Достапни линкови

Собранието ја отвори вратата за уставни измени


Седница на Собраниска комисија за уставни прашања на која се разговара за владиниот предлог за вметнување на Бугарите во Преамбулата
Седница на Собраниска комисија за уставни прашања на која се разговара за владиниот предлог за вметнување на Бугарите во Преамбулата

Собраниската комисија за уставни прашања го отвори патот за менување на Уставот со внесување на Бугарите во Преамбулата. На потег е Владата која до Собранието треба да испрати амандмани за Уставот. Опозицијата на првиот ден од дебатата се откажа натамошна расправа затоа што е против измените.

Патот за внесување на Бугарите и пет други народи во Преамбулата на Уставот е отворен. Пратениците со 10 наспроти 7 гласа во собраниската комисија за уставни измени го прифатија владиниот предлог за отворање на Уставот. Против гласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ги осудија на пропаст уставните измени кои се услов за отворање на кластерите од преговорите со Европската Унија (ЕУ).

Според владиниот предлог, во Уставот покрај Бугарите ќе влезат и хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ.

Претходно во двочасовните говори во комисијата, пратениците се поделија меѓу себе на победници и губитници. Ставете ги уставните измени на Пленарна седница и да завршиме со оваа тема, па да одиме на избори, побара опозицијата. Со меѓусебни префрлања од клупа и навреди помина првата комисиска расправа, по владиниот предлог за отворање на Уставот со цел продолжување на преговорите со ЕУ. Тие си разменија и обвинувања за лажно херојство и лажен патриотизам поради глад за власт, и ги искористија минутите од говорницата да потсетат на своите политички ставови и оценки на состојбата во земјата.

Премиерот Димитар Ковачевски во својот говор посочи дека овој парламентарен состав ја има клучната задача да ја изведе земјата на европскиот пат, и дека по оваа дебата ќе се знае дали сите од овие собраниски сали ќе излезат како победници или губитници, без разлика на изборниот резултат на следните парламентарни избори кон средината на следната година.

„Ние решивме да не калкулираме со рејтинзи пред претстојните избори следната година користејќи ги чувствителните идентитетски теми за партиски интерес. Одлучивме да не мислиме секој засебе туку за доброто на сите. И затоа пред себе ја поставивме големата европска цел. Сега е редот на вас пратениците. Во следните недели кога е првото гласање ќе видиме кој мисли и за своите деца и за граѓаните што ги претставува. Секој сам треба да одлучи дали ќе даде глас за Европа или ќе го задуши гласот на совеста во себе и ќе одлучи да ја однесе земјата во изолација по нечиј налог донесен од личен интерес или интерес на други страни“, изјави Ковачевски.

За опозициската ВМРО- ДПМНЕ, уставните измени претставуваат „срамно насилие врз Уставот“. Координаторот на пратеничката група Никола Мицески побара од власта да ја скрати постапката и да ги испрати уставните измени на Пленарна седница, па да се види дека Ковачевски ќе излезе од овој процес како губитник за да исполни туѓи и свои интереси.

„Ова е само последниот чин на вашата трагедија пред да си одите кој по дома кој по затвор. Доста беше Македонија не е на продажба“, им рече Мицевски на своите колеги пратеници од владејачкото мнозинство.

Ковачевски вели дека уставните измени не се под никаква уцена ниту диктат, и предуреди на ризикот од изолација, ако Собранието ја пропушти шансата да одговори на предизвикот и да донесе одлука со која ќе се исполни условот за преговори со ЕУ .

„Од ЕУ пораките се дека пристапните преговори ќе запрат ако уставните измени не поминат, и дека другите земји ќе одат напред, а нашето членство ќе биде одложено. Тука е укажувањето дека ако Северна Македонија одлучи против уставните измени и се тргне од патот кон ЕУ, тоа ќе биде многу загрижувачки чекор за членките на НАТО и ќе има влијание врз односите со Соединетите Држави“, порача Ковачевски од собраниската говорница.

Но, со ова не се согласува Мицевски. Според него ако некоја одлука е тешка за носење, не значи дека е вистинската.

„ И сите кои се кријат зад некаква лажна храброст дека носеле тешки одлуки, треба да се засрамат и да ја наведнат главата пред секој граѓанин на Македонија. Бидејќи не е храброст да прифатиш беспоговорно се што ќе ти побара тој наспроти тебе, само затоа што чувствуваш дека твојата фотелја и комодитетот му го должиш нему, без оглед од кај доаѓа – од Атина, Софија или Брисел. Жално е да ве гледа човек како прифаќате без борба дека Македонија е доведена пред свршен чин“,му порача Мицевски на Ковачевски.

Во дебатата за губитници се приклучи и Димитар Апасиев од Левица кој изјави дека власта сака да ја втурне државата во лузерски процес.

„ Влеговте вртоглаво во процесот без да обезбедите двотретинско мнозинство. Ова е една козметика и сакате македонскиот народ да го навикнете на порази“, рече Апасиев.

Пратениците од албанскиот опозициски блок, Алтернатива и Беса рекоа дека се незадоволни од предлогот за измени на Уставот, но најавија дека ќе останат на европскиот пат. Тие побараа од своите сонародници Македонци да го бранат албанскиот идентитет во иднина исто како што Албанците го бранат македонскиот.

Поголемиот дел од говорите на власта беа со пораки дека гласот за уставни измени ќе значи глас „за “ пристапување кон ЕУ, додека опозицијата своите говори ги посвети на политички прашања кои освен уставните измени содржеа обвинувања за коруптивно однесување на власта.

Откако иницијативата за уставни измени го помина филтерот во Комисијата, таа ќе треба да се најде на пленарна седница која инаку е закажана за 18 август. Тогаш, на власта ќе и треба двотретинско мнозинство односно 80 гласа, кое засега во 120- члениот Парламент го нема.

Скрининг процесот завршува во ноември, до тогаш се очекува да бидат донесени уставните измени за да може да се закаже Втората меѓувладина конференција со ЕУ.

Инаку македонско – бугарските односи се нарушени по бугарско вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава. Софија минатото лето го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува бугарскиот народ да стане дел од македонскиот Устав.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG