Достапни линкови

Меѓународни критики за „спас“ на правната држава


илустрација
илустрација

Критиките на дипломатските преставници во земјава за (не)функционирањето на правната држава стануваат се пожестоки. Австрискиот амбасадор јавно побара смена на судии и обвинители поврзани со одолговлекување на судски случај. Поранешниот врховен судија Дане Илиев вели дека состојбата е алармантна и потребни се итни мерки.

Најновиот повик на австрискиот амбасадор во земјава, Георг Вуцас, кој побара да се сменат судии, обвинители и да одговараат нотари и извршители во Северна Македонија, оти го одолговлекувале процесот на наплата на долг што македонска фирма го има кон австриска фирма е уште едно од низата критики кои меѓународните претставници, отворено, без дипломатски ракавици ги упатуваат до надлежните институции.

Австрискиот амбасадор Вуцас, преку допис до медумите, вчера упати жестоки критики до македонското правосудство, барајќи да се разрешат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „ДЕНА трејд“, поврзана со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев. Заради манипулации и одолговлекување во судовите, според Вуцас, австриската фирма не може да си го наплати долгот од 4,5 милиони евра.

Претседателот Стево Пендаровски смета дека не се работи за мешање во внатрешните работи на земјата, туку дека е легитимна обврска на секој амбасадор да ги штити интересите и на институциите и на приватните бизниси на граѓаните од неговата држава.

„Тука не станува збор за никакво мешање во нашите внатрешни работи, оти секој амбасадор има легитимно право и обврска да си ги штити интересите на својата земја. Вчера видовме реакција и од поранешниот премиер Зоран Заев кој упати на институционална разврска, па очекувам македонските институции да утврдат дали навистина имало непочитување на меѓународна арбитража“, изјави Пендаровски, пред почетокот на отворањето на денешната конференција „Крсте Мисирков и македонскиот јазик – извор на научни истражувања“.

Вчера поранешниот премиер, Зоран Заев порача дека ќе го тужи австрискиот амбасадор ако уште еднаш го спомене неговото име во негативна конотација. Инаку сопственичка на валандовската фирма “ДЕНА трејд“ Емилија Заева Костова е братучетка на бившиот премиер .

Критиките на Вуцас за (не)функционирањето на правниот систем следува откако со исто таква реторика зборуваа и други дипломати во земјава.

Најпрво американската амбасадорка Ангела Агелер испрати писмо со загриженост заради состојбите во судството, а на црната листа со функционери вмешани во корупција, која Соединетите Држави ја најавија пред неколку месеци, од неодамна е и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко со членовите на неговото семејство, мешу другото и заради мешање и притисоци врз судството. Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер најави проширување на „црната листа“ со нови функционери во иднина.

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп пак, во интервју за Радио Слободна Европа го оцени како нелегитимно функционирањето на Судскиот совет. Превирањата кои траат веќе подолго време во Судскиот совет се и причина за запирањето на голем проект на холандската влада во вредност од милион евра за зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет.

Илиев: На тие кои треба да ги променат работите им одговара вакво судство

Кога меѓународната јавност ќе почне отворено, преку медиуми да бара правда и да укажува на нефункционалноста на цел систем, тоа значи дека сме доведени во очајна ситуација, анализира поранешниот врховен судија Дане Илиев.

„Тоа укажува дека е неминовно да се направи некоја реформа во смисла и на организациска промена и преземање одговорност на сите судии вклучени во системот. Не може да функционира судство со такви критики и неажурно постапување по соодветни предмети. Состојбата е алармантна и затоа се потребни итни мерки“, вели Илиев.

По низата скандали поврзани со Судскиот совет, министерот за правда Кренар Лога, невладини организации и правни експерти побараа оставки од сите членовина највисокото тело во судската власт, како и формирање на нов состав и иницирање на законски измени кои ќе го унапредат работењето на тоа тело. Досега само двајца судии од Судскиот совет поднесоа оставки од функцијата.

Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев пред неколку дена изјави дека внимателно ги слушаат критиките и предлозите, но дека интервенции во Законот за судски совет би можеле да бидат лоша пракса во иднина.

„Ќе останам без коментар за тоа, треба внимателно да се постапува. Да, има и колективна одговорност, но пред се до израз треба да дојде личната, поединечна одговорност на судијата“, рече Георгиев во интервју за телевизија Сител.

Судијата Илиев вели дека распуштањето на овој состав на Судскиот совет е неминовно и би претставувало чекор напред кон подобрување на состојбите.

„За жал, не очекувам дека сите критики од меѓународната јавност ќе ги променат работите во судството. Очигледно е дека тие кои треба да ја извршат промената се замолчени и ним им одговара вакво судство. Сите институции на кои укажува австрискиот амбасадор во соопштението се поврзани со судовите. Не може Катастар да не достави извод по налог на судот, така што ако функционираат судовите, ќе функционират и другите институции во системот“, вели Илиев.

Последната анкета за недовербата на граѓаните во институциите изработена од Националниот демократски институт и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, покажува дека судството и обвинителството имаат доверба од само 2,7 отсто.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG