Достапни линкови

Вести

Власта објави Манифест за преговорите со ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ реагира - пропуштена шанса за консензус

Илустрација, Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на СДСМ Димитар Ковачевски и на ДУИ Али Ахмети
Илустрација, Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на СДСМ Димитар Ковачевски и на ДУИ Али Ахмети

Политичките партии во владина коалиција предводена од СДСМ и ДУИ, предложија потпишување на заеднички Манифест преку кој, како што велат, ќе се даде поддршка за водење преговори за полноправно членство во ЕУ. Со Манифестот се повикува на обединување на сите политички партии, во контекст на поддршката за уставните измени со кои Бугарите и пет други народи треба да се вметнат во Преамбулата.

„Собранието да ги усвои уставните измени за автоматско и безусловно одржување на втората Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, без дополнителни одлуки од страна на земјите членки“, се вели во Манифестот.

На власта и треба двотретинско мнозинство односно 80 гласа, кое засега во 120- члениот Парламент го нема.

„Ја реафирмираме нашата позиција дека клучен државен интерес на Република Северна Македонија е што поквалитетно завршување на преговарачкиот процес и оттаму што побрз влез во полноправно членство во Европската Унија. Поаѓајќи од изразената намера Северна Македонија да ја достигне подготвеноста за полноправно членство во 2030 година, ние, политичките партии претставени во Собранието со своето делување се обврзуваме пристапните преговори да завршат под најповолните остварливи услови и во најкраток можен временски рок, потполно свесни за обврските кои произлегуваат од членството во ЕУ“, се вели во Манифестот за кој владејачките партии бараат поддршка од опозицијата.

Во него е посочено дека Собранието ја задолжува Владата преку државната делегација за преговори со ЕУ доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија.

„Во текот на преговорите за пристапување се до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка“, пишува во Манифестот.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека со овој Манифест власта уште еднаш ја испушта можноста за консензус.

„Имено, седнале Бујар Османи, Артан Груби и можеби Бојан Маричиќ, напишале документ кој го насловиле манифест и откако самите го дефинирале го пуштаат во форма на соопштение преку сервисната служба на СДС до јавност со повик ВМРО-ДПМНЕ да прифати веќе напишан документ. Освен тоа што со овој чекор тие признаваат дека не мрднале ниту милиметар во насока на остварување на стратешките интереси на државата, тие покажуваат и отсуство на целосен капацитет за градење на консензус. ВМРО-ДПМНЕ, откако официјално ќе го добие тој документ, ако воопшто има основа за разгледување, ќе го изанализира и ќе излезе со свој став“, изјави портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски .

Овој документ доаѓа десет дена пред собраниската седница на која на дневен ред е потребата од промена на Уставот. Седницата е закажано за 18 август. Уставните измени влегоа во собраниска процедура, откако на 18 јули поминаа на владина седница. Процесот во Собранието започна точно една година од одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската унија (ЕУ).

види ги сите денешни вести

Георгиев до Муцунски: Невозможно е репреговарање на договори зад кои стои ЕУ

министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев,
министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев,

Добрососедските односи се хоризонтален критериум во процесот на евроинтеграциите и без нив не е можно да се постигне членство во ЕУ. Тоа бара доверба, отворен дијалог, предвидливост и исполнување на обврските, му посочил шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев на македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на средбата во Минхен, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.

„Вклучувањето на Бугарите, рамноправно со другите народи, во Уставот на Република Северна Македонија е само првиот чекор, чија реализација ќе му овозможи на Скопје да ги започне преговорите за членство. Георгиев беше категоричен дека не е можно повторно преговарање или заобиколување на постигнатите договори зад кои стои цела ЕУ“, соопшти бугарското МНР.

Според македонското Министерство за надворешни работи, на средбата се зборувало за билатералните разлики, блокадата на европскиот пат на државата од страна на Бугарија и положбата на македонското малцинство во Бугарија.

Според соопштението на бугарското министерство за надворешни работи, ставот на Бугарија во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија е јасен и конзистентен, односно дека европскиот компромис од 2022 година вклучува низа мерки кои чекаат на целосно спроведување, а тоа е единствениот пат кон напредок.

Македонското Министерство соопшти дека Муцунски на средбата изразил жалење што, наместо развој на добрососедската политика, односите меѓу двете земји остануваат оптоварени со билатерални спорови, кои, како што е наведено во соопштението, станаа непринципиелна пречка на македонскиот евроинтеграциски процес.

„Притоа, сите отворени прашања треба да се решаваат одговорно, преку дијалог и со заемна почит и разбирање, бидејќи добрососедските односи, покрај другото, подразбираат и поддршка за европските интеграции како стратешка определба на државата“, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Во него е наведено дека Министерот Муцунски на средбата го отворил и прашањето за почитување на правата и слободите на припадниците на македонското малцинство во Бугарија и ја нагласил потребата од спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Ова е прва средба на двајцата министери за надворешни работи откако во Бугарија е избрана нова политичка Влада. Откако на 16 јануари беше избрана новата Влада во Бугарија, македонското прашање не се спомна во јавноста, освен во една прилика при средбата на новиот премиер Росен Жељазков по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Инаку, македонско–бугарските односи се нарушени по бугарско вето за старт на преговорите на Северна Македонија за влез во ЕУ, а двете земји во 2022 со усвојување на францускиот предлог се согласија Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ откако ќе го измени Уставот и ќе ги вметне Бугарите во Преамбулата.

Македонската Влада бара од гаранција од западните партнери дека нема да следуваат нови услови во текот на преговорите од Бугарија. Премиерот Христијан Мицкоски бара одложено дејство на уставните измени со кои бугарската заедница би влегла во македонската Преамбула на уставот. Тоа значи дека бара, примената на уставните измени да стапи во сила, откако земјава ќе ги заврши преговорите со Европската Унија.

Втора жена на раководна функција во Ватикан

Илустрација
Илустрација

Втора жена по ред е назначена за висока менаџерска функција во Ватикан. Станува збор за сестра Рафаела Петрини, италијанска калуѓерка, која на 15 февруари е именувана за претседател на државата Ватикан, што ја прави во суштина гувернер на територијата од 44 хектари (108 хектари) во Рим, кој е дом на Католичката црква.

56 годишната Петрини претходно беше генерален секретар на администрацијата на Ватикан, која меѓу другото е одговорна за инфраструктурата на градската држава и за музеите на Ватикан, главен извор на приходи за Светата столица. Таа на новата челна позиција ќе се премести откако на 1-ви март ќе се пензионира кардиналот Фернандо Вергез Алзага, кој тој ден полни 80 години.

Ватикан официјално го објави терминот во саботата додека папата беше хоспитализиран поради инфекција на респираторниот тракт.


Минатиот месец, Папата Френсис ја именуваше првата жена на чело на голема канцеларија на Светата столица, назначувајќи ја италијанска калуѓерка, сестра Симона Брамбила, да стане префект на одделот одговорен за сите верски наредби на Католичката црква.

Додека жените се именувани на бројни позиции во некои канцеларии во Ватикан, никогаш досега не биле именувани на главните работни места на Светата столица Курија или државната администрација на градот Ватикан.

Папата Френсис ја поддржа забраната за женски свештеници и ги намали надежите дека жените би можеле да бидат ракоположени за ѓакони. Но, забележано е значително зголемување на процентот на жени кои работат во Ватикан за време на неговото папство, вклучително и на лидерски позиции, од 19,3% во 2013 година на 23,4% денес, според статистичките податоци што ги објави информативната агенција Ватикан вести.

Бројот на повредени по нападот во Минхен се искачи на 39

Неколку повредени откако автомобил влета во толпа луѓе во Минхен
Неколку повредени откако автомобил влета во толпа луѓе во Минхен

По нападот на синдикалниот собир во јужниот германски град Минхен, бројот на повредени сега достигна најмалку 39, покажуваат најновите податоци на Федералното обвинителство и полицијата.

Според нивните податоци, нови жртви со повреди биле пријавени во петокот наутро.

Претходно имаше недоразбирање околу бројот на жртвите, откако беше објавена бројката од 36 повредени заедно со обвинението за 39 обиди за убиства.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој е во градот на Конференцијата за безбедност во Минхен, се очекува да го посети местото каде што 24-годишен маж намерно удри со својот автомобил во луѓето кои беа дел од собирот.

Осомничен за инциденот е Авганистанец кој признал дека намерно влетал со автомобил меѓу демонстрантите во Минхен, а властите утврдиле дека злосторството имало исламистичка позадина, соопшти денеска (14 феврауари) германското обвинителство.

Напаѓачот е идентификуван како Фархад Н., 24-годишен Авганистанец кој дошол во Германија во 2016 година за да побара азил.

Како што пренесува германски „Билд“, тој е роден во 2001 година во Кабул, Авганистан, а од неодамна живее во областа Лаим во Минхен.

Ослободени тројца израелски заложници во Газа, во замена Израел ослободува 369 Палестинци

Илустрација
Илустрација

Хамас ослободи тројца израелските заложници на 15 февруари, а Израел ослободи околу 369 палестински затвореници и притвореници во замена. Оваа размена настана откако посредниците помогнаа да се избегне колапс на кревкиот прекин на огнот.

Тројцата Израелци беа изведени на бина со палестински милитанти на Хамас вооружени со автоматски пушки кои стоеја на секоја страна од нив на местото во Кан Јунис, се гледа од видео снимките пренесувани во живо, пред тие да бидат предадени на израелските сили.

Набргу потоа, автобуси со ослободени палестински затвореници и затвореници тргнаа од израелскиот затвор Офер на Западниот Брег, окупиран од Израел. Првиот автобус пристигна во Рамала пред навивачката толпа, некои вееја палестински знамиња.

„Не очекувавме да бидеме ослободени, но Господ е голем, Бог не ослободи“, рече Муса Наварва (70) од градот Витлеем на Западниот Брег, кој отслужуваше две доживотни затворски казни за убиства на израелски војници на Западниот Брег.

Автобуси со некои од стотиците ослободени палестински затвореници и затвореници, пристигнале подоцна во Европската болница во Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.

Некои од Палестинците служеа долги затворски казни за вмешаност во самоубиствени бомбашки напади и други напади во кои загинаа десетици Израелци за време на вториот палестински бунт во 2000 година. Други беа затворени за убиство на израелски војници на окупираниот Западен Брег, јавува новинската агенција Ројтерс.


Втората фаза на прекинот на огнот треба да ги започне преговорите за враќање на преостанатите живи заложници кои беа заробени во неколкумесечниот конфликт.

Замената на тројцата Израелци за 369-те Палестинци ја намали зголемената тревога дека договорот за прекин на огнот би можел да се распадне пред крајот на 42-дневната прва фаза од пактот за примирје што е на сила од 19 јануари.

На плоштадот на заложниците во Тел Авив, луѓето извираа и плачеа откако слушнаа дека Црвениот крст е на пат да им ги предаде тројцата на израелските воени сили.

Досега се ослободени 19 израелски и пет тајландски заложници, а 73 се уште се во заробеништво, од кои околу половина беа прогласени за мртви во отсуство од страна на израелските власти.

Нема договор за ретките минерали по американско-украинските разговори во Минхен

Американско-украински разговори на Минхенската безбедносна конференција
Американско-украински разговори на Минхенската безбедносна конференција

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одби да потпише договор со кој на САД би им се доделиле 50 отсто од сите идни резерви на ретки метали во Украина, јавуваат новинските агенции по состанокот меѓу Зеленски и американските лидери на Минхенската безбедносна конференција на 14 февруари.

Зеленски „учтиво одби“ кога членовите на американскиот Конгрес го предложија договорот, објави Вашингтон пост.

Зеленски и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на конференцијата разговараше и за договорот за минералите, но нивната средба заврши без детали за разговорите околу таа тема.

„Нашите тимови ќе продолжат да работат на документот. Подготвени сме да се движиме што е можно побрзо кон вистински и гарантиран мир. Длабоко ја цениме решителноста на претседателот (Доналд) Трамп, кој може да помогне да се запре војната и да се обезбедат правда и безбедносни гаранции за Украина“, напиша Зеленски на социјалната платформа Х.


Трамп минатата недела рече дека сака Украина да ги снабдува САД со минерали од ретки земји како начин на плаќање за американската финансиска поддршка.

„Сакаме да склучиме договор со Украина каде што тие ќе го обезбедат она што им го даваме со нивните ретки метали и други работи“, рече Трамп на 3 февруари во Белата куќа, зборувајќи за тоа како неговата администрација има намера да го исполни своето предизборно ветување за брзо завршување на војната во Украина.

Десетици ретки минерали се сметаат за клучни за американската економија и националната одбрана, а Украина има големи резерви на многу од нив.

Зеленски на 4 февруари рече дека Украина ќе биде „отворена за фактот дека сето ова може да го развиваме заедно, заедно со нашите партнери кои можат да ни помогнат да ги заштитиме нашите земји“.

На нивниот состанок во Минхен, Украина ѝ даде на американската делегација ревидиран договор за ретките метали поради загриженоста во Киев за американската верзија на договорот што и беше претставен на Украина на 12 февруари.

Според Украина, со ревидиран нацрт-договор може да ги отвори своите огромни ресурси на клучни минерали за американските инвестиции.

Двајца членови на украинската делегација изјавија за Ројтерс дека „некои детали“ допрва треба да се разработат. Веднаш не беше јасно кои се клучните проблеми.

Американската верзија на нацртот беше претставена од министерот за финансии Скот Бесент, кој отпатува за Киев претходно оваа недела со цел да се постигне договор во Минхен.

Кабинетот на Зеленски по разговорите соопшти дека Украина и САД „се договориле да продолжат да работат на развивање документ за економска соработка меѓу двете земји“.

Во соопштението, исто така, се повторува барањето на Украина за „вистински безбедносни гаранции“.

Петмина приведени и тројца во бегство, осомничени за убиството во Чаир

Илистрација - полициска СТОП лента
Илистрација - полициска СТОП лента

Осумина се осомничени за вооружената престрелка во скопската населба Чаир која се случи ноќта меѓи 10 и 11 феврувари, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје. Истрага е отворена за шест осомничени за учество во дејствија на кривични дела- убиство и обид за убиство. Дополнитени други двајца се осомничени соучество односно помагање по извршување на кривичното дело.

Според Обвинителството, тие вечерта по пукањето ги сокриле двата пиштоли, помагајќи на дел од осомничените да не бидат откриени.

На престрелката и преходела кавга поради сообраќајно недоразбирање кај поликлиника Чаир. При респравијата првоосмничениот 28-годишник извадил пиштол и го убил Хебиб Буњаку, при што со пукањето го довел во опасност животот на уште еден човек.

„ Уште петмина осомничени исто така директно учествувале во престрелката, возвраќајки со дејствија на помагање и соизвршителство во убиство и обид за убиство“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Обвинителот побарал од Кривичниот суд да им изрече затворски притвор на четворица од осомничените и за еден куќен притвор, додека останатите тројца се во бегство.

Мицкоски на средба со претседавачот на Минхенската безбедносна конференција Хојзген

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на средба со претседавачот на Минхенската безбедносна конференција, Кристоф Хојзген
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на средба со претседавачот на Минхенската безбедносна конференција, Кристоф Хојзген

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска во Минхен имаше состанок со Кристоф Хојзген, претседавач со Минхенска безбедносна конференција. Главна тема на средбата биле актуелните безбедносни предизвици во Европа и регионот и можностите за зајакнување на меѓународната соработка во доменот на безбедноста и стабилноста, информираат од владината прес служба.

Како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски ја истакнал заложбата за унапредување на стратешкото партнерство со сојузниците од НАТО и потребата за напредок на патот кон Европската унија, како и за активната улога на земјата во регионалната безбедносна архитектура.


Тој нагласил дека стабилноста на Западен Балкан е клучна за европската безбедност и ќе продолжи да работи на продлабочување на билатералните и мултилатералните односи во оваа област.

Според владиното соопштение, и двете страни се согласиле дека соработката е клучна за справување со глобалните предизвици и дека иднината на регионот е во одржлив развој, економски просперитет и сигурност за сите граѓани.

Претходно Мицковски на маргините на Минхенската конференција се сретна и со неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ.

Иран: Добивме „пораки“ од новата сириска влада

Илустрација, Иранците гласаат во иранскиот конзулат во северниот сириски град Алепо на 28 јуни 2024 година, за претседателските избори во Исламската република на 28 јуни 2024 година.
Илустрација, Иранците гласаат во иранскиот конзулат во северниот сириски град Алепо на 28 јуни 2024 година, за претседателските избори во Исламската република на 28 јуни 2024 година.

Иран на 15 февруари потврди дека примил пораки од новата влада во Дамаск по соборувањето на својот долгогодишен сириски сојузник, поранешниот претседател Башар ал Асад.

„Исламската Република Иран е индиректно во контакт со Дамаск“, изјави специјалниот пратеник на Техеран за сириски прашања Мохамад Реза Рауф Шеибани, кој беше цитиран од државната новинска агенција ИРНА.

Дипломатот рече дека Иран „примил пораки“ и од Сирија, но не прецизираше која земја посредник ја олеснува комуникацијата.

Шеибани одговараше на прашање во врска со неодамнешните коментари на сирискиот министер за надворешни работи, Асаад ал-Шаибани, во врска со комуникациите со Иран, јавува ИРНА.

„Нашето гледиште за случувањата во Сирија и обновувањето на односите со Дамаск е напредно“, рече Шеибани, нагласувајќи дека Иран „промислено“ ја следи ситуацијата таму.


Иран, кој беше верен сојузник на режимот на Башар Ал Асад, ја евакуираше својата дипломатска мисија во Сирија во декември кога бунтовничките сили, предводени од сегашниот привремен претседател Ахмед ал Шара, ја соборија владата.

Шеибани во декември рече дека Сирија „не може да продолжи без односите со важна регионална земја како Иран“.

Тој додаде дека врските меѓу Дамаск и Техеран „мора да се засноваат на почитување на суверенитетот на двете земји и немешање во работите на двете земји“.

Иран му пружи помош на Асад за време на граѓанската војна во Сирија, помагајќи му да ја врати контролата врз делови од земјата.

Шеибани, кој претходно беше амбасадор на Иран во Сирија, го повтори ставот на Техеран дека „иднината и судбината“ на Сирија мора да ја одредат само Сиријците.

„Стабилноста и мирот на Сирија се од особено значење за нас и ние сме против какво било странско мешање во работите на оваа земја“, рече тој.

Поранешниот сириски претседател Башар Ал Асад ја напушти земјата на 8 декември, откако организација Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) – прогласена од САД за терористичка, ја собори владата. Тој доби политички политички азил во Русија од страна на претседателот Владимир Путин.

Српскиот премиер во оставка ги покани демонстрантите на разговор

Пораки за добредојде на студентите кои доаѓаат во Крагуевац пеш и на велосипеди
Пораки за добредојде на студентите кои доаѓаат во Крагуевац пеш и на велосипеди

Српскиот премиер во заминување Милош Вучевиќ денеска ги повика студентите кои се излезени на блокадите, професорите, деканите, ректорите, да одредат свои претставници и да седнат на разговори со Владата, со претседателот на државата, истакнувајќи дека имаат „апсолутно отворена покана“ да го сторат тоа кога сакаат и на која било тема.

„Ние сме подготвени. Невозможно е да се најде друг пат кој би не одвел до државно решение, до решение кое би било суштински прифатливо за граѓаните. Сигурен сум дека ќе надвладее разумот, одговорноста, дека и двајцата, третиот, ќе бидеме доволно рационални да ја разбереме улогата што ја имаме во општеството и одговорноста кон граѓаните, без разлика дали се претставници на власта или студенти, професори, декани, ректори“, изјави Вучевиќ на 15 февруари за Радио телевизија на Србија (РТС).

Студентите кои го блокираа Универзитетот во Крагуевац организираат протест на 15 февруари и, како што најавија, 15-часовна блокада на булеварот Лепенички во тој град на државен празник.

Ова е втор пат од почетокот на студентските протести на 26 ноември, некои академици да шетаат низ Србија за да им се придружат на колегите на демонстрациите во друг град.

Претходно, група студенти на белградскиот универзитет пешачеа два дена до Нови Сад за да учествуваат на протестите во тој град на 1-ви февруари.

Блокадата во центарот на Крагуевац влезе во третиот час. Како што јавуваат новинарите на РСЕ од местото на настанот, блокирани се улиците и плоштадите околу булеварот Лепенички. Тие имаат поставени штандови за храна и пијалоци за учесниците на собирот.

Многу кафулиња во Крагуевац денеска нудат бесплатно кафе и чај, јавува репортерот на РСЕ. На собирот доаѓаат граѓани од повеќе градови во Србија.

Демонстрациите во Крагуевац се еден од серијата протести во градовите низ Србија. Нив ги предводат студенти кои блокираат повеќе од 60 факултети во четири универзитетски градови.

Студентите бараат кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица при уривање на настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, неколку месеци откако станицата беше официјално отворена по тригодишната реконструкција.

Тие бараат и одговорните за нападите врз нив и врз другите граѓани за време на протестите и акциите во чест на жртвите да бидат кривично гонети.

Судот одреди притвор за велешанка која истепала 13 годишно девојче

Илустрација
Илустрација

Велешкото обвинителството поведе постапка против 24-годишна велешанка која во изминатите неколку дена извршила повеќе кривични дела меѓу кои истепала дете и се заканувала на својот татко дека ќе го убие. Според Обвинителствто таа е осомничена за „ загрозување на сигурноста“, „насилство врз дете “ и „предизвикување општа опасност“.

Девојката на 19 феврувари при вршење семејно насилство му се заканила на својот татко дека ќе го убие.

“Влегла во неговиот дом кршејќи ја вратата, па кога не го нашла, се упатила кон автобуското стојалиште каде го затекнала оштетениот и му упатила отворени закани со намера да го вознемири и да го заплаши“, се вели во соопштението на Обвинителството.


Два дена подоцна, осомничената извршила физичко насилство врз дете 13 годишно девојче, со тоа што по куса расправија детето го удрила со нога во стомакот.

„Нешто подоцна истиот ден се појавила пред домот на оштетените со стап во раката и им се заканила на девојчето и нејзината мајка дека ќе ги убие, со што кај нив предизвикала чувство на несигурност, загрозување и страв“, соопшти Обвинителството.

Во петокот, осомничената го забележала девојчето во дворот на семејната куќа и започнала да фрла камења кон малолетничката.

„Девојчето побегнало, а осомничената продолжила да фрла камења кон паркинг простор каде имало паркирани возила и ученици кои чекале превоз. На тој начин предизвикала значителна опасност за животот и телото на присутните и оштетила два автомобила“, се вели во соопштението.

По бараање на Обвинителот, судот одредил притвор за осомничената, поради ризик да побегне или да ги повртои кривичните дела.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG