Достапни линкови

По поплавата: Што знаеме за уништената украинска брана и последиците?


илустрација
илустрација

Уништувањето на браната Нова Каховка предизвика порои од вода, поплавувајќи села и градови и предизвикувајќи евакуација на илјадници граѓани, поплавени полиња и обработливи површини. Сепак, генерално, уништувањето на браната ќе има долгорочни ефекти во начинот на кој Украина ја складира и дистрибуира водата, не само за производство на електрична енергија, туку и за земјоделството.

Браната Нова Каховка, хидроелектрана стара неколку децении, која се протега на моќната река Дњепар во јужна Украина, беше пробиена некаде во текот на ноќта на 6 јуни. Пробивањето предизвика порои од вода, поплавувајќи села и градови и предизвикувајќи евакуација на илјадници, поплавени полиња и преплавени обработливи површини и мочуришта.

Украина веднаш ја префрли вината на Русија, која го контролира објектот по инвазијата во февруари 2022 година. Од своја страна, руските власти на окупираните територии на источниот брег на Дњепар ја обвинија Украина дека ја уништила браната за да го прикрие, како што го нарекоа, недостатокот на успеси на бојното поле. Ниту една страна не обезбеди докази.

Инцидентот се случува околу шест месеци откако Украина поврати делови од регионот Херсон на западниот брег на реката Дњепар, вклучувајќи го и градот Херсон. И сето тоа се случува кога Украина се подготвува за она што се очекува да биде голема нова контраофанзива против руските сили, која може да го промени текот на војната.

Едно е сигурно: поплавата најверојатно ќе биде најголемата еколошка катастрофа откако Русија ја започна големата инвазија пред речиси 16 месеци.

Што се случи со браната?

Не е точно јасно. Изградена е во 1954 година за да обезбеди електрична енергија за јужна Украина, објектот Нова Хаковка е долг 3 километри, и е познат како една од шесте хидростаници долж целиот Дњепар, кој се протега на 980 километри, од Белорусија на север до Дњепровски Залив и Црното Море на југ.

Објектот е под контрола на руските сили неколку недели по инвазијата на 24 февруари 2022 година. И претходно беше оштетен: еднаш кон крајот на октомври или почетокот на ноември. Вториот пат на 11 ноември, експлозија најверојатно предизвикана од повлекување на руските трупи разнесе дел од коловозот над структурата.

Тоа пак натера некои надворешни набљудувачи да предупредат на можноста браната да се срушила сама, од занемарување, намерно или не, особено со оглед на тоа колку е надојдена акумулацијата на реката, од пролетното топење на зимските снегови и истекувањето.

Откако се повлекоа од западниот брег, руските сили на спротивниот брег ископаа ровови и поставија мински полиња за да го спречат секој потенцијален премин на украинската река.

Некаде околу 3 часот по полноќ на 6 јуни, украинските власти соопштија дека дел од браната попуштил, а во следните часови водата низводно се пробила.

Националната компанија за хидроелектрична енергија соопшти дека пробивот бил предизвикан од експлозија во просторијата за мотори.

„Станицата не може да се обнови“, се вели во соопштението.

Украинските власти ја обвинија Русија.

„Руски терористи. Уништувањето на браната на хидроцентралата Каховка само потврдува дека тие мора да бидат протерани од секој агол на украинската земја“, рече претседателот Володимир Зеленски во објава на социјалните мрежи.

Украинската воена разузнавачка агенција, во меѓувреме, предупреди дека уште во октомври лани руските сили минирале делови од објектот.

Официјални лица инсталирани од Москва во делот на Херсонската област сè уште окупиран од руските сили, го обвинија Киев дека ја погодил браната со проектили. Други руски официјални лица во регионот, сепак, посочија дека браната сама пукнала поради претходна штета.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја обвини Украина за „саботажа“ и предупреди на „многу тешки последици“ за жителите. Тој, исто така, инсинуираше дека Украина ја пробила браната за да го покрие недостатокот на напредок на бојното поле“.

Колку е лоша поплавата?

Лоша е.

Украинските службеници за вонредни состојби евакуираа илјадници луѓе од областите на западниот брег на реката, каде што водите на реката растеа во текот на денот. Видеото снимено од Украинската служба на РСЕ и други снимки кои кружат на Телеграм и социјалните мрежи покажуваат дека се поплавени цели села.

Градот Нова Кахоква, кој имаше 70 000 жители пред руската инвазија, беше делумно под вода, особено во населбите најблиску до реката. Градските власти соопштија дека животните во градската зоолошка градина најверојатно биле мртви.

Околу 70 километри по реката се наоѓа градот Херсон, административниот центар на регионот, а до попладневните часови на 6 јуни, скоро 12 часа по наводното пробивање на браната, водите веќе течеле во некои ниски области, особено во оние во мочурливата делта подолу по реката. Водите од поплави се натрупуваат над урнатините и уништените столбови на мостот Антоновски, главен речен премин кој беше целосно непрооден поради постојаното гранатирање од страна на украинските и руските сили.

„Евакуацијата започна. Ве замолувам да направите се што можете за да си го спасите животот. Веднаш напуштете ги опасните области“, изјави во видеото Олександр Прокудин, шеф на регионалната воена администрација во Керсон.

Минатиот октомври, шведската компанија за хидролошки инженеринг Damningsverket објави теоретски модел заснован на тоа што би можело да се случи доколку се пробие браната Каховка. Анализата откри дека надојдените води ќе стигнат не само до устието на реката, туку и ќе ја турнат водата нагоре по реката Пивдениј Бух, до Миколајев, важно украинско речно пристаниште.

„Моделирањето во најлош случај“, се вели во предвидувањето, покажа дека „бран од 4 до 5 метри ќе го погоди мостот Антоновски источно од градот Херсон, а околу 19 часа подоцна, ќе има излевање на реката Инхулет и по четири или пет дена ќе дојде до поплавување на реката Пивдени Бух до Миколајев“.

Во Миколајев на 6 јуни, беше испратен воз за итни случаи беше за да помогне во евакуацијата на луѓето кои бегаат од надојдените води во Херсон. Градоначалникот на градот, Олександар Сиенкевич, рече дека немало поплави до попладневните часови.

По извештаите за пробивањето на браната, извршниот директор на Дамнингсверкет, Хенрик Олендер-Хјалмарсон, рече дека нивото на водата во резервоарот над браната е на највисоко ниво во последните 30 години.

„Тоа е огромна катастрофа и длабоко сум тажен што Русите го направија тоа“, изјави тој за NBC News.

Ќе станува полошо

Резервоарот формиран од браната се протега нагоре, на околу 100 километри на север, пред да се прошири во акумулацијата Каховка.

Резервоарот е главниот извор на течноста за ладење за најголемиот нуклеарен капацитет во Европа, нуклеарната централа Запорожје со шест реактори, во градот Енерходар. Објектот е под руска контрола од март 2022 година. Украинските инженери и оператори оттогаш работат под руски надзор.

Реакторите се затворени и не произведуваат електрична енергија од септември, по неколку месечната зголемена тревога дека борбите меѓу украинските и руските сили може да доведат до катастрофален колапс.

Сепак, пробивањето на браната ја загрозува централата поради падот на нивото на резервоарите, што би им наштетило на базените што ги ладат јадрата со радиоактивно гориво. Водите може да циркулираат, повторно да се користат, но ако нивото се намали премногу, температурата на водата во базените може да се искачи. Ако се зовријат или испаруваат, јадрата на горивото ќе се стопат или ќе експлодираат.

До раните попладневни часови на 6 јуни, властите во градот Никопол, кој се наоѓа северно од електраната, изјавија дека нивото на водата веќе е намалено за 1,5 метар.

Енерхоатом, украинската државна компанија која ја надгледува фабриката во Запорожје, на 6 јуни попладнето соопшти дека падот на нивото на водата засега не влијае на базените за ладење.

„И дури и ако воопшто нема вода во акумулацијата Каховка, објектот има мерки за надополнување, од кои една е употребата на подземна бунарска вода на локацијата“, рече извршниот директор Петро Котин.

Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата во централата.

„Нема непосреден ризик за нуклеарната безбедност во централата“, објави агенцијата во објава на Твитер.

Прашањето ќе се појави кон крајот на летото и есента, кога целокупното ниво на реките природно ќе се намали, а украинските власти ќе мора делумно да компензираат со испуштање на повеќе вода понатаму по реката.

Што е со Крим?

Спуштањето на нивото на водата нагоре од браната Нова Каховка загрозува и нешто друго: полуостровот Крим. Полуостровот на Црното Море, кој е под руска контрола од март 2014 година е топол и сушен, а домашните резерви на вода се ограничени на подземните води од дождовите. Од таа причина, советските власти го изградија каналот долг 402 километри во раните 1960-ти години.

Со промената на климата што го прави времето на Крим потопло, а дождовите поспорадични, Каналот Северен Крим доби огромно значење.

По руската анексија на полуостровот, украинските власти го запреа каналот, драстично намалувајќи ги резервите, што доведе до недостиг во регионот. Напаѓачките руски трупи потоа ја презедоа контролата врз каналот и го рестартираа протокот на вода.

Гувернерот на Крим назначен од Русија, Сергеј Аксјонов, рече дека регионот има соодветни резерви во своите резервоари, околу 80 проценти, но предупреди дека нивото на водата може да се намали, особено бидејќи регионот влегува во жешката летна сезона.

За земјоделските региони под руска контрола, делови од регионите Запорожје и Херсон недостатокот на наводнување од исцрпениот Дњепар исто така може да биде катастрофален.

Уништувањето што е веќе во тек по реката од браната се чини дека главно ги погодува областите контролирани од Украина, на западниот брег на Дњепар, иако некои населби на источниот брег, вклучително и градот Нова Каховка, исто така се погодени.

Тоа, плус фактот дека објектот е под руска контрола повеќе од една година, доведе до тоа многу набљудувачи да ја префрлат вината директно на руските власти.

Додадете ја на тоа претстојната украинска контраофанзива, која се очекува да се случи на неколку локации долж 1 000 километри долгата линија на фронтот што се протега приближно од устието на реките Дњепар до руската граница, североисточно од градот Харков.

Во последниве месеци, украински команданти и диверзантски единици беа пријавени на неколку локации и острови на источниот брег на Дњепар, кој е под контрола на Русија. Поплавеното крајбрежје би го направило уште попроблематично и онака тешкото преминување и ќе им обезбеди на руските сили уште еден слој на одбрана.

Поплавите и евакуациите, исто така, ќе го одвлечат вниманието и ресурсите од украинските власти кои инаку би ја поддржале контраофанзивата.

„Тие одлучија дека сега, на овој начин, ќе можат да ја запрат контраофанзивата на украинските сили“, изјави за украинската служба на РСЕ, Наталија Хуменјук, портпаролка на јужната воена команда на Украина.

Исто така, има и преседан.

Во 1941 година, кога нацистичките германски трупи силно ја туркаа Украина во времето на Советскиот Сојуз, Јозеф Сталин нареди да се уништи браната во градот Запорожје, околу два часа возење североисточно од Енерходар, за да се забави напредувањето на нацистите.

Пробивањето ги преплави селата долж бреговите на Дњепар, при што загинаа илјадници цивили.

Сепак, генерално, уништувањето на браната ќе има долгорочни бранови ефекти во начинот на кој Украина ја складира и дистрибуира водата, не само за производство на електрична енергија, туку и за земјоделството, изјави Михајло Јацјук, директор на Институтот за проблеми со водата и Националната Академија на аграрните науки.

„Неопходно е да се разбере дека две третини од економијата на Украина е поврзана со резервоарите на Дњнепар“, заклучува Јацјук за украинската служба на РСЕ.

XS
SM
MD
LG