Достапни линкови

По посетата на Курти: Реакции, обвинувања и осуди


Знаме со карта на „Голема Албанија“ на концертот по повод посетата на Албин Курти на Тетово
Знаме со карта на „Голема Албанија“ на концертот по повод посетата на Албин Курти на Тетово

На истакнувањето на знамето на Голема Албанија на концертот по повод приватната посета на косовскиот премиер на Чаир и Тетово, преименување на улица во Скопје во Адем Демачи, и самата посета на Курти предизвикаа бурни рекации во јавноста и обвинувања до Владата

Посетата на косовскиот премиер Албин Курти на општините Тетово и Чаир, предизвикаа голем број реакции во јавноста. Опозицијата и дел од експертите вината ја лоцираа и кај Владата, која образложуваше дека се работи за приватна посета.

Курти беше во Северна Македонија и се сретна со дел од лидерите на опозициските партии на Албанците. Средби со официјални државни претставници немаше, ниту беа најавени. Дел од аналитичарите и дел од политичарите оваа посета ја протолкуваа како поддршка на „албанската опозиција во Северна Македонија“. По повод посетата, беа организирани неколку граѓански собири, како и концерт во Тетово, во организација на Општината. По концертот, тетовскиот градоначалник на Фејсбук објави фотографии со развеано знаме со картата на т.н. Голема Албанија, а во општина Чаир улицата Втора македонска ударна бригада беше преименувана во Адем Демачи. По ова следуваа бројни реакции, осуди, барања да се казнат организаторите и објаснувања.

Кабинет на Пендаровски: Разгорување на етничка омраза

Утрово од Кабинетот на претседателот на државата објавија соопштение во кое истакнувањето на „националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи“ го оценуваат како „разгорување на етничка омраза“.

„Истакнувањето на провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост со што недвосмислено се напаѓаат основните принципи и вредности на Рамковниот договор како и концептот на Северна Македонија како мултиетничка држава. Организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир мора да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата. Во таа насока ги повикувам надлежните органи во најкус можен рок да ги завршат пропишаните постапки. Начинот на реализација на идејата за преименувањето на улицата во општината Чаир е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата. Во таа смисла, очекувам надлежните инспекциски служби да проверат дали при носењето на одлуката е почитуван принципот на двојно мнозинство, кој треба да ги вклучува и гласовите на заедниците кои не се во мнозинство во таа општина“, се вели во реакцијата на Кабинетот на Пендаровски.

ВМРО-ДПМНЕ: Ако Курти бил во приватна посета, кој му овозможил обезбедување?

„СДС се прават дека ништо не знаат, за ништо не се виновни, како за промената на имиња на улици, така и за посетата на косовскиот премиер Албин Курти. Без никаква поврзаност со историјата на државата, ниту пак некаква поврзаност со Скопје има Демачи, напротив тој е познат по националистичките сфаќања за туѓи држави. Бидејќи од ДУИ и СДС исто така не знаеле дека во посета на државата доаѓа косовскиот премиер, тогаш кој дал дозвола за негово полициско обезбедување? Дали доколку Албин Курти бил на приватна посета во Македонија му следи целосно обезбедување од МВР?“, стои во денешната реакција на ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера за посетата на Курти и за иконографијата на собирите во негова чест прв реагираше кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. Тој побара „надлежните да постапат согласно овластувањата и превземат постапки против одговорните и сторителите, а надлежниот суд истите да ги санкционира доколку сеуште оваа власт има супрематија“.

СДСМ: Настаните ги организираа неформалните коалиционери на Мицкоски

Од владејачкиот СДСМ реагираа на објавите од ВМРО-ДПМНЕ и побараа од опозицискиот лидер Христијан Мицкоски да одговори за настаните во Скопје и Тетово за време на посетата на косовскиот премиер Албин Курти.

Социјалдемократите бараат „Христијан Мицкоски да не се крие, да излезе пред јавноста и да одговори за настаните кои беа во организација на неформалните коалициски партнери на Мицкоски и ДПМНЕ“, алудирајќи на тетовскиот градоначалник Билал Касами и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Објаснување и осуда од Кабинетот на премиерот Ковачевски

Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски вчера попладне објави соопштение по повод реакциите во јавноста за посетата на косовскиот премиер во кој истакнува дека „оваа посета на Албин Курти е приватна посета, и за деталите од поканата, протоколот и организација на посочениот настан Ве молиме да се обратите кај организаторот“.

За истакнувањето знамиња кои не се државни, како што беше она со картата на т.н. Голема Албанија во публиката на концертот во Тетово, од Кабинетот на премиерот велат дека е спротивно на протоколите и законите за организирање настани во присуство на државници од странски земји.

„Ве информираме дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот. Од Кабинетот на премиерот во текот на денот е исконтактиран амбасадорот на Косово во Северна Македонија, во врска со споменатата иконографија користена при приватната посета на косовскиот премиер на земјата“, се наведува во соопштението.

Кабинетот на премиерот Ковачевски посочува и тоа дека не се согласува со преименување на улица која го носи името на херојската Втора Македонска Бригада и дека „локалната самоуправа требало изминатиот период поревносно да си ја врши својата работа и досега да изгради нова улица која ќе ја именува согласно законските процедури“.
XS
SM
MD
LG