Достапни линкови

Колективна оставка и јавен избор на нови членови на Судски совет, бараат невладините


Судски совет
Судски совет

Организациите кои го следат правосудството, ги поздравуваат оставки на судиите Мирјана Радевска – Стефкова и апелацискиот судија Зоран Герасимовски во Судскиот совет и очекуваат дека нивниот чекор ќе го следат и останатите. Предлагаат новите членови да се избираат со програми и јавни интервјуа.

Оставки на сите членови во Судски совет, формирање на нов состав и иницирање на законски измени кои ќе го унапредат работењето на тоа тело, ова се предлозите за реформи од Коалицијата „Сите за правично судење“ по низата скандали во највисокото тело во суската власт. Поднесените оставки на вчерашната седница на Советот на врховната судијка Мирјана Радевска – Стефкова и апелацискиот судија Зоран Герасимовски оценуваат дека покажале одговорност. Но очекуваат следен чекор.

„Останатите членови на Судски совет да го следат примерот на своите колеги. И да поднесат и тие оставки и со тоа да покажат одговорност, доблест и достоинство и да демонстрираат дека се спремни да го направат она што е најдобро за судската власт и за постапувањето на Советот. Факт е дека Советот направи серија прекршувања на законот и сопственикот деловник за работа. Oва тело го изгуби својот легитимитет и кредибилитет да постапува по каквo било својство понатаму и да одлучува за работи кои се од исклучително значење за судската независност која и онака има лоша репутација“, смета Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“.

На иста линија се и од Блупринт групата за реформи во која влегуваат неколку граѓански организации. Оваа група смета дека колективната оставка е единствениот начин Судскиот совет повторно да биде чувар и гарант на самостојноста и независноста на судската власт.

„Се надеваме дека останатите членови на Судскиот совет ќе го преиспитаат своето досегашно постапување и ќе ја покажат и докажат својата професионална етика и морал како членови со што ќе ја исполнат својата должност кон функцијата која ја вршат и ќе ја поднесат својата оставка по примерот на своите двајца доскорешни колеги“, се вели во нивното соопштение.

Реформи - јавноста да се запознава со кандидатите за Судски совет

Но, за подобрување на целокупната слика во Судскиот совет, смета Аврамовски, потребно е да се направат и измени на Законот за судски совет. Со тие измени би го регулирале начинот на избор на членовите на Советот, да се унапреди транспарентноста на целата постапка и инклузивноста на самите процеси за избор. Но, и да може јавноста да се запознава со кандидатите за избор на функцијата, преку презентација на програми за работа, јавни интервјуа.

„Неопходно е да се направат и законски измени во кои ќе се регулира одговорноста на Судскиот совет. Во оваа ситуација кога е поставен законот сега, може членовите на Советот за сторена дисциплинска повреда да одговараат сами пред Советот како тело и притоа за иницирање на таквата постапка се потребни најмалку 20 судии или член на Советот да го покрене ова прашање пред советот и потоа тој да одлучува. Но, на тој начин Советот одлучува за сопственото унапредување и постапување. Мора да се има предвид дека доколку се направат други обиди да се разрешат другите членови на Советот може да се доживее како упад во судската независност“, смета Аврамовски.

Иако претходно министерот за правда, Кренар Лога истакна дека се потребни итни интервенции во Законот за судски совет, уште нема информација до каде е процесот.

Продолжуваат критиките за Судскиот совет, но и тензичната атмосфера

Во текот на вчерашниот ден, врховната судијка Мирјана Радевска – Стефкова и апелацискиот судија Зоран Герасимовски поднесоа оставки. И двајцата претходно беа избрани за членови на Советот на непосредни избори од редот на судиите, но, решија да се повлечат поради разидување на нивните ставови со оние на институцијата.

Оставките на двајцата членови доаѓаат непосредно по острите критики за правосудството од меѓународната заедница. Најпрво американската амбасадорка Ангела Агелер испрати писмо со загриженост заради состојбите во судството. Потоа холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп во интервју за Радио Слободна Европа го оцени како нелегитимно функционирањето на Судскиот совет. Превирањата кои траат веќе подолго време во Судскиот совет се и причина за запирањето на голем проект на холандската влада во вредност од милион евра за зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет.

Коп: Запрашајте се зошто Путин ви е најомилен политичар?
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:02 0:00

За нецела половина година, две претседателки на Судскиот совет беа сменети, што предизвика сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија. И двете обвинија дека причина за нивната смена е политички интерес и влијанија. И по нивните оставки тензиите во Судскиот совет продолжуваат.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG