Достапни линкови

Селмани - Граѓаните сакаат правна држава, а не соништа за големи држави


Селмани - Меѓуетничкиот концепт значи да правиме компромиси
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:48 0:00

Селмани - Меѓуетничкиот концепт значи да правиме компромиси

На граѓаните, Македонци и Албанци, поважни им е да живеат во правна држава, да имаат повисоки плати, подобар стандард, а не соништтата за големи држави, вели бизнисменот и поранешен претседателски кандидат Имер Селмани во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Албанците сметаат дека се уште не се рамноправни. Бараат да се укинат 20 те проценти што е според Уставот, односно да пишува албански јазик и народ. Македонците се жалат дека станале граѓани од втор ред во општини каде владеат партиите на етничките Албанци. Колку, според вас, се успеа да се интегрира општеството 22 години по Охридскиот договор?

После 22 години можеме слободно да кажеме дека имаме, не само солиден прогрес, туку имаме многу добар прогрес којшто може да се оцени со највисоки оценки, според сите параметри во делот во изградбата на државата, градењето на институциите во смисла на еден мултиетнички концепт кој беше со Охридскиот рамковен договор и потоа и со уставните измени. Секогаш постои еволуција. Ниту уставот на било која држава не е вечен, ниту законите се вечни, така што секогаш ќе има интенција за подобар напредок, за повеќе права. И Македонците имаат право да бараат повеќе права и Албанците имаат право секогаш да бараат повеќе права. Меѓутоа, кога живееме во една заедница тоа е исто како да живееш дома со деца и со сопруга и секогаш на крајот ќе бараш некој компромис. Така што и она што сега после 22 години имаме ситуација каде што еден добар дел од општеството е задоволен, меѓутоа имаме и незадоволни, дали се тоа индивидуи, поголем или помал процент, дали се тоа политичари, сепак е работа којшто ќе еволуира и понатаму и на крајот на денот кога сакаме да ја градиме државата и знаеме дека ова е наша заедничка држава, ќе дојдеме до одреден компромис со кој сите ќе бидеме задоволни. И Македонците коишто живеат во општини каде Албанците се во поголем процент, каде што имаме градоначалник Албанец, каде што имаме совет којшто е во мнозинство Албанци, сепак и тие имаат право за одредени незадоволства да го дигнат гласот и да бараат да се унапредат нивните права на локално ниво, како што и Албанците. Во најголем број Албанци денеска сметаат дека пред 22 години се знаеше дека се однесува на Албанците кога се потпишуваше Охридскиот рамковен договор за да се најде компромис. Меѓутоа, за да се најде некои компромис, во тоа време нели Охридскиот рамковен договор беше еден инструмент за запирање на воениот конфликт во тоа време, беше најдена формулацијата „20 проценти“ која што сите знаевме, и Македонците и Албанците, дека се однесува на Албанците. Сега, после 20 и кусур години, нормално е да се постави прашањето а зошто 20 проценти, кога тоа е формулација за тоа време и ги задоволувала тогашните околностите. Сега е време кога јасно треба да се каже на што се однесува 20 проценти. Така што и Албанците тука имаат право да си го постават легитимно на маса и да се бара решение.

Но, не се почитува закон за знамиња, државните симболи, химната, како што беше случај при посетата на косовскиот премиер Курти, недопирливост пред законот на функционери на ДУИ... Од друга страна Фудбалскиот клуб Тетекс се жали дека на градскиот стадион само Шкендија може да игра и тренира... Пропаѓа ли проектот „Едно општество за сите“?

Не, не може да пропаѓа затоа што едноставно ние имаме таква судбина, тука во нашата држава да живееме заедно. Некогаш ќе се чувствуваме комотно, некогаш помалку комотно, меѓутоа ние имаме таква судбина и ние мораме да најдеме начин како да живееме заедно. Законите треба да се почитуваат додека се на сила. Нешто што не чини треба, да се покрене иницијатива и да се смени. Затоа и на почетокот реков дека не е вечен ниту Уставот, ние после примените на одредбите од Охридскиот рамковен договор во самиот Устав и измената на Уставот, ние уште два-три пати сме го отвориле Уставот поради „икс“ потреби. Така што и Уставот може да смени и законите може да сменат ако сме со добра намера и ако е за цел да живееме поспокојно и подобро. Не знам за стадионот за Тетекс, но кога станува збор за протоколите, поготово кога се работи за високи позиции за високи делегации и гости, јас сум за секогаш да се почитува протоколот и да се почитуваат законите. Затоа што тие протоколи и закони ги донеле пратениците во Собранието, за тој закон и протокол гласале и пратениците Албанци и Македонци и нормално е тоа што го гласаме да го почитуваме, поготово што сепак тие закони за знамињата и други изворно се донесени согласно Охридскиот рамковен договор и тогашните измени на Уставот. Така што јас сметам дека за се што е пропуст треба јавно да се каже и истото да не се повтори, без оглед на тоа дали и колку Албанците се уште химната ја чувствуваат за своја, затоа што не се спомнуваат никаде таму и така натаму. Тука има дилема за која што секогаш во изминатите 20 и кусур години се разговарало. За знамето јас се сеќавам дека во 2007-2008 година Уставниот суд еднаш го укина Законот за знамињата, па потоа повторно во 2009 година беше донесен во времето на мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и мислам дека тој закон треба сите да го почитуваат.

Вие во 2009 како претседателски кандидат освоивте 40 илјади гласови на етнички Македонци. СДСМ во 2016 освои околу 50 илјади гласови на Албанците. Мислите дека тоа денеска е можно?

Тоа е можно, тоа е докажано дека е можно, само што од страна на политичарите треба да се даде соодветна, добра и искрена понуда. Во 2016 година на парламентарните избори СДСМ излезе со понуда за мултиетничка држава „едно општество за сите“. Прашање е колку тоа се реализираше до крај, меѓутоа понудата навистина беше супер солидна во смисла на мултиетничка Македонија онаква каква што ја имаме. Имаше кандидати за пратеници Албанци во редовите на СДСМ, така што во тој период тие гласачи Албанци едноставно детерминираа СДСМ и коалицијата во тоа време успее да се доближи до еден пратеник или два пратеници ако не се лажам до ВМРО-ДПМНЕ. Иако ВМРО-ДПМНЕ победи, со овие албански гласови – помалку или повеќе од 50.000 илјади, преведено во пратеници, тие се помеѓу 7 или 8 пратеници со кои успеа да се доближи до ВМРО-ДПМНЕ. 2009 година исто така беше добро, релаксирано време во смисла на меѓуетничка толеранција, во смисла на понуда којшто јас како претседателски кандидат ја дадов и успеав да ги посетам повеќето општини кои не беа мултиетнички, туку чисто етнички македонски од источна Македонија. Добив поддршка која што дотогаш не беше видена. Сето тоа значи дека нашиот граѓанин, нашиот гласач знае во одреден момент да процени и да даде глас, како што се вели во една заедница вкрстени гласови, односно гласови кои не се поврзани со етничкиот предзнак. Тоа е доволна гаранција дека и утре и задутре, која ќе биде вистинска и добра, која ќе гарантира, не само соживот и толеранција, туку и напредок, развој, економска благосостојба и полека затворање на сите помали етнички прашања кои се уште од време на време се поставуваат како теми, секако дека ќе добие поддршка и од Македонците и од Албанците, од Србите, Босанците и сите етнички заедници во државата.

Дали според Вас албанските партии на чии настани се вејат знамиња со Голема Албанија веруваат во тој проект, или тоа го прават надевајќи се на гласови со национализам?

Мислам дека тоа беше изолиран случај и иконографија кој, еве јас како етнички Албанец, не преставува некоја порака кон мене, затоа што секој свесен и совесен граѓанин, не само на Република Македонија, туку и на Косово и на Албанија, знае дека ние сме земја членка на НАТО. Албанија е земја членка на НАТО. НАТО е во Косово, така што границите се недопирливи. Ние сите се стремиме и се бориме секој ден, направивме многу компромиси за да влеземе во големото европско семејство, влеговме во НАТО. Албанија прави големи реформи за исто така да влезе во големото семејство во Европа. Така што нашиот сон, на сите проевропски ориентирани граѓани, а мнозинството и тука и во Албанија и во Косово се проевропски ориентирани, сонот е да живееме во Европа. Тоа е иконографија којашто не му прави голема услуга ниту на тој што ги веел (знамињата), ниту таму каде што се веело, ниту на останатите. Такви знамиња ние сме виделе во минатото. Некој ќе извади знаме на голема Македонија или на некоја стара Македонија, на голема Албанија или на голема Србија. Веќе нема големо, има само една голема Европа. Светот е глобализиран и секој совесен граѓанин знае дека ние само во голема Европа можеме да живееме и таму ќе живееме.

Вие имате контакти со граѓаните и Албанци и Македонци? Што ним им е побитно? Повисоки плати, подобар стандард, патишта, водоводи, правна држава или се уште некои живеат со соништата за големи држави?

Не. Правна држава, бидејќи мислам дека во момент кога веќе имаме заокружени безбедносни прашања, во смисла кога сме членка на НАТО, најголемата суштинска потреба на граѓаните е да се чувствуваат безбедно од правен аспект, да се чувствуваат рамноправни дека кога ќе се појават пред државната администрација со било кое барање, за мала или голема работа, дека ќе бидат третирани исто како секој друг граѓанин, без разлика на кој социјален слој припаѓа, без разлика дали е политичар, бизнисмен или обичен работник, или кога ќе се појави на суд, во обвинителство или во полиција. Мислам дека насушна потреба на граѓаните денеска им е да се чувствуваат дека правно не се дискриминирани, тоа е првата работа – правна сигурност. Втората работа секако е подобар и поголем животен стандард. Се движиме во таа насока и денеска веќе не се поставува прашањето дали можеш да најдеш работа, денеска се бира работа.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG