неколку стотици наши граѓани се во Јужниот округ се веќе евакуирани и се уште се евакуираат од непосредна близина на линијата за одвојување. Она што може да биде полесно во наредниот период е што ги има се помалку и помалку отворени жаришта, односно борбени операции на терен“, рече Николиќ.

Според него, дополнителни летови на „Ер Србија“ се закажани за понеделник и вторник наутро.

По големиот напад на палестинските милитанти во Израел кој започна во саботата на 7 октомври, израелски воени авиони извршија напади врз цели на Хамас, кој владее со Појасот Газа.

Европската унија, САД и Израел го класифицираат Хамас како терористичка организација.

Досега, 313 лица се убиени во Газа во израелските напади од почетокот на борбите, соопшти во неделата Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас.

Според информациите, околу 2.000 Палестинци биле повредени.

Израелските власти соопштија дека во Израел најмалку 250 луѓе се убиени, а повеќе од 1.500 се ранети.

види ги сите денешни вести

Германски пар убиле бегалка од Украина за да и го украдат бебето

Илустрација, бебе родено во Украина
Илустрација, бебе родено во Украина

Германска двојка на 7 јануари призна дека убиле млада Украинка и нејзината мајка во март 2024 година за да и го украдат бебето. На првиот ден од судењето во Окружниот суд во Манхајм, двајцата обвинети признаа дека ја убиле 27-годишната Украинка и нејзината 51-годишна мајка.

„Се каам за се што направив“, рече мажот во изјавата што ја прочитаа адвокатите.

„Направив голема грешка,“ додаде неговата сопруга, јавува германската новинска агенција ДПА.

Според јавното обвинителство, парот чува четири деца, меѓу кои и еден нивниот син.

По претрпените голем број спонтани абортуси и неуспешниот третман за плодност, тие планирале да го киднапираат новородено девојче и да го исчуваат како своја ќерка.

„Навистина сакавме да имаме заедно ќерка, тоа беше најголемата желба на мојата сопруга“, изјави сопругот во судницата.

Двојката намерно ги таргетирала бегалците од руската инвазија на Украина, приклучувајќи се на група на социјалната платформа Телеграм нудејќи им на бегалците помош при превод на документи.

27-годишната Украинка со својата мајка и бебе биле сместени во кампот за бегалци во југозападниот германски град Вислох, кога стапила во контакт со парот.

На 6 март 2024 година, тие наводно им дале седативи на двете жени во ресторан по што мажот ги убиел двете жени со тап предмет на две одделни локации.

Според обвинението телото на бабата го фрлиле во езеро и го запалиле телото на мајката пред да тргнат дома со бебето.

Телото на 27-годишната жена следниот ден го открил случаен минувач на брегот на Рајна, а полицијата го уапсила парот по што го пронашле и бебето на 13 март.

Двојката оттогаш е во притвор, додека бебето се вратило во Украина под старателство на нејзината тетка, која е тужител во случајот.

За постапката се закажани вкупно девет судски дена, а пресудата се очекува да биде објавена на 21 февруари.

Силен земјотрес во Тибет, над 90 луѓе загинати

Оштетени куќи по земјотресот во село кај Шигатсе, 7 јануари 2024
Оштетени куќи по земјотресот во село кај Шигатсе, 7 јануари 2024

Најмалку 95 луѓе загинаа, а повеќе од 130 се повредени во силниот земјотрес што на 7 јануари го погоди хималајскиот регион на Тибет во југозападна Кина.

Според кинеските државни медиуми, многу згради се уништени. Уништени се над 1000 куќи, пренесе Би-би-си, наведувајќи дека се уште е рано да се процени конечниот број на жртви.

Според новинската агенција Ксинхуа, земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала го погоди северното подножје на Хималаите во близина на еден од најсветите градови на Тибет на 7 јануари, оштетувајќи ги зградите околу Шигатсе и принудувајќи ги луѓето на улиците во соседните Непал и Индија.

Земјотресот во 9:05 часот по локално време (02:05 часот по средноевропско време), a бил на длабочина од 10 километри, соопшти Кинескиот центар за земјотреси.

Шигатсе е седиште на Панчен Лама, една од најважните фигури на тибетскиот будизам, чиј духовен авторитет е само втор по Далај Лама.

Шест села се на пет километри од епицентарот, соопшти кинеската државна CCTV, без да даде дополнителни детали.

Земјотресот бил почувствуван и во Катманду, главниот град на соседен Непал, како и во делови од Индија.

Тибет, како и целиот југозападен дел на Кина, Непал и северна Индија, често се погодени од земјотреси предизвикани од судирот на индиската и евроазиската тектонска плоча.

Првото вето од Сиљановска Давкова за закон, владата најави корекции

Архивска фотографија Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги прими премиерот Христијан Мицкоски и членовите на новоизбраната Влада
Архивска фотографија Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги прими премиерот Христијан Мицкоски и членовите на новоизбраната Влада

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова стави вето, односно не го потпиша указот за Законот за заштита на децата кој беше изгласан во Собранието. Таа вели дека нејзината цел била да ги повика пратениците уште еднаш да ги разгледаат членовите 9 и 10 кои се однесуваат на издавање на двојазични лиценци за негувателки во градинки.

„Не сум јас пристрасната, туку партиите кои посегаат по квалификации. Јас само тргнав од еден ноторен уставен и правен факт дека најпрво во самиот закон има одредба во која се вели дека меѓу останатото начинот на полагањето и начинот на издавањето на лиценците се уредува со акти на министерот. Во членовите 9 и 10 има одредби што мислам дека треба парламентарниот состав да ги преобмисли, изјави Сиљановска Давкова.

Со овие два члена во законот се предвидува покрај македонскиот, во лиценците да стои и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните. Силјановска во своето објаснување вели дека дека спорните членови 9 и 10 од овој закон треба да се преиспитаат низ призма на аманданот пет од Уставот и постоечкиот Закон за употреба на јазиците, кој засега е оспорен во Уставниот суд.

По непотпишувањето на указот од страна на претседателката, од Владата информираа дека законот ќе се доработи и ќе се достави во Собранието во закониските рокови.

Ќе бидат корегирани и ќе бидат согласно Уставот и Законот за јазици и очекувам дека успешно ќе бидат усвоени. Мислам дека малку несмасно е тоа направено. Тоа е една формулација којашто ќе се надмине. Инаку се знае дека службен јазик на целата територија на државата е македонскиот јазик, но сите оние кои ќе побараат и на албански да биде формуларот за полагање, тоа сега ќе биде прецизно формулирано согласно Уставот и законите и ќе биде овозможено, изјави премиерот Христијан Мицкоски пред Соборниот храм во Скопје.

Опозициските партии го поздравија ветото на Сиљановска Давкова.

„Го поздравуваме непотпишувањето на Указот од страна на претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, со што се отвора можноста за повторно разгледување. Бараме од Владата да се повлече од намерата за измена на Законот,“ соопштија од СДСМ.

Тие го критикуваат и враќањето на процедурата за издавање лиценци од дигитална на хартиена форма.

„Ова отвора простор за злоупотреби, партизација и доделување на лиценци по партиски клуч, наместо транспарентен и објективен процес,“ се вели во соопштението.

СДСМ ја осуди и процедурата на носење на Законот, која според нив, била насилно туркана низ Собранието.

ОН: Над 900 луѓе лани биле егзекутирани во Иран

Архивска фотографија. Егзекуции со бесење во Иран
Архивска фотографија. Егзекуции со бесење во Иран

Над 900 луѓе, наводно, биле егзекутирани во Иран минатата година, вклучително и околу 40 во една недела во декември, изјави на 7 јануари високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк

„Длабоко вознемирувачки е тоа што повторно гледаме зголемување на бројот на луѓе подложени на смртна казна во Иран од година во година“, изјави Турк, додавајќи дека најмалку 90о луѓе наводно биле егзекутирани во 2024 година.

„Крајно време е Иран да го спречи овој зголемен бран на егзекуции“, додаде тој.

Иран користи смртна казна за големи кривични дела и злосторства како убиства, трговија со дрога, силување и сексуални напади.

Исламската република погубува повеќе луѓе годишно од која било друга земја, освен Кина, за која немаат конкретни податоци меѓународните организации за заштита на човекови права, вклучително и Амнести интернешенел.

Активистите за заштита на човекови права се повеќе се вознемирени поради порастот на бројот на луѓе кои се обесени во Иран.

Тие ги обвинуваат властите под врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи дека ја користат смртната казна како алатка за да влеат страв низ општеството, особено во периодот на националните протести 2022-2023 година.

Канцеларијата за права на ОН соопшти дека повеќето од минатогодишните егзекуции биле за прекршоци поврзани со дрога, но рече дека „исто така биле егзекутирани дисиденти и луѓе поврзани со протестите во 2022 година“.

Пораст на бројот на егзекутирани жени

Организацијата „Иран за човекови права“ (IHR), со седиште во Норвешка, која внимателно ги следи егзекуциите во Иран, во извештајот во понеделникот рече дека најмалку 31 жена биле егзекутирани во 2024 година.

„Ние се спротивставуваме на смртната казна под сите околности. Тоа е некомпатибилно со основното право на живот и го зголемува неприфатливиот ризик од егзекуција на невини луѓе“, рече Турк.

Високиот комесар на ОН Турк ги повика иранските власти да ги прекинат сите понатамошни егзекуции и да стават мораториум на употребата на смртната казна со цел конечно да ја укинат оваа казна.

Бразил им ги предаде на казахстанските истражители податоците од „црната кутија“

Бразиската форензичка лабораторија ги испрати резултатите до казахстанските власти од проверката на „црната кутија“ пронајдена во авионот на Азербејџанс ерлајнс од бразилско производство, кој се урна минатиот месец.

Лабораторијата во соопштение на 6 јануари соопшти дека го завршила процесот преземање на податоците од „црната кутија“ во пилотската кабина на авионот Ембраер и го предала материјалот на истражителите.

Казахстанските власти на 29 декември објавија дека снимачите (црната кутија) ги испратиле во Бразил поради обвинувањата на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев дека Русија се обидува да ја „прикрие“ причината за трагедијата.

Патничкиот авион на Азербејџан ерлајнс на 25 декември летал од главниот град на Азербејџан, Баку, за Грозни во руската област Чеченија, кога бил пренасочен и се урна во Казахстан, при што загинале 38 од 67 лица во авионот.

Казахстанското Министерство за транспорт соопшти дека комисијата задолжена за истрагата ги испратила рекордерите на летот до Центарот за истражување и спречување на аеронаутички несреќи во Бразил поради докази дека авионот бил погоден од руска противвоздушна одбранбена ракета пред да се урне во близина на Актау кој се наоѓа во западен Казахстан.


Алиев на 29 декември изјави дека во авионот било пукано по грешка додека се приближувал до Грозни. Тој, исто така, рече дека Русија не ја признала вината ниту му се извинила на Азербејџан, но наместо тоа, презентирала „апсурдни теории“ за удар на птица или експлозија на плинска боца во авионот.

Тие теории, рече Алиев, покажаа „дека руската страна сака да го прикрие прашањето“.

Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин му се извинил на Алиев, но не ја прифатил вината за авионската несреќа.

Во телефонскиот разговор со Алиев на 28 декември, Путин рече дека руската противвоздушна одбрана одбива наводен напад со украинско беспилотно летало врз Грозни кога авионот се обидувал да слета на тамошниот аеродром, се вели во соопштението на Кремљ.

Истражниот комитет на Русија отвори кривична истрага за можното прекршување на правилата за безбедност на летот, се вели во соопштението.

Молдавија ќе испорача гас на отцепените делови на Трансњестер

Moldova Gas Supply Crisis
Moldova Gas Supply Crisis

Молдавската влада на 6 јануари соопшти дека ќе обезбеди природен гас за 14 локалитети во отцепениот регион Трансдњестар, поддржан од Москва, бидејќи жителите таму страдаат низ бруталната зима откако руските резерви беа прекинати на Нова година.

Станува збор за населени места кои се веќе приклучени на молдавската мрежа. Прекинот беше резултат на одбивањето на Украина да го продолжи транзитниот договор со рускиот државен гасен гигант Газпром, бидејќи Киев и неговите западни партнери се обидуваат да ја лишат Москва од профитот, кој се користи за финансирање на војната во Украина.

Дури и пред прекинот на 1 јануари, Гаспром соопшти дека го прекинува снабдувањето со Молдавија поради спорот за долгот. Русија вели дека Молдавија и должи повеќе од 700 милиони долари. Кишињев тврди дека се работи за околу 9 милиони долари.

Трансњестар, отцепената територија на источниот брег на Днестар во Молдавија, има руски војници на своја почва и управува со тој регион со поддршка на Москва по војната што избувна со распадот на Советскиот Сојуз во раните 1990-ти.

Молдавските власти на 6 јануари објавија дека ќе повикаат руски дипломат по обвинувањата за влошување на ситуацијата во Трансњестар поради стравувањата од целосно прекин на електричната енергија во регионот.

Министерството за надворешни работи во Кишињев соопшти дека „силно ја демантира опасната дезинформација што ја шири амбасадата на Руската Федерација во Република Молдавија, која сака да ја оттргне одговорноста за кризата што ја создаде самата Москва“.

„Ние цврсто ги осудуваме овие лажни изјави, кои имаат за цел да го поделат молдавското општество и да го прикријат вистинското потекло на енергетската криза [во Трансдњестар]“, се вели на својата веб-страница.

Десетици илјади семејства веќе се без гас за загревање во сепаратистичката енклава, која се соочува со ниски температури. Луѓето беа принудени да горат дрва или да се греат со електрични греалки.

Слаб земјотрес почуствуван на 120 километри од Скопје

Земјотрес со јачина од 2,2 степени според Рихтеровата скала утрово бил регистриран Северна Македонија. Сеизмолошката опсерваторија известува дека епицентарот се наоѓа на 130 километри југоисточно од Скопје.

Според податоците од сеизмолошките станици инсталирани ширум територијата на земјата, земјотресот бил почувствуван во југоисточните делови на Македонија со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

Нема информации за причинета материјална штета или други последици од земјотресот.

Папата Франциско ја назначи првата жена Префект во Ватикан

Архивска фотографија Папата Франциско
Архивска фотографија Папата Франциско

Папата Франциско ја именуваше првата жена на чело на една од клучните канцеларии во Ватикан, назначувајќи ја италијанската калуѓерка Симона Брамбила за Префект (раководител) на одделот задолжен за сите верски редови на Католичката црква.

Иако жените претходно беа назначени на други позиции во канцелариите во Ватикан, досега ниту една жена не е назначена за Префект на Дикастерија (собрание) на Светата столица, централното раководно тело на Католичката црква.

59 годишната италијанската калуѓерка Симона Брамбила (59) на оваа позиција ќе го замени кардиналот Жоао Браз де Авиз, бразилски прелат кој ја водеше канцеларијата од 2011 година.

Сестра Брамбила ја извршуваше функцијата секретар на истата Дикастерија од 7 октомври 2023 година, а сега таа станува првата жена назначена за Префект на дикастеријата на Светата столица, пренесува новинската агенција Ватикан њуз (Vatican News).

Сестра Симона Брамбила има богато искуство, вклучително и мисионерско дело во Мозамбик. Пред да се приклучи на Институтот за мисионерски сестри Консолата, таа беше професионална медицинска сестра и беше на чело на институтот од 2011 до 2023 година.

Папата го назначи и шпанскиот кардинал Анџело Фернандез Артиме за „Проперфект“ на одделот.

Прес-службата на Ватикан соопшти дека Брамбила ќе го води одделот, но веднаш не даде детали за тоа како двајцата службеници ќе ги поделат должностите.

Меѓу другите назначувања, папата Франциско претходно именуваше жени на две позиции во канцеларијата за развој на Ватикан, канцеларијата за семеен живот и канцеларијата за медиуми.

Тој ја именуваше Барбара Јата за првата жена на чело на Музеите на Ватикан во 2016 година.

Временска прогноза- променливо облачно

Илустрација
Илустрација

Денеска не очекува променливо облачно време. По котлините утрово беше магливо со ниска облачност. Во овие делови студеното време ќе се задржи и преку ден. Се очекува во останатите делови од земјата да има сончеви периоди и да биде релативно топло време. Можно е да дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

Минималната температура ќе се движи во интервал од -2 до 5°C, а максималната од 7 до 15°C.

Најниска температура измерена утрово беше во Берово -3, додека највисока во Маврови Анови 4 степени. Највисока снежна покривка е забележана на Попова Шапка со висина од 43 сантиметри и 38 на Маврови Анови.

Австрискиот претседател го задолжи лидерот на екстремната десница да формира влада

Херберт Кикл, лидер на екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија
Херберт Кикл, лидер на екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија

Австрискиот претседател Александар Ван дер Белен изјави во понеделникот дека го задолжил лидерот на десничарската Партија на слободата (ФПО) Херберт Кикл да формира коалициска влада, откако не успеа обидот на центристите да формираат коалиција без ФПО.

„Го задолжив да започне преговори со конзервативната Народна партија за формирање влада“, рече Ван дер Белен во телевизиска изјава по средбата со Кикл.

Народната партија, единствениот потенцијален коалициски партнер на ФПО, веќе најави дека ќе се согласи на коалициски преговори со Кикл, пишува Ројтерс.

Во неделата, раководството на владејачката Австриска народна партија (ОВП) на вонреден состанок го избра поранешниот секретар Кристијан Штокер за привремен наследник на канцеларот Карл Нехамер, кој ја најави својата оставка еден ден претходно по неуспешните преговори за формирање нова влада без далечната право.

Нехамер за време и по изборната кампања рече дека неговата партија нема да соработува со лидерот на екстремната десница Кикл, бидејќи тој е премногу теоретичар на заговор и безбедносна закана за државата, но тој остана отворен за соработка со другите делови на ФПО. .

Екстремно десничарската партија на изборите во септември освои околу 29 отсто од гласовите, а анкетите покажуваат дека оттогаш нејзината популарност е зголемена и дека побегнала за десет процентни поени од ОВП и социјалдемократите.

ОВП и ФПО споделуваат слични ставови за различни прашања, особено во однос на миграцијата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG