Достапни линкови

Министерот Лога се сомнева во електронскиот систем на Обвинителството


Министерот за правда се сомнева во доделување предмети на „вистинскиот обвинител“ преку електронскиот систем во Обвинителството. Обвинителството тврди дека преку „Case маnаgement“ системот не може да се манипулира со предметите, затоа што тој служи за управување, а не распределување на предмети.

Електронскиот систем во обвинителствата под името „Case management system“ со кој се распределуваат предмети е лесен за манипулирање и се отвара сомнеж за можности за злоупотреба на системите, изјави министерот за правда Кренар Лога за Радио Слободна Европа. Но, од Јавното обвинителство велат дека тие немаат систем за распределба туку за управување со предмети и дека со него не може да се манипулира.

Лога вели дека со овој систем, чија употреба е задолжителна од јануари годинава, се отвора сомнеж дека е можно однапред да се знае кај кој обвинител ќе се падне одреден предмет. Министерот Лога посочи дека таквите сомнежи ги црпи од комуникацијата со обвинители.

„Обвинители и судии ни кажаа дека овој систем не ги задоволува потребите на Обвинителството, и дека системот е лесно манипулативен. Тоа е кога вие одите на шалтер во болница или во банка, ви даваат бројче и вие знаете каде треба да одите. Истата приказна е и во овој дел. Обвинителите имаат добиено некој број и другиот предмет е по редослед, што значи дека нема овде нешто оставено на случајност или автоматизирана распределба, туку она што претходно се правело рачно сега системот го доделува тој предмет. Тоа е далеку од она што се очекува од овој систем,“ вели Лога.

Обвинителство: Case Management од почеток има ограничена употреба

Од Обвинителството велат дека таканаречениот „Case Management“ системот кој е ставен во употреба од 2016 година, од донација, која уште од самиот почеток не ги задоволувала во целост потребите на Јавното обвинителство, и неговата употреба била ограничена.

„Од почетокот на годинава јавните обвинителства во земјава добија упатство задолжително да ги внесуваат предметите во овој електронски систем со цел во целост да се детектираат неговите слабости и тој соодветно да се надгради или да се обезбедат средства за набавка на нов систем“, велат од Обвинителството.

Лога вели дека бара измени на законот со кој ќе му се овозможи на министерството да има право на надзор во системот, како што е во случајот со судскиот АКМИС. Од обвинителството тврдат дека тој вече има таква можност. Откако е воведена задолжителна употреба на „Case Management“ системот, Министерството за правда добива извештаи и има увид во искористеноста и функционалноста, но увид во конкретни предмети имаат само надлежните јавни обвинители и систем администраторите согласно одредените улоги во системот, велат оттаму.

Министерството да има надзор над системот

Министерот смета дека овој систем е проблематичен.

„Работам на тоа да најдеме подобро решение, да имаме систем кој е целосно автоматизиран и алгоритам да одредува каде ќе оди некој предмет. Сега знаеме од пракса дека и во АКМИС и во „Case Management“ системот во Обвинителство предметите може да се доставуваат и десет пати додека не се најде вистинскиот човек во системот, и ова за жал го има кај нас, “ вели Лога.

Од Обвинителството ги демантираат тврдењата дека системот остава простор за манипулација со предметите.

„Без да коментираме други изјави или сомненија, би нагласиле дека со овој систем на ниту еден начин не може да се манипулира доделувањето на предметите, бидејќи овој систем воопшто нема таква намена. Case Management системот е систем за електронско управување, а не за електронска распределба на предметите. До овој момент ниту се обезбедени буџетски средства, ниту е изнајдено соодветно софтверско решение за распределба на предметите во Јавното обвинителство“ се вели во одговорот од Обвинителството.

Барање да се следи работата и на судовите и на обвинителите

Според правилникот за работа со овој систем е предвидено распределба на предметите во јавното обвинителство без можност за внатрешни или надворешни влијанија при избор на надлежен јавен обвинител,потоа спречување на застој од приемот на предметот, неговото оформување, распоредување и архивирање, како и електронски увид и евиденција на предмети во работа кај секој јавен обвинител.

Министерот Лога бара да се создаде интегриран систем на обвинителството и судството во кој надзор би имало министерството за правда, со цел следење на ефективноста на работата на правосудниот систем.

Од Обвинителството објаснуваат дека не може да се прави паралела со судовите кои добиваат готови предмети, затоа што обвинителите спроведуваат истражна постапка.

„При евентуално воспоставување на систем за електронска распределба на предметите во Јавното обвинителство треба да се внимава на севкупната сложеност на предметите, определената специјализација на јавни обвинители за определен вид предмети, нивната законска поделеност во соодветни одделенија и повеќе други критериуми. Секако предвид мора да се има и заштитата на тајноста на истражните дејствија“ се вели во одговорот од Обвинителствата. ​

Ризик од повторување на аферата со АКМИС-от

Ваквите системи во земјава не се новина. Автоматизираниот систем за управување со судски предмети -АКМИС, беше воведен за да се исклучи човечкиот фактор при распределбата на предмети кај судиите, и да се реши горливиот проблем со „местенки кај свои судии“. Платен од САД, АКМИС-от проработе во 2010 година, благодарение на проектот на УСАИД, па беше функционален во сите 34 судови во земјава.

Откако во извештајот на Прибе се појавија индиции оти судските предмети не се распределуваат преку АКМИС, стана очигледна потребата и од негова контрола. Проблемот дополнително се разгоре кога предметите на Специјалното јавно обвинителство „се паднаа“ кај судии познати во јавноста по блиските врски со тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ.

Ревизијата во 2017 година покажа дека Кривичниот суд Скопје, Апелациониот и Врховниот суд не ги почитувале процедурите на АКМИС, односно наместо комјутерот, предметите ги доделувале претседателите на судовите. За злоупотреба на АКМИС-от осуден беше само поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски. Тој беше осуден на три и пол години затвор. Апелациониот суд потоа му ја намали казната на две и пол години. По одлуката на Врховниот суд пресудата се укина и предметот се врати на повторно одлучување пред второстепениот суд.

Коп: Запрашајте се зошто Путин ви е најомилен политичар?
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:02 0:00

Неодамна и министерот за правда Кренар Лога во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека претседателот на кумановскиот Основен суд го манупулирал АКМИС-от и за тоа го известиле Судскиот совет.

Разочараност и критики за правосудниот систем се почесто доаѓаат и од меѓународната заедница. Холандскиот амбасадор во Скопје Дирк Јан Коп во интервју за РСЕ изјави дека дека проблемите во правосудниот систем се сериозни, па дури и болни за гледање. Американската амбасадорка Анџела Агелер минатиот месец испрати писмо до судската и извршната власт во кое ја изразува загриженоста на САД за состојбите во правосудството.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG