Кога рускиот природен гас престана да тече низ западниот дел на Украина на 1 јануари, тоа беше крајот на една ера.
Беше удар и за Москва, покажувајќи како одлуката на претседателот Владимир Путин да води сеопфатна војна против својот сосед ја поткопа неговата способност да ги користи енергетските залихи како средство за влијание во Европа.
Но, не во Молдавија.
Русија настојува да го искористи прекинот, велат аналитичарите и официјалните лица, како дел од заедничките напори за ослабување на прозападната влада во малата нација, која е ставена во сендвич меѓу Украина и членката на Европската унија, Романија, и каде што Кремљ има за цел да ги врати влијанието и контролата.
По децении зависност од рускиот гас за греење на своите домови и како гориво за фабриките, Молдавија во последниве години ги диверзифицираше своите извори на енергија, делумно поттикната од целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година, што ја поттикна цела Европа да ги преиспита своите енергетски залихи.
Тоа значи дека прекинот, кој беше резултат на одбивањето на Украина да го продолжи транзитниот договор со рускиот државен гасен гигант Газпром, немаше големо влијание во поголемиот дел од земјата.
Четири дена по прекинот на протокот на гас, повеќето молдавски домаќинства се уште беа топли и осветлени.
Сликата е помрачна во Трансдњестар, отцепениот дел од територијата на левиот или источниот брег на реката Днестар, која има руски војници на своја територија и сама управува, со поддршка на Москва, уште кога Советскиот Сојуз се распадна.
Исклучувањето натера многу од 450.000 луѓе во регионот да носат повеќе облека, да вклучуваат електрични греалки и да се тресат од студ во своите домови.
Висок функционер во де-факто владата рече дека ова принудува на затворање на сите индустриски компании, освен оние за производство на храна, објави Ројтерс.
Поттикнување на незадоволство
Русија можеби се надева дека ќе ја искористи ситуацијата за да ја влоши тензијата меѓу владата на Молдавија и властите и обичните граѓани во Трансдњестар, а исто така ќе поттикне незадоволство поради зголемувањето на цените низ целата земја.
Надвор од отцепениот регион, Молдавија до неодамна добиваше 80 отсто од својата електрична енергија од Курчуган, електрана во Трансдњестар која се напојуваше со руски гас. Фабриката сега делумно користи јаглен од увоз. Се очекува Молдавија да започне да увезува повеќе електрична енергија од Романија оваа година, иако цените веројатно ќе бидат повисоки.
Русија би можела да испорача малку гас на Молдавија преку гасоводот Турски тек во Црното Море, со што ќе се олесни кризата во Трансдњестар и ќе се снабдува Курчуган. Молдавските власти, кои прогласија 60-дневна вонредна состојба кога стана јасно дека Гаспром ќе го запре протокот на гас на 1 јануари, наводно биле изненадени што Гаспром не се обидел да продолжи со испораките на Турски тек.
„Русите очигледно се во играта не само за да вршат притисок врз Украина, Европа и Молдавија. Туку, тие го ставија Трансдњестар на цедило, и ова навистина ги изненадува сите“, рече Вилијам Хил, поранешен американски амбасадор кој поминал години работејќи во Молдавија.
„Она што Русите му го направија на нивниот 30-годишен полномошник на левиот брег на реката Днестар, e значајно. Луѓето ќе се сеќаваат на ова. Смрзнувачка е таму“, додаде Хил.
Инвазијата врз Украина ги доведе де-факто властите во Трансдњестар поблиску до централната влада во Кишињев, главниот град на Молдавија. Игнорирањето што регионот го добива од Русија досега може потенцијално да тргне во спротивна насока, со забрзување на овој процес.
Но, Москва, исто така, работи напорно за да ја префрли вината на прозападната влада - и се чини дека раководството во Трансдњестар се согласува со тоа, отфрлајќи ги понудите за поддршка на Кишињев, како што се генератори, хуманитарна помош и основни медицински материјали.
„Руската државна пропаганда [почна] да шири пораки во кои се обвинуваат Молдавија и нејзината влада за ситуацијата и да прикажува апокалиптични сценарија за регионот неколку недели пред крајот на транзитот на гас“, вели Марија Голубева, поранешна членка на латвискиот парламент, која е соработник во Центарот за анализа на европски политики, тинк-тенк од Вашингтон.
Засилена пропаганда
Пропагандата се интензивираше околу 1 јануари, рече таа за РСЕ, додавајќи: „Верувам дека можеме да очекуваме оти ситуацијата ќе се влоши во следните неколку недели, бидејќи де-факто властите во Трансдњестар ги игнорираат предлозите на Молдавија за решенија“.
На 2 јануари, зборувајќи за испораките во Европа пошироко, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, без докази рече дека „одговорноста за прекинот на испораките на руски гас е целосно на Соединетите Држави и на марионетскиот режим на Киев“, како и на европските поддржувачи на Украина.
Исклучувањето доаѓа на неколку месеци до крајот на зимата и со политички тензии во Молдавија пред парламентарните избори што се очекуваат до есен.
Прозападната претседателка Маја Санду победи на реизборот во ноември, по кампањата обележана со владините обвинувања за агресивно руско мешање.
На референдумот за потенцијалната натамошна интеграција на Молдавија во Европската унија, победи про-ЕУ страната со мала разлика.
Кремљ очигледно ги набљудува парламентарните избори, рече Оана Попеску-Замфир, директорка на Центарот Глобал Фокус, тинк-тенк со седиште во Романија и соработник истражувач во Европскиот совет за надворешни односи.
Владејачката партија на Санду „не е толку добро поставена за ова како што беа за претседателските избори и референдумот за ЕУ, така што е доволно Русија да додаде малку притисок и тие всушност можат да ги турнат онаму каде што ќе ги изгубат изборите“, изјави таа за РСЕ во телефонско интервју.
Молдавија може однапред да купува гас и да го испорачува од европскиот пазар, но по „многу повисоки цени“ отколку што му плаќаше на Гаспром, рече Попеску-Замфир.
„Значи, претпоставувам дека руската стратегија е да ги натера да го трошат целиот свој буџет [на енергија] наместо да го трошат на што било поврзано со економскиот развој воопшто, да го трошат за да ја пребродат зимата. И тогаш како што се приближуваат изборите, тие ќе имаат уште повисока инфлација, дури и повисоки цени од сега, што е прилично многу“, додава таа.
Без доволна помош од Западот, рече Попеску-Замфир, „тоа е апсолутно стратегија што може да функционира“.
Во извештајот соработуваше Молдавскиот сервис на РСЕ.